дома блог страница 42

(ВИДЕО) Повторно “фрчеа” дронови над цистерните од “Комуналец”, музика, филмски кадри… ЧУДО ВО ПРИЛЕП!

Прилепските комуналци денеска се пофалија со видео од чистење на “Арт” плоштадот, а дрон одново го снимаше миењето. За волја на вистината денеска новиот директор го немаше во кадарот, за да ја надгледува акцијата.

Минатото видео од миењето на плоштадот “Meтодија Андонов-Ченто” снимено со дрон, предизвика лавина реакции кај граѓаните. Секако чистењето на јавните површини е за пофалба и треба да биде редовна праксна, всушност тоа е активност која претпријатието се подразбира дека треба да ја извршува.

Дали секое миење на улиците и плоштадите ќе биде проследено и со видеа и фотографии во иднина, останува да видиме…

УТРЕ Е ПРОЧКА: Еве што треба да направите, а две работи според верувањата треба да ги имате на трпезата за радост

Во недела се слави големиот празник Прочка, по што почнуваат големите Велигденски пости.

Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божиќ и Велигден.

Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божиќ, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници како што се: Тодорова Сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева Сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

На Прочка се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи како што е на пр. проштевањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му претходат на овој празник.

Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница. Саботата пред Прочка во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, во други, само Дете за кора. Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете кое гледајќи како богатите секој ден носат сукани јадења на фурната побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи и плачејќи умрело. За спомен на тој ден и на тоа дете останало на овој ден да се меси баничка, зелник или друга храна и да се раздава.

Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од Месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела. Според преданието на некој што умрел во текот на овие денови во забите му нашле месо што го сметале за причина за смртта. Оттогаш останало строго да се внимава во текот на Сирната недела да не се јаде месо.

Од обичаите што се изведуваат на Сирни понеделник интересно е канењето на ветерот да дојде преку летото кога е потребен за веење на житото. Имено тогаш се прави „топејнца“ и со кисело млеко или „маштејнца“ се носи на гумното, три пати се трча низ гумното со викање: „Ела ветре да јајме топејнца,/ в лето да дојш да вејме чејнца, / југу, југу, југу…“ Потоа храната се изедува до стежерот.

Од Сирни поклади, односно од Прочка не се јадат и млечни производи со што започнуват големите, долги седум недели, Велигденски пости, што траат до Велигден.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што и погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето. Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза. Останало забележано дека и младите вљубени се проштевале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за време на Велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца.

Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце.

Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Празникот Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани богати обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, а забавите, како што се оние околу огновите, гатањата за среќа, карневалите и сл. се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Во Градската библиотека “Борка Талески” oдбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик (ФОТО)

Во ЈОУ ГРАДСКА БИБЛИОТЕКА „БОРКА ТАЛЕСКИ“ – ПРИЛЕП, со пригодна програма во изведба на учениците од ООУ “Климент Охридски-Прилеп, беше одбележан 21-ви Февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик!

-Во време кога на половина од јазиците им се заканува изумирање, ние како чувари на македонскиот јазик и на пишаното културно наследство, остануваме посветени на заложбата за чување и поголема промоција на нашиот мајчин јазик, особено кај најмладите. А пак денешните наши гости покажаа и докажаа дека зборот живее кај младите, во нивните срца и во нивната љубов кон мајчиниот јазик и книгата воопшто, стои во соопштението од градската библиотека.

Од ЈОУ Градска библиотека “Борка Талески”, упатуваат и благодарност до М-р Маја Камшикоска која го водеше настанот и до менторите кои посветено работат на зачувување и промоција на нашиот мајчин јазик, преку всадување на љубовта кон него кај младите генерации.

-Нашата установа ќе продолжи со чување, негување и промоција на македонскиот литературен јазик како своевиден чувар на нашиот идентитет. Нека ни е честит и вековит 21-ви Февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, стои во соопштението.

Победа им е во крвта! Прилепчанец најави дека ќе се самозапали на среде стадион

Неизвесноста околу иднината на ФК Победа повторно ја вознемири прилепската јавност, по информациите дека клубот би можел да не настапи во пролетниот дел од Втората лига.

Реакциите дополнително се засилија откако долгогодишниот симпатизер Кире Иваноски – Балче преку социјалните мрежи објави дека, доколку тимот не продолжи со натпреварување, ќе преземе крајно радикален чин на центарот на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп.

