Изгор скапи 7 секунди за РК Прилеп, казна по 14.000 денари за секоја секунда

Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Македонија донесе одлука по пропустот на Прилеп во финишот на мечот против Струга што се играше во „Ристе Ристески Ричко“ кој заврши 29-29.

Последните седум секунди од натпреварот не беа снимени, па овој пропуст ќе ги чини домаќините 100.000 денари, откако пропустот беше наведен и во службениот записник по мечот.

Прилепчани се казнети по основ на Член 21 од пропозициите за Супер машката лига за сезоната 2025/26 кој предвидува:

“Во случај домаќинот стручно и квалитетно не го сними натпреварот, (на натпреварот имало спортни ситуации-прекини кои не се снимени), домаќинот ќе биде казнет со парична казна од 100.000,00 денари”

Истиот член предвидува покренување дисциплинска постапка за утврдување на одговорност.

Обврската за снимање ги опфаќа сите случувања на теренот, од загревањето, преку полувремето и тајм-аутите, до моментот кога играчите и службените лица ќе го напуштат теренот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.