дома блог страница 83

Шират македонска култура и традиција – Битолската коњаница “Галоп” и “Уникат Бенд” приредија незаборавна вечер во Нирнберг (ВИДЕО)

Битолската коњаница “Галоп” и “Уникат Бенд” успешно ја претставија македонската традиција, историја и музичка култура на културен настан одржан во Нирнберг, Германија. Настанот беше дел од меѓународна културна соработка и собра голем број посетители, меѓу кои и македонска дијаспора, како и љубители на балканската култура.

Со своето автентично појавување, историски костими и симболиката на коњаницата, “Галоп Битолска Коњаница” испрати силна порака за македонското културно наследство и слободарската традиција.

Настапот беше дополнет со енергичната и емотивна изведба на “Уникат Бенд”, кои преку македонска изворна и современа музика создадоа незаборавна атмосфера и силна врска со публиката.

-Гостувањето во Нирнберг претставува уште еден значаен чекор во мисијата на Галоп Битолска Коњаница за меѓународна промоција на Македонија, нејзината историја и културен идентитет, како и поддршка на македонските уметници и музичари надвор од границите на државата. Организаторите и присутните ја истакнаа важноста од ваквите настани, кои придонесуваат за зачувување на националниот идентитет кај дијаспората и за зајакнување на културните врски меѓу Македонија и Германија, велат од битолската коњаница.

“Галоп Битолска Коњаница” и “Уникат Бенд” најавуваат продолжување на ваквите културни гостувања и во други европски градови, со цел македонската традиција и уметност да добијат уште поголема меѓународна видливост.

Галоп Битолска Коњаница се заблагодарува на организаторите и подржувачите.

Тепачки синоќа на две локации во Битола – двајца млади пријавиле во станица

Извадоци од полицискиот билтен на МВР:

-На 10.01.2026 во 22.15 часот во СВР Битола, Д.Ј. (26) од Битола пријавил дека на ул. „Цветан Димов“ во Битола бил физички нападнат од лице од Битола.

-На 11.01.2026 во 05.35 часот во СВР Битола, Д.Д.(21) од Општина Могила пријавил дека пред ноќен клуб лоциран на ул. „Партизанска” во Битола бил физички нападнат од неколку лица по што му биле нанесени повреди.

Се преземаат мерки за расчистување на двата настани – информираат од СВР Битола.

До 5.000 евра казна и затворање објекти – Eве што се’ предвидува новиот Закон на Владата

Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Предлог-законот, изготвен од Министерството за здравство, попладнево беше објавен на платформата ЕНЕР, а неговата цел е системска заштита на јавното здравје и намалување на пушењето како една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во земјава.

Целосна забрана за пушење во јавни и работни простори

Со новиот закон се воведува целосна забрана за употреба на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи во речиси сите јавни, работни и заеднички простори. Забраната опфаќа здравствени, образовни, културни и спортски установи, државни институции, работни места, јавен превоз, аеродроми, железнички и автобуски станици, угостителски објекти, трговски центри, пазари и саеми, како и заеднички простории во станбени згради.

Пушењето ќе биде забрането и во приватни возила доколку во нив има деца, како и во и пред објекти каде се организираат забавни и рекреативни активности за деца.

Во објектите и просториите, одговорното лице на правното лице е должно да постави ознака за забрана на пушење и да обезбеди контрола на спроведувањето на забраната за пушење“, пишува во предлог-законот.

Дозвола за пушење ќе постои исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени, отворени од најмалку три страни и без стаклени, пластични или најлонски прегради.

Строга забрана за рекламирање и медиумска промоција

Предлог-законот предвидува целосна забрана за директно и индиректно рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Ограничувањата се однесуваат и на медиумите, филмовите, сериите, видеоигрите и интернет-содржините.

Прикажувањето на пушење ќе биде дозволено само кога е неопходен дел од уметничката концепција, исклучиво за возрасна публика и со задолжителна здравствена порака дека пушењето е штетно по здравјето.

Крај за аромите и вкусовите

Една од најрестриктивните мерки е целосната забрана за производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови, вклучувајќи ментол, овошни и други додатоци. Забраната ги опфаќа електронските цигари, течностите со и без никотин, загреаниот тутун и бездимните производи.

Според образложението, ваквите вкусови директно ги таргетираат младите и го зголемуваат ризикот од рано создавање зависност од никотин.

