Koга љубовта кон животните ќе го обземе човечкото срце: Млад полициски академец од прилепско одгледува и храни 34 кучиња скитници во својот двор

ФОТО/printscreen/alfa.mk

Дури 34 улични кучиња, поголемиот дел со некаков хендикеп предизвикан од суровоста на луѓето, веќе пет години ја уживаат комплетната грижа и љубов на младиот дипломиран, но невработен полициски академец, Влатко Заткоски од Кривогаштани – oбјави “Алфа ТВ”.

Тој, разочаран од негрижата на институциите, а поттикнат од силната љубов кон животните, својот двор, го претворил во вистински приватен стационар за бездомни кучиња, каде овие негови пријатели редовно добиваат: храна, здравствена помош и многу посветена љубов.

За малата, селска средина во која ја реализира оваа своја хумана мисија, Влатко е еден голем чудак, но како што вели самиот, одамна престанал да се обѕрнува на тоа. За него е битно само неговите миленици да ги тргне од улицата, а уште повеќе од лошите сопственици кои се изживуваат со нив.

За да им ги спаси животите, Влатко го дава и последниот денар. Вели дека помошта што ја собира од донации е минимална во однос на она што реално треба да се потроши, бидејќи поголемиот дел од кучињата доаѓаат со сериозни повреди, па оперативните зафати не се реткост, а тие се скапи.

Во недостиг на законска регулатива за решавање на овој горлив проблем, Влатко е скептик дека со вакви поединечни примери ќе може нешто значително да се направи. Тој вели дека има изготвено и план, кој не бил многу скап, ама тој план прво требало некој да го чуе, а тој досега, никаде не наишол на отворена врата.

ВИДЕО ПРИЛПГОТ ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Каролина Дурло




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.