ГОЛЕМО АРХЕОЛОШКО ОТКРИТИЕ во Македонија! Предмети од злато, бронза, штит, меч, копја…

Богато војничко погребување со штит, шлем, копја, меч и предмети од злато, бронза и килибар е најновото исклучително откритие на археолозите на архајската некропола Расница кај струшкото село Корошишта, со што дополнително се потврдува значењето на локалитетот за проучување на Охридско-струшкиот регион во VI век пред нашата ера.

Националниот археолошки музеј денеска ќе ги презентира најновите резултати од археолошките истражувања на локалитетот, каде годинава е откриено богато војничко погребување со комплетна воена опрема.

Од Националниот археолошки музеј истакнуваат дека новите наоди недвосмислено го потврдуваат карактерот на Расница како архајска некропола и отвораат можности за подлабоко проучување на погребните обичаи, воената организација и општествената структура на тогашните заедници.

Локалитетот го привлече вниманието на стручната и пошироката јавност во 2024 година, кога беа откриени монументална гробна целина и исклучително богат археолошки материјал, меѓу кој бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.

Најновите откритија, според музејот, носат нова димензија во толкувањето на некрополата, бидејќи богатото војничко погребување овозможува попрецизно согледување на статусот, идентитетот и улогата на лицата што биле погребувани на овој простор.

Археолошките истражувања ги предводи д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј, а на денешната презентација на локалитетот ќе присуствуваат и директорката на Националниот археолошки музеј Магдалена Манаскова и директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.