“Излегувам од болница Отешево и доаѓам в сабота на натпреварот Победа – Новаци. Во спротивно земам збогум со моите прилепски фудбалџии и се самозапалувам на центарот на фудбалскиот храм, Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп! Нема сила што може да ме спречи! Амин!!! Збогум! Се за Победа! Победа вечна, народе мој! Животот мој зависи од Победа Прилеп и од вас, фудбалџии мои драги и мили! Амин!“, напиша Кире Иваноски на Фејсбук.

Состојбата околу клубот и натаму останува неизвесна. Од јавноста се упатуваат повици за смиреност и разум, со надеж дека ќе се изнајде решение кое ќе овозможи продолжување на натпреварувањето и зачувување на долгогодишната фудбалска традиција во градот.

Николоски: Ќе има решение до септември за македонските превозници со Европската Унија

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, во интервју за “Топ Тема” на ТВ Телма, истакна дека проблемот со македонските превозници поврзан со воведувањето на новиот ЕЕС систем е високо на агендата во Брисел и дека се очекува решение во најскоро време. Тој потенцира дека Владата води интензивна дипломатска активност и директно лобирање во европските институции, со цел да се заштитат домашните транспортни компании.

Вицепремиерот посочи дека е започнат официјален дијалог со Европска Комисија, во рамки на новата визна стратегија претставена од претседателката на Европската Комисија, при што македонските превозници за првпат се третираат како професионална категорија.

-Контурите се јасни, а тоа е дека со новата визна стратегија, превозниците се признати за прв пат како професионалци, што досега не беа во таа категорија. Сега има неколку опции што се разгледуваат како можни решенија, а тоа е секоја земја членка на Шенген зоната да издава посебни визи, при што деновите би се броеле само во таа земја, понатаму целосно изземање на возачите по примерот на пилотите и машиновозачите и третата опција со третман како прекугранични работници. Помеѓу овие три модалитети сега се изнаоѓаат решенија. Имаше три состаноци до сега, еден беше на политичко ниво, два беа на техничко ниво и очекувам дека ќе се најде решението. Тоа што е знак на добра волја за Македонија, е дека примената на ЕЕС системот ќе се одложи до крајот на септември месец, рече вицепремиерот Николоски.

На прашањето дали до септември ќе се реши проблемот, вицепремиерот смета дека има доволно време.

-Јас мислам дека за Македонија ќе се реши и тука би сакал да замолам да бидеме многу внимателни за она што доаѓа како информација од соседството. Ова е прашање кое не треба да се политизира, ова е прашање кое се однесува на бизнисот, а не на политиката и треба да ја држиме политиката надвор од ова, изјави вицепремиерот.

Посочи и дека уште минатата година прашањето било разгледувано на седници на Влада, а Министерството за надворешни работи било овластено да комуницира со европските партнери.

-Верувајте додека не се случи блокадата не беа свесни во ЕУ за кои размери зборуваме, изјави Николоски, потсетувајќи на неговата интензивна меѓународна агенда во однос на ова прашање и потенцирајќи дела Владата останува посветена на изнаоѓање одржливо решение што ќе овозможи непречено функционирање на македонските превозници.

Божиновска од Прилеп со силна порака до концесионерите на рудници

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.

На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.

Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.

-Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи, истакна министерката Божиновска.

На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.

Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.

Не остануваат покусо од Прилеп: Кривична за криминал и за екс директорката на битолската болница

СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование. На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

Пелагониските бизнисмени со силна поддршка за новите патни инфраструктурни решенија на Владата во Прилеп и регионот (ВИДЕО)

Пелагонискиот регион започнува да излегува од тридецениската зачмаеност условена од катастрофалната патна инфраструктура. Изградбата на современи автопатишта поволно ќе се одрази врз рентабилноста во работењето на многу компании кои со години наназад се соочуваат со енормно високи дополнителни транспортни трошоци, смета претседателот на Регионалната стопанска комора од Прилеп. Дури, неговите очекувања се дека со новите сообраќајни решенија Пелагонискиот регион повторно ќе го заземе некогашното високо место во креирањето на БДП – објави “АЛФА ТВ”.

