-ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Н.А.(49) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“. Во септември 2025 година, пријавениот направил лажна исправа – свидетелство на негово име издадено од основно училиште за завршено осмо одделение, кое имал намера да го употреби за пријавување во авто школа за полагање на возачки испит, иако имал завршено четврто оддeление – информираат од МВР.
Maлолетници од Прилеп ограбиле куќа, напаѓале жени со велосипеди на улица и ги ограбувале, полицијата ги фати
-ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против С.М.(20), М.А.(19) и тројца малолетници, сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „разбојништво“ и „тешка кражба“ на дрзок начин.
На 09.02.2026 во Прилеп, пријавените влегле во куќата на Е.И. и со употреба на физичка сила од неа одзеле пари, личен накит и други предмети.
На 12.02.2026 во Прилеп, пријавените ја пресретнале Е.С., и со употреба на физичка сила од неа одзеле паричник со пари, мобилен телефон и други предмети.
Додека, на 15.02.2026 во Прилеп, пријавените со употреба на физичка сила од лице кое управувало велосипед одзеле чанта со пари, мобилни телефони и други предмети – информираат од МВР.
Нешто чкрипи во градската хигиена, ова се гледа и од дрон (ФОТО)
Навременото одлагање на отпад е една од главните забелешки кои граѓаните ги упатуваат на сметка на ЈКП “Комуналец” Прилеп, а има и зошто!
Преполни контејнери, расфрлан отпад наоколу, бездомни кучиња кои ги разнесуваат ќесите наоколу…. ова е сликата во повеќе прилепски населби, а постојано се повторува во населбата “Вишне”.
Граѓаните кои ги испраќаат фотографиите до нашата редакција, бараат поголема ангажираност од комуналците и почесто одлагање на отпадот, затоа како што велат, сметките ни ги покачија за 70%.
Задолжително четиво за сите кои сакаат да се причестат за време на Велигденските пости
Пишува: Протоереј Љупче Петрески
– Оче, постев и сакам да се причестам. Дали е потребно претходно да се исповедам? Како оди тоа и кога има причесна?
– Чедо Божјо, убаво што си постел. Но, пред сè, ќе те прашам нешто важно – дали знаеш што е Причеста? Бидејќи сакаш да примиш нешто во себе, логично е да знаеш што е тоа, нели?
– Хм… Причеста е… за здравје; за убаво; благодат; да се исповедаме; лепче и винце …
Ова се најчестите одговори кои ги добивам од мнозина верници кои сакаат да се причестат и тие илустрираат една загрижувачка и длабоко апсурдна ситуација – луѓето сакаат да примат нешто во себе, а не знаат што е тоа!
Мнозина пристапуваат кон Светата Чаша формално, не сфаќајќи што всушност прават. Го прават тоа затоа што „така треба“, „така правеле баба ми и дедо ми“, или затоа што некој им кажал дека е убаво да се причестат. Од моето свештеничко искуство, ваквата појава, за жал, сè повеќе се шири меѓу верниците и затоа, без да навлегувам во причините за ова непознавање, ќе нагласам: тоа мора да се промени, зашто последиците може да бидат болни – духовно, а некогаш и телесно.
Овој текст го упатувам до сите оние кои сакаат да се причестуваат, но не се доволно едуцирани и воведени во верата. Не ми е намерата да ги исплашам или да ги одвратам пред големината на Светата Тајна, туку напротив – да ги охрабрам да се причестуваат, но со правилна подготовка и разбирање, за да се удостојат за Светата Причест.
Зошто е многу важно да знаеме што е Причеста?
Затоа што Причеста може да ни биде и за ОСУДА И ДА БИДЕМЕ ВИНОВНИ ПРЕД БОГА ако ја примаме „недостојно“ според зборовите на св. ап. Павле во 1. Послание до Коринтјаните, каде вели: „Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од Господовата чаша, ќе биде виновен спрема телото и крвта на Господ. Но, секој човек нека се испита себеси, и потоа нека јаде од овој леб и нека пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување бидејќи не го разликува Господовото тело“ (1. Кор. 11, 27–29).
