дома блог страница 52

1999 Победа – Перуџа, 2000 Победа – Парма, 2026 Победа – ликвидација? (ФОТО/ВИДЕО)

Во годината во која се навршуваат 26 години од гостувањето на тогаш ѕвездениот тим на калчолигашот Парма во Скопје, и 27 години од гостувањето на тогаш моќниот калчолигаш Перуџа во Прилеп, Победа ги живее најтешките моменти.

Со блокирана сметка, огромни долгови, речиси без играчи во своите редови, а сега и се откажа од настап во Втората лига.

Ќе се потсетиме на овие блескави моменти за македонскиот и фудбалот во Прилеп, кои и ден денеска будат емоции.

14 септември 2000 година во рамките на првото коло од Купот на УЕФА, Победа се соочи со ѕвездениот тим на калчолигашот Парма. Иако црвено-белите беа поразени во двата дуели, љубителите на фудбалот и денес се сеќаваат кој се гостуваше тогаш во Македонија.

Во редовите на Парма тогаш беа: Џиџи Буфон, Фабио Канаваро, Лилијан Турам, Серџо Консисао, Аморосо, Саво Милошевиќ, Жуниор и Марко Ди Вајо.

Оваа ѕвездена екипа против себе го имаше тимот кој на Прилеп му го донесе првиот трофеј во натпреварувачката 2000/2001 година освојувајќи го Купот на Македонија.

Во редовите на црвено-белите тогаш беа: Боби Тенев, Панче Ќумбев, Игор Николаевски, Благојче Нацев, Жилсон, Раде Каранфиловски, Панче Ристовски, Тони Наумоски, Николче Здравески, Дарко Диниќ, Сашко Крстев, Тони Мегленски, Горанчо Тодоровски и Влатко Стојчевски.

Натпреварот кој тогаш се одигра на Градски стадион во Скопје пред 9.500 публика, заврши со триумф на Италијанците од 0:2.

Стрелци на головите беа: Серџо Консисао во 23-та минута и Марко Ди Вајо во 74-та.

Како ли само моќно изгледале “Мајмуните”… морници по цела кожа….

Една година порано, на 11 јули 1999 година, во рамките на второто коло од тогашниот Интер Тото Куп, се сретнаа екипите на Победа и Перуџа. Пред 15.000 љубители на фудбалот, Победа се обиде да му се спротистави на италијанскиот калчолигаш и да го надмине резултатот од 1:0 кој Италијанците го имаа како предност од првиот натпревар.

Но, резултатот од 0:0 во Прилеп, беше доволен за Перуџа да се пласира во наредното коло.

Сепак, овој меч сеуште буди емоции, овој меч сеуште се памети од фудбалската јавност и ова е еден од ретките мечеви што претставуваат вистински спектакл и живеат вечно.

Погледнете како изгледал градскиот стадион “Гоце Делчев” на тој 11-ти јули 1999 година:

Која ќе биде судбината на клубот после откажувањето од Втора лига, и дали Победа ќе успее одново да застане на здрави нозе, останува да видиме во периодот кој следи.

Авто Контрол домаќин на состанок на РСБСП – се разговараше за унапредување на безбедноста на сообраќајот во Пелагонија

Во Прилеп се одржа координативен работен состанок помеѓу Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), м-р Горан Ангеловски, и претседателите и членови на општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) од Пелагонискиот регион – Битола, Прилеп, Кривогаштани, Новаци, Крушево, Македонски Брод и Демир Хисар, како и претставници на СВР Битола – Отсек за превенција.

На состанокот присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој даде поддршка на процесот за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Пелагонискиот регион. Целта на средбата беше унапредување на меѓусебната координација, зајакнување на организациските капацитети и дефинирање на приоритетните активности за наредниот период во областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Фокусот на состанокот беше ставен на планирањето и синхронизацијата на идните активности помеѓу централното, регионалното и локалното ниво, со цел поефикасно и покоординирано спроведување на националните политики, програми и кампањи за зголемување на безбедноста на сообраќајот. Притоа, беше нагласена улогата на РСБСП како републичко едукативно и советодавно тело на Собранието, како и значењето на општинските ОСБСП како клучни локални советодавни тела задолжени за имплементација на мерките, едукативните и превентивните активности во рамки на единиците на локалната самоуправа.