„Конечно, после 30 години барања од страна на бизнис-секторот, ќе се излезе во пресрет да се реализира автопатско поврзување на овој регион со останатите коридори. Тој автопат би имал огромно значење, најпрвин во делот на комуникацијата, безбедноста, а потоа и во полесниот пристап на стоки и услуги кои ги нуди овој регион, а исто така ќе го олесни и пристапот до пристаништата во Солун и Игуменица… Од нашето искуство, кога сме имале групни превози, секогаш кога требало да се достави стока до Прилеп, дополнително сме плаќале“, ни изјави за Алфа, Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора – Прилеп.

Според Мариноски, ваквото современо сообраќајно поврзување значително ќе придонесе не само за развојот на регионалната економија, туку и за намалување на иселувањето, кое со години е рак-рана на овие простори.

„Би можел да се ублажи ударот преку вакви работи. Да се отвораат нови работни места, да се прави инфраструктура за младите да имаат можности да остануваат, а и да доаѓаат странски инвеститори за и понатаму да се развива овој регион“, посочува Мариноски.

И вицепремиерот Александар Николоски, при синоќешната посета на Прилеп, потврди дека Пелагонија не само што не е заборавена од државата, туку дека Владата и понатаму ќе продолжи сериозно да инвестира во инфраструктурата во овој регион.

„Во интензивни преговори сме и мислам дека во следните месец до месец и половина ќе видите активности и во Собранието за она што го ветив, а тоа е – од Фариш до Прилеп, исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп би бил од двете страни поврзан со автопат“, вели министерот Александар Николоски.

Инаку, во моментов интензивно се работи на автопатот Прилеп–Битола, кој треба да биде готов до крајот на наредната година. Лани, пак, во јануари во функција беше ставена делницата Градско–Фариш во должина од 16,5 км, а на почетокот од јули беше пуштена во употреба и делницата од Дреново до Фариш во должина од 10,2 км, како дел од експресниот пат Градско–Прилеп.

Kaролина Дурло за АЛФА ТВ

Карневалски викенд каков што Прилеп заслужува – само во Pub Club Terasa!

Најдобрата ТЕРАСА во Прилеп, овој викенд ве очекува најбогатата и највозбудливата карневалска програма во градот, атмосфера што се памети и забава што трае до доцна во ноќта!

Вечерва старт со прекрасните TRIO FISH – одличен спој на гитара и виолина, одличен ритам за совршен почеток на викендот.

Сабота (21.02.) продолжуваме со енергичните прилепчани од LOCKDOWN, кои гарантираат вистинска експлозија од добра музика и позитивна енергија.

🎧 Недела (22.02.) – Карневалска еуфорија цел ден!
🔥 Од 12:00 часот – DJ MATS со дневна карневалска журка
🌙 Од 21:00 часот – DJ ANONIMOUS за спектакуларна ноќна забава

Сите забави ќе бидат организирани со високи маси, совршени за динамична атмосфера, дружење и танцување до раните утрински часови.

🎉 Најдобрата атмосфера во градот е токму тука!

📞 Резервирајте навреме на телефонскиот број 070 304 967 и обезбедете си место за најлудиот викенд во Прилеп!

Pub Club Terasa – местото каде што карневалот добива вистинска магија!

Утре на вештачка в типски, Прилеп ќе биде домаќин на првиот „Лимонада Куп“ – меѓународен фудбалски турнир за млади

Прилеп ќе биде домаќин на првиот „Лимонада Куп“, меѓународен фудбалски турнир за млади фудбалери, кој ќе се одржи во сабота, 21 февруари 2026 година на теренот со вештачка трева во населбата “Типски”. Турнирот ќе собере реномирани фудбалски школи од Македонија и регионот и претставува значаен спортски настан за градот и за младинскиот фудбал.

На турнирот ќе учествуваат фудбалските школи на Wonderkids од Прилеп, П.А.С. Флорина од Грција, како и школите на ФК Вардар и ФК Пелистер.

Во рамки на „Лимонада Куп“, љубителите на фудбалот ќе имаат можност да проследат и меѓународен натпревар помеѓу репрезентативци до 15 години на Македонија и Грција, што дополнително го зголемува значењето и атрактивноста на настанот.

Турнирот се организира со поддршка на генералните покровители, наведени на официјалниот флаер, и има за цел промоција на спортот, фер-плејот, меѓународната соработка и правилниот развој на младите фудбалски таленти.

Првиот „Лимонада Куп“ ветува квалитетен фудбал, спортска атмосфера и вистински празник за младинскиот спорт во Прилеп.

Распоредот на натпреварите е следен: