дома блог страница 5512

ПОЧНА ИСПЛАТАТА НА ТУТУНОТ

tutun

 

 

 

 

 

 

Три откупни компании ја почнаа исплатата на тутунот, информира Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.
Почна исплатата на првите откупени количества минатата недела. Откупувачите се придржуваат на договореното да исплаќаат во рок од седум дена од преземањето на родот од кооперантите-тутунари, вели претседателот на Сојузот Данчо Милески.
Како што потврдува филијалата на Тутунска банка во Прилеп, исплаќаат три откупни компании: Сокотаб од Битола, Прилепскиот тутунски комбинат и Алијанса од Кавадарци.

Сите девет откупни претпријатија ги отворија пунктовите за откупот на тутунот од годинашнава реколта. – Тутун се откупува на 152 откупни пунка, односно на 186 ваги во земјава и откупуваат сите девет претпријатија. Досега просечната цена е 178 денари за килограм, истакнува Милески.
Реколтата иако помала, околу 23.000 тони, е со висок квалитет. Сојузот на тутунските здруженија смета дека цената треба да биде уште повисока, а забелешки имаат на пунктовите на прилепскиот тутунски комбинат.
– Во комбинатот не се проценува според квалитетот на тутунот. Имаме доста спорни бали тутун и со тоа се запознати во Министерството за земјоделство и во Инспекторатот, објаснува Милески.
Инспекторатот е на терен и ќе ги проверува сите спорни количества тутун за кои тутунарите не се задоволни со процената

ПИСМА Нецивилизиран адвокат

1112

Во ниту една цивилизирана и пред се демократски ориентирана држава на земјинава топка, каде се почитува словото на законот , од една и се води сметка за функционирањето на трите институционални столба (законодавна, извршна и судска власт), не е дозволиво личност од адвокатска фела, преку електронски медиуми да приложува тужби и со многу мала доза на елементарна култура да навредува личности од јавниот живот.
Тоа, за жал, во денешно време се случува во градот под Марковите Кули.
Во оваа прилика, само да потсетам, дека адвокатот само ги штити интересите на своите клиенти пред судските органи.
За жал, адвокатот, на кого несакам во оваа прилика да му го спомнувам името, покрај своите непримерни и крајно недолични изјави, се занесува како „шериф“ по прилепските улици и во некои случаи сака и физички да се премета со своите неистомисленици.
Институцијата градоначалник е јавна личност и истата се избира на непосредни локални избори на секои 4 години.
Не е етичко, особено од институција адвокат, преку електронските медиуми да испраќа писма со недолични и многу вулгарни зборови, против личност која се грижи и ги претставува интересите на своите граѓани и наљ повисоко, односно централно ниво.
Во оваа прилика, како обичен граѓанин, Ви поставувам две прашања и тоа:
– Како реагира Вашата клиентела на овие Ваши настапи, и
– Која Ви е целта, со овие нецивилизирани настапи пред прилепската јавност, која знае дека се работи за институција од јавен карактер, наречена градоначалник.

Според моја проценка, клиентот бара репрезентативен и елоквентен адвокат,
со богат вокабулар на зборови, со кои ќе го убедат лицето претставувано од судската власт дека неговиот клиент, со сите собрани материјални докази, заслужува минимална казна или, не дај Боже, со ваквите Ваши настапи, да добиете политички поени кај опонентите на институцијата градоначалник.
За жал, се лажете на двете мои поставени прашања. Вие, во буквална смисла на збоорот сте губитник на клиенти и политички поени.
Адвокатот се препознава по својата чесна и совесна работа и, се разбира по големиот број на судски спорови добиени во негова полза.
На крајот, се прашувам, од каде ги знаете македонските затворски услови?????

Дипл. Екк. Рубинчо Јованоски
Прилеп

Прекрасен новогодишен украс: Не ви требаат пари, а ќе ги израдувате дечињата

Почна украсувањето на домовите во пресрет на Нова година.


Сите украсуваат по свој вкус, но да бидеме реални најубавите украси се навистина скапи.

Еве прекрасна идеја за која не ви треба ниту денар, а ќе добиете прекрасни снешковци.

