Антиќ избран за нов претседател на Кошаркарската федерација

Поранешниот македонски репрезентативец Перо Антиќ е избран за нов претседател на Кошаркарската федерација на земјава.

Антиќ на денешното Изборно собрание во Скопје едногласно беше избран како единствен кандидат.

Во својата богата играчка кариера, 36-годишниот Антиќ беше дел од Работнички, АЕК, Црвена ѕвезда, Лукоил, Санкт Петербург, Олимпијакос, Фенербахче. Од 2013-2015 настапуваше за Атланта и беше првиот Македонец во НБА-лигата.

Покрај многуте трофеи од националните првенства, Антиќ има и три титули европски шампион. Беше член на македонската репрезентација која на ЕП 2011 во Литванија го освои 4. место.

Перо Антиќ е деветтиот претседател на МКФ. Пред него по осамостојувањето на нашата држава први луѓе на кошарката беа: Благоја Самаковски (1992-93), Зоре Темелковски (1993-97), Јордан Камчев (1997-1999), Горан Рафајловски (1999-2001), Леонид Гајдаџиев (2001-04), Драгољуб Арсовски (2004-05), Даниел Димевски (2005-15), Петар Наумоски (2015-19).

По денешниот избор за претседател на Кошаркарската федерација, Перо Антиќ во куса изјава за медиумите ги кажа приоритетите на новото раководство.

–Со одличен тим, добра стратегија и добра програма се надевам дека постепено ќе ја вратиме кошарката каде што заслужува. Во управниот одбор ќе вклучиме луѓе од бизнис секторот, професионалци, од спортскиот дел и сите заедно да работиме за доброто на кошарката. Наш приоритет ќе бидат младите, враќање на навивачите во салите, заживување на кошарката, враќање на оптимизмот, издигнување на А-селекцијата на повисоко ниво, каде што сме биле по можност и чекор понапред, изјави новиот прв човек на македонската кошарка.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.