дома блог страница 45

Докажан професионалец и човек што ќе расчисти со криминалот е назначен за директор на Водовод

Ѓоко Јочкоски е именуван за нов директор на ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп.

Станува збор за дипломиран машински инженер со долгогодишно работно искуство во ова јавно претпријатие, што претставува цврста основа за одговорно и посветено раководење во интерес на граѓаните.

Joчкоски доаѓа на местото на Игор Гулабоски, кој со ова јавно претпријатие раководеше во изминатите 4 години.

СИЗ издава убави дуќани под кирија во Прилеп

АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост ги информира сите заинтересирани правни и физички лица (домашни и странски) дека објавува Оглас за издавање на деловен простор по пат на електронско јавно наддавање, а во листата на достапни објекти има голем број и во Прилеп.

За повеќе информации посетете ја нашата веб-страна:
http://addelpro.mk/oglasi/tekovni

☎️или контактирајте не на телефонските броеви 02 3 226-072, 077 761 005, 076 482 349

https://www.facebook.com/story.php?story_fbid=122246662334273092&id=61558192786262&rdid=8wX14Xh0nsPwSCo0#

Со пари од унгарскиот кредит, во Прилеп започна да се уредува просторот околу поранешен хотел “Скопје” (ФОТО)

На просторот околу поранешен хотел “Скопје”, започна реализацијата на еден од проектите за кои Прилеп доби пари од Владата од унгарскиот кредит.

Станува збор за мини плоштад, со уредена пешачка патека и поставување на урбана опрема, со што овој дел ќе дојде како продолжение на плоштадот “Методија Андонов-Ченто”, ќе има повеќе простор за пешачење, а ќе се тргнат и возилата, кои често на овој простор се паркирани на сите страни.

Парите за овој проект општина Прилеп ги доби преку вториот Јавен повик за инвестиции во Општините од Владата, како дел од финансиската инјекција од унгарскиот кредит.

Покрај за реализација на овој мини плоштад, Прилеп пари доби и за следните проекти:

• Изградба на мост на улицата „Победа“ над реката Оревоечка
• Реконструкција на улицата „Орде Чопела“ – влез во градот од правец на Македонски Брод
• Комплетна реконструкција на улицата „Трајко Николоски“ – со електроинсталации
• Ново детско игралиште во центарот на градот (зад Участакот)
• Ново детско игралиште на улицата „Борка Спиркоски“ во Типската населба
• Изградба на водоснабдителен систем во село Лениште
• Реконструкција на главниот потисен цевковод за Индустриската зона и манастирот „Св. Димитрија“ во с. Селце
• Изградба на фотонапонска централа на објектот на Пречистителната станица
• Интеграција на дистрибуирани водоводни локации со SCADA и GIS системите
• Замена на дотраена водоводна мрежа – потег бул. „Гоце Делчев“ до ул. „Ленин“ (фаза хидротехника)
• Реконструкција на фасадата на ООУ „Рампо Левката“
• Поставување полуподземни контејнери на 21 локација низ градот

Шампионките од Прилеп ја темпираат формата во Косово (ФОТО)

Девојките од прилепскиот боречки клуб 7-ми Мај: Анастасија Карапејоска, Тамара Цветкоска, Викторија Стојаноска и Ангела Трајкоска, деновиве се на подготовки во Качаник, Косово, каде интензивно работат на сила, техника и издржливост со цел да ја задржат врвната форма.

Со дисциплина, посветеност и шампионски дух, тие се подготвуваат за продолжението од сезоната и нови предизвици што следуваат.

Шампионките не запираат – тие секој ден стануваат уште посилни!

„Мајмуни“ со жестока порака: Кој ја уништи ФК Победа – време е за имиња и презимиња!

Навивачката група „Мајмуни“ излезе со јавно соопштение на социјалните мрежи, во кое истакнува дека вложиле сериозни напори за да помогнат во спасувањето на ФК Победа, но обидот, како што велат, не вродил со плод.

Клубот од Прилеп неодамна се откажа од натпреварување во Втората лига поради наталожени долгови и финансиски проблеми, со што уште еднаш се отвори прашањето за одговорноста и иднината на еден од најпрепознатливите спортски брендови во градот.

Во својата Фејсбук-објава, „Мајмуни“ посочуваат дека застанале зад секоја организација која била подготвена да помогне, но под услов ниту еден член од претходната управа да не биде дел од процесот до крајот на сезоната. Според нив, тоа било прифатено, но сепак не довело до посакуваниот исход.

Навивачите тврдат дека бил обезбеден тим кој, како што наведуваат, можел да се бори најмалку за бараж, но дека одредени структури го спречиле тоа. Во објавата упатуваат директен повик за јавна одговорност, барајќи транспарентно да се соопшти „кој, колку и каде наштетил“ на клубот.

