дома блог страница 85

До четврток температури до -14 степени

УХМР информира дека следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни.

Денеска и утре наместа и дневните ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.

До четврток утринските температури ќе се движат од -2 до -14 степени, а дневните ќе бидат во интервал од -1 до 10 степени.

Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината

Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 километри југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML 2.9.

– Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.

Прв меѓународен настап во 2026: Сестрите Илиоски од Прилеп го претставуваа македонското џудо во Холандија (ФОТО)

Македонското џудо ја започна 2026 година со настап на голема меѓународна сцена. Сестрите Тамара и Теодора Илиоски од Прилеп го имаа својот прв натпреварувачки настап оваа година на еден од најреномираните џудо турнири во Европа – Matsuru Dutch Open Espoir, кој се одржа во Ејндховен, Холандија.

Турнирот важи за еден од најмасовните и најквалитетните во Европа, со учество на 1.528 натпреварувачи од 272 клуба и 17 држави. Во категоријата -57 килограми, во која настапија Тамара и Теодора Илиоска, конкурираа вкупно 53 натпреварувачки.

Сестрите Илиоски од Џудо клубот “Сеишин” oд Прилеп беа единствените претставнички од Македонија, со што достојно го претставија македонското џудо и својот клуб на ова силно меѓународно натпреварување.

Резултати и настапи:

Тамара Илиоска
– Настапи во борба против натпреварувачка од Холандија
– Репесаж борба против натпреварувачка од Хамбург, Германија

Теодора Илиоска
– Прво коло слободна
– Втора борба против натпреварувачка од Холандија
– Репесаж борба против натпреварувачка од Германија

Иако овојпат не беше обезбеден пласман, учеството на ваков силен и квалитетен турнир претставува огромно натпреварувачко искуство, значаен чекор во развојот на младите џудистки и вредна промоција на македонското џудо на меѓународно ниво.

Од клубот изразуваат гордост за настапот, храброста и посветеноста на Тамара и Теодора Илиоска, потенцирајќи дека ова е само почеток на нивниот натпреварувачки пат во 2026 година.

Искршено стаклото од влезната врата на бугарската амбасада во Македонија

Денеска (11.01) во 15:55 часот, во СВР Скопје, од страна на Одделот за обезбедување на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи, било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Офицерот за безбедност на Амбасадата, преку системот за видео надзор, забележал оштетување на стаклото од влезната врата на објектот.

Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата.

На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Василица со мерак: полна трпеза, жива музика и топла атмосфера во ресторан Beer ti & ja

Старата Нова година е празник што се слави со срце, со полна трпеза и со луѓе што значат. Тоа е ноќ кога времето застанува, чашите се полнат, музиката ги спојува генерациите, а насмевките стануваат спомени.

Токму таква Василица оваа година ве очекува во ресторан Beer ti & ja, место каде што празничниот дух секогаш се чувствува, а гостите се дочекуваат со топлина и вистински домаќински мерак.

За оваа посебна вечер ресторанот подготви богато и внимателно одбрано мени, кое вклучува салата, ордевер, свинско печено, колбас, гарнир и бурек со паричка – трпеза каква што прилега за Василица. Покрај храната, гостите ќе уживаат и во неограничен пијалок, за вечерта да тече опуштено и весело, без грижи.

Празничната атмосфера ќе биде збогатена со жива музика, која ќе создаде расположение за пеење, дружење и славење до доцна во ноќта. Топол амбиент, пријатно друштво и добра музика – сѐ што е потребно за вистински дочек на Старата Нова година.

Сето ова е достапно по симболична цена од 1300 денари, што ја прави оваа понуда една од најповолните во градот. Поради големиот интерес, бројот на места е ограничен, па резервацијата е задолжителна и се препорачува да се направи навреме.

Ве покануваме Василица да ја дочекаме заедно, со насмевка, со мерак и со убави желби за годината што доаѓа.

13.01.2026
🕗 Почеток: 20:00 часот
📞 Резервации на телефонските броеви: 048 620 260 | 075 443 833

Шират македонска култура и традиција – Битолската коњаница “Галоп” и “Уникат Бенд” приредија незаборавна вечер во Нирнберг (ВИДЕО)

Битолската коњаница “Галоп” и “Уникат Бенд” успешно ја претставија македонската традиција, историја и музичка култура на културен настан одржан во Нирнберг, Германија. Настанот беше дел од меѓународна културна соработка и собра голем број посетители, меѓу кои и македонска дијаспора, како и љубители на балканската култура.

Со своето автентично појавување, историски костими и симболиката на коњаницата, “Галоп Битолска Коњаница” испрати силна порака за македонското културно наследство и слободарската традиција.

Настапот беше дополнет со енергичната и емотивна изведба на “Уникат Бенд”, кои преку македонска изворна и современа музика создадоа незаборавна атмосфера и силна врска со публиката.

