дома блог страница 46

Над 500 учесници ќе продефилираат во Прилеп на јубилејното 25. по ред издание на карневалот “Прочка”

Речиси 500 маскирани учесници ќе дефилираат во Прилеп на годинешниов карневал „Прочка 2026“. Карневалките свечености почуваат в петок со традиционалната изложба на маските, в сабота е детското карневалско дефиле, а в недела од 13 часот во центарот на Прилеп е дефилето на маските со учесници од Прилеп, од земјата и од странство.

– Карневалот „Прочка“ годинава е во знакот на јубилеите. Се одбележуваат 25 години од организираното одржување на карневалската поворка на Прочка“, а „Мечкарите“ се заштитната маска на карневалот, кои и го почнуваат дефилето и се одбележуваат и 100 години од првите „мечкари“ во Прилеп. Годинава се обнови традицијата карневалските дефилеа да бидат два дена, в сабота е детското карневалско дефиле, а в недела е централното и со учесници од странство – рече прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.

Здружението „Прилепски мечкари“ како организатор на карневалот со гордост истакнува дека ќе бидат пречекани гостите, а и челниците на Меѓународната асоцијација на карневалските градови.

– По повеќегодишна пауза, на карневалот ќе пречекаме гости – карневалски групи од Србија, од четири града, од Албанија, од Бугарија, а се најавени и од Грција и од Црна Гора. Оваа година е и голем јубилеј. Се потрудивме од прилепкиот архив и од постарите граѓани да најдеме и да потврдиме преку фотографии дека уште во 1920-1921 година имало веќе организирани поворки на „мечкарите“, што потврдува дека постоиме повеќе од 100 години. А поворката – карневалот во Прилеп слави јубилеј од 25 години. Ние постоиме и ќе постоиме зашто Прилеп на некој начин е љубител на тие „преправања“ – истакна Ванчо Ѓеорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.

Маската „Прилепски мечкари“ со целосниот обреден ритуал како посебност е заштитено нематеријално културно богатство од Министерството за култура уште од 2019 година.

– Се прават последните подготовки на карневалот. Отворено е пријавувањето на маските и за детскиот карневал в сабота и за централното карневалско дефиле в недела. Сето тоа е со цел карневалот да го има заслуженото место како културна манифестација што ги промовира традицијата и посебностите од ова поднебје. На најуспешните маски од изожбата в петок ќе им бидат доделени награди, како и на детскиот и на главното карневалско дефиле кога стручното жири ќе ги прогласи најдобрите маски. Радува фактот што се враќаат учесниците од другите градови и од соседните земји – рече Снежана Ристеска, советник за култура при локалната самоуправа во Прилеп.

Карневалската програма викендов ќе биде збогатена со настапи на жонглери, акробати, кловнови, пантомимичари. Рестораните и кафулињата ќе работат со продолжено работно време и секој ќе има организирано карневалска забава за гостите и посетителите.

Според традициите, в понеделник, во организација на здружението „Прилепски мечкари“, ќе се одржи посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во близина на Прилеп, со што ќе бидат одбележани чистиот понеделник и почетокот на велигденските пости.

Aко не селектираме, ќе плаќаме поскапо – Во Прилеп стигнаа новите канти од проектот за Регионално управување со отпад (ФОТО)

Нова пратка корпи за отпадоци за Општина Прилеп од проектот за Регионално управување со отпад.

Граѓаните кои не се вклучени во процесот на селекција ќе бидат навреме информирани кога ќе можат да склучуваат Договор со јавното претпријатие за доделување на две бесплати канти во зелена и жолта боја по принципот на селекција на сува и влажна постапка. Од вкупно 8.318 канти од 120 литри, досега за општинава се испорачани 6.175 – информираат од ЈКП “Комуналец” Прилеп.

Целосното соопштение во целост го пренесуваме во продолжение:

Остануваат за испорака уште 2.143 канти, за да се докомплетира бројката. Потоа, Советот на Општина Прилеп, ќе донесе Одлука со која истите ќе се отстапат на јавното претпријатие за да може да располага со истите.

Ова го информираме затоа што многу наши сограѓани се јавуваат да се информираат кога јавното претпријатие ќе започне да ги распределува кантите за селектиран отпад и мешан комунален отпад, каде во случајов потребно е да се запази и процедура.

