дома блог страница 24

Прилепчанец пронајден мртов на работното место

Вчера во 07:13 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека во објект на поранешна фабрика на улицата „Карпалак“ во Прилеп е пронајдено безживотно тело на 64-годишен маж од Прилеп, кој бил ангажиран како обезбедување во стражарската куќичка.

Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а увид на местото извршила увидна екипа од полицијата.

Според првичните информации, на телото не биле забележани траги на насилство.

Следува ли ценовен шок? Дизелот поскапува за 14,5 денари, голем скок и кај бензинот

Донесена е нова одлука за највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт во државата. Дизелот поскапува за 14,5, а бензинот за 5 денари. Според новиот ценовник, дизел горивото (ЕУРОДИЗЕЛ БС) ќе се продава по цена од 85,50 денари за литар, додека цената на најкористениот моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 е утврдена на 79,50 денари за литар.

Цената на пооктанскиот бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 81,50 денари за литар. Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) ќе се продава за 82,50 денари за литар, додека цената на Мазутот М-1 НС е утврдена на 42,586 денари за килограм.

Во соопштението се појаснува дека ова се највисоките дозволени малопродажни цени (во кои е пресметан и Данокот на додадена вредност), што значи дека трговците на големо и мало имаат законско право да ги формираат цените и пониско од утврдениот максимум.

Сите цени важат франко пумпна станица, со исклучок на мазутот чија цена важи франко склад на трговецот на големо.

OJO Битола разоткри шема на измами со лажни сообраќајки: Апел до граѓаните да не наседнуваат

Основното јавно обвинителство Битола со координација на дејствија на Истражниот центар во тоа обвинителство и на СВР Битола откри разработена шема на измами на граѓани со лажни сообраќајни несреќи, преку која на подрачјето на ОЈО Битола во последните 2-3 месеци биле измамени над десет граѓани од кои биле извлечени вкупно над 60.000 евра и други вредни предмети. Бројот на вакви настани особено се зголемува од почетокот на февруари, од кога се евидентирани веќе шест слични случаи.

Во сите предмети начинот на извршување е сличен – оштетени се обично повозрасни лица кои добиваат телефонски повик дека некое ним блиско лице е тешко повредено во сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за сложена операција. Втората верзија на лажни факти која измамниците им ја претставуваат на дел од оштетените е дека нивен близок предизвикал сообраќајна несреќа со тешки последици и дека парите се потребни за да се избегне затворска казна.

Доведени во заблуда и исплашени за своите блиски, оштетените се согласуваат лично на рака да исплатат различни суми пари – од неколку десетици илјади денари до над 20.000 евра, златен накит и вредни предмети. Парите ги предаваат на различни локации во Битола, на лица кои претходно, преку оглас на Фејсбук, биле ангажирани за работа. До овој момент, Основното јавно обвинителство Битола има поднесено обвинение против четири вакви лица кои се гонат како соизвршители во измамите и директно ги преземале парите од измамените граѓани.

Според сознанијата на истрагата, парите потоа се пренесуваат и се предаваат кај засега непознато лице во Бугарија. Она што ги поврзува случаите се и телефонски броеви од Романија кои се употребени во сите овие настани за контакт со оштетените.

Од тие причини, Основното јавно обвинителство Битола упати и барање за меѓународна правна помош до органите на овие држави со цел преземање дејствија за откривање на сторителите.

Во меѓувреме, истражните органи апелираат граѓаните да не потпаѓаат на вакви измами и да не се согласуваат на исплата на парични средства “на рака” на лица кои воопшто не ги познаваат.

Кога со малку пари може да се испрати моќна порака: Овој македонски град го докажа тоа (Фото галерија)

Со малку потрошени пари, но со убава идеја може да се покаже многу и да се испрати силна порака и честитка за среќен празник.

Општина Велес го покажа токму тоа! Дрвореди претворени во букети со цвеќе, прекрасна слика покрај црквата Св. Кирил и Методиј, за огромно задоволство и стотици изнудени насмевки кај припадничките од понежниот пол.

Секоја чест за идејата, а останатите нека учат како треба!

Апсолутна војна на теренот помеѓу двата елитни бразилски клубови – Судијата покажа 23 црвени картони (ВИДЕО)

На 23 фудбалери им беа покажани црвени картони откако избувна масовна тепачка меѓу бразилските клубови Крузеиро и Атлетико Минеиро во финалето на Campeonato Mineiro.

