дома блог страница 60

Возеле без возачки дозволи – Полицијата улови тројца возачи во Битола и еден во Прилеп

На 02.02.2026 во 13:45 часот на ул.„Кузман Јосифоски“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода А.И.(39) од с.Норово, крушевско. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „алфа ромео“ со крушевски регистарски ознаки, кое го управувал, при што било констатирано дека истиот возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Лицето било задржано во полициска станица, а возилото било одземено.

На 02.02.2026 во 15:33 часот на ул.„8 Септември“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Е.М.(43) од Битола. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „хјундаи“ со битолски регистарски ознаки, кое го управувал, било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Лицето било задржано во полициска станица, а возилото било одземено.

На 02.02.2026 во 14:31 часот на патот Битола-Демир Хисар, кај с.Кукуречани, битолско, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода М.А.(24) од Демир Хисар. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „бмв“ со демирхисарски регистарски ознаки, кое го управувал, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Лицето било задржано во полициска станица, а возилото било одземено.

На 02.02.2026 во 12:30 часот на ул.„Филип Втори Македонски“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Д.Б.(37) од Битола. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген голф“ со битолски регистарски ознаки, кое го управувал, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Лицето било задржано во полициска станица, а возилото било одземено.

На 02.02.2026 во 10:30 часот на патот за с.Бистрица, битолско, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Ш.Б.(34) од с.Острец, битолско. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген голф“ со битолски регистарски ознаки, кое го управувал, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Лицето било задржано во полициска станица, а возилото било одземено.

По целосно документирање на настаните, против лицата ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило”.

Силни кадровски засилувања во прилепската болница – Јовчески и со решение во ортопедија, ангажиран и нов анестезиолог

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп официјално информира дека по завршувањето на својот мандат како градоначалник, д-р Борче Јовчески – специјалист ортопед се враќа на работа во болницата и повторно станува активен дел од ортопедскo- трауматолошкиот тим.

Враќањето на д-р Јовчески е значајно за установата и за пациентите, затоа што ортопедијата е една од најбараните гранки во секојдневната болничка пракса – од третман на повреди и скршеници, до дијагностика и лекување на состојби на коски, зглобови и лигаменти. Неговото повторно ангажирање носи континуитет во стручната работа, дополнителна стабилност во тимот и можност за побрза и поефикасна ортопедска услуга, особено во делот на амбулантските прегледи, болничкото лекување и постоперативната грижа.

Истовремено, болницата добива и силно кадровско засилување во уште еден клучен сегмент: д-р Емилија Спасовска Златков – специјалист анестезиолог, која доаѓа од приватното здравство и се приклучува на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп.

Антезиологијата е столб на современото болничко лекување – неопходна за безбедно изведување оперативни зафати, ефективно управување со болката, како и за стабилизација и поддршка на пациенти во итни и комплексни состојби. Со доаѓањето на д-р Спасовска Златков, се очекува дополнително зајакнување на капацитетите во:

-подготовка и водење на анестезија за оперативни интервенции,
-подобра организација на хируршките програми и тимската координација,
-поголема безбедност на пациентите пред, за време и по операција,
-подобро третирање и контрола на постоперативната болка.

Овие засилувања имаат директно значење за целокупниот болнички систем, затоа што овие две области се тесно поврзани во практиката – особено кај хируршките интервенции и третманот на трауми. Со тоа, установата добива поголема функционалност, поквалитетна услуга и подобра подготвеност за зголемен обем на пациенти.

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп продолжува посветено да работи на јакнење на стручните тимови и унапредување на здравствените услуги за граѓаните на Прилеп и регионот.

Кога културата се гаси тивко: Министерството се откажа од Prilep Jazz Weekend во годината кога фестивалот треба да слави 15 години

Здружението за субкултура „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП“, организатор на фестивалот Prilep Jazz Weekend, ја информира јавноста дека Министерството за култура, по 14 години континуирана институционална поддршка, одлучи да не го поддржи фестивалот во годината кога требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание.

