Од 5 до 12 јуни 2026 година, во Прилеп ќе се одржи јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Оваа година десет претстави се избрани да бидат дел од официјалната програма и четири во придружната. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Храбриот нов театар“, и темата „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“.
НТБ Битола е дел од официјалната програма со претставата „Едмонд“ од Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски. Авторот е добитник на Пулицерова награда, а неколку пати е номиниран за Оскар.
„Едмонд“ е претстава за една ноќ во животот на Едмонд Бурк прикажана во 23 кратки сцени со препознатливиот остар јазик на еден од најдобрите современи американски, но и светски драмски автори – Дејвид Мeмет. Она што ја прави посебна оваа драма се не само кратките рафални реплики на авторот, прикажани во контекст на кризата на современиот човек, туку и режисерската постапка на Оливер Мицевски, кој решава да ја изгради претставата врз доминантната актерска естетика на Огнен Дранговски.
Едмонд е човек кој една ноќ остава сè што знае во својот живот и решава дека треба да исчекори надвор од конвенциите. Тој сосема наивно, но никако невино, си игра со концептот на слобода и како бумеранг му се враќа сето она што смета дека му стои на патот. Во оваа продукција на Народниот театар од Битола имаме можност да видиме современ и актуелен прочит на драмата на Мамет, која барем за миг донесува
автентична театарска приказна на македонските сцени“, стои во соопштението на проф. д-р Ана Стојаноска, уметничката директорка на фестивалот, театролог и писателка, за селекцијата на оваа претстава.
Ликот на Едмонд го игра Огнен Дранговски, а покрај него во претставата се и: Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски,
Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска- Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
Фестивалот „Војдан Чернодрински“ ќе биде отворен со претставата „Мачкина глава“ на Драмскиот театар, која е селектирана во официјалната програма, а ќе биде затворен со гостување на Београдско народно
позориште, кое ќе ја изведе последната праизведба на „Црно злато“ во режија на Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, Авторот во фокус на фестивалот годинава. По повод јубилејното издание ќе бидат доделени 4 награди за животно дело и тоа на: Атила Клинче, актер, Сашо Миленковски, режисер, Љубомир Чадиковски, основач на Театар за деца и младинци и сценограф и Веби Ќерими, актер.


