Преку отворена и конструктивна дискусија беа разгледани актуелните предизвици со кои се соочуваат општинските совети, можностите за унапредување на меѓуинституционалната соработка, како и потребата од засилен теренски ангажман, континуирана едукација на граѓаните и воспоставување систематски и одржлив пристап кон превенцијата на сообраќајните незгоди.

На крајот од состанокот беше истакнато дека оваа средба претставува почеток на поширок и структуриран процес на организација, координација и унапредување на работењето на локалните општински совети, како и интензивирање на спроведувањето на кампањите и превентивните активности на локално ниво. Крајната цел е опфаќање на сите категории граѓани со едукација и превенција, во рамки на нивните локални самоуправи.

Овие активности се директен резултат и продолжение на заклучоците и декларациите усвоени и потпишани од градоначалниците и претставниците на локалната самоуправа на Првата национална конференција за безбедност на сообраќајот на патиштата во локалната самоуправа, која се одржа во декември 2025 година во Скопје.

ПРЕСВРТ! Цело време се обидувавме да ја спасиме Победа, велат од општина Прилеп

По соопштението дека ФК Победа се откажува од настапите во Втората лига, а со тоа иднината на фудбалската легенда и расадник на таленти низ годините останува непозната, со соопштение излегоа и од општина Прилеп, од каде велат дека во ниту еден момент не престанале да преземаат активности за спас на клубот.

Соопштението од општината во целост во пренесуваме во продолжение:

Општина Прилеп со големо жалење ја прими веста за одлуката на раководството на ФК Победа за повлекување на сениорската екипа од натпреварувањето во Втората македонска фудбалска лига.

Како институција која е секогаш посветена на поддршката на локалните спортски брендови, сакаме да ја информираме јавноста дека Општината во ниту еден момент не престана да презема активности за спас на клубот, но во тој процес се соочи со сериозен и континуиран недостиг на соработка од страна на мнозинските сопственици. Иако локалната самоуправа постојано иницираше дијалог за изнаоѓање долгорочно решение, сопственичката структура не покажа подготвеност за заедничко делување, одбивајќи да постави легитимни органи на управување и извршен директор, што практично го доведе клубот во состојба на функционална парализа.

И покрај ваквиот однос, Општина Прилеп покажа искрена желба за помош преку донесување одлука за еднократна финансиска поддршка во износ од 1.000.000,00 денари. Сепак, нејзината реализација беше законски оневозможена првично поради распишувањето на изборниот процес, а потоа и поради алармантната состојба со блокираната сметка на клубот која е резултат на долгогодишно недомаќинско работење.

Официјалната документација која ние можеме да ја видиме открива разорен вкупен долг кон Управата за јавни приходи во износ од над 7.000.000,00 денари, кој вклучува неплатени придонеси за вработени во висина од 496.636,00 денари, неплатен ДДВ од 410.606,00 денари, долг за данок на добивка од 2.167.762,00 денари и персонален данок во износ од 1.986.538,00 денари. Тоа е долг само кон УЈП, не можеме да претпоставиме колкав е долгот спрема други приватни и државни субјекти. Исплатата на средства од Општина Прилеп секако немаше да може да се искористат за клубот, туку ќе завршеа во исплата на некои долгови на фирмата сопственик на клубот Победа.

Општината не смее и нема да дозволи буџетските средства на граѓаните да завршат како соучесник во покривање на вакви долгови, особено по сознанијата дека службени средства на клубот биле ненаменски трошени за уплати во казина, обложувалници и приватни потреби. При актуелната сопственичка структура, каде приватниот капитал поседува целосно мнозинство од акциите, одговорноста за финансискиот колапс и правниот вакуум е исклучиво кај сопствениците кои избраа пасивност наместо соработка со градот.

