Автопатот Гостивар Букојчани го градиме интензивно. Веќе 17 километри се пробиени со кои се заобиколува популарната „Стража”, објави на својот фејсбук профил вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски каде сподели и видео:
”Интензивни градежни активности на автопатот Гостивар – Букојчани, дел од Коридор 8, делница Скопје – Струга – Охрид
Веќе 17 километри се пробиени со кои се заобиколува популарната „Стража“
Ја градиме Македонија! ” – објави вицепремиерот Николоски.
На 30.11.2025 во 23:12 часот на ул.„Партизанска“ кај место викано „Фонтана“ во Македонски Брод, полициски службеници од Полициската станица Македонски Брод го лишија од слобода Б.А.(64) од с.Дебреште, општина Долнени. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,58 промили алкохол во крвта, по што веднаш е исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Ноќеска (01.12.2025) во 01:00 часот на ул.„Александар Македонски“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода И.В.(23) од Прилеп. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген“ со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки констатирано е дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта, по што веднаш е исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настаните, против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Културната сцена/понуда во Прилеп во последните десетина години доживеа таква стагнација, што уживателите на добра музика и редовните посетители на концерти / настани од културата од Прилеп за да ги задоволат своите потреби беа приморани да патуваат во другите градови од Македонија. Како резултат на таквата ситуација во градов, независната културна сцена во последните неколку години го држи приматот на најголем организатор на настани од културата ….овој пат, за прв пат во Прилеп, скромен придонес ќе даде и иницијативата „500 денари рекет“ која ќе иницира барем еден настан од културата месечно…
За почеток ќе ни го понудат концертот и промоцијата на албум на битолскиот бенд ВЕЛ и специјалниот гостин на вечерта Горан Трајкоски – ГОТРА…како што беа претставени на ПИН музичката конференција:
„Две креативни сили, една визија — првпат заедно на сцена. Горан Трајкоски – Готра, еден од највлијателните автори и гласови на алтернативната и експериментална музика, се здружува со битолскиот бенд VEL за посебен настап што ги спојува длабоките музички корени со современиот звук.Од „Пред дождот“ до „Црнило“, оваа соработка отвора ново поглавје во македонската музичка авангарда — интензивна, возвишена и моќна изведба што ветува ќе остави трага….“
Изненадување на вечерта ќе биде придружната изложба на нашата Костадинка Нешова- Солеска, „Шепот на соништата“ која ќе ни ги претстави уникатните ловци на соништа кои неколку години наназад ги изработува.
Настанот ќе се одржи на 05 декември 2025г (петок) во кино салата Мис Стон со почеток во 21.00ч.
Граѓаните на Прилеп ќе можат да го поддржат овој настан и да бидат дел од истиот со купената влезница од 200 денари.
Создавањето здрави, храбри, мислечки и сочувствителни личности е континуиран процес кој започнува уште од најмалата возраст кај децата.
Најпрвин во семејството, потоа во училиштето, но секогаш како заедничка спрега помеѓу овие два клучни чинители. За таа цел, Министерството за образование и наука веќе спроведува редица реформни промени, со краен исход дека знаењето е тесно поврзано со емпатијата и чувствата кај учениците. Ова го истакна министерката за образование на денешната петта по ред панел-дискусија на тема: „Магијата на создавање храбри, мислечки и сочувствителни личности“, која се одржа во Струмица, а како дел од Националната кампања „Магијата е во знаењето“ – oбјави “АЛФА ТВ”
„Она што би сакала да се изгласа во Парламентот, откако ќе ги завршиме т.н. реформи, јас ќе ги наречам промени… и да видиме дека по одреден број години, еве на пример 2, 3 или 5, сè е во ред, тогаш би сакала да донесеме еден политички консензус во кој сите политички партии ќе се сложат дека овој континуитет треба да се одржува: и во наставни планови, и во наставни програми и во други принципи… значи дека која власт и да дојде ќе се придржува до тие принципи… Се разбира, во таа една декларација ќе има место за знаењето, за наставниците, место за учениците, место и за политичарите, и да се придржуваме до неа за да не правиме деструктивни процеси во образованието“, рече проф. д-р Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Дека образовниот процес е комплексен дел од развојот на личноста, особено во време кога децата, односно учениците, живеат во два паралелни света – реалниот и виртуелниот – согласни се и наставниците, а и психолозите. Тие сметаат дека првиот пример на кој се огледуваат децата се родителите и наставниците, па затоа тие треба да бидат особено внимателни во тоа што и како им презентираат на децата.
