дома блог страница 26

Демант од битолски Водовод за политичките обвинувања

Демант на битолски Водовод:

-Јавно демантираме неточни информации објавени во одредени политички статуси за состојбата на улицата Индустриска во н. Боримечка.

Информираме дека чистењето на улиците се врши веднаш по завршувањето на санацијата на дефектите и интервенциите на водоводната мрежа. Во текот на работите, при ископ и поправка, нормално е да има привремено нарушување на површината, но по комплетирање на санацијата нашите екипи вршат расчистување и доведување на теренот во соодветна состојба.

ЈКП „Водовод – Битола, продолжува одговорно и посветено да работи во интерес на граѓаните.

Николоски: Растот на градежништвото е сигурност и поттик за идни инвестиции

Силниот раст на градежништвото од 14,6 % во четвртиот квартал и 21 % раст во третиот квартал од 2025 година даваат силен сигнал за стопанството, сигурност и поттик за идни инвестиции што ќе донесат ситуација во која БДП уште ќе расте, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел дискусијата “Раст на економијата- економска сигурност на граѓаните”.

Тој вели дека за овој континуиран раст на градежништвото има три клучни фактори, инвестициите на државата во крупните капитални проекти, инвестициите во општините и инвестициите кои ги реализира приватниот сектор.

“Првиот фактор е приватниот сектор кој се охрабри да инвестира, заедно со поволните каматни стапки кои што ги добија преку линијата кредити обезбедена во соработка со Унгарија. Второт фактор е задвижувањето на општините, кои што со дотации од Владата но и со сопствени средства влегоа во голем број инфраструктурни проекти, што многу значат за развојот на локалната економија, но исто така и за развојот на малите и средни претпријатија. И третиот фактор се големите крупни инфраструктурни проекти”– потенцираше вицепремиерот Николоски и додаде:

“Се работат неколку крупни инфраструктурни проекти. Прво е изградбата на автопатиштата, каде што паралелно се гради автопатот од Охрид до Кичево, проект кој што беше заборавен и не постоеше пред изборот на оваа Влада. Во втората половина од 2024 година ги правевме припремите, 2025 цела година се работеше и веќе се изградени 37км, се возат 34 км, останува да се изградат уште 21 километри оваа година. Понатаму, работата на автопатите Тетово-Гостивар, Гостивар -Букојчани и автопатот Прилеп Битола. Трите беа започнати од оваа Влада без разлика што беше потпишан договорот во 2023 година.

Имаме околу 50 % прогрес во пробивање на трасата во трите автопати, Веќе се гради првата линија од Градскиот воз кој оди од Зелениково до центарот на Скопје. Некој ќе рече не е голема инвестиција, но вредноста е 6 милиони евра. Со тоа што развиваме сектор во градежништвото кој бил заборавен преку 30 години, ќе поттикнеме многу пртпријатија да инвестираат.

Третиот сегмент се крупните локални инфраструктурни проекти, на пример заедно со Министерството за земјоделие за скоро време ќе отвориме едно вештачко езеро во Гевгелија, првото вештачко езеро после подолг временски период кое што ќе служи за наводнување, а подоцна и потенцијално за производство за електричната енергија. И второто кое што се гради кај Штип, браната на Отиња, која што има одличен прогрес и кое што треба да биде од рекреативен карактер. Очекувам следна година да биде готово и да се полни со вода”– рече вицепремиерот Николоски.

Тој истака дека сите овие капитални проекти придонесуваат за сериозни двоцифрени бројки на раст на градежништвото и како што додаде очекува стапките на раст да продолжат и во текот на оваа година.

Со австриска поддршка од вторник нови бесплатни услуги во општина Кривогаштани (ФОТО)

Денес во официјална посета на Општина Кривогаштани престојуваа австрискиот аташе во Македонија, Харалд Бреза-Фугер, како и претставникот на Амбасадата на Република Австрија, Матијас Хуменбургер.

-Во знак на благодарност за нивната долготрајна поддршка, соработка и несебичен придонес уште од самиот почеток, Општина Кривогаштани им додели плакети за нивниот значаен придонес во развојот на нашата општина. Нивната поддршка има големо значење за реализација на бројни иницијативи и проекти од интерес на граѓаните, информираат од општината.

