дома блог страница 38

Традиционално, со вкусно бело касапско гравче заврши празнувањето на Прочка во Прилеп (ФОТО/ВИДЕО)

Карнeвалски случувања во Прилеп по повод празникот Прочка, се заокружија денеска на Чист понеделник со заеднички ручек во манастирот Св. Ѓорѓија.

Ручекот традиционално е организиран од „Прилепските мечкари“, со што заокружено е годинешното 25. јубилејно издание на карневалот Прочка во Прилеп.

На трпезата неминовно е посното бело вкусно гравче, а на ручекот покрај касапскиот еснаф присуствуваа и голем број гости.

Со денешниот ден започнуваат големите Велигденски пости. Нека се за многу години и напомош!

Започнува да се решава еден од најгорливите проблеми на крушевчани (ФОТО)

Градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, денеска изврши увид на терен заедно со директорот на ЈП „Комуна“, Благојче Јанески, по повод отпочнувањето на активностите за санирање на дивата депонија во општината.

Како што информираа од Општината, станува збор за важен чекор кон решавање на долгогодишен и сериозен проблем кој директно влијаеше врз квалитетот на живот на граѓаните. Со започнувањето на теренските активности, локалната самоуправа испраќа јасна порака дека грижата за животната средина не останува само на декларативно ниво, туку се реализира преку конкретни мерки и проекти.

Санирањето на дивата депонија ќе овозможи побезбедно и контролирано одлагање на отпадот, ќе го минимизира ризикот од неконтролирано палење и ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот и почвата. Со тоа директно се штити здравјето на граѓаните и се создава почиста и побезбедна околина за идните генерации.

Градоначалникот Чонески потенцира дека Општината останува цврсто посветена на системско решавање на комуналните предизвици и на унапредување на јавната хигиена, со цел обезбедување одржлив развој и подобри услови за живот во Крушево.

Препакувал дpoга и продавал од визба во зграда – Полицијата уапси 29-годишен битолчанец

Криминалистичката полиција при СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Л.Б.(29) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”. Имено, пријавениот подолг период нелегално набавувал поголема количина на марихуана, која ја чувал во визба од зградата каде живее во Битола и ја препакувал за продажба на наркозависници на подрачје на Битола. На 21.02.2026, со судска наредба, бил извршен претрес во домот и други помошни простории кај пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага.

Од страна на судија на предходна постапка на Л.Б. му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Пожар проголта 500 тони сено и земјоделска механизација во долненско, пожар и во куќа во Прилеп

Извадоци од полицискиот билтен на МВР:

-На 22.02.2026 во Полициското одделение Ропотово било пријавено дека во с.Локвени, општина Долнени, настанал пожар на настрешница, сопственост на А.Т.(39) од с.Локвени. Од пожарот се зафатени и изгорени 500 тони сено, околу 350 тони слама и земјоделска механизација. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Кривогаштани, а повредени лица нема.

-На 22.02.2026 во 20:21 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на ул.„Дабнички Завој“ настанал пожар во куќа сопственост на М.Н.. Од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема.

Важно соопштение од општина Прилеп до граѓаните и фирмите – Наскоро започнува присилна наплата!

Соопштение од општина Прилеп:

Општина Прилеп ги известува сите физички и правни лица кои не ги подмириле своите обврски за данок на имот и за комунална такса за истакната фирма, како и должниците кои не ги подмириле своите обврски по сите останати даночни и таксени основи, дека од 01.03.2026 ќе започни со присилна наплата на своите побарувања.

Со цел да се избегне блокирањето на сметките и дополнителните трошоци кои произлегуваат од присилната наплата, се повикуваат сите обврзници, физички и правни лица, кои по разни даночни основи имаат заостанати и неплатени обврски за изминатите години, итно (заклучно со 01.03 2026 година) да ги подмират своите обврски.

Претставата на МНТ “Бог на колежот” викендов со две изведби во Прилеп

На 28 февруари/сабота/ и на 1 Март/ недела/од 20.00 часот во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде изведена претставата „Бог на колежот“ на МНТ.

Претставата е работена по мотивите на „God of Carnage“ на Јасмина Реза.

Адаптација и режија: Весна Петрушевска

Влезниците за претставата по цена од 300 денари се во продажба на билетарницата од Центарот и ќе се продаваат секој работен ден од 11 до 13.00 часот и од 18 до 20.00 часот и во сабота од 11 до 14.00 ч.

