дома блог страница 67

Советот на општина Битола од утре започнува со електронски систем на гласање

Советот на Општина Битола утре ќе ја одржи 5-та редовна седница на која како што беше најавено ќе започне примената на електронскиот систем на гласање и на пленарните седници. Со ова како што вели претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, Советот на Општина Битола е прв пример со електронско гласање од општините во Македонија.

„Системот за електронско гласање е целосно изработен од вработените во ИТ одделението на Општина Битола, без ангажман на надворешни фирми и со 0 денари дополнителен трошок, односно нема никакви финансиски импликации кон буџетот на Општина Битола. Ова е уште еден чекор кон модерна, транспарентна и одговорна локална самоуправа, во интерес на граѓаните на Битола“ вели Бојкоски.

Советниците седницата ќе ја започнат со расправата по точката, односно одлуката за формирање на комисија за селекција на кандидати кои пројавиле интерес за членови во управните одбори и надзорните одбори за материјално – финансиско работење во јавните претпријатија основани од Општина Битола.

На дневен ред ќе се најде и одлуката за прифаќање и давање на трајно користење на движна ствар-патничко моторно возило за потребите на ЈОУ Зоолошка градина Битола, како и други одлуки во делот на надлежностите на Советот.

Едукативниот караван „ЕКО авантура“ на “Кожувчанка” и “Изворска Јуниор” со нови 60 претстави во училиштата и градинките низ цела држава

Детскиот театарски проект на Компанијата Кожувчанка и Изворска Јуниор – „ЕКО авантура“ продолжува низ целата држава. Уште 60 претстави и вкупно 14.000 деца како дел од едукативниот караван!

По извонредниот успех на проектот во Скопје, компанијата Кожувчанка со гордост го најавува караванот кој продолжува низ училиштата и предучилишните установи низ целата земја со нови изведби. А, „ЕКО авантура“ и натаму ја исполнува својата мисија. Преку театар, интеракција и игра таа ги едуцира најмладите за заштита на животната средина, рециклирање, создава здрави навики и учи на редовна консумација на вода.

Претставата е во продукција на Триангл, а во режија на Десанка Глигоријевиќ, која на разбирлив и забавен начин ги поврзува едукацијата и креативноста. Новата фаза предвидува можност и за двојазична изведба (македонски и албански), со што проектот станува уште подостапен и претставува редок пример на инклузивна, современа и образовна културна практика во земјата.

Како компанија, Кожувчанка со години вложува во општествено одговорни проекти што ги поддржуваат децата, најважните членови на нашето општество и нашатаиднина.

„Веруваме дека грижата за идните генерации започнува од најмала возраст, преку знаење, навики и вредности што ќе ја градат нашата заедничка иднина. Затоа се стремиме да ги поттикнуваме најмладите да учат, да истражуваат и да се развиваат со љубов кон природата, здравјето и средината во која живеат.“-изјавија од компанијата.

А со „ЕКО авантура“,Кожувчанка уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон образованието, инклузијата и одржливоста, поддржувајќи ја најважната задача – да ги подготвидецата за подобра и посвесна иднина!

Општина Прилеп воведе електронска наплата на даноци – брзо и ефикасно подмирување на обврските

Даночните обврзници – физички и правни лица во Општина Прилеп, од оваа година имаат можност своите обврски, комуналните такси и данокот на имот да ги подмират преку електронска наплата. Апликацијата Е-даноци www.edanociprilep.mk е поставена на веб-страницата на Општина Прилеп и овозможува, преку едноставна постапка и без физичко присуство во Одделението за администрирање на приходи, навремено и лесно подмирување на даночните обврски кон општината.

„Овој начин на електронска наплата е особено корисен за иселениците кои имаат имот на територијата на Општина Прилеп, а не се во можност физички да ги подмират своите обврски кон општината“, истакна Јованчо Шишкоски, раководител на Одделението за администрирање на приходи при Општина Прилеп.

Вкупниот процент на наплата на даноци за 2025 година во Општина Прилеп изнесува 60 проценти. Во текот на годината, општината има наплатено даноци и комунални такси во вкупен износ од 137 милиони денари. Иако процентот на наплата бележи континуиран раст од година во година, од Одделението за администрирање на приходи потенцираат дека даночните обврски треба да се подмируваат поодговорно, бидејќи токму од овие приходи се обезбедуваат услугите за граѓаните.