Дополнително, од групата обвинуваат дека со години се давале ветувања за спас на Победа, но без конкретни резултати, при што вината се префрлала од една на друга страна.

Во постскриптумот од објавата, тие наведуваат и неофицијална информација дека Општина Прилеп ги побарала назад клучевите од градскиот стадион, што дополнително ја продлабочува неизвесноста околу иднината на клубот.

Состојбата со Победа повторно ја разбранува спортската јавност во Прилеп, а навивачите најавуваат дека нема да се откажат од барањето одговорност и расчистување со, како што велат, сите кои придонеле клубот да се доведе во ваква состојба.

(ФОТО) На 15 метри од училиште, на 10 од станбена зграда, на 5 од продавници за храна

Слика која не ѝ доликува на урбана средина. Контејнери преполни со отпад, ѓубре расфрлано на сите страни, непријатна миризба и потенцијална опасност по здравјето на граѓаните – и тоа во непосредна близина на училиште, станбени објекти и продавници за храна.

Ова не е изолиран случај, туку слика што сè почесто се гледа низ улиците на Прилеп. Прашањето е – до кога?

Граѓаните апелираат до надлежните од ЈКП Комуналец Прилеп итно да ја подобрат динамиката на собирање на отпадот и да преземат конкретни мерки за одржување на хигиената во градот. Чистата животна средина не е луксуз, туку основна потреба.

Прилеп заслужува чисти улици!
Граѓаните заслужуваат почит!
Децата заслужуваат здрава околина!

Време е за побрза реакција и поодговорен однос.

Предупредување од Здружението на автошколи Прилеп

Кои се последиците од возење без положен возачки испит или возење без важечка возачка дозвола?

За лицето кое вози казна затвор од три месеци до три години и парична казна

За сопственикот на возилото одземање на возилото ако знаел или бил должен да знае дека лицето кое вози нема право да го управува возилото

Сопственикот на возилото НЕ смее да го даде на управување своето возило:

-на лице кое нема положено возачки испит,
-нема важечка возачка дозвола,
-лице кое е уморно или болно или се наоѓа во таква психичка состојба што е неспособно за сигурно управување со возило и
-е под дејство на алхохол или дрога

Горенаведеното важи за сите сообраќајни површини како што се патишта, паркинзи, вклучувајќи ги и полигоните за почетно оспособување на кандидати за возачи каде е ДОЗВОЛЕНО кандидатот за возач да управува возило од авто школа само под надзор на возач инструктор.

За карневалот “Прочка 2026”, три дена продолжено работното време на кафулињата и рестораните во Прилеп

По повод одржувањето на меѓународниот карневал „Прочка 2026“, работното време на угостителските објекти во градот се продолжува за 2 часа, согласно чл.23 од Законот за угостителска дејност: „Советот на општината, односно Советот на градот Скопје, за одредени туристички, културни и друг вид манифестации, содржани во годишните програми, можат да го продолжат работното време најмногу за два часа, за угостителските објекти од ставот 1 на овој член, но во времетраење најмногу до три дена.

Продолженото работно време се однесува само за деновите на одржување на карневалот, односно од петок 20 февруари до недела 22 март 2026 година.

Одлуката за продолжувањето на работното време на угостителските објекти за меѓународниот карневал „Прочка“ е донесена од Советот на општина Прилеп, на седницата одржана на 29.02.2016 година и таа се’ уште е со важност.

Над 500 учесници ќе продефилираат во Прилеп на јубилејното 25. по ред издание на карневалот “Прочка”

Речиси 500 маскирани учесници ќе дефилираат во Прилеп на годинешниов карневал „Прочка 2026“. Карневалките свечености почуваат в петок со традиционалната изложба на маските, в сабота е детското карневалско дефиле, а в недела од 13 часот во центарот на Прилеп е дефилето на маските со учесници од Прилеп, од земјата и од странство.

– Карневалот „Прочка“ годинава е во знакот на јубилеите. Се одбележуваат 25 години од организираното одржување на карневалската поворка на Прочка“, а „Мечкарите“ се заштитната маска на карневалот, кои и го почнуваат дефилето и се одбележуваат и 100 години од првите „мечкари“ во Прилеп. Годинава се обнови традицијата карневалските дефилеа да бидат два дена, в сабота е детското карневалско дефиле, а в недела е централното и со учесници од странство – рече прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.

Здружението „Прилепски мечкари“ како организатор на карневалот со гордост истакнува дека ќе бидат пречекани гостите, а и челниците на Меѓународната асоцијација на карневалските градови.