Ограничувања за продажба и изложување

Со новиот закон се забранува продажба на тутунски производи на парче, преку автомати, самопослужување и онлајн. Продажбата нема да биде дозволена ниту во угостителски објекти, на плажи, пазари, саеми и за време на јавни настани.

Изложувањето на цигари и други никотински производи на видливо место во продавниците ќе биде забрането, а тие ќе мора да се чуваат во затворени шкафови.

Шкафовите за складирање треба да бидат конструирани на таков начин што ќе се спречи визуелното прикажување на тутунските производи кон потрошувачите кога шкафовите се отворени. Шкафовите за складирање на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уреди за консумирање на тутун и никотин, не смеат да имаат надворешно осветлување и треба да бидат во боја што не го привлекува вниманието на посетителите“, се наведува во предлог-законот.

Високи казни и затворање објекти

Надзорот над спроведувањето на законот ќе го вршат повеќе институции, меѓу кои Државниот пазарен инспекторат, санитарниот и здравствениот инспекторат, МВР, инспекторатите за труд и образование, како и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Предвидени се високи парични казни – од 2.000 до 5.000 евра за правни лица, до 2.000 евра за одговорни лица и до 300 евра за физички лица. Инспекторите ќе имаат право и на привремено затворање на објекти до три месеци за непочитување на забраната.

Пресврт со прилепскиот театар – нема да се прави нов кај Цепенков, ќе се обновува стариот

На последната седница на Советот на општина Прилеп, градоначалникот Проданоски, ги информираше советниците и јавноста дека во Прилеп нема да се гради нова театарска зграда, онака како што беше ветувано во минатото, туку ќе се реконструира постоечката зграда на театарот “Војдан Чернодрински”.

Според Проданоски, општината на дневно ниво е во комуникација со Министерството за култура и се работи на проект за реконструкција на прилепскиот театар со локални компании. Проектот за реконструкција ќе бил платен од донатор, а реконструкцијата би била на товар на државниот буџет.

Прилепчани паметат дека со години наназад им беше ветувано изградба на нова театарска зграда во склоп на Центарот за култура “Марко Цепенков”, дури општината во време на градоначалникот Илија Јованоски од СДСМ избра идејно решение за оваа намена.

Се менуваа министри за култура, се менуваа градоначалници и власти, идејата беше иста, реализацијата ја немаше на повидок, а по пожарот во Кочани минатата година, државните институции проценија дека низа објекти од спортот и културата, не само во Прилеп, туку и во останатите градови, не ги исполнуваат условите за безбедност. Меѓу тие објекти беа прилепскиот театар и Центарот за култура “Марко Цепенков”. Во Цепенков беа извршени поправки, а вратите на “Војдан Чернодрински” оттогаш останаа затворени. Претстави се играат тек-тук на големата и малата сцена во Центарот за култура, но тоа е ништо во споредба на кондицијата која ја имаат прилепските глумци и желбата за театар што ја имаат прилепчани.

Ова се најпродаваните германски автомобили за минатата година – на прво место е една од најомилените марки во Македонија

Германскиот федерален орган за моторен транспорт (KBA) објави статистика за регистрациите на нови автомобили минатата година.

Во декември, во Германија се регистрирани 246.439 нови патнички автомобили, што е за 9,7 проценти повеќе од претходната година. За целата 2025 година, обемот на пазарот изнесувал околу 2,9 милиони автомобили, што е за 1,4 проценти повеќе отколку во 2024 година.

Поголемиот дел од новите автомобили, или 66,1 процент, се регистрирани на компании, иако оваа бројка се намалила за 0,6 проценти. Уделот на приватните регистрации се зголемил за 5,1 процент и достигнал 33,6 проценти, а најпопуларните бои останале сивата или сребрената (32,4 проценти), црната (26,8 проценти) и белата (18,6 проценти).

Германските производители на автомобили генерално ја завршиле годината со раст. BMW покажа најзначајна динамика, бројот на регистрации се зголемил за 8,9 проценти, додека пазарниот удел достигнал 8,9 проценти. Ford ја зголеми продажбата за 8,8 проценти со удел од 3,8 проценти. Раст е забележан и кај Volkswagen (4,5 проценти, удел 19,6 проценти), Audi (1,8 проценти, удел 7,2 проценти) и Mercedes-Benz (1,0 проценти, 9,1 процент).

Сепак, не сите брендови успеаја да ги задржат своите позиции. Opel забележа намалување на бројот на регистрации за 7,9 проценти (удел 4,8 проценти), Porsche за 17,7 проценти (удел 1,0 проценти) и Smart за 62,1 процент (удел 0,2 проценти).

