дома блог страница 63

Oд денеска стартува „Безбеден град“, нема повеќе опомени

На територија на Скопје, Куманово и Тетово и на коридорите 8 и 10 од денеска стартува имплементацијата на системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци – „Безбеден град“. Во првата фаза системот ќе детектира четири типични сообраќајни прекршоци – непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување на возило со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола.

Во гостувањето во Дневникот на МТВ министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера подвлече дека системот Безбеден град не е за парично да ги оштети граѓаните, туку да спаси човечки живот плус. Тој воедно информира дека е донесен нов Правилник со кој е зголемен прагот на толеранцијата кон возачите во однос брзината на управување на моторно возило.

-Во изминатиот период имаше огромен број на забелешки затоа што во првичниот период немаше толеранцијата во рамки на опоменувањето на граѓаните и воведовме толеранција која што беше важечка во рамки на важечка легислатива од 6 км/ч кога управувате мотторно возило до 100, а над 100 тогаш 8км/ч. Правилникот кој е во надлежност на Министерството за енергетика, во консултација со екперти, професори, со луѓе од министерството за енергетика и од Министерството за внатрешни работи се измени овој правилник и стапи во сила во текот на вчерашниот ден со тоа што сега за брзини до 50км/ч останува како што беше и претходно, толеранција од 6км/ч. Тоа значи дека ако возите моторно возило таму каде што имаме знак од 30 км/ч, со 36км/ч камерата нема да ве евидентира за сторен сообраќаен прекршок, туку ќе ве евидентира од 37км/ч. Од 50 до 100 км/ч толеранцијата законски согласно новиот правилник е 9км/ч, тоа значи дека ако управувате моторно возило таму каде што е дозвилено до 50км/ч, со 51км/ч камерата ќе ве евидентира и ќе ви прати порака, односно ќе ве казни системот доколку управувате моторно возило со 60км/ч. Таму каде што имаме ограничување од 100км/ч а се управува возило со над 101км/ч моторно возило камерата ќе ве идентификува со толеранција од 12км/ч, значи таму би биле санкционирани доколку е дозовлено да речеме 100км/ч, а вие управувате на пример со 113км/ч. Овие толеранции се дефинирани во рамки на правилник под Министерството за енергетика и сметаме дека се апсолутно прифатливи се со цел овој систем да го заживееме се со цел да спасиме ден човечки живот повеќе, а притоа да ги увериме граѓаните дека целта не ни е казнување, туку целта ни е помалку повредени, помалку сообраќајни незгоди, помалку загуби на човечки животи – потенцира Тошковски.

Министерот во овој контекст најави и уште еден проект кој ќе се имлементира во наредните денови со поддршка на Македонски телеком.

-За сите овие прекршоци кои се сторуваат во рамки на толеранцијата, значи ако е забрането над 30км/ч од 30-36км/ч, ако е забрането над 50км/ч од 50-59км/ч ќе доставуваме информативна порака од страна на Министерството за внатрешни работи до секој еден граѓанин кој што ја пречекорил брзината со која што ќе им го привлечеме вниманието на граѓаните дека и покрај тоа што возат во рамки на законската толеранција која што е дозволена нема да има парична казна, односно нема да има прекршок, тие надминуваат над законски уврдената брзина со што доколку не дај боже било кој граѓанин управува моторно возило и стори сообраќаен прекршок со 55км/ч таму каде што е дозволено да се управува моторно возило максимум со 50км/ч и притоа повреди пешак со тешки телесни повреди, ќе одговара кривично – заклучи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Од Министерството за внатрешни работи потенцираат дека „Безбеден град“ претставува една од најзначајните инвестиции во сообраќајната безбедност во последните децении и дека системот е насочен кон оние кои свесно ги кршат правилата, а не кон совесните возачи. Според нив, камерите не простуваат, но и не дискриминираат – секој прекршок се третира исто, без разлика кој е зад воланот.

Согласно законското решение за санкционирање на пречекорувањето на дозволената брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. за 20 до 30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.

За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.

Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.

За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.

Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.