За нас особено важен е последниот 29-ти стих, односно последните зборови „НЕ ГО РАЗЛИКУВА ГОСПОДОВОТО ТЕЛО“, кои сосема јасно опоменуваат дека причестувањето не секогаш носи „здравје“, „спасение“ или „добро“, туку – ако се случува недостојно, може да стане суд и осуда за оној кој пристапува несвесно или несоодветно подготвен.
Затоа, мора да се запрашаме: Што е Причеста или поточно што е Светата Тајна Евхаристија?
Св. Евхаристија – Причеста, не е само обред или симбол, туку е најдлабокото сретнување на човекот со Бога. Преку неа, човечката личност се преобразува, се соединува со воскреснатото и бесмртно Тело на Христос. Тоа Тело ни се дава како храна и лек против гревот и смртта – како дар на животот според зборовите на Господ Исус Христос: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“(Јн 6, 54).
Евхаристијата е место каде што небесното се сретнува со земното, каде што вечноста навлегува во времето, каде што Царството Божјо се оприсутнива, овде и сега. Таа не’ воведува во тајната на Христовата смрт и воскресение, а со самото тоа и во тајната на нашето спасение.
Свети апостол Павле вели:„Кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде“ (1 Кор. 11, 26).
Со секое учество во Литургијата и со секое причестување, ние не само што се потсетуваме на Христовата жртва, туку влегуваме во неа, ја живееме, ја објавуваме, и го очекуваме Неговото Второ доаѓање. Впрочем, преку примањето на Светата Причест – која е „ВИСТИНСКИ ТЕЛО И КРВ ХРИСТОВИ ВО ВИД НА ЛЕБ И ВИНО“ (ова е догматската дефиниција за причеста) – ние во себе Го примаме самиот Христос, Воскреснатиот Спасител. Со тоа, не се причестуваме само со нешто свето или симболично, туку се соединувавме со личноста на Христа.
Во тој свештен и мистичен момент, се исполнува најдлабоката цел на нашиот живот – единството со Бога. Ова соединување со Христа преку Неговото Тело и Крв е почеток на нашето обожување: стануваме „мали богови“ по благодат, како што учат Светите Отци. Тоа значи дека преку Божјата милост и сила, го обновуваме нашето паднато човештво и го задобиваме животот вечен, за кој и сме создадени. Од ова можеме да разбереме колку е длабока и свештена оваа Тајна. Во неа се исполнува целокупниот духовен живот на Црквата. Сè што Црквата живее – молитва, покајание, љубов, пост, вера – се собира и се остварува токму во Светата Евхаристија. Впрочем од неа извираат но, во неа и се вовираат сите Свети Тајни. Затоа Црквата секогаш учела и сведочела дека животот со Христа и во Христа не може да се замисли без редовно и свесно учество во оваа Света Тајна и затоа таа секогаш ги повикува верните да не се оддалечуваат оваа Света Тајна, туку со вера, страв Божји и љубов, да пристапуваат кон Чашата на животот.
Повикани сме да се причестуваме почесто – но тоа не треба да биде формално, ниту механички. Ако пристапуваме без духовна подготвеност и свест, ја профанизираме Светата Тајна. Затоа, пред сè, мораме да знаеме што значи Светата Причест и каква е нејзината суштина. На тоа нè поучуваат и светите отци на Црквата.
Во продолжение, како потврда на досега кажаното, ќе посочам само неколку, од мноштвото, примери – толкувања од свети отци и егзегети, кои ги објаснуваат зборовите на ап. Павле (1Кор. 11, 27-29) собено за нас значајниот 29-ти стих:„Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува Господовото тело.“
1. Св. Јован Златоуст, во своите „Беседи на Првото Послание до Коринтјаните“, силно нагласува дека недостојното примање на Светата Причест е духовно опасно. Тој вели: Зошто си „јаде осуда за себе“? „Без расудување за телото Господово“, односно без размислување, без да се замисли, како што треба, големината на предложеното (тајната), без размислување за важноста на дарот. Ако целосно сте разбрале Кој е пред вас и кому Тој се нуди, нема да ви треба опомена, а само тоа би било доволно да ве зафати со целосна стравопочит, освен ако не сте паднале премногу длабоко.“
2. Св. Амвросиј Милански, во своето дело „De Sacramentis“ („За Тајните“), ги коментира зборовите на апостол Павле во стихот 29, каде се вели „не распознавајќи го Телото Господово“. Тој пишува дека овие зборови го потврдуваат реалното присуство на Христа во Евхаристијата: „Не е само символ или спомен, туку вистинско тело и крв Христови. Тие што пристапуваат недостојно не успеваат да го распознаат ова и поради тоа си нанесуваат осуда.“ Ова толкување ја истакнува важноста на свеста за светиот дар што ни е даден во Евхаристијата.
