дома блог страница 22

Новиот Управен одбор ги расчистува наводите за криминал во Водовод – Ќе следува и пријава до МВР

Дали бомбастично најавениот нов Управен одбор во ЈКП Водовод и канализација ќе успее да се справи со сите неправилности во претходниот период? Се чини дека ќе стане јасно за брзо…

Неофицијално денес ќе се поништи старата комисија за попис и записникот што го направила, се со цел да има ново пребројување и одговор дали фалат само 90.000 евра според некои или повеќе…

Треба да почнат да се реализираат и 6 нови проекти во интерес на градот.

Но, сепак фокусот на јавноста е одговорот како од најуспешно јавно претпријатие во Македонија до 2017, нашиот Водовод падна на ова ниво?

Донесена е одлука за комерцијална ревизија и барање до Државен завод за ревизија да се испита финансиското работење.

Очекувањата се индициите за злоупотреби во теков на неделава да бидат процесуирани и до МВР, за конечно да им дојде умот на сите што од заедничкото претурале во индивидуалното…

Наредниот петок ни следува продолжен викенд

Следен неработен ден за сите граѓани во Република Северна Македонија е 20 март – Рамазан Бајрам кога воедно е и продолжен викенд.

Во продолжение е целосниот календар на неработни денови за 2026 година, за да можете навреме да ги испланирате вашите патувања и одмори.

За сите граѓани на РСМ

Оваа година нè очекуваат дури 7 продолжени викенди за сите граѓани:

  • 1 јануари (четврток) – Нова Година
  • 7 јануари (среда) – Божиќ, првиот ден на Божиќ
  • 20 март (петок) – Рамазан Бајрам (Продолжен викенд)
  • 13 април (понеделник) – Велигден, вториот ден на Велигден (Продолжен викенд)
  • 1 мај (петок) – Ден на трудот (Продолжен викенд)
  • 25 мај (понеделник) – Св. Кирил и Методиј (бидејќи 24 мај е во недела) (Продолжен викенд)
  • 3 август (понеделник) – Ден на Републиката (бидејќи 2 август е во недела) (Продолжен викенд)
  • 8 септември (вторник) – Ден на независноста
  • 12 октомври (понеделник) – Ден на народното востание (бидејќи 11 октомври е во недела) (Продолжен викенд)
  • 23 октомври (петок) – Ден на македонската револуционерна борба (Продолжен викенд)
  • 8 декември (вторник) – Св. Климент Охридски

За граѓаните од православна вероисповед

Покрај државните празници, православните верници имаат дополнителни неработни денови кои исто така формираат продолжени викенди:

  • 19 јануари (понеделник) – Богојавление (Водици) (Продолжен викенд)
  • 10 април (петок) – Велики Петок (пред Велигден)
  • 29 мај (петок) – Духовден (петок пред Духовден) (Продолжен викенд)
  • 28 август (петок) – Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица) (Продолжен викенд)

За граѓаните од муслиманска вероисповед

  • 27 мај (среда) – Курбан Бајрам, првиот ден на Курбан Бајрам

За граѓаните од католичка вероисповед

  • 6 април (понеделник) – Велигден, вториот ден на Велигден
  • 1 ноември (недела) – Празникот на сите светци
  • 25 декември (петок) – Божиќ, првиот ден на Божиќ

Николоски: Стратешкото партнерство со САД ја гарантираат стабилноста и економскиот просперитет на Македoнија

Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски оствари работни средби во Стејт Департментот каде се разговараше за стратешкото партнерство помеѓу Македонија и САД, со посебен акцент на политичките и економски врски.

На средбата со Даниел Лоутон, заменик помошник државен секретар задолжен за Европа, беше потенцирано силното партнерство меѓу двете земји засновано на меѓусебна поддршка и заедничка посветеност кон демократските вредности и создавање на подобри перспективи за економска и трговска соработка.

Во продолжение интегралната изјава на вицепремиерот Николоски по средбите во Стејт Департментот:

„Денеска во американскиот Стејт Департмент остварив неколку средби на високо ниво на кои што разговаравме за односите помеѓу нашите две држави. САД се стратешки партнер број еден на Македонија, држава која што најмногу ја подржува Македонија и зборувавме за заедничката економска и политичка соработка. Помеѓу другото се сретнав и со заменик помошникот Државен секретар задолжен за Европа, Даниел Лоутон. На средбата разговаравме за продлабочување на политичките и економски врски меѓу двете држави како и за стратешкото партнерство кое што го делиме, разговараме за соработката во НАТО во овие предизвикувачки времиња, како и заедничките операции што ги водиме. Зборувавме за економската соработка пред се во делот на енергетската транзиција и изградба на коридорите. Зборувавме за Пан европските коридори 8 и 10 кои што поминуваат низ Македонија и кои што се витално значајни за економијата и безбедноста на нашата држава. Зборувавме и за продлабочување на соработката во следниот период, очекуваме повторно да се активира Стратешкиот дијалог каде ќе разговараме за заедничките предизвици што ги имаат двете држави. Тука е и трговскиот договор кои што треба да овозможи многу повеќе бизнис, многу повеќе трговија помеѓу двете држави и секако стратешкото партнерство кое што треба да значи просперитет, напредок, безбедност и прозападни вредности на Македонија“, изјави вицепремиерот Николоски.

