дома блог страница 65

„Кина низ културата: Прекрасниот Сичуан“ – Гала вечер во Битола

На 3. февруари 2026 (вторник) во 19:30 часот во Битолскиот театар, ќе се одржи исклучителна културна вечер што ги спојува традицијата и современата уметност на Кина, со Сичуанската и Пекиншката опера кои ќе претстават: народна музика, танц, боречки вештини, акробатика, легендарната уметност на менување лица.

Настапуваат: Сичуанскиот оперски ансамбл, Универзитет за уметности од Ченгду, специјални гости: Театар „Џингџу“ –Пекинг. Уметнички директор: Чен Џилин.

Оваа гала вечер е дел од европската турнеја „Кина низ културата: Прекрасниот Сичуан“ и симбол на културното пријателство меѓу Кина и Македонија. Претставата е визуелна гозба што ги спојува традиционалната и модерната кинеска уметност.

Од класичниот приказ на ,,Четирите легендарни убавици,, преку митовите во „Златниот мајмун ја пречекува пролетта“, танцот на ,,Кои Карп,, до магичната уметност на менување лица, програмата го прикажува уникатниот шарм на кинеската култура низ богат и разновиден сценски израз. Претставата комбинира врвна техника,сценска естетика и современа креативност, создавајќи искуство што ги плени очите, слухот и емоциите.

Влезниците се бесплатни, со тоа што мора да извршите резервација електронски или да подигнете влезници од билетара.

Линк за влезници онлајн:https://narodenteatarbitola.com/events/splendid-sichuan-2026/

Во битолската Зоолошка градина угина најомиленото животно на посетителите – живееше 40 години (ФОТО)

Зоолошка градина Битола информира дека почина Берта, нилскиот коњ кој повеќе од една деценија беше еден од најпрепознатливите и најпосетувани жители на оваа установа.

Берта зад себе остави долг животен век и богата историја. Пред да биде донесена во ЗОО Битола, речиси 40 години престојувала во зоолошките градини во Скопје, Белград и Виена, од каде што и потекнува. Во текот на својот живот има оставено потомство кое денес се наоѓа во зоолошките градини во Виена, Белград и Скопје.

И покрај длабоката старост, Берта до последните денови била во солидна здравствена состојба. Според информациите од ЗОО Битола, таа била под постојана ветеринарна нега и терапија, но природниот крај, карактеристичен за овој животински вид на оваа возраст, бил неизбежен.

Од Зоолошка градина Битола информираат дека веќе се преземаат активности современото живеалиште на нилскиот коњ да стане дом на нов жител, кој ќе биде нова атракција и радост за посетителите.

Берта ќе остане запаметена како еден од најдолговечните и најомилени жители на ЗОО Битола.

Општина Битола покажува како се вложува во спортот: 1 милион денари за подготовките на Рустемовски за Олимпијада (ФОТО)

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски објави дека синоќа имаше чест заедно со секретарот на општината Борче Димитровски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски да присуствува на манфестацијата „Спортисти на годината 2025“ на која двајца битолчани се закитија со ова престижно признание.

Боксерите од Битола Адријан Рустемовски е прогласен за млад спортист на Македонија, а Ален Рустемовски избран за спортист на годината на Македонија.

„Со ова уште еднаш Битола покажа и докажа дека е спортски град, а изградбата на боксерската сала е вистинска инвестиција на Општина Битола“ вели Коњановски.
Општина Битола ќе продолжи и во наредниот период финансиски да го поддржува Рустемовски.

Со 1 милион денари од буџетот, Општината ќе го поддржи на неговите подготовки за обезбедување пласман на Олимписките игри.

По 71-ви пат беа доделени спортските награди на најдобрите спортисти, тренери и тимови од Македонија за 2025 година, а беа доделени и 500 стипендии „Спортска надеж“.

Настанот го организираа Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија.

Денес се празнува Преподобен Антониј Велики: Честит именден Антонио, Антонија, Антон, Антоанета, Доне, Тони, Донка…

На овој ден именден празнуваат: Aнтонија, Антон, Антоние, Андон, Антоанета, Антонио, Доне, Дончо, Донка, Тони…

Египќанец, роден околу 250 година во некое село Кома, близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители си го подели наследството со својата малолетна сестра, ја згрижи кај некои роднини, својот дел им го раздаде на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посвети на подвижнички живот, како што тежнееше од детството.