Соопштението од “ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП” во целост го пренесуваме во продолжение:

Оваа одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај. Prilep Jazz Weekend не е експеримент, не е моментален проект, не е лична иницијатива без континуитет. Тоа е фестивал со историја, со публика, со јасна програмска визија и со препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната слика на Прилеп и пошироко.

Затоа, логично се наметнуваат неколку прашања што заслужуваат јавен одговор:

-Дали културната политика на државата свесно оди кон централизација, со што систематски се укинуваат или маргинализираат културните настани во помалите градови?

-Дали континуитетот, квалитетот и публиката повеќе не се релевантни критериумипри распределбата на јавни средства?

-Дали комисиите што одлучуваат се навистина независни и стручни, или селекцијата се прави селективно, по неформални критериуми и под нечиј вкус, притисок или диктат?

Со вакви одлуки, културата надвор од главниот град не се развива – таа се гаси тивко, без објаснување и без одговорност. Ова не е само удар врз еден фестивал. Ова е порака до сите културни работници во внатрешноста дека нивниот труд е лесно заменлив или целосно небитен, без оглед на годините работа и резултатите зад себе.

Прашањето е едноставно:

Дали Република Македонија сака жива, децентрализирана култура, или култура сведена на неколку локации, неколку имиња и неколку „подобни“ проекти? Prilep Jazz Weekend ќе продолжи да постои затоа што зад него стои публика, идеја и упорност.

Но, јавноста има право да знае зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено кога тие доаѓаат однадвор од центарот.

Бараме транспарентност. Бараме образложение. Бараме одговорност. Затоа што културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка. Културата не е привилегија. Културата е право. И таа мора да биде достапна насекаде.

Има само 14 години, а веќе е шампион: Стефан од Битола е државен шампион на Македонија во мотокрос

Младиот мотокросист од Битола, Стефан Ѓорѓиевски, ја заокружи 2025 година со извонреден спортски успех, освојувајќи ја титулата државен шампион на Македонија во мотокрос, во класата MX 85.

Со сигурно, стабилно и зрело возење во текот на целата сезона, Стефан забележа низа победи и пласмани на подиумот, со што уште еднаш го потврди својот талент и потенцијал, вбројувајќи се меѓу најперспективните млади спортисти во државата.

Ѓорѓиевски е ученик во ООУ „Тодор Ангелевски“ во Битола, VIII-2 одделение, и успешно ги усогласува училишните обврски со интензивните тренинзи и натпревари. Неговата дисциплина, посветеност и искрена љубов кон мотокросот се клучните фактори кои го донесоа до шампионската титула и претставуваат уште една причина за спортска гордост на Битола.

Вреди да се истакне дека, и покрај значајните успеси, Стефан досега настапува без спонзорска поддршка, вложувајќи сопствени средства во својата спортска кариера. Тој се надева дека во иднина ќе добие соодветна поддршка, која ќе му овозможи континуиран напредок, учество на меѓународни натпревари и нови успеси надвор од границите на државата.

ЈП за ПУП Прилеп има нов директор

Jaвното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање – ЈП за ПУП, има нов директор.

Местото на Бранко Нешкоски, кој пред новогодишните празници поднесе оставка, ќе го преземе Игор Неделкоски досега вработен во Станицата за технички преглед “Автоконтрол”.

Неделкоски е релативно непознат за јавноста и ќе биде пред голем предизвик да управува со ова исклучително важно јавно претпријатие во градот.

Ниту починатите не се “раат” – Пукната цевка поплави гробови во старите градски гробишта во Прилеп (ФОТО)

Пукната водоводна цевка предизвикала поплавување на гробови во старите градски гробишта во Прилеп. На социјалните мрежи граѓаните чии најблиски почиваат тука, бараат надлежните итно да го решат проблемот.

Известување од Општина Прилеп за квалитетот на водата

Општина Прилеп ги известува граѓаните дека водата од мерно место локален водоснабдителен систем Алинци – двор – не е здравствено исправна, заради наод на бактерии од цревно потекло и не смее да се користи за пиење без претходно вриење од 10 минути. Неопходно е соодветно техничко решение за објектот со можност за редовна дезинфекција на водата.

