Maрјан Ристески: Прилеп има огромни потенцијали за развој на авантуристички туризам

Посебно задоволство од големиот настан кој деновиве се одржува во Охрид, Конференцијата за авантуристички туризам, изразува градоначалнкот на Прилеп Марјан Ристески, кој лично присуствува на првиот официјален дел. Притоа Прилеп се претставува со посебен штанд на кој се истакнати низа особености и обележја на градот, како и понудата во поглед на авантуристичкиот туризам која ја нуди.

 

marjan

Како што изјави во интервјуто за  Ohrid1, прилепскиот градоначалник, на секоја општина главен приоритет и е да привлече што повеќе туристи.

-Тргнувајќи по примерот на развиените туристички општини околу овој алтернативен туризам , исто така и Прилеп негува да секогаш ги промовираме оние убавини и сите оние аспекти кои можеме да ги понудиме на сите туристи од целиот свет, не само од Македонија. Така и на овој штанд има доста материјали, којшто навистина можат да се запознаат сите заинтересирани туроператори, со што располага Прилеп, неговата околина ,Пелагонија , сите убавини и што можеме да понудиме.

Каде е конкретно авантурата во Прилеп?

-Авантурата ја има во секој поглед. Би почнал пред се од самата конфигурација на земјиштето, којашто овозможува преубавите планини  и убавиот еколошки регион, Мариово. Преубавите манастири кои ги имаме. Би се задржал на светски познатите манастири Трескавец, Зрзе , манастирот Архангел Михаил во подножјето на Марковите кули, кои се како планина и како комплекс кандидат за заштита под УНЕСКО и секако еден од најстарите манастири Свети Никола во селото Манастир во еколошки најчистата област во Мариово. Имаме и доста археолошки локалитети кои датираат од различни периоди , од железно доба, од неолит, антички период, ранохристијански период, среден век па се до најнова историја. Прилеп важи за еден од градовите кои на Балканот имаат најмногу културно-историски споменици, знаменитости и објекти кои се под заштита на државата а тоа е главниот адут кој можеме да го понудиме во туризмот.

Конкретно околу алтернативниот туризам би го истакнал ултра маратонот кој секоја година се одржува во околината на Прилеп, маути-бајкот и велосипедскиоте тури коишто се прават низ регионот на Мариово. Исто така тука е и слободното качување покарпи, кои ги има доста на комплексот Маркови кули, Трескавец. Веќе се препознатлив дел на нашиот град и Балканот. Се одржуваат доста светски купови и настани, кадешто присуствуваат европски и светски прваци во овој спорт и тој спорт зеде се поголем замав.Илјадници спортски туристи доаѓаат во текот на годината да го испробаат адреналинот токму на овие карпи.

Пред неколку години направивме и преубава патека по највисоки европски стандарди за мото крос, каде развиваме еден мото центар регион, каде во иднина би се надополнувала таа патека и со патека за џипови, патека за велосипеди , картинг итн. Тоа би било едно од поатрактивните места во Македонија и параглајдингот заедно со помош на УСАИД изградивме прекрасно летиште во комплексот под самиот манастир Трескавец , каде од година во година се организираат балкански , европски, светски купови.

Главен акцент како град ставивме на развојот на фестивалскиот туризам, којшто е најпознат во светот и ја разбивме онаа табу тема во Македонија , дека не мора да се има езеро, море или река за да развивате туризам. Едноставно со една прекрасна понуда на фестивали од различна бранша и различни делови од годината можете да привлечете голем број на туристи да го посетат градот, а крајната цел е економскиот бенефит од сето тоа. Буквално во секој период од годината ние имаме по некој настан кој е препознатлив туристички бренд , не само на градот туку и на Република Македонија. Би рекол дека во овој период после Охрид и Скопје имаме најголем пораст на посета на туристи од целиот свет. Секако тука е и карневалот, кој е влезен во Светската асоцијација на карневалски градови, каде присуствуваат илјадници гости од држави не само од Балканот, туку и од целиот свет. Потоа театарските игри стануваат препознатлив бренд на градот. Тука е фестивалот на народни песни “Пеце Атанасоски” во почетокот на летниот период. “Мариовските мегленски средби” , богатото културно лето , фестиваот на пивото, кој е еден од најголемите фестивали на Балканот и најпосетен. Потоа 11 октомври, огнометите и секако Свети Никола заштитникот на Прилеп , кој го прогласивме пред неколку години и токму на тој ден влеговме во Гинисовата книга на рекорди, како прва општина од Македонија под уставното име.

Сето ова немаше да биде успешна приказна доколку градот и инфраструктурно не се спреми. Тука се нормалното функционирање на сообраќајот, паркинзите, катните гаражи во центарот на градот, чаршијата, музеите во градот итн. Имаме три извонредни музеи и тоа, Музејот на тутун , колекција вредна преку 15 милиони евра. Имаме експонати на лулиња од светски лидери од различни делови од целиот свет. Потоа новата галерија на икони, која исто така има голема вредност. Извонредни дела на уметници кои ги создале тие икони од пред многу векови. Тука е и археолошкиот музеј , каде што почнала Антифашистичката Револуција. Накратко кажано имаме прекрасни содржини кои може да се посетат и претставуваат голем потенцијал за развој на токму овој вид на туризам.

Што е најпосетувано во Вашиот крај од страна на странските туристи?

-Најпосетувани се манастирите , старата чарпија, центарот на Прилеп . Тука би напоменал, дека би ги пофалил и самите угостители, самата прилепска скара . Она што се нуди е една од највкусните прилепски скари. Јадењето е евтино, исто така и гардеробата која ја нудат бутиците . Секако тука е и градскиот пазар , кој е еден од најубавите , најголеми и најуредени пазари во Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.