Во Прилеп се враќа стариот, незаборавен вкус! Нова локација, но истиот препознатлив вкус и мајсторија (ФОТО)

На локација спроти сала „Македонија“ веднаш до “Тобако”, вечерва свечено се отвора млечниот ресторан „Панефино“ – место каде што традицијата и мајсторската пекарска уметност повторно оживуваат.

„Панефино“ постоеше и порано, а прилепчани добро знаат дека ова име значи само едно: врвен вкус, свежина и совршено подготвени бели пецива. Денес, тој стар препознатлив вкус се враќа – на нова локација, во ново уреден и беспрекорно чист простор.

Ќе ве пречекаат меки и фини кроасани со најразлични полнења, слатки задоволства што се топат во уста, но и богата понуда од солени специјалитети – зелници, лиснати, пици, пецива и многу други свежо подготвени деликатеси.

Секое утро и преку целиот ден, „Панефино“ ќе биде вашето ново омилено место за вкусен појадок, ужина или момент на вистинско гастрономско задоволство.

Панефино – топло, меко, фино… совршено!

Повелете и почувствувајте го вкусот што Прилеп го памети!

Кривична за 27-годишно момче од Битола – Во ноќен клуб носел пиштол

-СВР Битола поднесе кривична пријава против И.Г.(27) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи’’. На 08.12.2024 во ноќен клуб во Старата чаршија во Битола, пријавениот неовластено и без дозвола држел во себе пиштол калибар 22 LR, кое претставува полуавтоматско огнено оружје. При извршени проверки констатирано е дека пиштолот има два фабрички броја – информираат од СВР Битола.

Уште една победа, но лидерите заслужуваат нова сала, а не да играат во училишна (ФОТО)

Екипата на прилепски МЕГА БАСКЕТ стигна до нова висока победа во Првата кошаркарска лига и останува на врвот од А-групата.

Вечерва во спортската сала во СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, на огромно задоволство на публиката, прилепчани славеа над Младинец со 118:84, или 34 поени разлика.

После 12 одиграни кола, Мега Баскет овој сегмет го одигра со 10 победи и само два порази, а на врвот во пресрет на последното коло ист број бодови имаше и Вардар, кој својот натпревар против Црн Дрим го игра утре.

После натпреварите од ова коло ќе биде формирана ТОП 8 групата (Плеј-оф), каде ќе се најдат по четири најдобри тимови од А и Б групата.

Секоја чест за момците од Мега Баскет, но срамота за надлежните, кои и покрај тоа што Прилеп конечно после долги години има тим кој може да избори пласман во Супер лига, не успеваат да се изборат кошарка да се игра во спортска сала каква што доликува, а не во школска. А ги имаме две – УНИВЕРЗАЛНА и сала “МАКЕДОНИЈА”, потребна е само желба и напор спортот да се врати во спортските храмови.

Ристески: Владата работи на економски раст, зголемување на животниот стандард и раст на сите плати

Мораме сите заедно да соработуваме во рамки на Економско-социјалниот совет за да ги решаваме прашањата кои се во насока на подобрување на економијата и животниот стандард на сите граѓани, вели заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

– Ние како влада и министерство за економија и труд спроведување голем број на мерки и активности за подобрување на животниот стандард и раст на сите плати. Изминатиов период се работеше на финансиска консолидација и стабилизација по еден навистина турбулентен период во економијата изминативе 7-8 години, имаме позитивни резултати и врз истите треба да ги градиме идните економски политики – кажа заменик-министерот Ристески во гостувањето во емисијата „Стадион“ на радио “Канал 77”.

Ристески додаде дека сите прашања се дискутираат на ЕСС и сите решенија треба да произлезат преку дијалог на инволвираните страни.

-Оваа Влада не поддржува ад хок решенија за важни економски прашања, истите не треба да се административно-политикантски одлуки со кои може да се нанесат и други потреси во економијата, туку истите треба да се производ на сериозен пристап, анализа на економските параметри и преговори на инволвираните страни. Токму овој несериозен пристап од минатата политичка гарнитура во јавниот сектор создаде хаотична ситуација со платите, каде истите се регулираат со разни колективни договори, правилници и одлуки, а како резултат на тоа имаме состојби каде денес во исти ресори, па дури и во исти институции, вработени на исти позиции да имаат различни плати, вели тој.

