дома блог страница 40

Се вброи помеѓу најуспешните на фестивалот – Прилепчанката Михаела победи на WAF CONTEST – WAF AWARDS 2026

Во силна конкуренција од 27 натпреварувачи кои доаѓаа од 13 различни држави, во втората категорија на интернационалниот музички натпревар WAF Contest – WAF Awards 2026, првото место го освои младата вокална солистка Михаела Пурдеска од Прилеп. Со оваа победа таа обезбеди и настап на свечената Гала вечер, која се одржа во концертната сала на хотелот „Хилтон“.

Михаела и овојпат се претстави со исклучително тешка композиција, соодветна за интернационални музички сцени. Таа ја изведе песната „Once Upon a December“, во верзија на Lizz Callaway, позната музичка тема од анимираниот филм „Анастасија“, со што уште еднаш го потврди својот извонреден вокален потенцијал и уметничка зрелост.

Ова претставува нејзино четврто учество на овој престижен фестивал на млади вокални таленти, на кој досега има освоено четири награди – две први и две втори места, со што се вбројува меѓу најуспешните учесници во историјата на фестивалот.

Годинашното издание на WAF Contest – WAF Awards 2026, кое се одржа во Скопје, собра вкупно 50 вокалисти, распоредени во пет возрасни категории.

Maкедонската ракометна легенда седнува на клупата на Еурофарм Пелистер

Поранешниот ракометар и тренер Стевче Алушовски е избран за шеф на стручниот штаб на македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер.

Од битолскиот клуб информираа дека новиот тренер ќе го води тимот до крајот на оваа ракометна сезона, односно на меѓународната и домашната сцена.

Стевче Алушовски во два наврата водеше клуб од Битола, односно Пелистер и Еурофарм Работник, а сега го презема тимот на Еурофарм Пелистер.

Прозивката на ракометарите на Еурофарм Пелистер, кои немаат репрезентативни обврски, е закажана за 14 јануари во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Гласајте за нашето преубаво Крушево, кое се натпреварува за престижната награда People’s Choice Award

Крушево годинава се најде меѓу 100-те највпечатливи светски приказни за одржлив туризам и е номинирано за престижната награда People’s Choice Award, која се доделува врз основа на гласовите од јавноста.

Од локалната самоуправа истакнуваат дека ваквото признание е резултат на долгогодишната негување на традицијата, зачуваната природна средина и активната вклученост на заедницата во насока на одржлив развој.

Во рамки на изборниот процес, секој има можност да гласа и да придонесе Крушево да биде препознаено како туристичка дестинација на светско ниво. Гласањето се врши онлајн преку следниот линк: https://gdcommunity.typeform.com/Top100PCA2025?typeform-source=com.google.android.gm

Крушево е единственото место од Македонија што е вклучено на оваа реномирана листа, што дополнително ја нагласува неговата улога меѓу најзначајните одржливи туристички дестинации во светот.

Да гласаме и да го поддржиме нашето преубаво гратче!

ВАЖНО СООПШТЕНИЕ ОД “ЗДРУЖЕНИЕТО НА АВТОШКОЛИ ПРИЛЕП”

Здружението на авто школи Прилеп ги информира граѓаните и сите авто школи во Прилеп, дека полигонот во Старо Лагово е отворен за сите авто школи за бесплатно користење и обука на идните возачи.

За оние што сакаат со сопствено возило да вежбаат и да го користат полигонот, тоа ќе можат да го направат секој работен ден после 16 часот, а во недела и празнични денови преку целиот ден.

Полигонот од пред една година е целосно ревитализиран и осовремен по најнови стандарди за обука за сите категории на возачки дозволи.

Еден убав гест кој со сигурност ќе значи многу како за авто школите, така и за идните возачи.

Владата сериозна! Новиот Закон за пушење објавен на ЕНЕР – ќе се дебатира пред донесување

Министерството за здравство информира дека предлог-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде сите заинтересирани граѓани и организации можат да учествуваат во јавната расправа пред неговото усвојување.

– Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неспорни – тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Затоа, Министерството за здравство изготви нов Закон за заштита од пушење, чија намера не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани, оценува министерот за здравство, Азир Алиу.

Целта на новите законски измени е воспоставување контрола врз појавата и ширењето на новите тутунски и никотински производи, особено нивната агресивна промоција и лесна достапност. Истовремено, се воведува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорство, се ограничуваат продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи, како превентивни мерки за поддршка на откажувањето од зависноста, и конечно, се зајакнува забраната за пушење во јавни и работни простории.

