Докажано прилепскиот мед избран за најдобар во Македонија

На меѓународниот натпревар за квалитет на медот во организација на здруженијата „Полошки мед“ и „Градот на пчелите“ во Тетово, прилепските пчелари се закитија со вредни медали. Овој натпревар беше мегдан за 250 пчелари од дури 15 земји од Европа на кој што беа потврдени вредностите на медот од индивидуални учесници – објави “Радио Пела”.

Примероците од мед беа подложени на две фази испитувања-лабораториска анализа на Факултетот за храна на Универзитетот во Тетово, како и органолептичка анализа. За признанијата одлучуваше 10 члена комисија од пет држави.

Од прилепските пчелари со злато за врвниот квалитет на медот од различни категории се закитија: Дејан Бошкоски во категоријата „Планински мед“ доби златна медалја, Зафир Зафироски во категоријата „Ридско – ливадски“, Илко Петкоски највисокото признание го добија во категоријата „Мариовски мед“, а со средбро се закити и Сашо Палески.

Но, пчеларењето не е исто како пред неколку децении. Големи проблеми на пчеларите им создаваат климатските промени со кои се борат секоја сезона.

– Приносите од мед варираат секоја година бидејќи, секоја година не е иста со претходната. Пашата е многу оскудна и мораме често да ги селиме пчелните семејства. Многу работа, но мали приноси тоа е резултатот, вели Зафир Зафироски, кој бара од државата да се намали ДДВ то за пчеларската опрема која сега изнесува 18% на 5% со што ќе може да се поддржат пчеларите во нивната работа.

Манифестацијата во Тетово се организира за прв пат во Македонија и има за цел да го верифицира квалитетот на медот од индивидуалните производители, не само од земјава туку и пошороко. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, посочи дека ова е натпревар, но воедно и промоција за квалитетот на домашниот мед.

Пчеларите имаа низа забелешки во националната поддршка за пчеларство, така што од нив, ресорното министерство ги прифати советите за зголемена финаниската поддршка од 600 до 800 денари за развојни категории при зголемување на пчелните семејства.

Со цел да се поттикнат заинтересираните да почнат пчеларство од оваа 2019 година наместо минимумот од 30 пчелни сандаци за добивање субвенции е намален на десет. Оваа година се пријавиле 240 илјади пчелни семејства, од над 6 илјади пчелари за кои од буџетот ќе бидат изддвоени 2,5 милиони евра.

Извор: “РАДИО ПЕЛА”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.