upon the heath..

фотографија – Шлакески Маринко

„БЕГСТВО“ (2011) – Маринко Шлакески (извадок)

ВОЈНИКОТ: Сигурен ли си дека одите во вистинска насока…?

СТАРЕЦОТ: Сите одиме таму…

ВОЈНИКОТ: Каде тоа?

СТАРЕЦОТ: Каде што припаѓаме. И вие одите таму.

ВОЈНИКОТ: Но ние одиме во спротивна насока. (покажува со рака)

СТАРЕЦОТ: Сите патишта завршуваат на исто место..

ВОЈНИКОТ: Како тоа..

СТАРЕЦОТ: (се внесува во себе како во транс) Cognitionis fermenta… Spiritum meum…

ПОРУЧНИКОТ: Што…?

ВОЈНИКОТ: (на Поручникот) Псст! Не те слуша… Тој е во бунило, остави го.

СТАРЕЦОТ: Нашите души… гласовите на предците потиснати од гревовите на своите поколенија… не можат да ги чујат..

ПОРУЧНИКОТ: Што е ова… Кои гласови.. Ништо не разбирам…

СТАРЕЦОТ: Години… и векови… сè е исто и сè се повторува… само други имиња на нашите сенки… Со очите распознаваш, со срцето гледаш… Ние и вие… тие и таму. Наша војна, наш триумф… Поголема војна, поголем триумф… Колку гробови треба за голем триумф…? Десет илјади? Со точни димензии и пристојна длабочина? Не се доволно? Ќе се интонира химна, ќе се гази строев чекор. Под свилените знамиња свечени униформи и светнати шлемови. Кон крајот на денот нова бројка во светските гласила. Пропорционална сила… Што е тоа пропорција? Што е тоа сила Парадигма на вашата лакомост? Наследено проклетство од раѓањето на векот.. триумф на сопствената мизерија што ја нарекувате живот. Вашите херои се собирачи на импресии. Идеолози и интелектуални инвалиди нудат парализа на здравиот разум… Вие гледате и одбивате да видите. Што е императив на вашиот идеолошки концепт? Имате ли? Се будите и заспивате со пораките за конечната апокалипса која ќе ве поништи бидејќи сте безвредни и бескорисни. Ги голтате понизно нивните пораки и чекате во наредното издание посилно да ве исплескаат со камшикот на најновиот хорор…

(се слуша звукот на хеликоптерот, се засилува постепено)

СКИТНИКОТ: Старче… да одиме.

(Старецот му дава знак да не го прекинува; звукот на хеликоптерот се засилува)

СТАРЕЦОТ: (се надвикува со татнежот на хеликоптерот) Овој звук… Тоа е клучот на вашата судбина! Ве прогонува! Сè додека ве гони вие нема да бидете слободни! Ќе излезете од овој лавиринт но заробени ќе бидат вашите души… Одете каде што припаѓате! Вашето место е таму! (покажува со рака и ја ведне главата од исцрпеност)

(звукот исчезнува; молчат, никој не се помрднува)




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.