3. Блажени Теофилакт Охридски – „Не разликувајќи го Телото Господово“ односно, без испитување и размислување за големината на она што е пред него. Кога би биле свесни за тоа што се наоѓа пред нас во одредено време, немаше ни да ни треба друго будење: и само тоа би не разбудило да гледаме.
4. Свети Димитриј Ростовски вели:„Не распознава“ оној кој пристапува како да е прост леб и вино, а не како да е Бог. Таквиот „јаде и пие суд за себе, не препознавајќи го Телото Господово“ (1. Кор. 11:29). Не го распознава Телото господово оној кој пристапува без страв, без нежност, без смирение, без вера и без надеж за спасение и без љубов.“ (Извор: Креации. 19. За причестувањето на Светите Тајни).
5. Проф. д-р Александар Павловиќ Лопухин вели: „Со оглед на таквата тешка одговорност, христијанинот мора сам да открие како мисли за Христа и дали во неговото срце има доволно благодарност и почит кон заедничкиот Спасител на сите луѓе. Само со такви чувства може да се оди на љубовна вечера – инаку лесно е да се падне во грев.
„Без расудување за Телото Господово“, односно без да се разликува, не увидувајќи дека зад обичниот леб, зад обичната материјална храна се крие вистинското Христово тело: она што причесникот го јаде во св. Евхаристијата само изгледа како леб, но во реалноста го јаде телото Христово.“
6. Свештеник Даниил Сисоев вели: „Што значи „Не разликувајќи го Телото Господово“? Тоа значи да не размислувате за она со кое се причестувате. Инаку, затоа на секоја неделна литургија велам дека оние кои не веруваат во Света Троица, Богочовекот Христос, откупувањето и воскресението на телото не можат да пристапат кон Причеста. Оние кои не го очекуваат Второто доаѓање и не веруваат дека чашата ги содржи Телото и Крвта Господови не можат да се причестат. Верниците не можат да бидат примени на Причест ако не веруваат во реалноста на Телото и Крвта Господови, туку веруваат дека тие се леб и вино соединети со Божеството Христово. Таквите луѓе се виновни против Телото и Крвта и не можат да се причестат.“ (Извор: Жените во црквата: подреденост или еднаквост? Разговори за првото и второто послание на апостол Павле до Коринтјаните. Во 12 тома – том 5. Кога сум подготвен за Света Причест?).
ЗАКЛУЧОК
Сите наведени толкувања, и од светите отци и од поновите православни егзегети, се усогласени во едно суштинско предупредување: Светата Причест не е обичен ритуал, туку директно и живо заедничарење со Воскреснатиот Христос. Затоа, недостојното пристапување кон оваа Света Тајна, без вера, без покајание, без свесност за нејзината големина и реалност, е сериозен духовен престап, што може да доведе до осудување, а не до спасение.
Светите отци и егзегети ја нагласуваат неопходноста од стравопочит и свесност за реалното присуство на Христос во Телото и Крвта, а не на некаков симбол или знак. Исто така, истакнуваат дека верата во вистинитоста на оваа Тајна и вистинското знаење се предуслови за достојно пристапување.
Заклучокот е јасен: кон Светата Причест треба да пристапуваме со длабоко покајание, вера, љубов и свесност дека пред нас е сам Господ Исус Христос, не само по благодат, туку и во Неговото вистинско Тело и Крв во вид на леб и вино. Секој друг пристап – формален, незаинтересиран, или без вера – е опасен, не само духовно, туку и по внатрешниот човек, кој се храни или осветува, или се осудува.
Огромно браво! Младиот џудист на “Пролетер” од Прилеп се врати со бронза од натпревар во Англија
Младиот прилепчанец, член на Џудо клубот „Пролетер“, изминатиот викенд освои бронзен медал во кадетска конкуренција до 50 килограми на Купот на Англија што се одржа во Бирмингем.