„По основ на данок на имот за физички лица, годишниот облог изнесува над 50 милиони денари, а за правни лица над 15 милиони денари. Кај комуналната такса – фирмарина, активни се околу 3.500 фирми со годишен облог од 15 милиони денари, од кои досега се наплатени 44 проценти. Во моментов, само околу 10.000 физички и 300 правни лица целосно ги имаат подмирено своите даночни обврски. По основ на комуналната такса – фирмарина, ненаплатени се над 50 милиони денари, при што околу 24 милиони денари се ненаплатени поради ликвидација или стечај на правни лица. Кај данокот на имот, ненаплатени се околу 60 милиони денари, од кои 15 милиони денари се застарени“, вели Шишкоски.

Законскиот рок за плаќање на данокот на имот и комуналните такси е 15 дена од приемот на решението. Доколку даночните обврски не бидат подмирени во предвидениот рок, Општина Прилеп ќе ги примени законските механизми за присилна наплата од физичките и правните лица.

Исто така им се соопштува на сите физички и правни лица дека согласно член 29, став 1 од Законот за даноци на имот кои до сега немаат поднесено даночна пријава, а притоа имаат промена во нивната имотна состојба, должни се да поднесат даночна пријава во просториите на Одделението за администрирање на приходи на општина Прилеп, во најкраток можен рок а најдоцна до 31.01.2026 година.

Побрзајте во општините, легализацијата на дивоградби трае до 03.03.2026

Општините ги информираат граѓаните дека Законот за постапување со бесправно изградени објекти (утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти) завршува да важи заклучно со 03.03.2026 година.

Поради тоа, преку соопштенија општините ги повикуваат сите граѓани, физички и правни лица, кои имаат поднесено барање за легализација на бесправно изградени објекти, а чија постапка е во прекин или предметот не е комплетиран, итно да се обратат до надлежните општински администрации со цел:

-да се информираат за статусот на својот предмет,

-да достават дополнителна документација доколку е потребно,

-и навремено да го комплетираат барањето пред истекот на законскиот рок.

Се нагласува дека по 03.03.2026 година, доколку предметите не бидат навремено дополнети и комплетирани, истите ќе бидат одбиени согласно законските одредби, а можноста за постапување по Законот ќе заврши.

Соопштенија од општините:

Мицкоски: Синдикатите ни ја одбија понудата да пораснат платите на административците за 8 посто годишно, или реален раст за 40 посто за 4 години

Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 говорејќи за барањата на синдикатите за повисоки плати откри дека по истиот принцип како што од самиот почеток на оваа Влада се потпишаа колективни договори со синдикатот во образованието и во здравството, се зголемија платите во МВР, Одбрана и се интервенираше во примањата на вработените во центрите за социјални работи, се водеа и преговори и за зголемување на платите на административните службеници за 8 посто годишно, или реален раст за 40 посто за 4 години, но истите преговори со репрезентативните синдикати пропаднале бидејќи, како што рече, некој бил политички заробен.

„Кога сето ова ќе се изанализира, повеќе од 90-тина проценти од вработените на коишто условно кажано им е работодавач Владата има колективен договор со Владата во период од четири години заклучно се 2028 година. Зошто 2028? Затоа што ние не сакавме да преземаме обврски за денот по нас. Ние сакавме кога ќе заврши мандатот на оваа Влада, до тука. Доколку ние бидеме следна Влада и потоа, тогаш ќе правиме нов колективен договор. И ни остана уште колективниот договор со административните службеници. Тоа се отприлика 7.700-7.800 вработени на коишто условно кажано Владата им е работодавач и тие се дел од тие административни службеници. Ние понудивме договор. Доаѓаа двата репрезентативни синдикати односно гранките на тие два репрезентативни синдиката доаѓаа и се договаравме. Нашиот последен предлог којшто го ставивме на маса кој беше? Платите на административните службеници, покрај тоа што законски мора да се зголемуваат согласно и пропорционално на зголемувањето на минималната плата, да се зголемуваат секоја година плус 8 проценти. Што значи тоа? Тоа значи да речеме, ако е 100 парички просечната плата на административните службеници, таа се зголемува за минималната плата износот, еве да речеме 2 илјади денари или 20 парички. Тогаш ќе биде 120 парички и ова се зголемува за 8 посто и така во 26-та, а истиот принцип и во 27-ма, истиот принцип во 28-ма или тоа би значело за 40% зголемени плати“, потенцираше Мицкоски.

