дома блог страница 39

Правници и економисти мислете му ја: До 2030 овие професии ќе исчезнат, вештачката интелигенција ќе си го направи своето

Вештачката интелигенција одамна не е поим од научнофантастични филмови, туку економска реалност која го преобликува пазарот на труд побрзо од која било технолошка револуција досега.

Додека едни во неа гледаат можност за неверојатен раст и продуктивност, други со загриженост ги следат вестите за милиони работни места што би можеле да исчезнат. Вистината, како и обично, е некаде помеѓу, но едно е сигурно: промените се неизбежни. Експертите предупредуваат дека до крајот на деценијата многу од денешните преофесии ќе станат излишни, но истовремено ќе се создадат и сосема нови.

Анализите на водечките светски институции, како „Светскиот економски форум“ и „McKinsey“, јасно покажуваат кои професии се најизложени на ризик.

Станува збор за работни места што се темелат на повторливи, рутински и предвидливи задачи. Алгоритмите и роботите стануваат сè повешти во извршување задачи за кои не е потребно високо ниво на емоционална интелигенција, креативност или комплексно решавање проблеми.

На самиот врв на листата на загрозени се административните работни места. Внесување податоци, транскрипција, водење евиденции и закажување состаноци се задачи што вештачката интелигенција веќе денес ги извршува побрзо и попрецизно од луѓето.

Слична судбина ги очекува и вработените во корисничка поддршка и кол-центри. AI чат-ботовите и виртуелните асистенти стануваат сè пософистицирани и способни да решаваат поголем дел од корисничките прашања без човечка интервенција.

Според извештај на банката „Goldman Sachs“, вештачката интелигенција би можела да замени еквивалент на дури 300 милиони работни места со полно работно време на глобално ниво.

Бранот на автоматизација не застанува само на канцелариските работи:

Малопродажба

Самоуслужните каси веќе ја намалија потребата од касиери, а понатамошниот развој на технологијата би можел целосно да ги елиминира.

Логистика

Работниците во магацини, чија работа се сведува на сортирање и пакување, се загрозени бидејќи роботизацијата станува стандард во логистичките центри.

Финансии и право

Во сметководството и книговодството, софтверите ја автоматизираат обработката на фактури и плати. Во правниот сектор, AI алатките преземаат преглед на документи и правни истражувања.

Медиуми и јазици
Лекторите и редакторите чувствуваат притисок бидејќи јазичните модели стануваат сè подобри во исправување граматички грешки и стилско дотерување на текстови.

Трансформација, а не апокалипса

Иако прогнозите за 85 милиони згаснати работни места до 2026 година звучат застрашувачки, важно е да се погледне пошироката слика.

Истиот извештај на „Светскиот економски форум“ предвидува дека истовремено ќе се создадат 97 милиони нови работни места.

Вештачката интелигенција не ги уништува работните места, туку ги трансформира. Со автоматизирање на здодевните задачи, таа им овозможува на луѓето да се фокусираат на покреативни и постратешки аспекти од работата.

Работни места што остануваат сигурни

Занимањата што бараат човечки допир, емпатија, критичко размислување и лидерство тешко ќе бидат заменети.

Лекари, хирурзи, психолози, наставници и менаџери ќе останат незаменливи поради нивната способност да разбираат комплексни човечки емоции.

Исто така, побарувачката за стручњаци кои развиваат и управуваат со AI системи расте експоненцијално.

Клучот за преживување во оваа транзиција лежи во приспособувањето и доживотното учење. Развивањето „човечки“ вештини, како комуникација и решавање проблеми, ќе биде пресудно.

Иднината на работата не е борба меѓу човекот и машината, туку партнерство во кое секој го прави она во што е најдобар, пишува „Raport.ba“.

Сите го видовме стадото елени на Галичица и останавме воодушевени – Но еве кој се грижи за нив и како нивниот број порасна од 30 на 200 единки (ФОТО)

Пред неколку дена сите го видовме видеото од стадо елени во Националниот парк “Галичица” и бевме воодушевени од нивниот број и убавина.

Видеото кое го објавија од националниот парк стана вирално и го пренесоа речиси сите медиуми, но знаете ли кои се “виновниците” кои се грижат за овие благородни животни?

Се разбира тоа се луѓето од репродуктивниот центар за елени во Националениот парк “Галичица”.

Денеска тие објавија фотографии и ја запознаа јавноста како во изминатите години се грижат за животните, чиј број постојано расте од 2019 година.