Потребни ви се бели чорапи, малку ориз, неколку копчиња и парчиња ткаенина. Сето тоа сигурно веќе го имате дома.

Доколку сакате снешко со помала димензија исечете го чорапот од отворениот крај. Остатокот наполнете го со ориз (можете да искористите и памук како полнеж) и закрпете го отворот.

Потоа определете од каде сакате да се двои главата и преврзете го чорапот со конец или парче ткаенина. Заврзете му шалче од парче ткаенина, сошијте копчиња на средината од снешкото, а од остатокот од чорапот може да му направите капче кое исто така ќе го зашиете за главата. За очите и носот може да искористите обоени циркони или зрна бибер.

На вашите дечиња сигурно ќе им се допадне.

Светиниколски турнир во мал фудбал, распоред на натпревари 15.12.2015г.

11111

РАСПОРЕД ЗА ВТОРНИК 15.12.2015
17.00 ДЕНИ МЕБЕЛ-ОРАНЈЕ ГРОЕП
17.50 ДУКАТ-ЕКОНОМСКИ ФАКУЛТЕТ
18.40 СТП АВТОКОНТРОЛ-АИРКОН
19.30 КАБЕЛНЕТ-НАПРЕДОК
20.20 КАБЕЛНЕТ-АЛЕКСАНДАР-МАКЕДОНСКИ
21.10 КАРГО ТЕКС-ЛАСТРАДА

РЕЗУЛТАТИ ОД ПОНЕДЕЛНИК 14.12.2015
ТЕА АНДРЕА-МАКЕДОНСКА ФАЛАНГА 3-0
МИТЕ ТРАНС-МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ 6-1
ЗОРО КОМПАНИ-ЕКОНОМСКИ ФАКУЛТЕТ 6-1
ЦРНА РЕКА-НВО РОМСКА СОЛЗА 4-0
ЦРНА РЕКА -ПЕРПЕТУМ МОБИЛЕ 7-3
КАБЕЛНЕТ-ИНФИНИТИ 3-2

Прилепчани се подготвуваат за патронот на градот – еве и какво време ни носи

2222

Во сабота на 19 демекември, православните верници во Македонија ја чествуваат најчестата слава во македонските домови, Свети Никола. Станува збор за посна слава па на трпезата ќе доминираат посна сарма, посно гравче, риба.

Во народното паметење овој лик  останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.

Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле…

Во животот на нашиот човек посебно значајно место има свети Никола Мирликиски – Чудотворец, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со домашни служби и со многу обичаи го празнуваат неговиот спомен. Иако повеќе се празнува денот на неговата упокојување 19/6 декември, (празник познат како зимски Св. Никола или Св. Никола – зимен), сепак внимание му се посветува и на денот на пренесувњето на моштите на св. Никола од Мир (во Ликија) во Бари (Италија) на 22/9 мај, (празник меѓу народот познат како летен Св. Никола, или Св. Никола – летен).

Овој важен лик од христијанската религија е роден кон крајот на III век во гратчето Патара во малоазиската област Ликија. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога  и пред луѓето. Неговиот чичко кој исто така се викал Николај и кој бил архиепископ патарски, согледвајќи ги позитивните карактеристики на младиот Николај ги наговорил родителите да му дозволат да се посвети на Бога и го произвел во  чин презвитер. За време на ракоположението епископот исполнет со пророчки дих во еден момент покажувајќи на младиот Николај извикал: “Браќа, јас го гледам новото сонце што изгрева над земјата и ветува утеха на сите потиштени. Блажено е стадото што ќе го има за пастир, зашто тој ќе ги приведе кон вистината заблудените овци, ќе ги пасе на пасиштето на благочестието и ќе биде помошник на сите страдалници”. Ова пророштво на стрикото Николај се исполнило, зашто младиот Николај подоцна навистина станал заштитник на сиромасите, но и помошник на сите што со верба му се обраќале. По смртта на стрико му кој бил архиепископ  свештениците од областа Ликија барале негова замена, но сите се увериле дека немале подобар од младиот Николај и го избрале за архиепископ Мирликијски. Како архиепископ Николај бил омилен меѓу народот, зашто секогаш ги помагал сиромашните, ги посетувал болните, ги штител затворениците и неправедно осудените, младите ги советувал, грешните ги упатувал на вистинскиот пат, робовите ги откупувал и ги пуштал на слобода, на ситомашните девојки им купувал мираз за да се омажат и тн.