До одличјето стигна по четири изминати борби, запишувајќи три победи, додека единствениот пораз го доживеа во полуфиналето. Во силна конкуренција и против врвни џудисти од Велика Британија, Марко покажа зрелост, техника и борбен дух достојни за респект.
Овој успех не е изненадување ако се знае дека Димитријоски зад себе веќе има бројни медали и признанија од меѓународни натпреварувања, потврдувајќи дека станува збор за еден од најперспективните млади спортисти од Прилеп.
Браво, шампионе!
Малку добри вести за фудбалските вљубеници во Прилеп – Победа успеа да регистрира уште 7 играчи
Неизвесноста околу иднината на ФК Победа изминатиов период предизвика бројни реакции во јавноста, соопштенија и обраќања – не само од клубот, туку и од повеќе организации и поединци. Последно пристигна ставот на Општинскиот фудбалски сојуз – Прилеп, од каде информираат дека во рамки на своите надлежности придонеле сениорскиот тим да ги исполни сите неопходни услови за настап во првото пролетно коло.
Иако ситуацијата изгледаше драматично и во еден момент се доведуваше во прашање продолжувањето на сезоната, Победа во последен момент обезбеди услови за настап во Втора македонска фудбалска лига. За дуелот против ФК Новаци беа пријавени 15 фудбалери, што беше доволно да се избегне службен пораз и сценарио кое можеше да има далекусежни последици за клубот.
Покрај овие 15 играчи кои настапија во саботата, според информациите со кои располагаме, уште седуммина фудбалери извршиле регистрација или пререгистрација и ќе имаат право на настап во следното, второ пролетно коло (вкупно 17-то во сезоната). Во рамки на тој натпревар, прилепчани следната сабота, на 28 февруари, ќе гостуваат кај ФК Саса во Македонска Каменица.
Со ова, барем засега, е избегнато најлошото сценарио и Победа останува дел од второлигашката конкуренција, додека јавноста во Прилеп и понатаму внимателно ги следи случувањата околу клубот.
Пратениците денеска расправаат: Ќе биде ли минималната плата 600 евра?
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, во прво читање, денеска ќе се разгледува на седница на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Овластен предлагач е претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, а меѓу предлагачите се и пратениците: Бисера Костадиновска Стојчевска, Благој Бочварски, Борче Цветков, Горан Мисовски, Даниела Николова, Димитар Ковачевски, Јован Митрески, Јованка Тренчевска, Љупчо Николовски, Миле Талевски, Митко Трајчулески, Моника Зајкова, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Славјанка Петровска, Соња Мираковска и Фатмир Битиќи.
Со предложените измени се предвидува минималната плата во државата да биде утврдена на 600 евра.
Истиот текст на предлог-законот е ставен и на дневен ред на Законодавно-правната комисија, каде што исто така ќе биде разгледан.
„Вечер на романтични балади“ во Офицерски во Битола
НУ Камерен оркестар на Битола свечено ќе ја отвори концертната сезона за 2026 година со концертот „Вечер на романтични балади“, соопштија од организацијата на настанот, што ќе почне во 20 часот во Офицерски дом – Битола.
Под диригентската палка на Владимир Димовски, како што е најавено, оркестарот ќе ѝ понуди на публиката внимателно одбрана програма посветена на романтичниот израз во музиката, со дела од Антонин Дворжак, Јозеф Сук и Петар Илич Чајковски. Влезот е слободен. Концертот е замислен како емотивно музичко доживување и достојно отворање на новата сезона.
– И покрај тоа што оваа година, Министерството за култура одобри само шест проекти, НУ Камерен оркестар на Битола, како и минатата година, ќе се стреми кон реализација на повеќе од 10 концертни и музички проекти во текот на сезоната. За потсетување, во 2025 година оркестарот реализираше 12 проекти, како и повеќе од пет гостувања низ Македонија, потврдувајќи ја својата активна улога на националната музичка сцена, се наведува во соопштението.
Веднаш по отворањето на сезоната, како што се додава, НУ Камерен оркестар на Битола ќе биде дел и од концертот „Засекогаш во срцата“, што по осми пат ќе се одржи во градот.
