На 24 мај, во Пехчево се одржа турнир во пинг понг за кадети до 15 години, турнир помеѓу најдобрите 8 во машка и женска конкуренција.
Според тежината на турнирот ова е најтешкиот турнир од домашните натпревари, бидејќи помеѓу себе играат најдобрите 8 играчи според ранг листата, и во еден ден секој играч треба да oдигра по 7 мечеви, за кои пред се е потребна концентрација, физичка издржливост но и психолошка подготвеност.
Најголемата прилепска надеж во овој спорт и член на пинг-понгарскиот клуб ПОЛИОСПОРТ, Мартин Ристески, учествуваше на овој турнир како второрангиран.
Турнирот го започна лошо, со пораз, за да потоа се корегира и да нареди 6 победи со ред, победувајќи ги сите свои конкуренти, со што го освои најтешкиот турнир ТОП 8 во пинг понг со заслуженото прво место.
Овој турнир за Мартин имаше и уште една бариера. Неговиот тренер и татко, Рубинчо Ристески, беше отсутен од државата, бидејќи беше на натпревар во пинг-понг во Варна, Бугарија. Поради тоа помошта и техничката поддршка Мартин ја добиваше од своите соиграчи, Драган Шкоф и Дарко Крагељ, од Академскиот пинг-понгарски клуб СТУДЕНТ – Скопје, кој е сопственост на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а Мартин е регистриран со двојна регистрација за тој клуб.
Согласно постигнатиот успех на ТОП 8 турнирот, Мартин го завзеде конечното прво место на ранг листата на Пинг-понгарската федерација на Македонија за 2026 година, крунисано со освојување на титулата ДРЖАВЕН ПРВАК за 2026 година и освојувач на ТОП 8 за 2026 година во категорија на Кадети до 15 години.
Согласно постигнатите резултати Мартин очекува повторно повик во репрезентацијата и да ја претставува Македонија на меѓународни натпревари. Во текот на месец јуни треба да се одржи Балканското првенство во Елбасан, Албанија, за кадети и јуниори, додека во јули во Гондомар, Португалија, треба да се одржи Европското првенство за кадети и јуниори, на кој секако очекува повик.





