„Кога детето ќе ја земе лектирата да ја чита… и додека тоа чита, јас седам на мојот мобилен телефон и сум на социјалните мрежи. Детето мене никогаш не ме видело со книга в раце, а јас барам од него тоа да го прави. И сега, моделот родителски во тој случај е крајно негативен, па и моделот професорски или наставнички“, истакна Ана Витанова-Рингачева, вонреден професор при УГД – Штип.
„Учениците кога доаѓаат за првпат во училиштето не доаѓаат само со ранчето на грбот со книгите. Доаѓаат со два ранци на грбот. Ние возрасните како и да не го гледаме другиот ранец. Во другиот ранец имаат чувства, стравови, емоции, страв од непознато, страв од светлина“, кажа Стојне Митева, психолог и гешталт-терапевт во ООУ „Маршал Тито“, Муртино.
На панел-дискусијата стана збор и за приодот кон сè побројните деца со посебни образовни потреби, како и за учениците на болничко лекување, а за што министерката Јаневска посочи дека се посветува големо внимание за нивна што побезболна и поцелисходна инклузија во образовниот процес, што кај нас е новина.
Заврши третиот Балкански покер шампионат во Македонскиот Лас Вегас, а победник oваа година е прилепчанецот Дадо Думаниќ. За разлика од минатиот септември кога охриѓанецот Симон Божиноски беше втор, овојпат парите останаа во Македонија.
-Думаниќ во поголемиот дел од турнирот беше чип лидер, а со искуството кое го има успеа да ја зачува односно зголемува предноста до самиот крај. Вреди да се истакне дека на финалната маса имавме уште двајца играчи кои завршија 5ти односно 6ти : Горан Рошкоски (€6.810.00) и Игор Четкович (€5.636.00). Уште едно добро представување на нашите, а следниот шампионат е веќе закажан за идниот март (16-22) – велат од Македонската покер федерација.
Со оваа победа и освоените €30.000 со зделка прилепчанецот е сериозен кандидат за играч на годината 2025.
-За повеќе информации како да се вклучите во онлајн турнирите за серијата ”Macedonian Open” преку кои може да освоите влез за мартовскиот “Balkan Poker Championship” #4 кој е со гарантирани €300.000 пишете ни на [email protected] – стои во соопштението.
Првиот вицепремиер и министер за финансии Синиша Мали објави дека од денеска (1.декември) пензиите во Србија ќе бидат зголемени за 12,2 проценти. Како што изјави Мали на социјалните мрежи, оваа година пензиите за сите пензионери ќе бидат зголемени еден месец порано, почнувајќи од декември, наместо од јануари, а првите зголемени пензии ќе бидат исплатени на почетокот на јануари, пред божиќните празници.
„Со претстојното зголемување на пензиите, просечната пензија оваа година ќе изнесува околу 437 евра, додека просечната пензија во 2026 година ќе достигне 488 евра. Навистина огромна разлика во споредба со 2012 година, кога просечната пензија беше 204 евра“, рече Мали.
Мали додаде дека она што е особено важно за најстарите граѓани е пензиите да се зголемуваат во реални услови, далеку над стапката на инфлација. „Ако го погледнеме периодот од 2020 до 2026 година, номиналниот раст на пензиите е 117,1 процент, а реалниот раст е дури 45,2, со оглед на тоа што очекуваната инфлација во наведениот период е 49,4 проценти. Значи, имаме реален раст на куповната моќ на пензиите, што значи дека го подобруваме квалитетот на живот на нашите најстари граѓани, а воедно ја одржуваме и макроекономската стабилност“, додаде тој.
Се сеќавате на малиот Никодим од Прилеп, детенцето кое во хуманост ја обедини цела Македонија? На 3 години на ова слатко детенце му беше дијагностицирана ИНФИЛТРАТИВНА ТУМУРСКА МАСА, при што минатата година беше опериран во болница во Истанбул, каде имаше операција на тумор на главата и поставување шант.