Јавното претпријатие на почеток ќе направи повик до граѓаните кои не се вклучени во процесот на селекција на отпад да склучат договор со јавното претпријатие. Според планот и динамиката на распределба по населби, и евиденцијата за распределба по населби, најмал одзив имало во населбата Тризла и др. помали населби. Јавното претпријатие со лична посета на граѓаните од населбата ќе овозможи и жителите од населбата Тризла да се вклучат во процесот на правилно третирање и управување со отпадот, по принципот на селекција во две канти, со цел и насебата Тризла да добие ист третман како и останатите населби. Но сепак, останува желбата на граѓаните да се вклучат во проектот за селекција на отпад и менување на навиките во правилното третирање и управување со отпадот во оваа значајна населба за општинава, каде треба да се постават и испочитуваат принципите на правилно одлагање на отпад.

Она што го има како информација јавното претпријатие по започнување на Регионалното управување со отпад, цената на услугата ќе биде различна за оние домаќинства кои селектираат отпад, и домаќинствата кои не селектираат отпад, а ќе ја утврдува Регулаторната комисија за отпад.

Ова е долгорочен проект за правилно третирање и управување со отпадот, каде неминовно е испочитување на сите правила од сите чинители во општинава, со цел и понатаму Прилеп да го има приматот за најдобра општина со распределена и поставена комунална инфраструктура во интерес на општото добро на сите жители.

Предуслов за селекција на отпад е комунална инфраструктура и едукација на граѓаните, Прилеп ги има и ќе ги има дополнително двата предуслови, затоа сите заедно да се потрудиме и да правиме здрава и среќна средина.

Одлични вести! Од Македонија ќе се лета до две нови атрактивни дестинации

Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП ја проширува својата мрежа на дестинации со воведување на уште две нови авиолинии до најголемите острови во Италија – Сицилија (Палермо) и Сардинија (Алгеро), на Виз ер најголемата авиокомпанија во Северна Македонија.

Од 15 јули стартува линијата од Скопје до Палермо, со која Виз ер ќе сообраќа три пати неделно, секој понеделник, среда и петок, со достапни цени од 29,99 €, а од 18 јули започнува рутата Скопје – Алгеро, која ќе лета два пати неделно, секој вторник и сабота со достапни цени од 39,99 €.

Со започнувањето на овие две нови рути, Виз ер ја потврдува својата долгорочна посветеност на пазарот и дополнително го проширува своето присуство во земјата.

Летовите до двете нови дестинации се планирани како сезонски линии, односно ќе се реализираат до 11 и 12 септември.

„ Пресреќни сме што ви го претставуваме возбудливото проширување на скопскиот аеродром. Ова проширување не само што ја збогатува нашата понуда, туку им овозможува на нашите ценети патници фантастичен избор на патувања и флексибилност полесно да ги планираат своите патувања. Со воведувањето на низа нови линии, гордо ја потврдуваме нашата посветеност на растот и иновациите, отворајќи врати за нови партнерства, културни размени и полесен пристап до динамичните европски пазари. И ако мислевте дека сме застанале – не, ние штотуку започнуваме! Овие дестинации се вистински рај на земјата и ве очекуваат да ги откриете! Овој развој е доказ за нашата еволуција во значаен транспортен центар, каде што авантурата ве чека на секој чекор! Затоа, спакувајте ги куферите и подгответе се за нови прекрасни патувања – скопскиот аеродром е тука за да го издигне вашето патничко искуство на повисоко ниво“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.

„Овие нови рути од Северна Македонија ја одразуваат нашата посветеност да им понудиме на патниците повеќе опции за патување низ Европа. Воодушевени сме што ја прошируваме нашата Македонска мрежа со воведување нови директни врски со Италија. Овој развој создава поголеми можности за патување за патниците, а воедно обезбедува и повеќе можности за одмор и градски одмор. Поврзувањето на патниците со живи дестинации отсекогаш било наша цел и сме благодарни за растечкиот број македонски патници кои го избрале Виз Ер, рече Вера Јардан, менаџер за корпоративни комуникации во Виз Ер.

Во моментов, Виз ер нуди 45 линии до 41 дестинација во 17 земји од Северна Македонија. Во 2025 година, авиокомпанијата реализираше повеќе од 10.000 летови од и кон земјата, превезувајќи речиси 2 милиони патници. Степенот на реализирани летови од 99,48% е еден од највисоките во индустријата.

Новите рути од Скопје до Палермо и до Алгеро претставуваат директна поврзаност со две атрактивни медитерански дестинации, познати по својата туристичка понуда, културно наследство и економско значење. Со ова проширување, ТАВ Македонија продолжува со својата стратегија за зајакнување на европската поврзаност и отворање нови можности за патување, туризам и бизнис соработка.