Ристовски укажува и дека на најголемиот дел од вработените во јавниот сектор веќе им се зголемени платите.

-Во делот каде ние сме работодавач, досега потпишани се колективни договори со кои на најголемиот број од вработените во јавниот сектор им се зголемија платите во повеќе сектори (образование, здравство, МВР, култура, социјалните центри…), а остануваат околу 7.300 вработени во министерствата. Ние како Влада предложивме скалесто зголемување и формула со која до 2028 година и на овие вработени би им се зголемила платата за околу 40 проценти – додаде Ристески.

(ВИДЕО) Го погоди песната и запеа – Која е омилена песна на поглаварот на МПЦ – ОА

Во редок случај кој досега не е забележан јавно, поглаварот на Македонската православна црква- Охридска Архиепископија откри која му е една од омилените песни.

Откако музичари на веселба ја засвиреле една од најубавите македонски песни и тој почнува да пее со нив.

Се работи за песната ,,Ако одам во Битола” која е забележана во видео кое го пренесува Скопје1.

Поглаварот Стефан која важи за еден од духовните столбови на македонската нација е роден во селото Добрушево, општина Могила, Битолскиот регион.

Неговото Блаженство Господин Господин Стефан е роден на 1 мај 1955. Неговата полна титула е Митрополит Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима.

Изворно име на Г.г Стефан е Стојан Вељановски. За поглавар е ракоположен
1999 од кога нема видео запис за негово пеење во јавноста.

Jaневска: Од март за 7,5% повисока плата во образованието

Предлог-законот за високото образование в понеделник ќе биде поставен на националниот регистар на прописи (ЕНЕР) за дискусија и давање предлози и сугестии. Тој е еден од пакетот три поврзани закони – покрај него, на ЕНЕР се очекува да бидат поставени и Законот за квалитет во високото образование и Законот за научно-истражувачка дејност.

-Во моментов интерес во академската заедница најмногу предизвикуваат критериумите за избор во звања, финансирањето на универзитетите и можностите за напредување на целокупната академска заедница, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања на настан за европската образовна програма Еразмус+ на Економскиот факултет на УКИМ.

Таа најави и покачување на платите на наставниците во март, согласно четиригодишниот договор меѓу Владата и СОНК.

-Така како што сме се договориле, не само за оваа година туку во сите четири години, наставниците ќе добиваат зголемување на платата – мартовската плата, всушност во април, ќе биде покачена за 7,5 проценти, рече Јаневска.

Денеска е зимен Атанасовден: Честит именден Атанас, Тане, Танаска, Насте…

Именден празнуваат: Атанас, Атанаска, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте…

Денеска православнот свет го чествува споменот на еден од најголемите борци за вистината во христијанството, Свети Атанасиј Велики. Во народната традиција, овој ден се смета за „пресвртница“ на зимата. Се верува дека токму денеска Свети Атанасиј ги соблекува своите дебели зимски алишта и ја облекува летната кошула, заминувајќи во планината за да го избрка мразот и да го повика пролетниот благодат.
Свети Атанасиј е моќен заштитник на сите кои се соочуваат со неправди, клевети и напади од лоши луѓе. Духовниците велат дека молитвата кон него носи „челичен штит“. Ако се чувствувате изгубено или под притисок, запалете свеќа и изговорете го неговото име, се верува дека неговиот дух дава неверојатна ментална сила и чист ум.

За да го повикате мирот и напредокот во вашиот дом, со векови се практикуваат неколку клучни работи на овој ден:

Утринава, испрскајте ги аглите од куќата со осветена вода. Се верува дека Свети Атанасиј ги „чисти“ домовите од насобраната негативна енергија во текот на долгите зимски месеци.

Денеска се подготвува богата трпеза, но иако не е посен ден, се препорачува умереност и благодарност. Обичајот налага да се поделат парчиња леб на соседите за „здравјето да кружи“.

Светителот е заштитник и на учениците и студентите. Мајките треба да се помолат за бистар ум на своите деца, за лесно да ги совладуваат пречките.