-Во рамки на посетата ја посетивме и детската градинка, каде разговаравме за тековните и идните активности насочени кон подобрување на условите за најмладите. Воедно, информиравме дека од вторник (10.03) во Општина Кривогаштани започнуваат бесплатни физиотерапевтски услуги и бесплатен логопед, наменети за граѓаните, како дел од нашите заложби за унапредување на социјалната и здравствената грижа во општината, додаваат во соопштението за австриската посета од општина Кривогаштани.

Општина Кривогаштани останува посветена на продлабочување на соработката и градење силни пријателски односи кои носат конкретни придобивки за заедницата.

Во Битола не седат со скрстени раце: Започна изградбата на спортска сала во ООУ „СТИВ НАУМОВ“ (ФОТО)

Започна изградбата на типската училишна спортска сала во дворот на ООУ „Стив Наумов“ Битола. Денеска градоначалникот на Битола, Тони Коњановски беше на локацијата каде ќе биде изградена оваа училишна фискултурна сала на површина од 650 м2.

Објектот е наменет за спортски и рекреативни активности во мали спортови како кошарка, одбојка, гимнастика, ракомет, пинг понг и други спортови поврзани со училишното образование.

Објектот ќе има две секции, едната за помошни простории ( соблекувална, канцеларија и тоалети), а другата секција е фискултурна сала со димензии 15 на 30 метри и висина 7,6 метри.

Вкупната вредност на проектот е 48.297.406 денари и се средства од вториот владин повик преку Министерството за образование и наука, а дел од нив од буџетот на Општина Битола.

Трагедија кај Битола: Во сообраќајна несреќа загина вработен во ЦУК

ЦУК утрово соопшти дека вчера во тешка сообраќајна несреќа на 52-годишна возраст загинал нивен колега.

„На 05.03.2026 година, во тешка сообраќајна несреќа, на 52-годишна возраст, прерано нè напушти нашиот драг колега, Љупчо Бучукоски, оперативен работник во Регионалниот центар за управување со кризи во Битола.

Колективот на Центарот за управување со кризи изразува длабоко жалење за загубата и упатува искрено сочувство до семејството Бучукоски.

Драг Љупчо,

Центарот за управување со кризи ќе те памети по твојата беспрекорна професионалност, посветеност во извршувањето на службените обврски, коректниот однос кон колегите и несебичната поддршка и помош кон граѓаните и градот Битола и Демир Хисар секогаш кога тоа беше потребно.

Денес, кога се простуваме од тебе, со тага но и со гордост за твоите дела, ти благодариме за сè што направи во твојот прерано прекинат животен пат. Ќе останеш запаметен по добрината, човечноста и професионалноста.

Последна почит кон нашиот драг колега Бучукоски ќе се одаде во Капелата од Црквата Света Петка во селото Жван, Општина Демир Хисар, од 13.00 часот на ден 07.03.2026 година, а погребот ќе се изврши на локалните гробишта во селото Жван во 13.30 часот“, напишаа од ЦУК.

Документ на ЦИА открива: Киро Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името

Неодамна објавен документ на американската тајна служба ЦИА открива дека поранешниот македонски претседател Киро Глигоров одбил понуда од 100 милиони долари за промена на името во 1992 година.

Грција во 1992 година му нудела на тогашниот македонски претседател Киро Глигоров финансиска помош од 100 милиони долари за земјата во замена за промена на името на државата на државата, но тој го одбил предлогот, се наведува во неодамна декласификуван документ на американската тајна служба ЦИА.

Документот на ЦИА го опишува Глигоров како „почитуван државник-ветеран и реформатор”, кој „доследно работи на балансирање на спротивставените сили во неговата Република и низ целиот Балкан“.

„Го опишуваат како „мудра стара лисица“ која ги импресионирала со своето чувство за стратегија и со познавање на деталите“.

“ШОК БОМБА” за Прилеп – “Ќе останат само 700 вработени, а своевремено беа 2.800?”

Во најновата колумна за минатонеделните дневно-политички случувања во Прилеп, новинарот Зоран Момироски се осврна и на состојбите во американската фабрика “Гентерм”, која се наоѓа во технолошко-индустриската зона “Алинци”.

-Дали на Прилеп му престои нов шок-бран на отпуштање од работа?! Оние што знаат веројатно мудро молчат и не кажуваат. Неофицијално и во рамки на шпекулации познавачите на приликите тврдат дека ,,Гентерм,, е новата ,,шок бомба,, за градот. За три месеци завршуваат 10 години државни привилегии за странски инвестиции.