Volkswagen го задржа својот статус како најголем германски бренд со пазарен удел од 19,6 проценти.

Меѓу странските брендови, резултатите варираа. Škoda ги зголеми регистрациите за 10,2 проценти и освои 7,9 проценти од пазарот. Seat, заедно со Cupra, покажа раст од 6,7 проценти и достигна пазарен удел од 5,7 проценти. И двата бренда ја надминаа границата од 100.000 регистрирани автомобили во 2025 година.

Алтернативните погонски склопови продолжија да добиваат на популарност во 2025 година. Продажбата на целосно електрични возила (BEV) се зголеми за 43,2 проценти, а нивниот пазарен удел достигна 19,1 процент. Хибридите го зазедоа најголемиот сегмент, регистрирајќи 1.127.509 регистрации (зголемување од 19,0 проценти) и 39,5 проценти од пазарот, вклучувајќи 311.398 plug-in хибриди (зголемување од 62,3 проценти и удел од 10,9 проценти).

Во овој контекст, побарувачката за конвенционални возила со мотори со внатрешно согорување значително се намали. Бензинските автомобили паднаа за 21,6 проценти на 777.641 единици, а нивниот удел се намали на 27,2 проценти (во споредба со 35,2 проценти претходната година). Дизел моделите паднаа за 18,3 проценти на 395.022 регистрации и 13,8 проценти од пазарот, што во 2024 година изнесуваше 17,2 проценти.

Автомобилите на LPG учествуваа само со 0,4 проценти од пазарот со 12.079 регистрации, што е за 11,9 проценти помалку од претходната година. Регистрирани се и три возила на природен гас (пад од 97,8 проценти), 49 автомобили на водородни горивни ќелии (пад од 69 проценти) и еден автомобил на водород.

Листа на најпродавани модели во Германија во 2025 година:

VW Golf – 85.023

VW T-Roc – 78.264

VW Tiguan – 63.316

Opel Corsa – 48.581

BMW X1 – 47.143

Škoda Octavia – 44.890

VW Passat – 44.609

Seat Leon – 38.425

BMW Series 5 – 37.643

Audi A6 – 37.505.

На денешен ден во Прилеп е роден Методија Шаторов Шарло

Методија Шаторов е роден на 10 јануари 1897 година во Прилеп од мајка Христина Иванова Шаторова и татко Тасе Шаторов. Уште од мали години, покрај учењето, му помагал на својот татко во неговото дуќанче. Откако го завршил четвртиот клас во прилепското училиште, се запишал во битолската гимназија. Со избувнувањето на Балканските војни во 1912 година, Шаторов се преселува за учење во призренската школа. Оттаму во Скопје во 1915 година, каде ја завршува училителската школа. Во 1918 година Шаторов емигрира во Бугарија од каде пропагира преку пишани книжевни написи за македонска нација за посебна национална, самобитна на Балканскиот Полуостров. Станува член на социјалистичката партија (потпишан со националност Македонец). Учествува во Септемвриското востание во Бугарија во 1923 година. Една година подоцна бил уапсен и мачен во затворот од каде излегол со нарушено здравје. Во 1925 година станал член на ВМРО – Обединета. Шаторов бил определен да работи меѓу македонските емигрантски маси за созревање на комунистичката организација на Македонците во Бугарија. Според бугарските политички досиеја, бил обележан за опасен комунист. Главата за погубување му била проценета на 4.000 лева. При крајот на 1927/28 година на нелегалната конференција во Берлин, Шаторов се заложил за постоење на македонска организација во Вардарска Македонија. Во 1928 година бил фатен од бугарската полиција и осуден на 11 месеци затвор. Во јули 1929 година бил ослободен, а во 1930 година заминал за Москва во Советскиот Сојуз. Се вработил во интернационалната Коминтерна и ја завршил лениновата школа.

Во 1935 година организирал активирање на ВМРО – Обединета. Бугарските власти ја откриле организацијата. Повеќе членови од раководството биле затворени додека партијата била забранета. Шаторов бил осуден во отсуство на строг затвор и казна во голема сума лева.