По смртта на неговите родители кои што биле многу богати сето богатство што го наследил го разделил на сиромасите, но тоа го правел  тајно тргнувајќи од божјите зборови за добрите дела да не бара светска слава.

Житието раскажува дека во тоа време во градот Патара живеел некој човек кој што ненадејно го изгубил богатството и бидејќи не бил способен да се бори во животот бил решен и со нечесни средства да остварува средства за живот. Имал намера да ја жртвува дури и честа на своите три ќерки но во тоа го спасил св. Никола кој ноќно време низ прозорецот му дофрлувал пари. Со тие пари таткото ги омажил и трите ќерки, а кога разбрал кој му го дава богатството паднал пред  нозете на Никола и со солзи во очите му благодарил со зборовите: “Ако не беше те пратил Господ да не спасиш, јас не можев да одолеам на искушенијата,  ќе паднев во грев и ќе ја жртвував честа на моите ќерки.”

Кога за време на владеењето на царот Диолкецијан станале големи прогони на христијаните и Николај бил затворен и подолго време останал во темница. Но кога царот Константин го признал христијанството и кога ги ослободил сите затворени христијани и Николај бил ослободен и повторно се вратил на архиепископскиот трон. Учествувал и на Првиот веселенски собор во Никеја во 325 година каде што удирајќи му шлаканица го посрамотил еретикот Арие, кој се одделил од христијанството и проповедал друго учење.

По пронаоѓањето на светиот крст од страна на царицата Елена многу луѓе тргнале да ги посетуваат светите места. И архиепископот Николај тргнал на вакво патување, на кое се случиле многу чудни настани. Житието раскажува дека додека патувале по морето Николај претскажал големо невреме, но морнарите познавајќи ги метереолошките услови го исмевале велејќи му да не зборува за работи што не му се познати. Но кога набргу навистина фатило страшно невреме, кога се кренале големи бранови и кога сите очекувале несреќа Николај се помолил на Господа и бурата престанала. Вакви настани за време на животот на Николај се случиле повеќе, а тој и по смртта продолжил да ги заштитува патниците, посебно оние што патувале по вода.

Доживеал длабока старост и умрел во 342 година, откако скоро шест децении му служел на својот народ и на својот Господ. Бил погребан во соборната црква во Мир, а подоцна кога пред налетот на Исламот биле прогонувани христијаните, кога многу цркви настрадале и кога биле уништувани гробовите на светителите св. Николај му  се јавил во сонот на некој свештеник од Бари (Италија) и го замолил моштите да му ги пренесат во Италија. Во тоа времее црквите во јужна Италија и припаѓале на цариградската патријаршија. Потоа со многу свечености неговите мошти биле пренесени од Мир (Ликија) во Бари,  (Италија) во 1087 година, поради што и овој датум (22/9 мај) се смета за празник на Св. Никола.(св. Николај – летен). Преданието раскажува дека светите мошти во Бари биле пречекани од мноштво народ меѓу кој имало и многу болни, слепи, глуви, сакати, душевно болни и сл. кои што доживеале исцелувње

Култот на Св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IX век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, кои што како што стои во некои записи го викале “Ад’рбаба”, што значи јадар татко или голем татко.

Се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, но сепак во народното предание најповеќе е запаметен како господар на водите, на морињата, а со тоа и заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа, пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода.   Во македонските народни преданија се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на една штица. За цело време се молел на Бога да го спаси, а Господ не само што го спасил, туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел го назначил за заштитник на морепловците.

Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека “Свети Никола је на морињата – да варди луѓето од талазите на морето да не се удаат”. С. Тановиќ, пак во записите на обичаи и верувања од Гевгелиско на едно место забележал дека овој ден се празнувал “поради дождови и поплави”, а на друго место дека го празнувале рибарите и морепловците, дека секогаш бил на вода и ги држел клучевите од седум извори за да не се удават луѓето, зашто кога би ја пуштил водата сите би се удавиле. На Дојранското Езеро, на овој ден рибарите не влегувале во чуновите, а и во Солунскиот залив престанувал сообраќајот. И Е. Спространов  во обичаите од Охрид забележал дека Свети Никола бил тој “шо и поиљвит морињата. Тога, каде да се најт гемија или пампур останвит таму макар, стрет море да је, ќе се заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Свети Никола е фенерлија, праит чудесиј”.

Во македонските народни песни св. Никола е опејан како “стар свети Никола” кој може да го одмрзне и замрзнатото море, но и кој гради цркви и манастири: “Цркви гради стар свети Никола, /градил ги е од злато и сребро”. Стиховите, пак, од оваа песна во кои Св. Никола и се обраќа на златната рипка од дното на морето: “сребро, злато, цркви ќе дограда,/бесцен камен у олтар ќе става,/тебе рипке, курбан ќе те колам”, се во врска со обичајот да се јаде риба на празникот (особено на зимскиот прзник кој спаѓа во Божиковите пости) како и со обичајот во некои места за курбан да се готви риба-крап.

И во песната од зборникот на браќата Миладиновци се пее за делбата меѓу четирите светци: Св. Илија, Св. Никола, Св. Јован и Св. Петар: “На свети Никола што му паднало?/ Паднало му води и бродови, / му паднаа гемии по море, / он да имат, он да и повељат”.

И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како Св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината. Така на пр. во една приказна запишана од ѓаконот Јосиф, од манастирот Пречиста Кичевска, објавена во цариградскиот весник “Новини” кон крајот на минатиот век, се раскажува дека едно време другите светци му завиделе на св. Никола затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога. Бог ја примил поплаката и веднаш испратил два ангела да го повикаат св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале во стреде море како крепи една гемија готова да потоне. Му ја пренесле заповедта, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат ѓемијата на суво. Виделе-не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат  и со искинати алишта го одвеле пред Господа. Тука во тој момент биле собрани и сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како свети Никола треба да прават добри дела како што правел тој. Тогаш, се вели во оваа приказна, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел на четири години еднаш да му се празнува денот на 29 февруари.

Истражувачите на народниот живот истакнуваат дека многу елементи од обичаите и верувањата поврзани со Св. Никола водат потекло од претхристијанско време, но дека се задржани сите обреди, обичаи, жртвувања, и сл. кои биле поврзани со некогашниот претхристјански јунак на морињата, водите и ветровите.

За време на прзникот ќе преовладува претежно сончево и релативно топло време за овој период од годината.

 

Младиот волшебник на фудбалскиот терен, од кого многу се очекува. Интервју со Марјан Радески

Марјан Радески е супер талентираното фудбалско момче од Прилеп. Чекори кон подем, чекори кон голема фудбалска кариера, работи напорно и верува во себе. Низ моменталното сивило на квалитет во фудбалската репрезентација, ова момче дава сјај и ги потврдува сите пофални зборови, и целата блескава игра која ја прикажува и во својот клуб за кој настапува. Прилеп бил и порано расадник на вакви имиња, се надеваме дека Марјан е иднината на фудбалот не само за Прилеп, туку и за целата нација. Веруваме дека му претстои блескава фудбалска кариера и дека ќе го достигне врвот и височините на фудбалската слава. Денес Марјан Радески одговори на прашањата на маркукуле.мк
Здраво Марјан и добредојде на маркукуле.мк !

Фудбалот велат е главната споредна работа во светот. Така е во светот, така е и кај нас.

Како се заљуби ти во оваа магична игра и на колку годишна возраст започна да сонуваш за фудбал?

Moјата фудбалска авантура за започнав на осум годишна возраст. Првите чекори во фудбалот ги направив во фудбалската школа “ТОНИ” и се потоа одеше чекор по чекор.

Кога за тебе започна фудбалската авантура како професионален играч и каде за прв пат ги истакна своите фудбалски капацитети?

