дома блог страница 54

Се празнува чудото кое ја исцелувало византиската царица: Денеска е Положување на појасот на Пресвета Богородица

Празников е востановен во спомен на чудесното исцелување на византиската царица Зое, сопругата на Лав Мудриот, со посредство на појасот на Богородица што се чуваше до тоа време во Богородичната црква во Влахерна, Цариград.

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 31 август.

Денеска е Положување на појасот на Пресвета Богородица.

Празников е востановен во спомен на чудесното исцелување на византиската царица Зое, сопругата на Лав Мудриот, со посредство на појасот на Богородица што се чуваше до тоа време во Богородичната црква во Влахерна, Цариград. Подоцна, еден дел од овој појас беше пренесен во Грузија, во градот Зугдид, каде се чува до денес.

Совршен ден кај Градскиот Саат во Прилеп – Кој дојде имаше што да види, да проба и да купи (Фото галерија/Видео)

Во организација на “Слоу фуд Прилеп”, денеска на платото пред Градскиот Саат, градот под Марковите Кули по четврти пат беше домаќин на Фестивалот “Млеко 2025”.

Годинешната манифестација се реализира под мотото: Гласот на сточарите со цел да се акцентира работата и придонесот на сточарите и малите локални преработувачи на млечни производи кои ги пренесуваат автентичните вкусови на традиционалното сирење и други млечни производи.

Покрај производители на млечни производи, на настанот традиционално беа претставени повеќе производители на ракија, вино, рачни изработки, разни други органски производи и козметика.

Платото пред Саат кулата беше претворено во вкусна и шарена сцена, а стотиците прилепчани кои го посетија настанот дегустираа, се дружеа, уживаа во убавото време и староградската песна, и секако купија од се по нешто за дома.

Програмата ќе продолжи вечерва, кај Камената бина во центарот на Прилеп. Таму, дечките од Слоу Фуд Млади Македонија заедно со шеф Маре Јаневска ќе приготват Диско Супа – вкусна, креативна и по малку бунтовна супа, направена од намирници кои инаку би завршиле во отпад.

А додека супата се подготвува, сцената ќе ја оживеат Јана Мрческа & Баже – млади, енергични и полни со ритам. Ќе има песна, ќе има смеа, и ќе има порака: храната е премногу вредна за да се фрли.

Преку фотографии и видео ви пренесуваме дел од атмосферата:

(ФОТО) Започна асфалтирањето на ул.”Александар Македонски” во Прилеп

На ул. Александар Македонски” во Прилеп започна асфалтирањето на првиот дел од реконструкцијата на оваа улица – од кружниот тек кај ЈКП „Водовод и Канализација“ до раскрсницата кај градскиот стадион „Гоце Делчев“.

Според општинските власти, реконструкцијата на оваа улица ќе се одвива во раскрсницата “Чумовчанец”, или во должина од еден километар оваа улица ќе добие нов асфалт, замена на ивичњаците по целата должина и промена на сите шахти.

Реконструкцијата на улицата “Александар Македонски” e дел од годишната програма за рехабилитација на улици на општина Прилеп.

Синоќа во Прилеп отворена изложбата “Украс” од ликовната уметница Марјана Костојчиноска Узунчева (ФОТО)

Синоќа во Ликовна Галерија од ЦК”Марко Цепенков”во Прилеп  беше отворена изложбата “Украс” од ликовната уметница Марјана Костојчиноска Узунчева, која  отвора низа актуелни прашања во врска сo позицијата и третманот на жената денес и родовата (не)еднаквост, посебно во конзервативни и патријархални општества.
Инсталацијата се состои од навидум секојдневни предмети кои претставуваат своевиден визуелен код, како дел од нашето етнолошко богатство и културна традиција, но групирани и транспонирани на овој начин и во овој контекст се лишени од баналност и добиваат сосема поинаква, поширока димензија.
-Плетеници кои висат, килими, вазни…се само дел од предметите претставени на изложбата-инсталација, со кои се пренесува визијата на уметницата, која говори за традицијата преку сопствен современ уметнички израз, рече м-р Каролина Мицевска,на отворањето на изложбата.
На изложбата жените членки на Здружението Преродба плетеа, вклопувајќи се амбиентот на самиот проект..
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Колку постар толку подобар! Спектакуларен евро-гол на Несторовски за победа на Славен (ВИДЕО)

Екипата на Славен Белупо славеше над Истра во 6-то коло во хрватската Прва фудбалска лига, а најзаслужен за триумфот беше нашиот Илија Несторовски, кој со евро гол во 77-та минута му донесе вредни три бода на својот тим.