-Нашиот посветен ренџер Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно се на терен – обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за безбедноста и благосостојбата на елените. Резултатите зборуваат сами за себе: во 2019 година бројката изнесуваше околу 30 единки, а денес популацијата е зголемена на над 200 елени. Покрај постојаното присуство на ренџерската служба, центарот е опремен и со видео-надзор камери, кои овозможуваат дополнителна, непосредна заштита и навремена реакција. Репродуктивниот центар беше отворен во 2019 година со јасна цел – активно управување со високопланинските пасишта, заштита и обновување на популацијата на елени и долгорочно зачувување на биолошката разновидност во паркот. Овој пристап придонесува за здрави екосистеми, рамнотежа во природата и одржлива иднина за Галичица – напишаа од Националниот парк “Галичица” на социјалните мрежи.

Ристески: Се стабилизира пазарот на јајца, цените намалени

Се стабилизираат состојбите на пазарот за јајца во Европа што резултираше со намалени цени на јајцата и во нашата земја, изјави заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески по забележителниот пад на цената на јајцата на домашниот пазар во просек за 40-тина денари.

Падот на цената во некои маркети беше забележан и пред Нова година, а денес на повеќето проджни места.

-Не станува збор за владина мерка, туку за движењата на пазарот. Имаме податоци од Државниот пазарен инспекторат дека по Нова Година има намалување на цената на јајцата во малопродажбата. Тоа главно се должи на стабилизацијата на цените за храна во живинарските фарми, а и надминат е пробемот со птичји грип во Европа. Тоа една од основните причини за намалувањето на цената на јајцата. Очекуваме во наредниот период да се стабилизира цената на јајцата во маркетите и во продавниците и тоа би траело до Велигденските празници кога, традиционално, се зголмува побарувачката.Ние сме пазарна економија, односно понудата и побарувачката ја регулираат цената и на јајцата – изјави Ристески.

Во ноември имаше ценовен скок поради недостигот од јајца во околните земји и во Европа.

Вечер е Стара нова година, а утре Обрезание Господово и Василица

Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечер ќе ја пречекаат Стара нова година, која почнува утре на Василица (1 / 14 јануари).

Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши погача со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.

По повод празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.

Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.

Поскапуваат горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.

Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)

Првпат во Прилеп изведена животоспасувачка тромболиза кај пациент со акутен мозочен удар

Денес, на Одделот за неврологија при Невропсихијатриското одделение на ЈЗУ Општа Болница Прилеп, беше остварен важен момент за здравството во градот Прилеп со првото успешно спроведување на интравенска тромболиза – високо специјализирана и животоспасувачка интервенција за акутен третман на исхемичен мозочен удар.

Оваа современа терапевтска постапка се применува во строго дефиниран временски прозорец од појавата на симптомите и има за цел навремено да се воспостави протокот на крв во засегнатото мозочно ткиво, со што се спречува трајно оштетување и се овозможува целосно или значително повлекување на невролошкиот дефицит.

Првиот пациент, млад маж на 29-годишна возраст, беше примен поради нагло настаната слабост на левата рака, асиметрија на лицето и отежнат, неразбирлив говор.

Благодарение на брзата дијагностика и навремената примена на терапијата, по интервенцијата пациентот е во целост без невролошки последици и без појава на компликации.

Процедурата ја реализираше д-р Петар Кузмановски, во координација со стручен и посветен тим од медицинските сестри Аница, Соња и Зорица, чија професионалност и организираност беа од клучно значење за успешниот исход.

Паралелно со денешното достигнување, во рамки на Одделот се воведени и систематски скрининг прегледи со доплер сонографија на вратните крвни садови кај сите невролошки пациенти, со што се воспоставува современ пристап кон рана дијагностика, како и кон примарна и секундарна превенција на исхемичниот мозочен удар.

Денешниот ангажман на медицинскиот тим претставува пример за тимска работа, брза организација и искрена грижа за пациентот, со што уште еднаш се потврдува високото ниво на квалитет и хуманост во здравствената услуга што ја нуди ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Прилеп.