Кајо Жорге го постигна победничкиот гол во Бело Оризонте, со што Cruzeiro, предводен од поранешниот селектор на Бразил Тите, го совлада големиот ривал Атлетико Минеиро со 1:0 и ја освои титулата шампион на сојузната држава Минас Жераис за првпат од 2019 година.

Сепак, натпреварот беше засенет од насилен инцидент во последните секунди, кога избувна масовна тепачка поради која мораа да интервенираат обезбедувањето и воената полиција. Поради инцидентот, на 23 фудбалери им беа доделени црвени картони, меѓу кои и поранешниот бразилски репрезентативец Хулк од Атлетико Минеиро.

Масовната пресметка започнала кога голманот на Атлетико, Еверсон, го оттурнал на земја Кристијан и го притиснал со колено на градите, откако играчот на Крузеиро се судрил со него додека се обидувал да стигне до една топка.

Соиграчите на Кристијан веднаш реагирале и се нафрлиле кон голманот, оттурнувајќи го кон стативата, по што настанала поголема мешаница кога се вклучиле и други фудбалери, додека обезбедувањето се обидувало да ги раздели екипите.

Иако за време на натпреварот судијата Делгадо не покажал ниту еден црвен картон, бразилскиот медиум Глобо објави дека подоцна биле исклучени 23 играчи, бидејќи тепачката го спречила судијата да ги додели казните на теренот.

Од редовите на Крузеиро исклучени биле 12 фудбалери, меѓу кои и стрелецот на единствениот гол. Кај Атлетико црвен картон добиле 11 играчи, меѓу кои и поранешниот бек на Атлетико Мадрид и Нотингем Форест, Ренан Лоди, како и Хулк.

„Жално е што се случи ова“, изјави Хулк по инцидентот.

„Не смееме да даваме ваков пример, бидејќи ваквите сцени имаат одек низ целиот свет. Имаме одговорност да го заштитиме нашиот имиџ и имиџот на клубот.“

Инаку, и Атлетико и Крузеиро се без победа по четири кола во тековната сезона во бразилската Campeonato Brasileiro Série A и моментално се наоѓаат на 17-тото, односно 19-тото место на табелата.

Ловџиите од „Мукос“ засадија бадемови дрвца во Мариово – успешна еколошка акција за подобрување на природната средина (ФОТО)

Членовите на ловечкото друштво „Мукос“ од Прилеп вчера успешно реализираа еколошка акција за засадување на бадемови дрвца во ловиштата во Мариовскиот регион.

Акцијата имаше за цел унапредување на природната средина, збогатување на ловиштата и придонес кон зачувување на природната рамнотежа. Во раните утрински часови, ловџиите се собраа кај ресторанот „Етно Мариово“, по што со теренски возила се упатија кон локациите каде беа засадени садниците.

Со оваа активност членовите на друштвото уште еднаш покажаа дека ловците не се само љубители на ловот, туку и активни чувари на природата. Засадувањето на бадемови дрвца има значајна улога во подобрувањето на условите во ловиштата, обезбедувајќи природна храна и подобро живеалиште за дивечот.

Од ловечкото друштво посочуваат дека ваквите акции се дел од нивната континуирана грижа за природата и одговорното стопанисување со ловиштата, со што се продолжува традицијата на еколошка свест и одржливо ловство.

ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА ЕДУЦИРА ЗА ОДГОВОРНО ИГРАЊЕ

Во рамки на проектот “Играј одговорно“, се одржа едукативно предавање со цел превенција и зголемена свесност кај младите луѓе за опасноста и ризиците од прекумерното играње на игрите на среќа.

Со поддршка на Државна Видеолотарија на Македонија – Касинос Австрија, Здружението на лекувани зависници, на 26.02.2026 одржа едукативна работилница за превенција од болести на зависност. Работилницата беше одржана во училиштето Круме Кепески за учениците од осмо и деветто оделение.

Работилницата ја одржа прим. д-р Павлина Васкова, спец. невропсихијатар. На работилницата беа споделени едукативни информации за проблематиката и предизвиците на зависностите, акцентирајќи ја важноста на превенцијата, заштитата и одговорноста.

Особен акцент беше ставен на улогата на едукацијата како клучен фактор во спречувањето на негативните последици од прекумерното играње, особено кај младата популација.