Според народните верувања, на овој ден никако не треба да се расправате и да викате. Се верува дека Свети Атанасиј не поднесува немир. Кој ќе се скара со ближните на 31 јануари, ризикува кавгата да го следи во домот цели 40 дена.

Не давајте и не земајте пари на заем. Старите веруваат дека ако паричникот ви се испразни на Атанасовден, тешко ќе го наполните до првото зеленило.

Иако е голем празник, во духовен смисла, треба да бидете активни. Планирајте ги новите проекти токму денеска, светителот ќе ви даде „ветер во грб“.

Се верува дека ако сонцето силно свети точно напладне, пролетта ќе дојде рано и со себе ќе донесе плодна година. Ако пак има мраз, тоа е знак дека Светителот ги „смрзнува“ сите болести и вируси за тие да исчезнат.

Николоски: Владата целосно застана во поддршка на транспортерите, направивме се’ и ЕУ сфати за каков голем проблем станува збор

Владата застана рамо до рамо со превозниците на граничните премини, Ги посетив јас, ги поддржа и премиерот и тоа е начинот на кој треба да се работи кога постои еден ваков сериозен проблем, кој можеше да предизвика несогледливи економски последици како за македонската економија, така и за целиот регион – истакна интервјуто за ТВ Сител, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Тој потенцираше дека во измината година направени се сериозни напори од Владата, обидувајќи се преку средби, разговори и писма, да го потенцира проблемот со превозниците и ЕУ конечно да сфати какви последици може да се предизвикаат доколку не се реагира.

“Преку година дена се обидуваме, што со заеднички писма преку други држави, што сами, што на директни средби, министерот за надворешни работи разговарал многу пати, премиерот на последната средба со Урсула Фон Дер Лајен го отвори ова прашање, јас во декември при посетата на Брисел. Но, кога се случи протестот на транспортерите, мислам дека сите сфатија за што се работи, затоа што ова не беше политичка одлука, ова беше бирократска одлука и мислам дека само ова беше начин, да сфатат дека ќе се случи огромен проблем кој што можеше да доведе до несогледливи економски последици и за регионот и за соседството на регионот и за ЕУ”– истакна вицепремиерот Николоски.

Тој се осврна и на чекорите на Владата во изминатите неколку дена, колку што траеа блокадите на граничните премини и реакциите соседството, кои први ги согледаа можните последици.

“Не случајно јас отидов во Хрватска пред два дена, не случајно со грчкиот министер разговарав три пати, не случајно вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија реагираше, не случајно вицепремиерот на Хрватска, ден по мојата посета одржа специјална прес конференција за оваа работа, затоа што силно ги афектираше и нив”– потенцираше Николоски.

Според вицепремиерот, заедничката и координирана активност го потикна решението за овој проблем, за кој доколку не се реагираше навреме можеше да ја погоди целата регионална економија.

По 3.000 денари за секое прваче од општина Прилеп

На денешната осма седница на Советот на Општина Прилеп беше усвоен Правилникот за доделување на еднократна парична помош во износ од 3.000 денари, за секое запишано прваче во основните училишта на територијата на општина Прилеп за учебната 2026/2027 година, за што од Буџетот на Општина Прилеп се издвоени два милиони денари.

Воедно, советниците ја изгласаа и измената на Правилникот за доделување на еднократна парична помош за новороденче, со што се продолжува рокот за поднесување на барањата од 45 на 90 дена за добивање на парична помош од 6000 денари за новороденчиња родени во 2026 година на подрачјето на општина Прилеп.

Советниците ги усвоија и одлуките за именување на членови во надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење, како и членови во управните одбори на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп, ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, ЈКП „Пазари“ – Прилеп, ЈП за ПУП – Прилеп, ЈСП – Прилеп и Јавното претпријатие за енергетски дејности „Енерго-Прилеп“ – Прилеп.

Дополнително, беше донесена одлука за утврдување на висината на месечниот надоместок за претседателите и членовите на надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење, како и за претседателите и членовите на управните одбори на јавните претпријатија во општина Прилеп.