Прилепчанецот шутираше од работ на шеснаесетникот под пречката, удар кој беше неодбранлив за гостинскиот голман.

После ова коло Славен Белупо е трет на табелата со 9 бода и има 4 помалку од првиот Динамо и од Хајдук на втората позиција.

Спектакуларниот погодок на Несторовски погледнете го на 9:55 минута од видеото во продолжение:

Ристески: 30 год. дипломатски односи Македонија-САД, 30 год. пријателство и цврсто партнерство

Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи (13 септември 1995) меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Во чест на три деценискиот јубилеј се спроведуваат и планираат низа активности во двете држави, а централниот настан се одржа синоќа во Клубот на пратениците во Скопје.

На церемонијата  се обратија министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер, а присутни беа претседателката Гордана Силјановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министри, пратеници, градоначалници, претставници на Амбасадата на САД, на Армијата, бизнис заедницата, верските заедници.

На настанот присутен беше и заменик министерот за економија и труд од Прилеп, Марјан Ристески, кој на социјалните мрежи порача:

-Голема чест ми беше да присуствувам на одбележувањето на Голема чест ми беше да присуствувам на одбележувањето на 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу нашата земја и САД. 30 години пријателство, цврсто партнерство и одлични билатерални односи кои ги поврзуваат македонскиот и американскиот народ.

 

Николоски од Прилеп: Ќе го поврзeме градот со целосно автопатско решение

Синоќа на промоција на кандидати за советничката листа и промоција на кандидатот за градоначалник на општина Прилеп, се обрати потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Николоски ги посочи проектите и плановите кои треба да бидат спроведени во наредниот период соработувајќи со локалната самоуправа на Прилеп, со цел нивна реализација.

-Навистина имаме убави работи коишто ќе ги споделиме вечерва, работи коишто ги направивме изминативе 4 години во општината, но и многу планови за периодов којшто е пред нас и период во којшто заеднички со локалната самоуправа ќе работиме на реализација на навистина големи планови и големи проекти, изјави Николоски.

Николоски најави изградба на целосно автопатско поврзување на Прилеп, односно продолжување на истиот до Фариш со автопат кој ќе продолжува до Битола, што претставува целосна револуција на економијата и комуникациите на целиот регион.

-Вечерва ќе најавам, еве можам ексклузивно да го кажам пред вас дека имаме еден голем план на целосно автопатско поврзување на Прилеп, значи не само изградба на автопатот од Прилеп до Битола туку исто така продолжување на истиот до Фариш односно онаму кадешто сега во моментов завршува експресниот пат Градско-Дреново-Фариш, да продолжи кон Прилеп со автопат којшто би продолжил секако до Битола, што мислам дека ќе е целосна револуција и во однос на економијата и во однос на комуникациите на целиот регион“, истакна Николоски.

Преполна сала, Крушево добива нов градоначалник – Нико Чонески го обедини највисокиот град на Балканот (ФОТО/ВИДЕО)

Бизнисмен, фамилијарен човек и долгогодишен партиски активист – тоа е Нико Чонески. Крушевчани веруваат дека со неговата посветеност и љубов кон родниот крај, Крушево конечно ќе го заземе своето вистинско место – како град на културата, туризмот и гордите традиции, но и како модерен центар на нови можности.

Вечерва се одржа промоцијата на Чонески за кандидат за градоначалник на највисокиот град на Балканот од владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Во преполната сала во хотелот Монтана, Чонески се обрати до граѓаните, повикувајќи на сплотеност со цел еснафски развој на Крушево.

Говорот на Чонески во целост го пренесуваме во продолжение:

Од Крушево, од нашите китни села, Македонци, Албанци, Власи… ви благодарам за тоа што ни укажавте чест и можност да се претставиме пред вас.

Зошто јас?

Прашање на кое најпрво си одговорив на самиот себе, а сега треба да ви одговорам и вам. Одговорот кон мене се појави природно и инстиктивно. Всушност истиот сум го носел во мене целиот мој живот, тлеел скриен во неизмерната љубов кон секое сокаче, уличка, кафуле, места и случки.

Места што пробудуваат спомени на детски, другарски џагор, на први љубови, на среќни рожби и тажни испраќања. Крушево ме оформи мене како личност и ми даде се’ што имам, а јас секогаш чувствував, дека не сум му возвратил доволно.