Како компанија која уште од самиот почеток сериозно и системски пристапува кон ова прашање, ДВЛМ преку едукација, навремено информирање и грижа за играчите, активно придонесува кон превенција на негативните последици од прекумерното играње и кон градење култура на одговорно играње.

Видеолотарија Касинос Австрија постојано ги поддржува и развива кампањите за одговорно играње, со посебен акцент на превенција од прекумерно и проблематично играње. Дел од оваа заложба е и континуираната едукација за ризиците од компулсивното играње.

Во 2019 година беше формиран СОС тимот – прв од ваков вид во земјава, со активирана СОС линија за телефонска и електронска поддршка. Советодавната помош ја обезбедува стручен тим од психолози и психијатри, подготвен да понуди поддршка и насоки во доверлива и безбедна форма.

Компанијата е носител на европскиот сертификат за одговорно приредување игри на среќа од Европската асоцијација на лотарии – признание за долгорочната заложба кон одржливо делување, поддршка на спортски, образовни и културни проекти, како и заштита и едукација на играчите.

Континуирано потсетуваме дека учеството во игрите на среќа е дозволено исклучиво за лица над 18 години, во согласност со законските регулативи и принципите на одговорно приредување игри на среќа.

Прво место за младата атлетичарка од Прилеп на Кавадаречкиот полумаратон

Младата атлетичарка од Прилеп, Емили Иваноска, оствари одличен успех на трката на 5 километри во рамки на осмото издание на Кавадаречкиот полумаратон, кој вчера на 8 март се одржа во Кавадарци.

Иваноска беше во одлична форма и со сигурно темпо успеа да го освои првото место во женска конкуренција на оваа популарна улична трка, оставајќи ја зад себе конкуренцијата и уште еднаш потврдувајќи го својот талент во дисциплините на долги патеки.

Кавадаречкиот полумаратон годинава се одржа по осми пат и привлече голем број натпреварувачи од земјата и од странство. Настанот опфати неколку трки – полумаратон на 21 километар, трка на 10 километри и рекреативна трка на 5 километри, со што уште еднаш го потврди својот статус како еден од најмасовните атлетски настани во регионот.

Со овој резултат, Иваноска продолжува со серијата успешни настапи на уличните трки и најавува уште една силна сезона во македонската атлетика.

Две бронзи за прилепските џудисти од “Сеишин” од “Трофеј на Ниш”

На 08.03.2026 во Ниш, Србија се одржа Mеѓународниот џудо турнир „Трофејот на Ниш“, во организација на ЏК Академија Ивезиќ од Ниш. На турнирот настапија вкупно 472 натпреварувачи од 63 клуба, што придонесе за многу силна и квалитетна конкуренција.

Џудо клуб Сеишин Прилеп настапи со 5 натпреварувачи, при што беа освоени 2 бронзени медали:

🥉 Дила Пупаловиќ – 3 место
🥉 Теодора Илиоска – 3 место

Останатите натпреварувачи Марко Марковски, Тамара Илиоска и Матеја Николоска, иако не успеаја да изборат место на пиедесталот, покажаа одлични борби и достојно го претставија клубот.

Честитки за сите натпреварувачи за прикажаните борби и постигнатиот успех.

Тројца возачи во Прилеп завршија со лисици на рацете – Двајца “мортус пијани”, еден возел без возачка

Извадоци од полицискиот билтен на СВР Битола:

-На 07.03.2026 во 02:20 часот на ул.„Александар Македонски” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Д.Ј.(34) од Кавадарци. Имено, при контрола во сообраќајот полициските службеници сопреле патничко возило „цитроен” со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Д.Ј., при што констатирале дека не поседувал важечка возачка дозвола.

-На 05.03.2026 во 16:30 часот на ул.„Леце Котески” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода В.Р.(62) од Скопје. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „сузуки” со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал, при што било констатирано дека го управувал под дејство на алкохол, односно му биле озмерени 2,06 промили алкохол во крвта.

-На 06.03.2026 во 21:10 часот на ул.„Леце Котески” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода И.П.(49) од с.Подвис, кичевско. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле возило „форд” со прилепски регистарски ознаки, управувано од И.П., при што било констатирано дека го управувал под дејство на алкохол, односно измерени му биле 2;44 промили алкохол во крвта.

По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.