Палермо и Алгеро се места што ја одразуваат душата на Италија. Во Палермо на Сицилија посетителите ги очекува богата историја, импресивни палати, катедрали и живописни пазари, нудејќи незаборавно патување низ културата и вкусовите на Сицилија.

Во Алгеро на Сардинија пак, туристите ќе можат да уживаат во мирот на средновековните улици и прекрасните морски пејсажи.

Уште една потврда за константниот раст на ТАВ Македонија е последната статистика за јануари, која покажува раст на двата македонски аеродроми. Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првиот месец од годината, заедно опслужија 289.584 патници на 2.009 летови. Изразено во проценти, тоа се 31% повеќе патнички сообраќај и 10% повеќе летови споредено со истиот месец, 2025 година.

Со актуелниот зимски ред на летање, на Меѓународниот аеродром Скопје вкупно 15 авиокомпании оперираат летови до 50 дестинации, додека на Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, 3 авиокомпании реализираат летови до 8 дестинации.

Со почетокот на летниот ред на летање, кон крајот на март, скопскиот аеродром ќе ја прошири својата мрежа на линии со уште две нови релации – кон Будимпешта и Неапол, додека охридскиот аеродром ќе добие нова линија до Милано. Во мај, Аустријан ерлајнс ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни, Виз ер ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави дека од месец јули од аеродромот од Скопје се воведуваат уште две нови авиолинии кон Алгеро Сардинија и кон Палермо.

Адвокати, доктори, економисти, музичари во трка за претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ

Уште два дена трае пријавувањето за прв човек на владеачката партија во Приле и останатите општини низ Македонија.

Местото е атрактивно, бидејќи отвара можност за напредок во кариерата и нови предизвици во македонското Собрание или во Влада.

Според високи партиски функционери, огромен бил интересот за оваа позиција, посебно по изјавата на новиот Генерален секретар Ковачки, дека конечно ќе се слушне гласот на партиската база при изборот на новите лица во партијата, и ќе се цени досега сработеното или несработеното.

МВР со детали – телото на Виктор пронајдено во кругот на болницата

По трагичниот исход од потрагата по 40-годишниот прилепчанец, од МВР излегоа со подетални информации. Од таму велат дека денеска (16 февруари) во 16:00 часот во СВР Битола било пријавено дека во кругот на Градска општа болница Прилеп е пронајден В.И. (40) од Прилеп без знаци на живот.

Од Итната медицинска помош била констатирана смрт, а за настанот бил известен јавен обвинител, по чија наредба телото е предадено на обдукција. Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Илиоски се водеше како исчезнат од саботата, 14 февруари 2026 година. Информацијата за неговото исчезнување на социјалните мрежи ја сподели неговата мајка, по што два дена прилепчани трагаа по него.

За жал, потрагата заврши со трагичен исход.

Виктор зад себе остави едно малолетно дете.

МВР не престанува да ги “лови” – Фатени двајца возачи кај с.Ропотово, едниот без возачка, другиот возел иако имал забрана

На 15.02.2026 во 15:00 часот на регионалниот пат Прилеп-Македонски Брод, во с.Ропотово, полициски службеници од Полициското одделение Ропотово го лишија од слобода М.А.(34) од с.Пласница. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со регистарски ознаки од Македонски Брод, кое го управувал и по преземени мерки било констатирано дека М.А. го управувал возилото и покрај тоа што имал активна забрана за управување со моторно возило.

Истиот ден во 23:35 часот во с.Ропотово, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Б.И.(33) од с.Ропотово. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „пежо“ со прилепски регистарски ознаки, кое тој го управувал и при преземани мерки е констатирано дека го управува возилото пред да се стекне со право за управување на моторно возило, односно без да поседува возачка дозвола. Тој е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.

По целосно документирање на случаите, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Еве што е градежен бум: Прилепска фирма гради комплекс вреден 12,5 милиони евра во Битола (ФОТО)

Во Битола во полн ек се работите околу изградбата на големиот хотелско-деловен комплекс „АТИК Премиум“ во Битола, инвестиција вредна 12,5 милиони евра, која ќе внесе нова динамика во урбаниот и туристичкиот развој на градот.

Комплексот се гради на атрактивна локација, на стотина метри од Широк Сокак, во непосредна близина на Градски парк Битола, Музеј на град Битола, Градски стадион Битола и населбата Златен рид. Станува збор за реон кој во изминатите години прерасна во една од најелитните градски зони, со нови станбени објекти, трговски центри и бројни содржини од јавен и комерцијален карактер.

