Ситуацијата во Народниот театар во Прилеп, според мноштво мислења, е одраз на ситуацијата во културата и во стопанството во овој град. Состојбите се толку многу зачајени што единствената светлина како да се очекува од некоја добра самовила со волшебно стапче – вака пишувале дневните весници пред 40 години за состојбите во прилепскиот народен театар – “Војдан Чернодрински”.
Делот од новинарска статија од 1987 година која е објавена на популарната Фејсбук страна “Прилеп стари фотографии” е следна:
Меѓу една куќа и една шупа … премин. Се влегува во едно дворче поплочано со камен, мошне непријатно. Под едно дрвце поставена масичка. На неа седат еден дедо и една баба. Јадат. Во длабочината на дворчето – врата. На неа е закачен еден плакат за театарска претстава и плакатот за неодамна одржаниот конгрес на драмските уметници во Загреб. Единствени назнаки дека тука има театар. Тоа е службениот влез во Народниот театар во Прилеп.
Внатре пред да се навлезе во руинираниот ходник, веднаш до влезот, е канцеларијата на директорот. Не многу голема, со низок плафон, со еден прозорец што гледа во споменатиот двор. Во неа десетина луѓе од Театарот и од културниот живот собрани на разговор за состојбите во Прилепскиот театар. Се пуши. Сѐ е зачадено.
