Најпрвин, се подвизуваше во близина на своето село, но за да го избегне обеспокојувањето од луѓето, се оддалечи во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник помина дваесет години не дружејќи се со никого освен со Бога преку непрестана молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи со неискажливо трпение демонските искушенија.

Неговата слава се пронесе по целиот свет и околу него се собраа многубројни ученици коишто ги поучуваше со пример и слово на патот кон спасението. За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отиде во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на светиот Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокои во сто и петтата година од животот, а зад себе остави цела војска подражавачи и ученици.

Иако беше некнижевен, им беше советник и учител на најучените луѓе на неговото време, каков што беше свети Атанасиј Велики. Кога некои елински философи го искушуваа со книжевна мудрост, Антониј ги засрами со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени, философите се разотидоа, зашто видоа дека самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го има Антониј.

Тој е човек кој го достигна совршенството коешто воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој е воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразуваше себеси и само така можеше да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, свети Антониј се упокои во Господа во 335 година.

Сестрите близначки од Прилеп потпишаа за Вардар

Поранешниот финалист во Лигата на шампиони, екипата на ЖРК Вардар, ги ангажираше сестрите близначки од Прилеп, Ања и Мила Лашкоски.

Ања и Мила се ќерки на Рубин Лашкоски и Благица Лашкоска, поранешни македонски репрезентативци. Нивниот татко дел од својата кариера ја мина токму во Вардар, клуб со кој настапуваше во Лигата на шампионите и Купот на победниците на куповите.

Ања, која веќе настапи и на кадетското и младинското Европско првенство, покажа зрелост и борбеност што ретко се среќава на таа возраст. Нејзината посветеност и амбиција се доказ дека Вардар ја темели иднината во овие млади перспективни ракометарки. Станува збор за лево крило кое одлично игра во двата правци. На Европското првенство имаше одличен настап, беше избрана за МВП на натпреварот против Романија, а одлична е и во реализација на седмерци.

Заедно со нејзината сестра Мила, која е кружен напаѓач и исто така е дел од младинските репрезентативни селекции, овие две 17-годишни ракометарки ќе претставуваат засилувања на ЖРК Вардар за во сениорската и кадетската екипа.

Кузманоска му постави три прашања на Мицкоски

На денешната собраниска седница за пратенички прашања имаше обраќање пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Биљана Кузманоска, која упати три пратенички прашања до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Првото прашање кое го постави пратеничката Кузманоска беше за Законот за прекршоци, односно за проектот Безбеден град, во однос на тоа кој е ставот на претседателот за постапката на Зијадин Села за оспорување на законот и тврдењата дека е дискриминаторски, притоа пратеничката потенцираше дека проектот нема етничка, верска и политичка димензија и е од суштинско значење за безбедноста на граѓаните и воведување ред согласно европските стандарди.

„Најпрво сакам да се осврнам на Законот за прекршоци, познат како Безбеден град, од самиот почеток вие недвосмислено нагласивте дека овој проект нема верска, политичка или етничка димензија, тој е воведен со една единствена цел, заштита на човечките животи, зголемување на безбедноста и воведување на ред во јавниот простор согласно европските стандарди. Иако сеуште системот е во тест фаза веќе има конкретни и мерливи резултати. Тоа е најсилниот аргумент дека Сејф сити не е политички проект туку проект во служба на граѓаните. И токму затоа загрижува контрадикторното однесување на колегите од ДУИ кои јавно соопштија дека ќе го подржат законот, а потоа не гласаа за истиот. Дополнително нивниот коалиционен партнер Зијадин Села поднесе и претставка до Уставниот суд да го оспори законот тврдејќи дека овој закон бил дискриминаторски и насочен против Албанците. Сметам дека Закон кој спасува човечки животи не смее и не може да биде предмет на етничка манипулација“, вели Кузманоска.

Второто прашање беше во контекст на најавената набавка на 150 нови автобуси, во насока на тоа каков е планот и која е динамиката на развој, односно како ќе се распределат тие автобуси низ општините, посочувајќи дека оваа инвестиција е од клучно значење за подобар квалитет на животот на граѓаните.