Тој додаде дека единствениот услов на Владата се однесуваше на делот кај што ги регулира платите во општиот колективен договор потпишан од сегашното раководство на ССМ и поранешната министерка за социјална политика и труд кој е нејасно напишан и може да се толкува различно.

„Имавме еден услов. Општиот колективен договор, делот којшто ги регулира платите е нејасно напишан, потпишан од сегашното раководство на ССМ, од сегашниот претседател на ССМ со поранешната министерка во Министерството за социјална политика и труд, како што се викаше порано но, тој е истечен. Бидејќи, а сме се согласиле на тие состаноци и со нив дека тој дел е нејасен, може да се толкува и вака и така, да потпишеме колективни договори на ниво на гранка или на институции во коишто ќе кажеме дека тој дел на општиот колективен договор коишто ги регулира платите не важи. И така општиот колективен договор е истечен, за волја на вистината во преодните завршни одредби стои дека, до донесување на новиот и покрај тоа што овој општ колективен договор е истечен, останува во функција. Ние предложивме овој дел што ги регулира платите да речеме, не важи, туку ќе важи, новиот којшто им го понудивме, а во овие две-три години додека имаме колективен договор, оние беа задоволни од предлогот, беа задоволни од зголемувањето коешто требаше да следи, да преговараме нов општ колективен договор којшто ќе биде потоа некакво продолжение на тоа што сега ќе го договориме, од 2029 па натаму и на тој начин да го унифицираме добивањето на плати во делот на јавната управа. Тоа беше нашиот предлог, значи тие го прифатија ова, но не го прифатија овој дел во којшто ние бараме измена на општиот колективен договор. Зошто? Затоа што тука некој беше политички заробен, односно сакаше да нанесе штета“, потенцираше Мицкоски и додаде:

„Ова треба да го слушнат сите административни службеници, дека ние како Влада ова го нудиме и е на маса.“

Oбјавена програмата за карневалот “Прочка 2026” – се враќа детскиот карневал

Објавена програмата за Меѓународниот карневал “Прочка 2026”, кој оваа година ќе се одржи од 20 – 23 февруари.

Петок, 20 февруари 2026 – 12:00 часот

-Изложба на рачноизработени традиционални и современи маски (сурати)
-Свечено отворање и доделување признанија

Локација: НУЦК „Марко Цепенков“ – Ликовен салон

Сабота, 21 февруари 2026 – 12:00 часот

-Детска карневалска поворка
-Старт на дефиле: ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп
-Завршница и програма: Централна бина – Плоштад Методија Андонов Ченто

Недела, 22 февруари 2026-13:00 часот

-Меѓународна карневалска поворка
-Дефиле на маски и настапи на жонглери, кловнови, акробати и куклари
-Траса: НУЦК „Марко Цепенков“ – Булевар Гоце Делчев – Плоштад Методија Андонов Ченто – Централна бина

Понеделник, 23 февруари 2026-12:00 часот

-Одбележување на „Чист понеделник“
-Традиционален заеднички ручек со Здружението „Прилепски мечкари“

Локација: Манастир „Св. Ѓоргија“ – Присад

Maкедонското знаме високо на пиедесталот – Андреј Смилевски со сребро се врати од Атина во Прилеп (ФОТО)

Oд 22 до 25 јануари 2026 година, во Атина, Република Грција, се одржа Европскиот куп „Athens Challenge Tournament“, еден од најголемите и најмасовни кик-бокс турнири во Европа, на кој учество зедоа над 2.500 натпреварувачи од голем број европски земји.

Кик-бокс клубот „Ронин“ од Прилеп беше претставен од Андреј Смилевски, кој настапи во дисциплината LOW KICK, во категоријата до 63,5 килограми, каде што конкуренцијата броеше вкупно седум борци. Со одлични борби и сигурен настап, Смилевски го освои второто место, освојувајќи сребрен медал за Прилеп и Македонија.

Во првото коло од ждрепката, противникот од Израел не се појави во рингот, и покрај тоа што беше присутен во салата. Во полуфиналната борба, Смилевски покажа доминација и славеше победа со технички нокаут (ТКО) во првата рунда, по одлука на тренерот на противникот.

Финалната борба донесе македонска пресметка во срцето на Атина, каде што по неизвесен и борбен меч, Смилевски беше поразен со 3:0, со што се закити со сребрениот медал.

Од КБК „Ронин“ изразуваат големо задоволство од постигнатиот резултат и посветеноста на нивниот натпреварувач.

