Донесен законот, Битола добива медицински факултет

Собранието на пленарната седница одржана на 11 јуни 2026 година едногласно го усвои Законот за основање Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Со донесувањето на законот, досегашната Висока медицинска школа во Битола официјално прераснува во Факултет за медицински науки и здравство, со што УКЛО добива нова факултетска единица и отвора ново поглавје во развојот на медицинското и здравственото образование во земјава.

Од Универзитетот оценуваат дека ова е историски исчекор за развојот на сестринската и акушерската професија, бидејќи по повеќедецениски напори медицинските сестри и акушерките добиваат можност за целосен академски и научен развој во рамките на сопствените професионални области.

Новиот факултет ќе реализира четиригодишни академски студиски програми за медицинска сестра, акушерка и медицински биохемичар, како и тригодишни стручни студии за медицинска сестра/техничар, акушерка, медицинско-лабораториски аналитичар, радиолошки технолог, физиотерапевт и санитарен инженер. Запишувањето на првата генерација студенти на академските студии е предвидено за академската 2027/2028 година.

Од УКЛО упатија благодарност до министерката за образование и наука Весна Јаневска за поддршката во процесот, како и до пратениците кои едногласно го поддржаа законското решение.

Воедно, од Универзитетот посочуваат дека успехот е резултат на долгогодишната визија и работа на ректорот проф. д-р Игор Неделковски, Ректорскиот колегиум и работната група за подготовка на проектот за основање на факултетот, предводена од проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска.

Традицијата на високо образование за медицински сестри во Битола започнала уште во 1988 година. Речиси четири децении подоцна, таа традиција прераснува во факултет кој ќе создава нови генерации здравствени професионалци, истражувачи и академски кадар, со значаен придонес за развојот на здравствениот систем и општеството.

Со основањето на Факултетот за медицински науки и здравство, Битола дополнително ја зацврстува својата позиција како еден од најзначајните универзитетски и образовни центри во државата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.