„Оваа инвестиција е директно неповрзана со подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, заштита на животната средина и унапредување на јавниот превоз. Она што ја разликува оваа Влада од претходната на СДС и ДУИ е тоа што проектите се реализираат со јасен план и рамномерен регионален развој. Граѓаните очекуваат оваа инвестиција да не биде сконцентрирана само во еден дел од државата, туку да одговори на реалните потреби во сите општини“, рече Кузманоска.

Третото прашање се однесуваше на состојбите во судството, односно како претседателот го коментира сознанието за пронајдените 350 илјади евра кај судијата, дали верува во тоа дека парите се од неговите родители од продадена нива, истакнувајќи дека токму заради овие случаи довербата на граѓаните е многу ниска и нарушена.

„Вие јавно зборувате дека довербата на граѓаните во правосудството е сериозно нарушена и дека не може да има автоматско зголемување на платите на судиите и јавните обвинители без реални резултати, интегритет и одговорност. Јавноста беше сведок на апсење на судија од Врховниот суд поради примање на мито а најновата информација за пронајдени 350 илјади евра во готовина дополнително ја вознемири јавноста. Објаснувањата дека парите наводно потекнуваат од продажба на нива во најмала рака отвараат сериозни сомнежи и потреба од темелна проверка“, истакна Кузманоска.

Полицијата почна да се бори со дивоградбите во Прилеп?! Поднесена кривична пријава за прилепчанец

ФОТО/илустрација

Извадок од билтенот со дневни настани на МВР:

-СВР Битола поднесе кривична пријава против Ж. С. (44) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На 14.08.2025 во с.Ореовец, прилепско, полициски службеници утврдиле дека пријавениот започнал изградба на објект на земјиште во државна сопственост, без претходно одобрение за градба, издадено од надлежен орган – информираат во полицискиот билтен на МВР.

Вонредна вест: Владата извојува значајна победа во Брисел

Само што добив ОДЛИЧНИ вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како ПРОФЕСИОНАЛЦИ. Тоа е тоа што го баравме – напиша вицепремиерот Александар Николоски предмалку на социјалните мрежи.

-После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
Во прилог најзначајниот дел од неа.

Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем – стои во објавата на Николоски.

https://www.facebook.com/share/p/1LMKuaFUUR/

Комуналец Прилеп со молба до граѓаните и фирмите: Не фрлајте ѓубре во коритото на Градска Река (ФОТО)

Се замолуваат одредени граѓани и сопственици на бизниси, дел кои гравитираат околу градската река, отпадот да го собираат и го предаваат на комуналните работници, а не да го исфрлаат во градската река – апелираат од ЈКП Комуналец Прилеп.

Во апелот објавен на социјалните мрежи, се вели дека за 3 дена работа на комуналните работници, собрани се 98 црни вреќи со отпад, што според јавното претпријатие доволно говори за нашата култура на живеење.

-Комуналните работници темелно ја чистат Градската река покрај минорот, од отпадоци донесени со врнежите, но и купишта отпад исфрлени во коритото на зелените површини од несовесни граѓани. Секој отпад има свое место, а во општинава скоро на секој чекор е поставена комунална инфраструктура каде може да се одложи отпадот.Потребна е само желба за чистота, и љубов кон градот, стои во објавата на ЈКП Комуналец Прилеп.

Познато кој и за колку пари ќе го купи рускиот нафтен гигант „Лукоил“

Руската нафтена компанија „Лукоил“ објави дека постигнала договор за продажба на поголем дел од својот капитал во странство на американската инвестициска компанија „Карлајл груп“. Вредноста на оваа мега-трансакција се проценува на околу 22 милијарди долари.

Како што пренесува новинската агенција ТАСС, предметот на продажба е единицата „Лукоил Интернешнл ГмбХ“, преку која руската компанија управува со сите свои меѓународни средства. Реализацијата на договорот зависи од исполнување на низа регулаторни услови.

Од компанијата појаснуваат дека процесот мора да добие „зелено светло“ од САД:

„Договорот не е ексклузивен и неговата реализација зависи од добивање на неопходните регулаторни одобренија. Тоа вклучува и дозвола од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД.“

„Карлајл груп“ е еден од најмоќните глобални играчи во светот на финансиите, основан во 1987 година во Вашингтон, кој управува со капитал од неверојатни 426 милијарди долари.