Исто така водата од мерно место л.в.с. Старо Лагово – куќа до објект – на основа на извршените испитувања и стручната анализа примерокот одговара за употреба, но мора редовно да се хлорира и количината на резидуален хлор во мрежата да се движи во границите од 0,2-0,5 мг./л. вода.

Денеска го славиме најголемиот бранител на Православието – честит именден Максим

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 21 јануари.

Преподобен Максим Исповедник

Цариграѓанин по род и најнапред висок дворјанин на дворецот на царот Ираклиј, а потоа монах и игумен на еден манастир недалеку од престолнината. Најголем бранител на Православието од т.н. монотелитска ерес, која се изроди од ереста Евтихиева.

Имено: како што тврдеше Евтихиј дека Христос има една природа така монотелитите тврдеа дека Он има една волја. Свети Максим се спротивстави на тоа тврдење и се најде како противник на царот и на патријархот.

Но не се исплаши туку докрај истраја во докажувањето дека Господ Христос имаше две волји соодветно на двете природи. На негово настојување се одржа еден собор во Картагена, а друг во Рим.

И двата собори го анатемисаа учењето на монотелитите. Страдањето на Свети Максим за Православието е неописливо: малтретиран од кнезовите, измамуван од судиите, плукан од народните маси, тепан од војниците, прогонуван, затваран, а најпосле му ги отсекоа јазикот и раката и го осудија на доживотно прогонство во земјата Скитска, каде што три години помина во затвор, па Му ја предаде својата света душа на Бога во 666 година.

Директорот на Комуналец поднел оставка! Врел костен во рацете на новиот кандидат

Директорот на ЈКП Комуналец Прилеп, Рубин Абрашоски, поднел оставка од функцијата директор на јавното претпријатие, дознава Маркукуле.

Абрашоски стана директор на ова важно јавно претпријатие со промената на локалната власт во 2021 година, кога функцијата градоначалник ја презеде Борче Јовчески.

Во изминатите 4 години, Абрашоски се обидуваше да ги оправда очекувањата од прилепчани околу чистотата на градот и испорачување услуги како во минатото, кога Прилеп важеше за најчист град во Македонија.

Дали ги оправда овие очекувања, останува јавноста да суди.

Засега не е познато кој ќе ја преземе оваа важна директорска позиција во Прилеп.

Зошто PANEFINO се број еден – бесплатна достава, најдобра храна и уникатни пакети на производи по одлична цена

На локација спроти сала „Македонија“ веднаш до “Тобако”, oдново се отвори млечниот ресторан „Панефино“ – место каде што традицијата и мајсторската пекарска уметност повторно оживуваат.

„Панефино“ постоеше и порано, а прилепчани добро знаат дека ова име значи само едно: врвен вкус, свежина и совршено подготвени бели пецива. Денес, тој стар препознатлив вкус се враќа – на нова локација, во ново уреден и беспрекорно чист простор.

На купувачите им се освежи меморијата, затоа што ПАНЕФИНО одново ги понуди своите совршени производи, а веќе првиот работен ден млечниот ресторан беше полн со муштерии и се чекаше ред на каса.

Сопствениците ги пречекаа сите генерации со меки и фини кроасани со најразлични полнења, слатки задоволства што се топат во уста, но и богата понуда од солени специјалитети – зелници, лиснати, пици, пецива и многу други свежо подготвени деликатеси.

А што е тоа што особено ги изненади сите? Па ниските цени на белите пецива, кои ги има само тука, а тимот на ПАНЕФИНО се погрижи да понуди и одлични пакети за учениците, кои сега ќе бидат сити, а ќе заштедат и на џепарлак.

Покрај тоа ПАНЕФИНО нуди и бесплатна достава за секоја нарачка над 500 ден. Имате работни обврски со колегите, не можете да ги посетите, јавете се на телефонскиот број: 076 240 310 и ќе ви донесат совршено меки и толи бели пецива до адреса.

Епа нема вака на друго место во Прилеп!

Панефино – топло, меко, фино… совршено!

Повелете и почувствувајте го вкусот што Прилеп го памети!