„Продолжуваме со посветена работа, со цел да градиме здрави млади луѓе и здрава нација, како и достојно да ги претставуваме Прилеп и Македонија на меѓународната спортска сцена“, порачуваат од клубот.

Прилеп домаќин на првиот „Лимонада Куп“ – меѓународен фудбалски турнир за млади

Прилеп ќе биде домаќин на првиот „Лимонада Куп“, меѓународен фудбалски турнир за млади фудбалери, кој ќе се одржи во сабота, 21 февруари 2026 година. Турнирот ќе собере реномирани фудбалски школи од Македонија и регионот и претставува значаен спортски настан за градот и за младинскиот фудбал.

На турнирот ќе учествуваат фудбалските школи на Wonderkids од Прилеп, П.А.С. Флорина од Грција, како и школите на ФК Вардар и ФК Пелистер.

Во рамки на „Лимонада Куп“, љубителите на фудбалот ќе имаат можност да проследат и меѓународен натпревар помеѓу фудбалските репрезентации до 15 години на Македонија и Грција, што дополнително го зголемува значењето и атрактивноста на настанот.

Турнирот се организира со поддршка на генералните покровители, наведени на официјалниот флаер, и има за цел промоција на спортот, фер-плејот, меѓународната соработка и правилниот развој на младите фудбалски таленти.

Првиот „Лимонада Куп“ ветува квалитетен фудбал, спортска атмосфера и вистински празник за младинскиот спорт во Прилеп.

Само на 20 години стана градоначалничка – најмлада во историјата на САД

Малото гратче Хендерсон во Ајова, кое во пошироката јавност е познато по необичниот годишен Фестивал на пржени животински тестиси, деновиве е во фокусот на американските медиуми поради својата нова градоначалничка. Дваесетгодишната Ева Фипс стана најмладата личност на оваа функција во моментов во САД, но и во целокупната историја на земјата.

Во интервју за Ју-ес-еј тудеј, Фипс сподели дека нејзината намера не била да стане дел од историјата, туку едноставно да му помогне на своето место. Не мислев дека ќе бидам дел од американската историја, мислев само да го водам мојот мал град, но сум толку горда на себе што не се заглавив и не се преоптоварив со тоа, изјави младата градоначалничка.

На изборите одржани минатиот ноември, Фипс успеа да го победи својот 45-годишен противник, возачот на камион Скот Шонделмајер. Победата беше извојувана со 31 наспроти 19 гласови, што ја потврди довербата на локалната заедница во нејзината визија. Овој успех се толкува како дел од поширок национален тренд во САД, каде припадниците на Зет-генерацијата сè почесто преземаат одговорни функции во локалните самоуправи.

Покрај Фипс, на оваа листа се најдоа и други млади лидери како 22-годишниот Том Нгујен во Канзас и 24-годишниот Сем Бигам во Пенсилванија, додека еден од најпознатите во оваа категорија е 34-годишниот градоначалник на Њујорк, Зоран Мамдани.

Животниот пат на Фипс започнал во државата Њујорк, но по разделбата на нејзините родители, таа одлучила да се пресели кај својот татко, ветеран од американската армија, во Ајова. Како што самата вели, брзо се заљубила во средината поради љубезноста на луѓето и подобрите образовни можности. Фипс матурирала во 2024 година, а истата година се соочила со загубата на својот очув и ментор, што било пресуден момент да се кандидира и да му се посвети на развојот на Хендерсон.

Во завршна фаза е новата улица во некогашните касарни во Битола (ФОТО)

Со поплочување на тротоарите продолжува изградбата на новата улица СРУ 5 во некогашната касарна.

Денеска увид во градежните работи изврши градоначалникот на Битола, Тони Коњановски со претставници од администрацијата одговорни за овој проект.

Градоначалникот беше информиран дека со оформувањето на тротоарите од двете страни на улицата кои се по 2,5 метри ширина, влегува во завршна фаза изградбата на оваа улица. Поставени се и коловозни рабници, но се чекаат погодни временски услови потребни да се исуши подлогата, а потоа да се асфалтира.

Беше кажано дека пред асфалтирањето ќе следува и средување на околината по должината на улицата, зазеленување и хортикултурно уредување. Taa има комплетната комунална инфраструктура ( атмосферска и фекална канализација и водоводна инсталација), а ќе добие и улично осветлување.

Се работи за новата улица која ги спојува улиците „Партизанска“ со „Крушевска Република“.

Вкупната сума изнесува над 9 милиони денари.