Идниот хотел ќе располага со поглед кон Тумбе Кафе, локација која носи силна историска симболика и сведочи за различните цивилизациски периоди, од Отоманската империја до современото време.

Најголем придонес во реализацијата на овој значаен проект има прилепската градежна компанија ТВРДА ГРАДБА, која е ангажирана како изведувач. Со своето искуство и реализирани проекти, фирмата од Прилеп ја доби довербата за изведба на комплекс од ваков обем и значење, со што дополнително се зајакнува регионалната соработка меѓу Прилеп и Битола.

Инвеститори на комплексот се компаниите Премиум Пиво ДООЕЛ Битола и АТИК Премиум ДОО Битола, чии косопственици се Александар Талевски и Игор Колевски, партнери познати по реализација на повеќе станбени проекти во Битола. Финансирањето на инвестицијата е обезбедено преку сопствени средства и кредитна линија од реномирана банка.

Според инвеститорите, комплексот ќе има значајна улога за спортската и културната инфраструктура во градот. Тој ќе обезбеди сместување за спортските клубови и спортистите од Битола, како и за екипите кои доаѓаат од европските земји за меѓународните натпревари на РК Пелистер, ФК Пелистер и националните репрезентации. Дополнително, хотелот ќе понуди услови за престој и на гости поврзани со културни настани од домашен и меѓународен ранг.

Со почетокот на градежните активности, „АТИК Премиум“ се позиционира како еден од најзначајните приватни инвестициски зафати во Битола во последните години, а прилепската „ТВРДА ГРАДБА“ како клучен носител на изведбата на овој капитален проект.

Двајца прилепчани турнале сограѓанка од велосипед и ја ограбиле

На 15.02.2026 во 15:15 часот во СВР Битола, С.Д.(59) од Прилеп пријавила дека во близина на место викано „Маркови Кули“ во Прилеп, додека управувала велосипед, едно лице ја турнало од велосипедот, додека другото лице физички ја нападнало, при што и ја одзело чантата, во која имало пари.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

НАЈНОВА ВЕСТ: Трагично заврши потрагата по прилепчанецот Виктор Илиоски

Роднини и пријатели на социјалните мрежи се простуваат од исчезнатиот Виктор Илиоски од Прилеп.

– Син ми почина, стои во еден од коментарите на мајката Роза објавен пред малку.

Триесет и деветгодишниот Виктор Илиоски од Прилеп исчезнал во саботата попладне, а неговото семејство апелираше до јавноста за помош во потрагата по него.

Според информациите од блиските, Виктор последен пат бил виден на 14 февруари околу 14 часот. Во моментот на исчезнувањето бил облечен во тегет јакна (вентијага), црни тренерки и сиви патики.

Неговиот татко, 69-годишниот Д.И., во неделата попладне го пријавил исчезнувањето во полиција.

Виктор зад себе го остави своето малолетно дете.

“Комуналец” се пофали – ги измивме улиците (ФОТО/ВИДЕО)

ЈКП,, Комуналец’’ – Прилеп, успешно го реализираше ноќното миење на главните сообраќајници во градов – информираат на социјалните мрежи од јавното претпријатие.

Соопштението во целост го пренесуваме во продолжение:

Во првото ноќно миење беа опфатени главните сообраќајници во градов, а дел од граѓаните го испочитуваа барањето за отсранување на паркираните возила од тротоарите.Заложбата на јавното претпријатие во моментов е насочено кон подидигнување на хигиената во градов, и исполнување на Програмата за работа, со цел чиста и здрава животна средина. Се замолуваат граѓаните да ги подржат сите активности на јавното претпријатие и со коректно однесување да придонесат Прилеп да го има приматот најчиста и најзелена општина во Македонија.

Ги информираме граѓаните кои по објавата имаа свои барања, сугестии и критики до јавното претпријатие, дека во целост ќе се испочитуваат нивните барања, согласно временските услови и расположивите ресурcи, но ниту една улица нема да биде изоставена во динамиката за работа, а која е обврска на јавното претпријатие.

Бараме разбирање од граѓаните, зашто во моментов јавното претпријатие работи по приоритети.

Воедно, да појасниме дека Јавно промети површини се улици кои се ставени во Програмата за работа за одржување на ЈПП на територијата на општина Прилеп, а согласно формула за фреквенција на движење на возила и луѓе и оптоварување во сообраќај.

Да придонесеме сите чинители во општинава , и со одговорно однесување и организирано работење да направиме здрава и среќна општина.