Октетот Прилеп на 26 октомври (понеделник), со почеток од 18:00 часот во големата сала во Центарот за култура “Марко Цепенков”, ќе го одржи својот традиционален годишен концерт, на кој публиката ќе има можност да ужива во препознатливите звуци на староградската песна, но и во ново подготвени евергрин композиции.
Како гости на концертната вечер ќе настапат Сашо Башески, Викторија Георгиоска и Михаил Милошески, кои заедно со членовите на октетот ќе придонесат за една музичка вечер исполнета со емоции, убави мелодии и квалитетна вокална изведба.
Октетот Прилеп постои повеќе од 30 години и работи во рамките на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Во текот на долгогодишното постоење, ансамблот посветено ја негува староградската песна, музичкото наследство и традицијата, настапувајќи на бројни концерти и фестивали низ Македонија. Зад себе има и неколку издадени албуми, со кои остава траен белег во зачувувањето и афирмацијата на македонската музичка култура.
Годишниот концерт е уште една можност публиката да ја почувствува убавината на песната што ги поврзува генерациите, но и да се запознае со новите музички содржини што ги подготвува октетот.
Влезници и информации на телефон: 078 664 701.
























