Во денешното телевизиско интервју за емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24, градоначалникот на Битола Тони Коњановски зборуваше и за градежната офанзива со која се решаваат проблемите на граѓаните.
„Битола е град со старо градско јадро, една од специфичните карактеристики на градот е Широк сокак и неговата околина по која е и препознаена, се работи за стара архитектура, се работи за улички кои што се заштитени со закон, така што да се дејствува и да се работи во старото градско јадро, е многу тешко, меѓутоа тоа е еден предизвик со кој се соочуваме и во моментот, работиме на локации и се обидуваме да ги пребродиме ситуациите или предизвиците со кои што се соочуваме. Во изминатиот период на мој прв мандат и оваа прва година од новиот мандат во Битола има градежна експанзија, градежна офанзива, со тоа што отворивме многу проекти, најголем дел се од инфраструктурата, решавање на децениски проблеми на граѓаните кои што се уште се соочуваат со стара водоводна и одводна канализациона мрежа и тоа за нив е најголемиот проблем. Можеби за некои тоа е поодминато во некои понови градски средини, меѓутоа инфраструктурата е она што е основно и базично за граѓаните. И во изминатиот период и сега имаме силна поддршка од владата“, рече Коњановски.
