Одговорот кон вас, зошто јас повторно е поврзан за минатото, затоа што познавајќи ме најголем дел од вас знаат, а останатите ќе се уверат за мојата чесност и неподмитливост.

Човек на кого непотизмот нема да му биде главен идеал, човек кој нема да дозволи да ве труе секогаш запалената депонија, кој нема да дозволи да нема вода за пиење, а кога ја има да биде загадена, човек кој верува во вас, кој знае какви домаќини сте во вашите домови, и дека може да бидете за вашите улици и маала, па така заедно да бидеме еден успешен градоначалник на Крушево.

Но исто така верувам во новата политичка реалност, верувам во заложбите и желбите на Владата, да помогне во реализацијата на многу проекти од типот на инфраструктура, урбанизам, општа хигиена, развој на туризмот, култура, грижа за младите, економски развој, и мн. др. сегменти.

Почитувани,

Непостои политичар во Македонија кој не го спомнал Крушево, востанието или Манифестот за да истакне одредена поента, па така и јас ќе го сторам истото. Но, јас би сакал да зборувам за тоа што се случувало во деновите по ослободувањето.

Крушевчани прогласиле Република, форма на општествено уредување, најдемократска во тоа време. Заедно со штабот избрале своја влада, со министри за повеќе ресори, не по пат на скапи кампањи, притисоци или уцени, туку еснафски кој за што го бивало.

Населението го зафатило еуфорија за општо добро, секој мислел како да придонесе материјално, идејно или физички. Мислејќи и на одбраната, а користејќи ги оние малку ресурси кои што ги имале, започнале сами да леат куршуми, а направиле и топ од цреша. Неслучајно ја одбрале црешата, тоа дрво отпорно на притисок, цврсто и инаетливо, исто како Македонецот.

Денес нам ни треба таа енергија, ни треба барем дел од одговорноста што ја имале тие луѓе тогаш. Ни треба нов, модерен топ, напревен од домаќинско работење, од правилно искористување на човечкиот капацитет, за од малку да направиме многу, од ништо да направиме нешто, а од доволно да направиме чуда.

Тоа мора да го направиме заедно, сплотени и единствени, Крушево да блеска, повторно сите да чујат за нас.

За еснафско Крушево!

Ќе биде вистинска штета да не го посетите овој настан утре во центарот на Прилеп (Фото галерија)

Утре (сабота, 13.09.) во Прилеп, по седми пат ќе се слави млекото, сирењето и луѓето кои стојат зад нив – сточарите. Тие кои со љубов и упорност ги чуваат стадата, ја негуваат традицијата и ни го даруваат вистинскиот вкус на нашата земја. Програмата за настанот е поделена во два дела, она што ќе се случува преку денот кај Градскиот Саат и вечерта на Камена бина на плоштадот “Александрија”.

Во текот на денот – кај Градскиот Саат

Од утро па сè до попладне, платото кај Градскиот Саат ќе се претвори во вкусна и шарена сцена:

🥛 ќе имате можност да поразговарате со повеќе производители на млеко и млечни производи од цела Македонија
🧀 ќе дегустирате сирења и млечни специјалитети
🌿 ќе откриете локални производи што совршено се спојуваат со нив
💬 ќе слушнете вистински приказни за предизвиците и радостите на сточарството

Ќе бидат присутни голем број изложувачи на органски производи од цела Македонија, меѓу кои:

Во рамки на дневниот дел, од 14 до 16 часот ќе се одржи конференцијата „Гласот на сточарите“ со два актуелни панела:

• Предизвици околу регистрација и продажба од куќен праг
• Човечки капацитети во сточарството

За атмосферата ќе се погрижи групата Романса, со звуците на староградската музика која секогаш носи доза носталгија и радост.
________________________________________

Вечерта – кај Камената бина

На зајдисонце, се селиме кај Камената бина. Таму, дечките од Слоу Фуд Млади Македонија заедно со шеф Маре Јаневска ќе приготват Диско Супа – вкусна, креативна и по малку бунтовна супа, направена од намирници кои инаку би завршиле во отпад.

А додека супата се подготвува, сцената ќе ја оживеат Јана Мрческа & Баже – млади, енергични и полни со ритам. Ќе има песна, ќе има смеа, и ќе има порака: храната е премногу вредна за да се фрли.

________________________________________

📅 13 септември 2025
📍 Прилеп – Градски Саат (дневна програма) и Камената бина (вечерна програма)

Дојдете да ја прославиме традицијата, младоста и иднината на нашето сточарство.