За прв пат шанса во Првата Македонска фудбалска лига добив во екипата на 11 Октомври, каде за прв пат и ги покажав своите можности и умешности со топката на попрофесионален начин. Таму тренери ми беа Дарко Крстески и Тони Наумоски. Првиот пак професионален договор го потпишав во екипата на Металург, каде и дебитирав со гол против Вардар.

Сега настапуваш за екипата на Шкендија, и постојано го има твоето име во листата на стрелците. Како беше пречекан Марјан Радески во оваа екипа, постои ли респект кон тебе и твојата игра, и колку навивачите на Шкендија знаат да ценат кога некој дава се од себе за нивниот тим?

Да моментално настапувам за екипата на тетовска Шкендија. Од навивачите сум беспрекорно ценет и почитуван, така да се е во ред. Имаме амбиции за двојна круна и сите сме насочени кон реализација на овој план.


Ситуацијата со македонскиот фудбал е релативно лоша. Несредена инфраструктура, немање финансии, лошо навивање и.т.н. Што е она што треба да биди императив на фудбалските власти во однос на средување на оваа ситуација?

Па видете искрено сметам дека Македонија поседува огромен потенцијал и талент за фудбал. Постојано имаме напредни деца кои умеат со топката. Но сметам дека ситуацијата во македонскиот фудбал треба најпрво да се подобрува инфраструктурно, па потоа се друго. Потребни ни се подобри терени пред се.

Настапуваш за младинската репрезентација, имаше настапи и за сениорската. Конкретно за младинската репрезентација, на што се должи овој напредок и одлични резултати, како што беше со Франција, Украина, Северна Ирска и што можеме да очекуваме од овие млади момчиња?

Со младинската репрезентација мислам дека можеме да дојдеме до нешто, кое на никој до сега не му успеало. Јас се надевам дека имаме шанса за пласман на Европско првенство за млади играчи. Тоа е тоа што со сигурност би требало да се очекува од нас.

За кој фудбалски тим навива Марјан Радески?

Мојот омилен фудбалски клуб е Арсенал

Имаш ли свои фудбалски идоли?

Да се разбира, омилен играч ми е Алексис Санчес.

Каде се гледаш во иднина, што е твојата цел во фудбалот?

Мојата моментална цел во фудбалот е освојување на двојна круна во македонската лига оваа година со мојот клуб Шкендија, а до година и да се претставиме добро како екипа и во европските натпреварувања.

Порака до читателите на маркукуле.мк

До сите читатели да го сакаат фудбалот, а до оние кои се занимаваат со него, топло им препорачувам напорно да тренираат, затоа што може да им донесе многу радост како ништо друго.

Подготви: Александар Георгиоски

Филмови кои мора да ги гледате во декември

Movie-Reel-650x396

Кога се намалува температурата, веднаш почнуваме да ги пребаруваме филмовите кои ќе ги гледаме во ладните денови. Па така, ако сте во потрага по добри филмови, топло ви ја препорачуваме листата на најдобите филмови кои ќе го обележат крајот на годината.

The Lady in the Van

Британска драма која ни ја открива вистинската приказна за пријателството меѓу Алан Бенет (Алекс Џенингс) и Мери Шепард (Меги Смит).

Macbeth

Адаптација на славната класика на Шекспир во која Мајкл Фасбендер ја игра улогата на трагичниот херој и Марион Котилард, неговата жена која го поддржува во лудата мисија да стане крал на Шкотска, оддамна е на нашата листа на must see филмови.

Youth

Пријателите Фред Белингер (Мајкл Клеин), пензиониран композитор на класична музика и Мик Бојл (Харви Кител) филмски режисер, додека одмараат на Алпите ни ги откриваат нивните животни приказни и мудрости кои човекот ги стекнува со текот на годините.

In the heart of the sea

Овој филм е драматична приказна за борбата на еден брод со големиот бел кит. Филмот е базиран на вистинска приказна, а се смета дека е заслужен за главната инспирација за сценариото на филмот Моби Дик.