Кога финансиската услуга значи и човечка грижа – MINT Fintech Group со поддршка за две семејства во празничниот период

Божик е време кога тишината, грижата и човечката блискост стануваат погласни од
секој збор. За MINT Fintech Group, овој период е потсетник дека одговорноста кон
клиентите не се мери само преку услуги, туку и преку разбирање, присуство и
навремена поддршка.
Во божикниот период, компанијата обезбеди поддршка за две семејства, во
Струмица и во Велес, како дел од својот континуиран, човечки пристап кон луѓето
со кои секојдневно соработува.
Поддршката за семејството Весеви од Струмица вклучуваше целосно затворање
на нивната финансиска обврска во износ од 131.505 денари, како и бадникова
корпа, таблет уред и ваучер за спортска опрема во вредност од 10.000 денари.
Оваа помош е насочена кон олеснување на секојдневието и создавање подобри
услови за нивното 17-годишно дете со аутизам.
Втората донација веќе е реализирана во Велес, за семејството Кузманови. Во
рамки на поддршката, компанијата обезбеди целосно затворање на нивната
обврска во износ од 104.484 денари, како и мобилен апарат во вредност од околу
200 евра, со цел да се олесни нивното секојдневно функционирање.
За семејството Весеви од Струмица, поддршката значеше олеснување и повеќе
спокој во секојдневието, како и дополнителни средства насочени кон развој и
активност на нивното 17-годишно дете со аутизам. Помошта беше внимателно
осмислена и прилагодена на реалните потреби на семејството.
Во Велес, поддршката за семејството Кузманови веќе е реализирана и овозможи
поголема стабилност и полесно секојдневно функционирање.
Овие чекори произлегуваат од внатрешната култура на компанијата, каде тимот ги
следи клиентите со внимание и емпатија, верувајќи дека секоја обврска носи и
човечка приказна. За MINT Fintech Group, Божик не е само празник, туку потсетник
дека грижата треба да биде присутна во текот на целата година.

Се вброи помеѓу најуспешните на фестивалот – Прилепчанката Михаела победи на WAF CONTEST – WAF AWARDS 2026

Во силна конкуренција од 27 натпреварувачи кои доаѓаа од 13 различни држави, во втората категорија на интернационалниот музички натпревар WAF Contest – WAF Awards 2026, првото место го освои младата вокална солистка Михаела Пурдеска од Прилеп. Со оваа победа таа обезбеди и настап на свечената Гала вечер, која се одржа во концертната сала на хотелот „Хилтон“.

Михаела и овојпат се претстави со исклучително тешка композиција, соодветна за интернационални музички сцени. Таа ја изведе песната „Once Upon a December“, во верзија на Lizz Callaway, позната музичка тема од анимираниот филм „Анастасија“, со што уште еднаш го потврди својот извонреден вокален потенцијал и уметничка зрелост.

Ова претставува нејзино четврто учество на овој престижен фестивал на млади вокални таленти, на кој досега има освоено четири награди – две први и две втори места, со што се вбројува меѓу најуспешните учесници во историјата на фестивалот.

Годинашното издание на WAF Contest – WAF Awards 2026, кое се одржа во Скопје, собра вкупно 50 вокалисти, распоредени во пет возрасни категории.

Maкедонската ракометна легенда седнува на клупата на Еурофарм Пелистер

Поранешниот ракометар и тренер Стевче Алушовски е избран за шеф на стручниот штаб на македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер.

Од битолскиот клуб информираа дека новиот тренер ќе го води тимот до крајот на оваа ракометна сезона, односно на меѓународната и домашната сцена.

Стевче Алушовски во два наврата водеше клуб од Битола, односно Пелистер и Еурофарм Работник, а сега го презема тимот на Еурофарм Пелистер.

Прозивката на ракометарите на Еурофарм Пелистер, кои немаат репрезентативни обврски, е закажана за 14 јануари во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Гласајте за нашето преубаво Крушево, кое се натпреварува за престижната награда People’s Choice Award

Крушево годинава се најде меѓу 100-те највпечатливи светски приказни за одржлив туризам и е номинирано за престижната награда People’s Choice Award, која се доделува врз основа на гласовите од јавноста.

Од локалната самоуправа истакнуваат дека ваквото признание е резултат на долгогодишната негување на традицијата, зачуваната природна средина и активната вклученост на заедницата во насока на одржлив развој.

Во рамки на изборниот процес, секој има можност да гласа и да придонесе Крушево да биде препознаено како туристичка дестинација на светско ниво. Гласањето се врши онлајн преку следниот линк: https://gdcommunity.typeform.com/Top100PCA2025?typeform-source=com.google.android.gm

Крушево е единственото место од Македонија што е вклучено на оваа реномирана листа, што дополнително ја нагласува неговата улога меѓу најзначајните одржливи туристички дестинации во светот.

Да гласаме и да го поддржиме нашето преубаво гратче!