Aнима Мунди: “Каде се мирните маалските миленици во Прилеп – Лиса, Шарка, Симба, Душко….”

Здружението „Анима мунди“ реагира во врска со, како што наведуваат, заловување на повеќе мирни и познати маалски кучиња во Прилеп и бара од надлежните институции официјални информации за нивната судбина.

Од здружението посочуваат дека отстранувањето на кучиња кои се познати и прифатени од локалното население може да создаде простор за појава на нови, нестерилизирани и непознати кучиња на истите локации.

Како конкретен случај ја издвојуваат Лиска, мирно куче кое било чувано во населбата Точила. Според информациите што ги добиле од граѓани, Лиска била заловена на 17 септември, по што граѓани отишле во прифатилиштето со намера официјално да ја вдомат. Според нивните наводи, кучето не било пронајдено таму.

„Анима мунди“ бара од сите граѓани кои располагаат со фотографии, видеозаписи, снимки од надзорни камери или други информации поврзани со заловувањето и транспортот на кучиња, да ги достават до здружението.

Воедно, од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп побарале официјална документација за активностите поврзани со заловување и транспорт на кучиња во периодот од 1 до 23 септември 2026 година. Барањето, како што информираат, опфаќа податоци за заловените кучиња, локациите на кои биле заловени, приемот во прифатилиштето, ветеринарните третмани, вдомувањето, враќањето на терен и други можни исходи.

Посебно бараат информации за Лиска, Душко, Светле, Симба, Белка, Поко, Ноли и Шарка, односно одговор каде се наоѓаат овие кучиња во моментот.

Од „Анима мунди“ информираат и дека добиле информација оти Агенцијата за храна и ветеринарство извршила вонреден инспекциски надзор. Здружението побарало пристап до записникот и документацијата поврзана со надзорот.

Барање за пристап до информации од јавен карактер, според нивните наводи, е доставено и до Министерството за внатрешни работи, со цел да се утврди дали полицијата била службено ангажирана при заловување и транспорт на кучиња во Прилеп во наведениот период, особено на 17 септември, како и по чие барање и врз основа на каква документација.

„Анима мунди“ од локалната самоуправа и градоначалникот на Прилеп бараат одговори дали биле запознаени со активностите, кој ги организирал и спроведувал, каде биле однесени заловените кучиња и каде се наоѓаат денес.

Од здружението порачуваат дека јавноста треба да добие јасни информации за постапувањето со кучињата и нивната понатамошна судбина.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.