Таму се врши целосна реорганизација и голем дел од производството ќе биде дислоцирано во Мароко и Украина. Се очекува да се намалат сите работни места со продуктивност околу 60 %, а ќе има и селекција на оние од 90%. На вработени им се нуди работа во Мароко, што не е реално за нашите работени, а тоа значи ,,сами да си ја стават јамката околу вратот,,.

Инаку пред 10 години кога започна да работи ,,Гентерм,, во ТИРЗ зоната имаше околу 2800 вработени. Покрај од градов беа ангажарина и работници од Битола. Со тек на време овој број е намален на 1900 луѓе, а неофицијално бројот на постојани работници бил позициониран на 1000. А по монтажата на современа технологија за производство што се префрла од Чешка во Прилеп крајниот број на вработени во ,,Гентерм,, најверојатно ќе биде околу 700.

Целата колумна на Момироски прочитајте ја ТУКА

Aнтониј од Прилеп и Марко од Скопје со научен успех во светот на вештачката интелигенција – нивниот труд прифатен на една од најпрестижните AI конференции

Двајца македонски истражувачи постигнаа значаен успех во областа на вештачката интелигенција, откако нивниот научен труд беше прифатен на една од најпрестижните светски конференции за машинско учење – International Conference on Learning Representations.

Станува збор за прилепчанецот Антониј Мијоски и Марко Карбевски од Скопје, кои се автори на научниот труд со наслов „Key and Value Weights Are Probably All You Need: On the Necessity of the Query, Key, Value weight Triplet in Self-Attention Transformers“. Трудот ќе биде презентиран во рамки на работилницата DeLTa на конференцијата.

Истражувањето се фокусира на архитектурата на т.н. Transformer (deep learning architecture) модели – технологија што претставува основа за современите системи за вештачка интелигенција како ChatGPT, Gemini и Claude.

Во трудот се анализира клучниот механизам на овие модели, познат како „self-attention“, при што авторите предлагаат можни подобрувања на начинот на кој функционира системот на тежини „Query, Key и Value“, што е една од основните компоненти во работата на трансформер моделите.

Она што го прави овој успех уште повпечатлив е фактот што истражувањето било реализирано без поддршка од институционален истражувачки центар или лабораторија. Авторите истакнуваат дека сите експерименти биле финансирани лично и реализирани од чист ентузијазам, а дел од нив траеле и со месеци.

Според нивните информации, ова е и прв научен труд зад кој стои целосно македонски тим, а кој учествува на конференција од ваков ранг во областа на вештачката интелигенција.

Авторите посочуваат дека нивната долгорочна цел е развој на модели кои би можеле да најдат практична примена во индустријата, а учеството на конференцијата претставува важен чекор во таа насока.

 

Македонски државјани евакуирани од Израел, со владиниот авион тргнаа од Шарм ел-Шеик кон Скопје

Безбедноста на македонските граѓани е најважна, објави на Фејсбук министерот, Тимчо Муцунски.

-Министерството за надворешни работи и надворешна трговија целосно го координираше процесот на евакуација на македонските државјани од Израел, кои попладнево со владиниот авион полетаа од Шарм ел-Шеик кон Скопје. Станува збор за процес што бараше сериозен ангажман на нашите дипломатско-конзуларни претставништва, доследно почитување на безбедносните процедури и континуирана координација меѓу надлежните институции. Воедно, финализирана е постапката за склучување договор со компанија која во следните денови се очекува да започне да ги реализира летовите за евакуација на македонските државјани од останатите погодени подрачја, во координација со нашите ДКП-а. Нашите дипломатско-конзуларни претставништва и понатаму се на 24-часовно располагање на македонските државјани за секоја потребна помош и поддршка, истакна Муцунски.

“Ганц” нови: Битолски КОМУНАЛЕЦ се поднови со две нови возила за отпад (ФОТО)

Со две нови комунални возила е збогатен возниот парк на јавното претпријатие „Комуналец“ Битола, за што како што вели директорот Горан Степановски она што го ветија пред јавноста го реализираат.

Набавени се две возила, едното за собирање комунален отпад, а другото за селекција на отпад. Капацитетот е од 8 м3 и на двете возила.

На денешната средба со градоначалникот Коњановски и претседателот на Советот Бојкоски, Степановски кажа дека и во текот на 2026 година дополнително ќе се обновува возниот парк.

Јавното претпријатие и во периодот пред нас, ќе работи на обезбедување и на друга механизација, со цел поефикасно извршување на својата дејност, а во интерес на граѓаните и градот во целина.