Со овој закон, испраќаме јасна порака дека здравјето е повисока вредност од било кој комерцијален интерес, дека здравјето на децата не може да биде предмет на профит, дека јавниот простор мора да биде безбеден простор.

Воедно, законското решение е усогласено со европската регулатива и со меѓународните обврски што државата ги има преземено, принципите на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација.

ЛИНК до Предлог-законот за заштита од пушење:  https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=115056

До четврток температури до -14 степени

УХМР информира дека следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни.

Денеска и утре наместа и дневните ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.

До четврток утринските температури ќе се движат од -2 до -14 степени, а дневните ќе бидат во интервал од -1 до 10 степени.

Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината

Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 километри југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML 2.9.

– Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.

Прв меѓународен настап во 2026: Сестрите Илиоски од Прилеп го претставуваа македонското џудо во Холандија (ФОТО)

Македонското џудо ја започна 2026 година со настап на голема меѓународна сцена. Сестрите Тамара и Теодора Илиоски од Прилеп го имаа својот прв натпреварувачки настап оваа година на еден од најреномираните џудо турнири во Европа – Matsuru Dutch Open Espoir, кој се одржа во Ејндховен, Холандија.

Турнирот важи за еден од најмасовните и најквалитетните во Европа, со учество на 1.528 натпреварувачи од 272 клуба и 17 држави. Во категоријата -57 килограми, во која настапија Тамара и Теодора Илиоска, конкурираа вкупно 53 натпреварувачки.

Сестрите Илиоски од Џудо клубот “Сеишин” oд Прилеп беа единствените претставнички од Македонија, со што достојно го претставија македонското џудо и својот клуб на ова силно меѓународно натпреварување.

Резултати и настапи:

Тамара Илиоска
– Настапи во борба против натпреварувачка од Холандија
– Репесаж борба против натпреварувачка од Хамбург, Германија

Теодора Илиоска
– Прво коло слободна
– Втора борба против натпреварувачка од Холандија
– Репесаж борба против натпреварувачка од Германија

Иако овојпат не беше обезбеден пласман, учеството на ваков силен и квалитетен турнир претставува огромно натпреварувачко искуство, значаен чекор во развојот на младите џудистки и вредна промоција на македонското џудо на меѓународно ниво.

Од клубот изразуваат гордост за настапот, храброста и посветеноста на Тамара и Теодора Илиоска, потенцирајќи дека ова е само почеток на нивниот натпреварувачки пат во 2026 година.

Искршено стаклото од влезната врата на бугарската амбасада во Македонија

Денеска (11.01) во 15:55 часот, во СВР Скопје, од страна на Одделот за обезбедување на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи, било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Офицерот за безбедност на Амбасадата, преку системот за видео надзор, забележал оштетување на стаклото од влезната врата на објектот.

Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата.

На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Василица со мерак: полна трпеза, жива музика и топла атмосфера во ресторан Beer ti & ja

Старата Нова година е празник што се слави со срце, со полна трпеза и со луѓе што значат. Тоа е ноќ кога времето застанува, чашите се полнат, музиката ги спојува генерациите, а насмевките стануваат спомени.

Токму таква Василица оваа година ве очекува во ресторан Beer ti & ja, место каде што празничниот дух секогаш се чувствува, а гостите се дочекуваат со топлина и вистински домаќински мерак.

За оваа посебна вечер ресторанот подготви богато и внимателно одбрано мени, кое вклучува салата, ордевер, свинско печено, колбас, гарнир и бурек со паричка – трпеза каква што прилега за Василица. Покрај храната, гостите ќе уживаат и во неограничен пијалок, за вечерта да тече опуштено и весело, без грижи.

Празничната атмосфера ќе биде збогатена со жива музика, која ќе создаде расположение за пеење, дружење и славење до доцна во ноќта. Топол амбиент, пријатно друштво и добра музика – сѐ што е потребно за вистински дочек на Старата Нова година.

Сето ова е достапно по симболична цена од 1300 денари, што ја прави оваа понуда една од најповолните во градот. Поради големиот интерес, бројот на места е ограничен, па резервацијата е задолжителна и се препорачува да се направи навреме.

Ве покануваме Василица да ја дочекаме заедно, со насмевка, со мерак и со убави желби за годината што доаѓа.

13.01.2026
🕗 Почеток: 20:00 часот
📞 Резервации на телефонските броеви: 048 620 260 | 075 443 833