-Гостувањето во Нирнберг претставува уште еден значаен чекор во мисијата на Галоп Битолска Коњаница за меѓународна промоција на Македонија, нејзината историја и културен идентитет, како и поддршка на македонските уметници и музичари надвор од границите на државата. Организаторите и присутните ја истакнаа важноста од ваквите настани, кои придонесуваат за зачувување на националниот идентитет кај дијаспората и за зајакнување на културните врски меѓу Македонија и Германија, велат од битолската коњаница.

“Галоп Битолска Коњаница” и “Уникат Бенд” најавуваат продолжување на ваквите културни гостувања и во други европски градови, со цел македонската традиција и уметност да добијат уште поголема меѓународна видливост.

Галоп Битолска Коњаница се заблагодарува на организаторите и подржувачите.

Тепачки синоќа на две локации во Битола – двајца млади пријавиле во станица

Извадоци од полицискиот билтен на МВР:

-На 10.01.2026 во 22.15 часот во СВР Битола, Д.Ј. (26) од Битола пријавил дека на ул. „Цветан Димов“ во Битола бил физички нападнат од лице од Битола.

-На 11.01.2026 во 05.35 часот во СВР Битола, Д.Д.(21) од Општина Могила пријавил дека пред ноќен клуб лоциран на ул. „Партизанска” во Битола бил физички нападнат од неколку лица по што му биле нанесени повреди.

Се преземаат мерки за расчистување на двата настани – информираат од СВР Битола.

До 5.000 евра казна и затворање објекти – Eве што се’ предвидува новиот Закон на Владата

Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Предлог-законот, изготвен од Министерството за здравство, попладнево беше објавен на платформата ЕНЕР, а неговата цел е системска заштита на јавното здравје и намалување на пушењето како една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во земјава.

Целосна забрана за пушење во јавни и работни простори

Со новиот закон се воведува целосна забрана за употреба на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи во речиси сите јавни, работни и заеднички простори. Забраната опфаќа здравствени, образовни, културни и спортски установи, државни институции, работни места, јавен превоз, аеродроми, железнички и автобуски станици, угостителски објекти, трговски центри, пазари и саеми, како и заеднички простории во станбени згради.

Пушењето ќе биде забрането и во приватни возила доколку во нив има деца, како и во и пред објекти каде се организираат забавни и рекреативни активности за деца.

Во објектите и просториите, одговорното лице на правното лице е должно да постави ознака за забрана на пушење и да обезбеди контрола на спроведувањето на забраната за пушење“, пишува во предлог-законот.

Дозвола за пушење ќе постои исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени, отворени од најмалку три страни и без стаклени, пластични или најлонски прегради.

Строга забрана за рекламирање и медиумска промоција

Предлог-законот предвидува целосна забрана за директно и индиректно рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Ограничувањата се однесуваат и на медиумите, филмовите, сериите, видеоигрите и интернет-содржините.

Прикажувањето на пушење ќе биде дозволено само кога е неопходен дел од уметничката концепција, исклучиво за возрасна публика и со задолжителна здравствена порака дека пушењето е штетно по здравјето.

Крај за аромите и вкусовите

Една од најрестриктивните мерки е целосната забрана за производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови, вклучувајќи ментол, овошни и други додатоци. Забраната ги опфаќа електронските цигари, течностите со и без никотин, загреаниот тутун и бездимните производи.

Според образложението, ваквите вкусови директно ги таргетираат младите и го зголемуваат ризикот од рано создавање зависност од никотин.

Ограничувања за продажба и изложување

Со новиот закон се забранува продажба на тутунски производи на парче, преку автомати, самопослужување и онлајн. Продажбата нема да биде дозволена ниту во угостителски објекти, на плажи, пазари, саеми и за време на јавни настани.

Изложувањето на цигари и други никотински производи на видливо место во продавниците ќе биде забрането, а тие ќе мора да се чуваат во затворени шкафови.

Шкафовите за складирање треба да бидат конструирани на таков начин што ќе се спречи визуелното прикажување на тутунските производи кон потрошувачите кога шкафовите се отворени. Шкафовите за складирање на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уреди за консумирање на тутун и никотин, не смеат да имаат надворешно осветлување и треба да бидат во боја што не го привлекува вниманието на посетителите“, се наведува во предлог-законот.

Високи казни и затворање објекти

Надзорот над спроведувањето на законот ќе го вршат повеќе институции, меѓу кои Државниот пазарен инспекторат, санитарниот и здравствениот инспекторат, МВР, инспекторатите за труд и образование, како и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Предвидени се високи парични казни – од 2.000 до 5.000 евра за правни лица, до 2.000 евра за одговорни лица и до 300 евра за физички лица. Инспекторите ќе имаат право и на привремено затворање на објекти до три месеци за непочитување на забраната.

Пресврт со прилепскиот театар – нема да се прави нов кај Цепенков, ќе се обновува стариот

На последната седница на Советот на општина Прилеп, градоначалникот Проданоски, ги информираше советниците и јавноста дека во Прилеп нема да се гради нова театарска зграда, онака како што беше ветувано во минатото, туку ќе се реконструира постоечката зграда на театарот “Војдан Чернодрински”.

Според Проданоски, општината на дневно ниво е во комуникација со Министерството за култура и се работи на проект за реконструкција на прилепскиот театар со локални компании. Проектот за реконструкција ќе бил платен од донатор, а реконструкцијата би била на товар на државниот буџет.

Прилепчани паметат дека со години наназад им беше ветувано изградба на нова театарска зграда во склоп на Центарот за култура “Марко Цепенков”, дури општината во време на градоначалникот Илија Јованоски од СДСМ избра идејно решение за оваа намена.

Се менуваа министри за култура, се менуваа градоначалници и власти, идејата беше иста, реализацијата ја немаше на повидок, а по пожарот во Кочани минатата година, државните институции проценија дека низа објекти од спортот и културата, не само во Прилеп, туку и во останатите градови, не ги исполнуваат условите за безбедност. Меѓу тие објекти беа прилепскиот театар и Центарот за култура “Марко Цепенков”. Во Цепенков беа извршени поправки, а вратите на “Војдан Чернодрински” оттогаш останаа затворени. Претстави се играат тек-тук на големата и малата сцена во Центарот за култура, но тоа е ништо во споредба на кондицијата која ја имаат прилепските глумци и желбата за театар што ја имаат прилепчани.

Ова се најпродаваните германски автомобили за минатата година – на прво место е една од најомилените марки во Македонија

Германскиот федерален орган за моторен транспорт (KBA) објави статистика за регистрациите на нови автомобили минатата година.

Во декември, во Германија се регистрирани 246.439 нови патнички автомобили, што е за 9,7 проценти повеќе од претходната година. За целата 2025 година, обемот на пазарот изнесувал околу 2,9 милиони автомобили, што е за 1,4 проценти повеќе отколку во 2024 година.

Поголемиот дел од новите автомобили, или 66,1 процент, се регистрирани на компании, иако оваа бројка се намалила за 0,6 проценти. Уделот на приватните регистрации се зголемил за 5,1 процент и достигнал 33,6 проценти, а најпопуларните бои останале сивата или сребрената (32,4 проценти), црната (26,8 проценти) и белата (18,6 проценти).

Германските производители на автомобили генерално ја завршиле годината со раст. BMW покажа најзначајна динамика, бројот на регистрации се зголемил за 8,9 проценти, додека пазарниот удел достигнал 8,9 проценти. Ford ја зголеми продажбата за 8,8 проценти со удел од 3,8 проценти. Раст е забележан и кај Volkswagen (4,5 проценти, удел 19,6 проценти), Audi (1,8 проценти, удел 7,2 проценти) и Mercedes-Benz (1,0 проценти, 9,1 процент).

Сепак, не сите брендови успеаја да ги задржат своите позиции. Opel забележа намалување на бројот на регистрации за 7,9 проценти (удел 4,8 проценти), Porsche за 17,7 проценти (удел 1,0 проценти) и Smart за 62,1 процент (удел 0,2 проценти).

Volkswagen го задржа својот статус како најголем германски бренд со пазарен удел од 19,6 проценти.

Меѓу странските брендови, резултатите варираа. Škoda ги зголеми регистрациите за 10,2 проценти и освои 7,9 проценти од пазарот. Seat, заедно со Cupra, покажа раст од 6,7 проценти и достигна пазарен удел од 5,7 проценти. И двата бренда ја надминаа границата од 100.000 регистрирани автомобили во 2025 година.

Алтернативните погонски склопови продолжија да добиваат на популарност во 2025 година. Продажбата на целосно електрични возила (BEV) се зголеми за 43,2 проценти, а нивниот пазарен удел достигна 19,1 процент. Хибридите го зазедоа најголемиот сегмент, регистрирајќи 1.127.509 регистрации (зголемување од 19,0 проценти) и 39,5 проценти од пазарот, вклучувајќи 311.398 plug-in хибриди (зголемување од 62,3 проценти и удел од 10,9 проценти).

Во овој контекст, побарувачката за конвенционални возила со мотори со внатрешно согорување значително се намали. Бензинските автомобили паднаа за 21,6 проценти на 777.641 единици, а нивниот удел се намали на 27,2 проценти (во споредба со 35,2 проценти претходната година). Дизел моделите паднаа за 18,3 проценти на 395.022 регистрации и 13,8 проценти од пазарот, што во 2024 година изнесуваше 17,2 проценти.

Автомобилите на LPG учествуваа само со 0,4 проценти од пазарот со 12.079 регистрации, што е за 11,9 проценти помалку од претходната година. Регистрирани се и три возила на природен гас (пад од 97,8 проценти), 49 автомобили на водородни горивни ќелии (пад од 69 проценти) и еден автомобил на водород.

Листа на најпродавани модели во Германија во 2025 година:

VW Golf – 85.023

VW T-Roc – 78.264

VW Tiguan – 63.316

Opel Corsa – 48.581

BMW X1 – 47.143

Škoda Octavia – 44.890

VW Passat – 44.609

Seat Leon – 38.425

BMW Series 5 – 37.643

Audi A6 – 37.505.