Фестивалот „Млеко“ е место каде што вкусовите, приказните и музиката се спојуваат во едно – а вие сте дел од таа приказна.

Во продолжение ви ги прикажуваме и останатите изложувачи на настанот:

 

Со низа настани во Прилеп ќе се одбележи “Европската недела на мобилност” – Ова е програмата

Општина Прилеп се приклучи кон ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ, водечката кампања за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност што секоја година се одбележува од 16 – 22 Септември и промовира промена во однесувањето во корист на активна мобилност, јавен превоз и други чисти, интелигентни транспортни решенија.

За таа цел креираше еднонеделна програма со интересна содржина, за чија реализација ќе се погрижат : граѓаните на Општина Прилеп, Здруженија на граѓани, Спортски клубови и Сојузи, Јавни претпријатија и други најразлични институции од градот.

16 СЕПТЕМВРИ 2025г (вторник)

Прес конференција во собраниската сала на Општина Прилеп и презентирање на програмата пред јавноста. На прес конференцијата ќе бидат присутни и ќе ги презентираат своите активности сите институции, НВО и спортски клубови кои се дел од организацијата на Европската недела на мобилност.

17 СЕПТЕМВРИ 2025г (среда)
Критична маса/Вело кино

Во изминатите години низ улиците на Прилеп еднаш во месецот во организација на ПРИЛЕП НА ТОЧАК се реализира манифестацијата Критична маса на која се собираат голем број на велосипедисти кои возат низ градските улици. Нивната цел е на самите учесници да им се долови (не)почитувањето на сообраќајните правила, интеракција со возачите на автомобили и интервенциите на полицијата.

Критична маса е возење точак! Се создава кога група велосипедисти ќе се соберат на едно место и заедно се возат по улиците од нивниот град.

Критична маса нема раководство. Тоа е возење каде никој не е главен. Секој е одговорен за себе и за Масата…..

На крајот од денот сите учесници ќе присуствуваат на проекција на филм, чија техничка поддршка ќе биде обезбедена од активностите на проектот „ПЕДАЛИ И ПРИКАЗНИ“ кој го реализираат здруженијата ФАК и GO GREEN.

18 СЕПТЕМВРИ 2025г (четврток)

Автобусите од градскиот превоз ќе возат бесплатно цел ден, а на патниците што ќе го користат јавниот превоз ќе им се делат флаери со претходно подготвена содржина на која ќе биде објаснето кои се предностите од користењето на јавен превоз во споредба со користењето на автомобили. Флаерите ќе ги делат учениците од сообраќајната паралелка при СОУ Ристе Ристески Ричко, кои преку целиот ден ќе бидат присутни во автобусите облечени во брендирани маички.

19 СЕПТЕМВРИ 2025г (петок)

Запирање на сообраќајот на Булеварот „Гоце Делчев“ од 18.00ч до 22.00ч и реализација на ноќна трка на 5 км низ прилепските улици. Организацијата и техничката поддршка на настанот е од Ориентациониот клуб „ЗЛАТОВРВ“ од Прилеп.

20 СЕПТЕМВРИ 2025г (сабота)

Сообраќајното одделение од СОУ Ристе Ристески Ричко заедно со претставници на одделението за сообраќај на МВР Прилеп ќе имат заеднички активности низ градските сообраќајници (запирање на возила и делење на флаери со подготвената содржина)

21 СЕПТЕМВРИ 2025г (недела)

„СИТЕ НА ВЕЛОСИПЕД 2025“

Групно возење на велосипед со старт од пред Реклами во 12.00Ч до Аеродромот во Коњари и назад. Настанот е во организација на ВК & сервис „ИЛИНДЕН “ – Прилеп на кој слободно можат да учествуваат сите љубители на велосипедот од Прилеп.

22 СЕПТЕМВРИ 2025г (понеделник)

ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ

Ќе биде запрен сообраќајот на главната сообраќајница на град Прилеп од 07.00 до 15.00ч.Во периодот додека е запрен сообраќајот на самата сообраќајница континуирано ќе се одвиваат активности координирани од страна на Сојузот за училишен спорт (СУС) – Прилеп во кој ќе земат учество училиштата, детските градинки, НВО, спортски Сојузи и спортски клубови со најразлични теми : прзентација за велосипедизам, презентација за планинарење, возење на ролери, презентација за сообраќајот и сообраќајни правила, тренинг на зумба клубот, ШАХ. ориентација, бадмингтон итн.