The Big Short

Направен според книгата на Мајкл Левис, ни се прикажува приказната за инвеститорите кои во текот на 2000 години, поради актуелните ситуации на пазарот за недвижнини, успеале да стекнат големо богатство. Главните улоги ги толкуваат Кристијан Бејл, Стив Карел, Рајан Гослинг и Бред Пит.

Sisters

Комедија во која две сестри решиле да направат последна журка во куќата која нивните родители решиле да ја продадат.

Son of Saul

Сместен во Аушвиц, во текот на Втората Светска војна, филмот ни ја открива приказната за еден затвореник од еврејско-германско потекло кој одлучил да направи погреб за детето убиено во логорот…

Star Wars: The Force Awakens

Седмото продолжение се одвива 30 години после случувањата опишани во филмот Враќањето на Јети од 1983-та година.

45 years

Додека се подготвуваат да ја прослават своата 45-та годишнина од бракот, Кејт Мерсер (Шарлот Рамплинг) и нејзиниот сопруг Грег (Том Кортни) дознаваат дека е пронајдено телото на првата љубов на Грег која починала под трагични околности кои никогаш не биле разјаснети.

Where to Invade Next

Необичен документарец со прилично интересна тематика. Контоверзниот директор на филмот, Мајкл Мор, патува по светот за по угледот на останатите земји, наоѓа решение за проблемите во Америка.

Concussion

Ова е приказна за форензичарот и невропатолог д-р Бенет Омалу (Вил Смит), кој по откривањето на поврзаноста меѓу хроничната енцефалопатија (оштетување на мозокот) и фудбалските повреди, се обидува да ја спаси националната фудбалска лига.

The Hateful Eight

Приказна за осум ловци кои бараат заедничко засолниште во текот на снежната бура, додека во тек е граѓанска војна. Во филмот се појавуват Самуел Л. Џексон, Џенифер Џејсон Леи, Ченинг Татум и Курт Расел.

Излекувајте ги воспалените синуси со боровинки

borovinki-650x396

За време на есенските и зимските месеци воспалението на синуси може да биде навистина исцрпувачки. Боровниките ќе ви помогнат да го надминете овој проблем и значително да го подобрите дишењето.

Лековитото својство на боровинките им било познато уште на нашите прабаби кои ги користеле за различни цели. Тие на различни начини со боровинки успешно лекувале инфекции на уринарниот тракт, зголемен холестерол, запек, но и дијареа, пореметувања на видот и воспаление на синусите.

Имено, инхалацијата на синусите со боровинки успешно ќе ја активира циркулацијата, а со самото тоа и ширењето на крвните садови. Веќе со првата инхалација ќе ги почувствувате резултатите, бидејќи дишењето ќе стане полесно, а со самото тоа и вашите воспалени синуси ќе функционираат подобро. По третата инхалација полесно ќе го вдишувате воздухот, нормално ќе дишете, а полека ќе ви се врати и сетилото за мирис.

Начин на подготовка:

Во два литри зовриена вода ставете една рака боровинки. Поклопете со капак и оставете да отстојат, но не повеќе од пет минути.

Наведнете се над садот со боровинките, а со крпа покријте се преку главата и обидете се што подолго да се инхалирате.

Доколку не можете да ја изржите топлината, малку оддалечете се од садот и затворете ги очите.

Додека сте со главата над садот, полека вдишувајте длабоко низ нос, колку што можете, а издишувајте преку уста.

За да ги почувствувате вистинските резултати, потребни се три инхалации со боровинки три вечери по ред, непосредно пред спиење.

По инхалацијата не е препорачливо да излегувате на ладен воздух или да престојувате во загушлива просторија.

ВИДЕО: Направете интересни празнични декорации од хартија

dekoracii-hartija-1

Станува збор за евтини декорации, затоа што ќе ви треба само хартија, хефталка, гумени ластичиња, ножици, лепило и секако малку слободно време.

Направете интересни празнични декорации од хартија. Еве неколку идеи како да направите интересни празнични декорации и да го украсите вашиот дом.

Станува збор за евтини декорации, затоа што ќе ви треба само хартија, хефталка, гумени ластичиња, ножици, лепило и секако малку слободно време.

Погледнете ги видеата, сигурно ќе ви се допаднат.