Работната посета на Вашингтон, вицепремиерот Николоски денеска ја продолжува со обраќање на глобалниот настан “Transforming Transportation 2026”.

Прилепчанецот го објави списокот на ракометари за престојниот собир на кадетската репрезентација

Селекторот на машката кадетска репрезентација на Македонија, Горан Кузманоски, го објави списокот за претстојниот собир.

Во рамките на ЕХФ неделата, кадетите ќе бидат на петдневен собир во кој ќе одиграат две пријателски средби со младинската репрезентација.

Кузманоски смета на 19 ракометари за оваа акција, а овој собир е дел од подготовките за настапот на Европското првенство.

Македонија ќе биде дел од ЕП во Србија од 29 јули до 9 август, а ќе биде во група со селекциите на Франција, Шведска и Словенија.

ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА ИСПЛАТИ 50.087.531 ДЕНАРИ ЗА ВЛТ ДОБИВКИ ВО ФЕВРУАРИ!

Видеолотарија Касинос Австрија им исплати фантастични 50.087.531 на играчите на ВЛТ терминалите ширум Македонија во периодот од 01.02.2026 до 28.02.2026.

Овие бројки се убав доказ за илјадници нови среќни приказни. Во февруари имавме:

3 СУПЕР МИЛИОНЕР џекпот добитници → исплатени вкупно 21.649.362 денари
15 МИЛИОНЕР џекпот добитници → исплатени вкупно 21.949.702 денари
МИНИ џекпот добитници → играчите заедно поделија 6.488.467 денари
Видеолотарија Касинос Австрија повеќе од една деценија успешно работи во согласност со сите законски регулативи и меѓународни стандарди.

Во изминатите 11 години, на среќните играчи низ Македонија им се исплатени преку три милијарди денари – доказ за транспарентност, стабилност и лидерска позиција во областа на електронските игри на среќа.

Дополнително, 2025 година ќе се памети како година на рекорди, еуфорија и многу среќни ВЛТ добитници! Видеолотарија Касинос Австрија во текот на годината им исплати на играчите на ВЛТ импресивни 814.512.912 денари, односно повеќе од 13 милиони евра за ПРЕМИУМ, РОЈАЛ, СУПЕР МИЛИОНЕР, МИЛИОНЕР и МИНИ џекпот!

Во битолско село Трн се асфалтираат 5 улици – Жителите преблагодарни на општината (ФОТО)

Пред две недели започна реконструкцијата на пет улици во селото Трн, а од денеска се асфалтира и се очекува со асфалтирање да се заврши до в четврток.

Денеска увид во градежните работи извршија градоначалникот Тони Коњановски, претседателот на Советот, Бојан Бојкоски заедно со надлежните за овој проект.

Реконструкцијата опфаќаше пет улици со вкупна должина од 1021,14 метри, сите широки по 3,5 метри и банкини од двете страни широки од 50 см.

Вкупната вредност на проектот е 7.181.218 денари, а средствата се обезбедени од Министерството за транспорт преку вториот владин повик.

Со ова се подобрува патната инфрастуктура и во руралните средини, што е императив на општината да обезбеди пристојни услови за живот на сите жители.

Вредно е да се напомене дека за кусо време, односно со динамична работа проектот се финализира.

(ВИДЕО) Комуналец со нова видео сесија, за тоа што им е должност и се преплатени од граѓаните

За волја на вистината, овојпат изостана снимањето од дрон, но граѓаните и понатаму се прашуваат зошто комуналните претпријатија буквално се фалат со активности кои им се во редовниот круг на работи, обврски за кои граѓаните плаќаат со дебели сметки…

Во време кога во светот роботи ги чистат улиците, ние секојдневно гледаме видеа од камионот на ЈКП Комуналец како мие улици и јавни површини, еве денеска се пофалија со чистење на просторот во Царинскиот терминал во Прилеп. Ако не нешто друго, барем научивме дека површината на терминалот е 5000м2, многу важен податок кој го потенцирале.

-Со цел да им се овозможи чиста, здрава и пријатна средина при престојот на стопанствениците и превозниците,а воедно и на вработените во царината и терминалот, се изврши чистење и миење на просторот за царинење, пристапните коловозни ленти, паркинг просторот и просторот за влез во царинската хала на површина од 5000м2., стои во објавата од Комуналец.

