Градоначалникот на Крушево домаќин на грчката амбасадорка во Македонија

Градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, денеска во Крушево ја пречека амбасадорката на Република Грција, Н.Е. Софија Филипиду.

На средбата, како што информира Чонески, се разговарало за унапредување на меѓусебната соработка, при што посебен акцент бил ставен на развојот на локалната заедница, туризмот, како и поддршката на иницијативи кои придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Тој ја истакнал важноста на Крушево како град со богато историско наследство и препознатлива културна вредност, потенцирајќи дека токму овие карактеристики отвораат можности за поголема меѓународна видливост и продлабочување на соработката со странски партнери.

Градоначалникот се заблагодарил за досегашната поддршка и ја нагласил подготвеноста на Општината за реализација на нови проекти и партнерства.

– Убеден сум дека оваа посета отвора нови можности за зајакнување на односите и идниот развој на Крушево – истакна Чонески.

Од Општината додаваат дека Крушево останува посветено на градење пријателства и соработка со меѓународните партнери.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.