Eкс директорот на Драмски го опишува бегството на Груевски

Екс директорот на Драмски театар и актер, Сашо Тасевски, на комичен начин го опиша бегството на Груевски од земјата.

Еве како според неговиот “извор” се случило сето тоа:

“Еве како избегал. Ако ме лаже Изворот, ве лажам и јас.
Сабота, утрото во 4 часот. Кај Груевски дома влегуваат двајца од Службата, Киро Фитиљ и Игор Штрафта. Груевски уште доручкувал меко варени јајца со виршла.

Ги кани. Седнуваат и јадат. Во 4.20 пред зградата се паркира ауди 4 без таблици. Пет минути подоцна Груевски со придружбата излегуваат од станот, а Боркица по нив истура чаша вода за среќа.

Влегуваат во аудито. Некаде пред српска граница им се придружува возило пасат на унгарската тајна служба. Го вози Золтан Фаркаш, а со него се уште двајца агенти, Кочиш и Пушкаш. Груевски се префрла кај нив.

Влегуваат во Србија и во придружба на две полициски возила прво одат во Гуча каде Груевски купува шајкача и труба од Драгачево, потоа одат во Београд, право на Скадарлија, во Три Шешира. Сатот е еден попладне. Таму е веќе Вучиќ кој ги прави нарачките.

Ручаат Караѓорѓева и Муќкалица и пијат шљивка, само Груевски пие сок од малини. Таму се додека не добијат повик од Орбан. Орбан ѕвони, Фаркаш се јавува, па му додава на Кочиш, а Кочиш на Пушкаш, на кого телефонот му паѓа и да не се скрши со нога му го додава на Груевски. Веднаш тргнуваат.

На одење Вучиќ им подарува печено прасе за по пат. Стигнуваат до езерото Балатон каде со мини подморница одат до другиот брег кај селото Дудлаш. Таму го јадат прасето и со точаци стигнуваат во Будимпешта околу 22 часот вечерта.

Груевски го сместуваат во хотелот АЛЕКСАНДРОШ Д’ ГРЕЈТ во соба 69, каде го чекаат агентките Заза и Терезија. Ама он им вика не сум по Тоа, ако имате колеги Тудор и Бела, нема проблем.

Потоа ги испраќа со бакнеж во образ. Околу 23 часот седнува да го пишува писмото на фејсбук. Но го прекинува тропање на врата.

Отвора. На вратата е Орбан кој на македонски му вели: Диктатор диктатора не рани, тешко му кој го нема. Се гушнуваат со солзи радосници”, напиша Тасевски на својот Фејсбук профил.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.