– По повеќегодишна пауза, на карневалот ќе пречекаме гости – карневалски групи од Србија, од четири града, од Албанија, од Бугарија, а се најавени и од Грција и од Црна Гора. Оваа година е и голем јубилеј. Се потрудивме од прилепкиот архив и од постарите граѓани да најдеме и да потврдиме преку фотографии дека уште во 1920-1921 година имало веќе организирани поворки на „мечкарите“, што потврдува дека постоиме повеќе од 100 години. А поворката – карневалот во Прилеп слави јубилеј од 25 години. Ние постоиме и ќе постоиме зашто Прилеп на некој начин е љубител на тие „преправања“ – истакна Ванчо Ѓеорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.

Маската „Прилепски мечкари“ со целосниот обреден ритуал како посебност е заштитено нематеријално културно богатство од Министерството за култура уште од 2019 година.

– Се прават последните подготовки на карневалот. Отворено е пријавувањето на маските и за детскиот карневал в сабота и за централното карневалско дефиле в недела. Сето тоа е со цел карневалот да го има заслуженото место како културна манифестација што ги промовира традицијата и посебностите од ова поднебје. На најуспешните маски од изожбата в петок ќе им бидат доделени награди, како и на детскиот и на главното карневалско дефиле кога стручното жири ќе ги прогласи најдобрите маски. Радува фактот што се враќаат учесниците од другите градови и од соседните земји – рече Снежана Ристеска, советник за култура при локалната самоуправа во Прилеп.

Карневалската програма викендов ќе биде збогатена со настапи на жонглери, акробати, кловнови, пантомимичари. Рестораните и кафулињата ќе работат со продолжено работно време и секој ќе има организирано карневалска забава за гостите и посетителите.

Според традициите, в понеделник, во организација на здружението „Прилепски мечкари“, ќе се одржи посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во близина на Прилеп, со што ќе бидат одбележани чистиот понеделник и почетокот на велигденските пости.

Aко не селектираме, ќе плаќаме поскапо – Во Прилеп стигнаа новите канти од проектот за Регионално управување со отпад (ФОТО)

Нова пратка корпи за отпадоци за Општина Прилеп од проектот за Регионално управување со отпад.

Граѓаните кои не се вклучени во процесот на селекција ќе бидат навреме информирани кога ќе можат да склучуваат Договор со јавното претпријатие за доделување на две бесплати канти во зелена и жолта боја по принципот на селекција на сува и влажна постапка. Од вкупно 8.318 канти од 120 литри, досега за општинава се испорачани 6.175 – информираат од ЈКП “Комуналец” Прилеп.

Целосното соопштение во целост го пренесуваме во продолжение:

Остануваат за испорака уште 2.143 канти, за да се докомплетира бројката. Потоа, Советот на Општина Прилеп, ќе донесе Одлука со која истите ќе се отстапат на јавното претпријатие за да може да располага со истите.

Ова го информираме затоа што многу наши сограѓани се јавуваат да се информираат кога јавното претпријатие ќе започне да ги распределува кантите за селектиран отпад и мешан комунален отпад, каде во случајов потребно е да се запази и процедура.

Јавното претпријатие на почеток ќе направи повик до граѓаните кои не се вклучени во процесот на селекција на отпад да склучат договор со јавното претпријатие. Според планот и динамиката на распределба по населби, и евиденцијата за распределба по населби, најмал одзив имало во населбата Тризла и др. помали населби. Јавното претпријатие со лична посета на граѓаните од населбата ќе овозможи и жителите од населбата Тризла да се вклучат во процесот на правилно третирање и управување со отпадот, по принципот на селекција во две канти, со цел и насебата Тризла да добие ист третман како и останатите населби. Но сепак, останува желбата на граѓаните да се вклучат во проектот за селекција на отпад и менување на навиките во правилното третирање и управување со отпадот во оваа значајна населба за општинава, каде треба да се постават и испочитуваат принципите на правилно одлагање на отпад.

Она што го има како информација јавното претпријатие по започнување на Регионалното управување со отпад, цената на услугата ќе биде различна за оние домаќинства кои селектираат отпад, и домаќинствата кои не селектираат отпад, а ќе ја утврдува Регулаторната комисија за отпад.

Ова е долгорочен проект за правилно третирање и управување со отпадот, каде неминовно е испочитување на сите правила од сите чинители во општинава, со цел и понатаму Прилеп да го има приматот за најдобра општина со распределена и поставена комунална инфраструктура во интерес на општото добро на сите жители.

Предуслов за селекција на отпад е комунална инфраструктура и едукација на граѓаните, Прилеп ги има и ќе ги има дополнително двата предуслови, затоа сите заедно да се потрудиме и да правиме здрава и среќна средина.