– Овој концерт, посветен на делото и споменот на Тоше Проески и оваа година ќе се реализира благодарение на ентузијазмот и посветеноста на организаторите, иако за првпат Министерството за култура не одобри финансиска поддршка за истиот. Со ваквиот почеток на сезоната, НУ Камерен оркестар на Битола уште еднаш ја потврдува својата мисија континуирано да создава квалитетна музичка програма и да ѝ понуди на публиката значајни културни настани, без разлика на институционалните предизвици, се додава во соопштението.
Запален затоа што си ја сакал верата: Денеска се празнува Свети Ѓорѓи Кратовски
Свети Ѓорѓи Кратовски е заштитник на градот Кратово, со силен култ не само во Кратовско туку и на многу поширок простор.
На 24/11 февруари Светата православна црква го празнува денот на Свети Ѓорѓи Кратовски кој на овој ден 1515 година во Софија бил мачен, а потоа спален, на 18 годишна возраст. По занает бил кујунџија и останал како заштитник на златарите и кујунџиите.
Житието вели дека свети Ѓорѓи Кратовски е роден во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на родителите, по завршувањето на училиштето, пошол на кујунџиски занает кој во Кратово во тоа време бил популарен и поради рудниците. Набргу станал познат мајстор. Во тоа време турските власти собирале т.н. данок во крв, за пополнување на војската која напредувала кон Европа, правејќи војници-јаничари. За таа цел барале млади и способни деца. Знаејќи дека во Кратово нема да остане долго незабележан решил да замине во Софија, надевајќи се дека поголемиот град нуди повеќе можности да остане незабележан. Така преку Ќустендил, Радомир и Перник пристигнал во Софија. И тука поради способностите набргу се стекнал со углед и бил забележан и од Турците.
Му биле понудени благодетите на царските власти под услов да ја смени верата и да го прифати исламот. Но Ѓорѓи Кратовски без размислување го одбил предлогот поради што бил ставен во затвор. Ја бранел верата Христова поради што бил мачен, а потоа и спален на 24/11 февруари 1515 година.
На 8 јуни (нов стил) моштите на св. Ѓорѓи Кратовски биле пренесени во црквата и овој ден Светата православна црква го празнува како втор празник поврзан со името на овој светец.
На иконите, св. Ѓорѓи Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во десната рака и маслинова гранка во левата. Над ореолот има напис: „Свети Ѓорѓи кој настрада од Селим“.
Неговиот лик бил насликан во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Патралица-кривопаланечко во манастирот „Студеница“ и др. места. Во црквата „Света Богородица“ во Скопје бил претставен со крст во десната и книга во левата рака. Од 17 век е сликан во национална носија. Култот на св. Ѓорѓи Кратовски од Македонија се проширил и во Србија, Бугарија и Русија.
Само куќен притвор за бегалецот Груби
Поранешниот вицепремиер Артан Груби доби мерка куќен притвор, откако одбраната побара ваква мерка, а Обвинителството се согласи со предлогот.
Според неофицијални информации, одбраната образложила дека Груби ќе биде достапен за органите на прогонот, имајќи предвид дека сам се вратил во државата, како и дека не постои опасност од влијание врз постапката, бидејќи истрагата е завршена.
Судијата на претходна постапка добил позитивен став од обвинителот во однос на предлогот за поблага мерка.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, наведуваат од Обвинителството.
Директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Бобан Уткоски, пак, денеска изјави дека безбедноста во установата е загарантирана.
Истрагата против Груби ја води Основното јавно обвинителство Скопје и се однесува на сомнежи дека како раководител на владина седница го одобрил барањето на Државна лотарија за јавна набавка на ВЛТ-терминали, иако институцијата немала законско право самостојно да организира игри на среќа. Тој е осомничен за кривично дело Проневера во службата.
Постапката беше отворена по одлуката на Стејт департмент на САД да го стави на „црната листа“, поради основани сомнежи за вмешаност во коруптивни дејствија.
Груби денеска доброволно се пријави на граничниот премин „Блаце“, по една година откако ја напушти Македонија. По неговото приведување, тој помина 3 часа во притворска ќелија, по што беше спроведен во Обвинителството на увид во доказниот материјал. Поради обемноста на доказниот материјал, увидот ќе продолжи и во наредните денови, по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.





