Податоци за претставата:
Ко-продукциски проект
Превод: Рајна Кошка-Хот
Сценограф: Татјана Христоска
Костимограф: Наталија Терзија
Сценски движења: Кренаре Невзати-Кери
Избор на музика: Весна Петрушевска
Автор на сонг „Пепел и мрак” Игор Џамбазов
Извршни продуценти: Симона Угриновска и Виктор Рубен

Играат:
Ѓорѓи Јолевски
Дарја Ризова
Благој Веселинов
Наталија Теодосиевa
Актерска школа Весна Петрушевска

Координатор на технички служби: Ивица Урдаревиќ
Инспициент: Александар Рајковски
Суфлер: Зорица Благоевска
Инженер на светло: Даниела Атанасова
Дизајнер на светло: Игор Ѓеоргиев
Тон-мајстор: Ненад Трпеноски
Манипулант на горен и долен погон: Трајче Тасевски
Графички дизајнери на плакат и каталог: Емилија Шуман и Томи Милков
Фотограф: Филип Шутаров​
Реквизитер: Павле Кралевски
Гардеробер: Валентина Чонкова
Шминкери и фризери: Моника Вучковиќ и Бранка Пљачковска
Декоратери: Васил Мешковски, Дејан Стамчевски, Неџат Асан, Бурхан Муареми, Мартин Китановски, Ибрахим Рамановски, Нерхан Османовски, Хусеин Халили, Зекирија Алим, Дурмиш Сефер и Синан Ракиповски
Изработка на мебел за сценографија: Шуман Премиум
Изведувачи на сценографија: Татјана Христоска (раководител на работилница), Дарко Дуковски (вајар) и Зоран Миновски (бравар)

За претставата:

Насилството е нашиот бизнис. Ликовите се опседнати со сопственото морално позирање, тврдејќи дека не го поддржуваат насилството, потенцираат на невиноста на детската игра, но и манипулираат со детската наивност која резултира со агресивност. Лицемерието ги истакнува контрадикторностите во нивните вредности и леснотијата со која луѓето можат да ги напуштат своите принципи кога ќе се соочат со непријатност, родителство и животна одговорност кон нив. Се поставуваат прашања за непходноста на деца, за да имаат извонредно добар брак, кој пак е затрпан со неброено многу проблеми и неизговорени зборови кои никако да се решат. Јасмина Реза само навидум нуди минималистичка структура, поставувајќи ги во квадратите на станот. Ова поставување ја засилува тензијата и клаустрофобијата, бидејќи ликовите се повеќе се гушат во сопствената плунка, пот и мирис. Дијалогот е остар, духовит и брз. Тој е исполнет со хумор што често ги покрива слоевите на анксиозност и предизвикува тригери.

Публиката во улога на воајер е вовлечена во овој колеж и се забавува гледајќи ги, но крајната цел на оваа претстава е да се
препознае секој еден од нив со горчлива задршка и мачнина во стомакот. Сведочењето на нивните слабости како и апсурдноста на нивните ситуации ги доведува до детска расправија ,така што нивниот интелектуален капацитет на кој толку многу се гордеат, пропаѓа.

„Богот на колежот“ служи како моќно истражување на човечката природа, откривајќи ги комплексноста на односите и несигурната рамнотежа помеѓу учтивоста и хаосот. Оваа ангажирана структрура на претставата нуди брзо размислување на публиката, потсетник за општествените норми, среќното детство и вистинската сурова комплексност на човечката природа. Излог кој се крши во милион парчиња, наспроти лажниот морал и вечноста на суетата која без грешка сигурно води во пропаст.

Оваа претстава нуди можност да се погледнеме кои сме макар на 90 минути за време кога публиката е учесник во арената.

Времетраење: 90 минути без пауза

Горивата со повисоки цени од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит. Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.

Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)

Гордост на Прилеп и Македонија – Valicon TOP BRANDS ја рангираше Витаминка на самиот ВРВ!

Во рамки на годинешното издание на Valicon TOP BRANDS 2025, Витаминка е препознаена според индикаторите што ја дефинираат реалната сила на еден бренд на пазарот.

Истражувањето ги анализира ставовите и навиките на потрошувачите и ги рангира брендовите врз основа на доверба, користење и препознатливост.

Присуството на Витаминка во ова рангирање претставува потврда дека компанијата и брендови што стојат позади неа имаат стабилна и релевантна позиција.

Како една од водечките компании во индустријата, Витаминка континуирано инвестира во развој на портфолиото, модернизација на производните процеси и јакнење на односот со потрошувачите. Ова признание доаѓа како резултат на таквата долгорочна стратегија.

Компанијата останува фокусирана на понатамошен раст, иновации и одржување на високите стандарди што ја одликуваат со децении.

Девојки се степале после карневалските забави синоќа во Прилеп

-На 23.02.2026 во 02:20 часот во ОВР Прилеп, Н.С.(19) од Прилеп пријавила дека околу 01:30 часот на ул.„Марксова” во Прилеп била физички нападната од А.М. од Прилеп.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот – информираат од СВР Битола.

МНР со апел: Македонските државјани кои се во Мексико да ја напуштат државата

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територија на Мексико, поради влошената безбедносна состојба во државата, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.

-Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер. Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected], велат од МНР.

Додаваат дека континуирано ја следат состојбата и навремено ќе ја информираат јавноста.