Нашата заложба за спас на ФК Победа останува непроменета, но единствениот пат напред е преку целосен и транспарентен увид во целокупното финансиско работење, бидејќи само на здрави и чесни основи можеме да го вратиме достоинството на овој клуб.

Општина Прилеп стои на располагање за помош, но средствата на граѓаните нема да дозволиме да се трошат за трошоци кои немаат врска со спортот, а Општината секогаш да биде дежурен виновник. Нашата желба за спас на прилепската гордост останува искрена и силна. Сепак, за каков било понатамошен чекор, Општината бара итен и целосен увид во целокупната финансиска документација и состојба на клубот.

Победа мора да продолжи на здрави основи, со чиста сметка и транспарентно управување, бидејќи само така ќе го зачуваме достоинството на клубот и на нашиот град.

Генсекот Ковачки од привиот ден се фати за работа: Почитувани членови повелете аплицирајте!

ВМРО-ДПМНЕ објави огласи за нови претседатели на општински комитити, претседателка на Унијата на жени, претседател на Унијата на ветерани и на Унијата на млади сили.

Информацијата вечерва ја објави новиот Генерален секретар на владеачката партија, Драган Ковачки, кој на социјалните мрежи порача:

-Почитувани членови на ВМРО-ДПМНЕ, согласното Одлуките на Извршниот Комитет, повелете Огласи за кандидирање на Претседатели на ОК, УЖ, УМС и УВ на ВМРО-ДПМНЕ. Истите се објавени денеска и на нашата веб страница каде ќе ги најдете и потребните обрасци за апликација.

Огласи

 

Еве зошто прилепското борење е на врвот во Македонија – Шест медали и пехар од Државното првенство во Штип (ФОТО)

На Државното првенство У23 во борење, одржано на 08.02.2026 година во Штип, натпреварувачките на Борачкиот клуб „7 Мај“ од Прилеп остварија одлични резултати.

Прво место освоија:

Викторија Стојаноска – 53 кг
Ангела Трајкоска – 55 кг

Второ место освоија:

Марија Вељаноска – 50 кг Кристина Цветаноска – 55 кг
Деспина Богеска – 57 кг
Оливера Мицеска – 59 кг
Тамара Цветкоска – 68 кг

Со овие резултати, Борачкиот клуб „7 Мај“ беше првопласиран во екипен пласман на првенството У23. Натпреварувањата продолжуваат и оваа сабота со сениорското првенство, каде ги очекува тесна и возбудлива битка за првото место во женска конкуренција.

Владиката Петар ќе чиноначалствува со света литургија во Прилеп за Денот на бакалите

Во четврток, на денот посветен на Светите Три Ерарси, а воедно и патрон на еснафот на Прилепските бакали, во храмoт Св. Благовештение – Стара Црква во Прилеп, ќе се богослужи света архиерејска литургија, со која ќе чиноначалствува нашиот високопреосвештен Митрополит Петар, во сослужение на преосвештените Епископи Климент и Никола.

Нека е за многу години!

Tрагичен ден за Прилеп! Ова никој не го очекуваше

Прилепската фудбалска гордост – ФК Победа, предмалку објави дека поради блокирана сметка и крајно лоша финансиска состојба, клубот не е во можност да го продолжи натпреварувањето во Втората фудбалска лига.

Соопштението од клубот во целост го пренесуваме во продолжение:

Почитувани,

Друштво за спортски активности ФУДБАЛСКИ КЛУБ “ПОБЕДА” АД – Прилеп со седиште во Прилеп на ул. „Александар Македонски“ бб со ЕМБС 6588689, ја известуваме фудбалската и спортската јавност:

Да ја појасниме моменталната ситуација во нашиот клуб, во месец април 2025 година дојде до промената на мнозинскиот акционер на нашиот клуб, новиот мнозински акционер, е со став дека не сака да го води клубот, па така на единственото легитимно и легално акционерско собрание не постави лица кои би раководеле со клубот и не назначи извршен директор.

Пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, во месец август се бараше заедничко решение со Градоначалникот и Општина Прилеп, па поради краткиот времески период за делување, се донесе привремено решение и се постави одговорно лице со цел клубот да продолжи да функционира до изнајдувањето на долгорочно решение. На советот на општина Прилеп беше изгласана одлука за доделување на еднократна финансиска помош во висина од 1.000.000,00 денари, која не беше исплатена поради распишувањето на локалните избори, истата до денес не е исплатена, што воедно беше и услов за клубот да се натпреварува во сезона 2025/2026 во ВМФЛ.

Во овој момент клубот е со блокирана сметка и во крајно очајна финансиска ситуација, поради што, ја известуваме јавноста дека, сениорската екипа на Ф.К. ПОБЕДА Прилеп не е во можност да го продолжи натпреварувањето во Втората Македонска Фудбалска Лига.

Со почит,

ФК ПОБЕДА!

Во Битола испокасано 2-годишно дете, во Прилеп ги има глутници на секој чекор (ФОТО)

Веќе станува АЛАРМАНТНО! Проблемот со кучињата скитници во Прилеп сега е распространет во речиси сите населби во градот, а граѓаните редовно ни испраќаат фотографии и видеа од цели глутници пред нивните домови.

Најновата поплака од граѓани е од населбата Марино Маало, каде деноноќно е присутна глутница од десетина кучиња скитници. Граѓаните стравуваат за своите најмали кои преку паркот на ул. “Петта Прилепска Бригада” одам на училиште.

Апел до новиот директор на ЈКП “Комуналец” Прилеп, ова да биде еден од приоритетите со кои ќе се занимава на стартот од својот мандат.

За потсетување, пред неколку дена во Битола, двегодишно дете беше испокасано од група кучиња скитници додека си играло пред својот дом.

Изградба на повеќе патишта и реконструкции на улици во 2026 во Битола

Општина Битола во тековната година освен своите програми, ќе реализира и проекти одобрени од вториот повик на Владата за изградба и реконструкции на патишта во населените места во општината.

Изградба на коловоз на локалниот пат од село Барешани до „Св. Меркуриј“, потоа реконструкција на коловоз на улици во Ротино, изградба на коловоз на локален пат во село Раштани, реконструкции на улици во селата Трн и Братиндол, реконструкција на коловоз на локален пат за село Горно Ореово.

Ова се проекти одобрени преку министерството за транспорт.

Со ова и Владата и Општината водат сметка и за подобрување на инфраструктурата и во руралните средини.

Видеолотарија Касинос Австрија го препозна и поддржа потенцијалот на Милијана Релиќ

Поддршката носи успех: Милијана Релиќ со нов бронзен медал

Видеолотарија Касинос Австрија обезбеди поддршка за настапите на македонската таеквондистка Милијана Релиќ на меѓународната сцена. Таа го освои третото место и се закити со бронзен медал на турнирот Австрија Г-1 Опен во Инсбрук.

Македонската олимпијка продолжува со успесите надвор од земјата. Викендов, Милијана Релиќ го освои третото место и се закити со бронзен медал на еден од најстарите и најреномирани таеквондо турнири во Европа – Австрија Г-1 Опен, кој се одржа во Инсбрук.

Настапувајќи во категорија до 62 килограми, Релиќ ја потврди одличната форма, надоврзувајќи се на бронзениот медал освоен минатиот викенд на Фуџарија Г-2 Опен во Обединетите Арапски Емирати. 

Видеолотарија уште во 2025 го препозна нејзиниот потенцијал и обезбеди поддршка за нејзините меѓународни натпреварувања. 

Со оваа поддршка, Видеолотарија Касинос Австрија уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон развојот на спортот и континуираната поддршка на македонските спортисти во нивните настапи на меѓународната сцена.