Пред Втората светска војна, Шаторов се движел од Париз во Франција до Барселона, Шпанија, каде ги помагал интернационалните републикански бригади во Шпанија. Оттаму се вратил во Советскиот Сојуз во 1939 година. Во 1940 година доаѓа во Прилеп. Избран е за секретар на покраинскиот комитет за Вардарска Македонија. Тоа го натерало да ја смени етикетата на ПК КПЈ во ПК КПМ. Тежнеел ПК КПМ да ја воздигне со ЦК КПМ како рамноправен член со останите ЦК КП на Југославија за да не биде ПК КПМ во сенка на србоцрногорските партии. Словенечките комунисти на чело со Драгутин Јустинчиќ и хрватските комунисти со Аугуст Цесарец, Анте Цилиго предлагале на Македонија да í се признае национален статус и да биде примена за рамноправен член во ЦК КПЈ. Србокомунистите се спротивставиле со ставот дека за Македонија може да се зборува само за политичко и економско прашање, а никако за национално прашање. Ги штителе интересите на своето население во големина од околу 110 илјади жители во Македонија.

Но, секретарот на ПК КПМ, Методија Шаторов Шарло, почнал да го издава пропагадниот материјал на чист македонски јазик, а не како дотогаш на српски. Паролите “ДА ЖИВЕЕ СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА”, со соодветен текст се објавувале во весникот на КПМ и во Билтен кој излегувал во 1940 година.

На петтата земска конференција во Загреб во 1940 г. Шаторов бил избран за член на ЦК КПЈ. Бил единствен од Македонија кој го побарал македонското национално прашање на ниво на суверен статус. Потоа барал да се вратат назад сите дојдени колонисти во Македонија и земјата да му се врати на македонскиот селанец. Србоцрногорските комунисти остро се спротивставиле на предлогот. Дошло до судир на србоцрногорските комунисти, Александар Ранковиќ, Драган Павловиќ, Шилја, Милован Ѓилас, Иван Милутиновиќ, Светозар Вукмановиќ – Темпо и други против ставот на Шаторов. Едновремено бил нападнат од Тито, бидејќи се плашел од интернационалниот углед на Шаторов. Го сметал за голем конкурент на позицијата секретар на ЦК КПЈ.

Со нападот на хитлеровата Германија на СССР на 22 јуни 1941 година, Шаторов го мобилизира народот против германскиот и бугарскиот агресор во собирање на оружје и пропаганден материјал во борба со сите народи во Македонија без разлика на верската и националната припадност. Во јули 1941 г. прилепските партизани го извршиле првиот напад на тунелот кај Гостиражни при што е убиен стражарот на тунелот. На 22 август е формиран скопскиот партизански одред. Иако легално избран за секретар, Шаторов бил жестоко напаѓан од србоцрногорските комунисти, поддржани од македонските изроди. Успевал одредено време да ги одбие нападите, но морал да замине од одговорното место, оти Тито го осудил на смрт. Затоа се вратил во Бугарија.

Шаторов во Бугарија се вклучил во партизанското движење. Пак станал член на БКП во 1942 година. Бил назначен за командант на третата востаничка оператива за Пазарџик. На 4 септември 1944 година, во борба со владината војска бил подмолно убиен кај местото Милеви скали близу Пазарџик. Убиството не е расветлено, но се претпоставува дека Шаторов е ликвидиран од агентите на Тито и Колишевски, кои стравувале дека со продорот на Црвената армија преку Бугарија и во соработка со Ѓорѓи Димитров, Вардарска Македонија ќе биде откината од Југославија и заедно со Пиринска Македонија ќе се создаде независна македонска држава.

Методија Шаторов загина, но не се откажа од македонскиот национален идентитет.

Во 2016 година, Прилеп му се оддолжи на Шарло со подигање спомен обележје во центарот на градот.

18 годишник е возачот кој усмрти жена, избегал од Македонија со татко му

СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со вчерашната сообраќајна несреќа на ул. „Народен фронт“ во Скопје околу 11:30 часот, во која патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С. (18) од Скопје, удри во Љ.Ј. (79) од Скопје, која почина од здобиените повреди, а возачот со возилото избега од местото на настанот.

-Веднаш по добиената пријава, полициски службеници презедоа мерки и активности за пронаоѓање на возачот и возилото. Преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите на околните објекти, како и изјави на сведоци, утврдено е дека се работи за патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а управувано од неговиот син С.С. (18). Возилото е пронајдено пред домот на сопственикот, а таму е затекнат С.С. (69), кој е приведен во полициска станица и со него е извршен службен разговор. Утврдено е дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј.(53) од Скопје, ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден, информира МВР.

Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторено кривично дело „помагање на сторител во извршено кривично дело“ по чл.365 ст.2 а во врска со чл.300 и 301 од КЗ.

Против возачот С.С. (18) е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по чл.300 ст.2, а во врска со чл.297 ст.1 од КЗ и за ,,неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода” по чл.301 ст.2, а во врска со чл 300 ст.2 од КЗ и се преземаат мерки за негово пронаоѓање и пронаоѓање на Б.С..

За двете лица распишана е потерница, а пронајдени се возилото „фолксваген пасат“ со кое е удрена жената и возилото „мерцедес“ со кое С.С. и Б.С. ја напуштиле државата и двете возила се одземени во полициска станица и известен е јавен обвинител за понатамошна постапка.

Василица во Terasa – спој на традицијата и модерната забава – Одберете убаво друштво и резервирајте!

Старата Нова година – Василица, е празник што носи посебна магија, радост и надеж за среќна година што доаѓа. Оваа година, Pub Club Terasa ве поканува да ја дочекате Василица токму онака како што прилега – во топла, празнична атмосфера, со богата трпеза, одлична музика и вистинско василичарско расположение.

Terasa е место кое е препознатливо по својата енергија, автентичност и способност секој празник да го претвори во незаборавна приказна. Дочекот на Старата Нова година не е исклучок – напротив, тој е симбол на спојот меѓу традицијата и современата забава.

За оваа вечер е подготвен специјален празничен пакет по цена од 1800 денари по лице, кој вклучува богато мени со внимателно селектирани алкохолни пијалоци, свежи салати, ордевер и месна даска со традиционални специјалитети. Секако, како дел од обичајот, на трпезата ќе се најде и неизбежниот бурек со паричка – симбол на среќа, благосостојба и добар почеток

Целата вечер ќе биде надополнета со одлична музика, позитивна енергија и пријатна атмосфера што ќе трае до доцна во ноќта. Василица во Terasa не е само прослава – таа е доживување кое се памети, споделува и прераскажува.

Доколку сакате Старата Нова година да ја дочекате во одбрано друштво, со квалитетна услуга и празничен дух каков што доликува, Pub Club Terasa е вистинскиот избор.

Местата се ограничени, затоа резервирајте навреме!

За резервации јавете се на тел.бр.: 070-304-967

Terasa – каде традицијата и добрата забава се среќаваат.

Викендов очекувајте снежна прекривка: Еве каде врнежите ќе бидат најобилни

Минималните утрински температури се под нулата во повеќе места, со најниска измерена температура од -3 степени во Скопје-Петровец и Пожаране, соопшти утрово Управата за јавни приходи.

Во Скопје-Зајчев Рид, Струмица, Гевгелија и Ѓуриште измерени се -2 степени, -1 во Куманово, Кавадарци, Велес, Тетово, Крива Паланка и Попова Шапка, 0 во Берово и Штип, 1 во Демир Капија и Виница, 2 во Mаврови Анови, Kрушево и Охрид, 4 во Претор и Битола и 5 степени во Прилеп и Тополчани.

Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи за изминатите 24 часа, до седум часот утрово, во Крушево наврнале 25 литри на метар квадратен, 20 во Маврови Анови, 17 во Охрид, 13 на Попова Шапка, 12 во Претор, 9 во Пожаране, 6 во Тетово, 5 во Прилеп, 4 во Битола, 2 во Тополчани, Кавадарци и Виница, како и 1 литар во Берово, Штип и Крива Паланка.

Времето денеска ќе биде променливо облачно време, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер, над 60 километри на час.

Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат само од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20 сантиметри, а во останатите места од 5 до 10 сантиметри.

Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9 степени.

Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 4 степени.

И оваа година за Водици во “Салида”: Еве како да се пријавите!

Соопштение од Општина Прилеп по повод престојниот христијански празник – Богојавление – Водици:

-Се известуваат сите верници дека, по повод христијанскиот празник Богојавление (Водици), чинот на големиот Богојавленски водосвет и фрлањето на Светиот Крст ќе се извршат во водите на базенот при хотелот „Салида“ (Аквапарк), на 19 јануари (понеделник), со почеток во 12:00 часот.

Пријавувањето за учесниците ќе се врши во Општина Прилеп (приемно одделение), со задолжителна копија од лична карта, на 12, 13 и 14 јануари (понеделник, вторник и среда), во периодот од 09:00 до 15:00 часот.