Гентерм ќе отпушта работници, потврди и Ристески, но ќе се отвори новиот погон на WIK

Американската компанија за производство на автомобилски компоненти „Гентерм“, која работи во ТИРЗ Прилеп, ќе започне со намалување на бројот на вработени поради модернизација на производниот процес. Ова денеска oд Прилеп го потврди заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

„Наша цел и интенција е како Влада и понатаму да привлекуваме домашни и странски инвеститори, да ги зголемуваме инвестициите, знаеме дека за помалку од 1 месец ќе биде отворен и новиот погом на WIK така што голем дел од овие кои ќе останат без работа поради новата линија и новите тејнолошки процеси во Гентерм, се надевам дека ќе најдат работно место во новоотворениот погон на WIK“, рече Марјан Ристески, заменик министер за економија.

Засега нема официјални информации колку работници ќе бидат опфатени со оваа мерка, но неофицијално се споменува дека околу 400 лица би можеле да останат без работа, поради пренасочување на дел од производството во Мароко, како и делумно враќање на производните процеси во Украина.

Прилепскиот театар ја подготвува претставата “Саатот” во режија на Кристина Димитрова

Во театарот „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Саатот“ од Лидија Митоска Ѓорѓиевска, во режија на Кристина Димитрова. Костимографија и сценографија: Благој Мицевски. Музика: Филип Јездиќ и Томе Темелкоски. Во претставата ќе настапуваат: Димитар Ѓеорѓиевски, Наташа Ачански и Филип Јездиќ.

„Саатот“ е интимна трагикомедија со апсурдни и постмодерни драматуршки елементи. Двајца актери на сцена ќе ги играат лицата на Вера и Јован, плус уште еден актер/музичар ќе го игра персонифицираниот ѕиден часовник. Улогата на часовникот ќе биде да покаже повеќе аспекти од животот на новото време.

– Што е време? Времето е она што часовниците го мерат, рекол еднаш Ајнштајн. Информациите за времето го кажуваат времетраењето на настаните, и кога тие се случуваат, или кои настани се случуваат пред кои други. Времето игра многу значајна улога во структурата на универзумот, вклучувајќи ја и структурата на нашиот личен живот. Сепак, има многу нерешени прашања, и филозофски и научни. Ќе пробаме да навлеземе во таа суштина на времето, преку ритамот на СААТОТ. Дали времето е музиката на животот? Јован е маж на Вера. Како што го опишува писателката Митоска, тој е ведар, опуштен и исполнет човек кој наоѓа задоволство во малите нешта. Вера, од друга страна, ниту може да дејствува и да ја промени својата состојба во општеството што се распаѓа, ниту може да се помири и да најде спокојство во својот мирен, „нормален“ живот. Распаѓањето на општеството го симболизира распаѓањето на животот… Сопругот и сопругата имаат различно психолошко време во себе и во нив се наоѓа различен часовник кој што свири различна музика. Иако Вера живее со партнерот во разбирање и љубов. Но, таа се случува дека ништо не се менува, а кога нема промени, времето не е гледа и чувствува. Вера се чувствува заглавена во секојдневните рутини, секој ден и е ист и гледа како животот и минува без вистински да го живее. Постојано го убедува да заминат и да почнат нов живот, но за Јован тоа е неприфатливо. Саатот го следи секој нејзин чекор и буквално и ги брои секундите, поточно, и ги одбројува. Тој часовник чука во неа. Вера и Јован живеат во различно време, во различно темпо. Нивните души не можат да се пронајдат во нивното субјективно гледање на животот. Оваа пиеса обработува бројни социјални и филозофски теми низ лесен дијалог и едноставно дејство. Започнува во јавето, а завршува некаде меѓу јавето и сонот. Репликите се кратки и напишани на едноставен, разговорен јазик. Ќе се почувствува осаменоста, времето, двете души во времето и ќе пробаме да го слушнеме нивниот ритам. Секако и темата распад на душата и распад на општеството ќе игра клучна улога во концептот и идејата на самата претстава – вели режисерот Критина Димитрова.

Претставата е дел од програмата за работа во 2026 година на театарот „Војдан Чернодрински“ поддржана од Министерството за култура и туризам. Премиерата е на почетокот на април.

Владата даде предлог за нов државен јавен обвинител

Владата денеска го предложи судијата од Кривичен суд, Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. Предлогот на Владата треба да биде изгласан од Собранието. За изборот на државниот обвинител се потребни 61 глас.

Портпаролката на Владата Марија Митева на денешната прес-конференција истакна дека Владата се раководела од принципите на професионалност, интегритет, стручност и доследна посветеност на владеењето на правото.

-Ненад Савески е судија во Кривичниот суд и во текот на својата професионална кариера има изградено репутација на правник со долгогодишно искуство, препознатлив по својата стручност, професионален интегритет и посветеност на принципите на законитост и правда, рече Митева.

Ненад Савески е роден во 1976 година, живее во Гостивар, оженет, татко на 3 деца. Тој е магистер по правни науки – казнено право, магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при УКИМ Скопје, каде ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.

Савески од 2016 година е судија во Основен кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.

Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основно јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основен суд Гостивар. Во тој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.

Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески е наведено дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Совет на Европа, ОБСЕ и на УСАИД.

Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.

Од академската кариера Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.

Тој е автор и коавтор на трудови за: посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации.

Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.