Но, кога семејството конечно здивна, а Никодим преброди голема болка што ниту возрасен не би ја издржал, тумурот одново се појави, овој пат двојно поголем и многу поагресивен.
Семејството одново бара помош, сега поради итноста на здравствената сосојба потребно е новата операција да се направи што поскоро, а Никодим да добие детство какво што заслужува.
Неговите родители повторно преку Фондацијата “Павел Андреев” бараат помош за собирање финансиски средства, а сите ние сме повикани да помогнеме колку што можеме.
-Секој родител живее за насмевката на своето дете… а јас, веќе подолго време, се борам да ја видам насмевката на мојот Никодим повторно. Мојот син има само четири години, а веќе помина низ болки што ниеден возрасен не би ги издржал. Пред една година ја преживеа својата најтешка битка – операција на тумор на главата и поставување шант. Сите се надевавме дека тоа ќе биде крајот на страдањето, дека конечно ќе започнеме ново поглавје, без болка, со надеж. Но, животот повторно ни го скрши срцето. Туморот се врати – овој пат двојно поголем и многу поагресивен. Никодим сега е во критична состојба и му е потребна ИТНА операција, по што ќе следат хемотерапии и радиотерапии. Професорот ни кажа дека времето е клучно и дека секое одложување може да го чини животот на моето дете. Секој ден за нас е борба со страв, со немоќ, со неизвесност. Секое негово „мамо“ е потсетник зошто морам да бидам силна – дури и кога сè ме боли. Знам дека не можеме сами. Затоа, со скршено срце, но со огромна вера во добрината на луѓето, ви се обраќам: Помогнете му на мојот Никодим. Секоја донација, секое споделување, секој збор на поддршка е дел од неговата борба за живот. Да се обединиме и да му ја дадеме шансата која секое дете ја заслужува – да живее, да расте, да се смее, да си игра без болка. Од дното на моето срце ви благодарам на сите што сте дел од нашата приказна. Вашата помош за нас не е само хуманост – таа е живот – стои во објавата на социјалните мрежи на мајката на малиот Никодим.
Ајде хуман Прилепе, ајде хумана Македонијо, да помогнеме колку што можеме! Отворете го линкот во продолжение и ДОНИРАЈТЕ:
Вработените од ЈУ МЦСР – Прилеп по немилиот настан во март годинава одржаа протест пред институцијата
А.Ј. – 51-годишниот прилепчанец кој во март годинава, пукаше и застрела вработена службеничка во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа -Прилеп, повторно во текот на вчерашниот ден избегал од психијатриската болница во Демир Хисар, но бил уапсен на “Мечкин Камен” во Крушево.
-На 29.11 2025 во 17:00 часот, полициски службеници од ОВР Прилеп на место викано „Мечкин Камен” во Крушево го приведоа А.Ј.(51) од Прилеп. Имено, претходно, во 13:35 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека од Психијатриската болница Демир Хисар, А.Ј.(51) од Прилеп се оддалечил од болницата, соопштија од МВР.
Планот на А.Ј. наводно бил пешки да се упати од Крушево и преку Кривогаштани да стигне во Прилеп, а намерите повторно му биле исти.
Тој на 24.03. годинава со огнено оружје пукаше во вработената М.Ѓ.(37) од Прилеп и ѝ нанесе тешки повреди. М.Ѓ., по што службеничката тогаш заврши на болничко лекување каде ѝ беа констатирани тешки телесни повреди.
И тогаш А.Ј. успеал прво да избега при транспорт од ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар до Основен суд Прилеп, па не е јасно како институциите дозволија во два наврати истиот човек да им избега, со можност да го повтори делото.
Една од најголемите естрадни ѕвезди кај нас, Наум Петрески, ќе ги забавува прилепчани за Новогодишната ноќ на плоштадот “Методија Андонов-Ченто”, дознава Маркукуле.
Изминатите неколку години за новогодишните прослави беа ангажирани локални групи и изведувачи, па ова е прв пат по подолго време една поголема ѕвезда да им пее на прилепчани на плоштад.
Засега не е познато дали Наум Петрески ќе биде единствениот изведувач, или во програмата ќе има вклучено и други уметници.
Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинени против три лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик, додека првообвинетиот од нив се товари и за продолжено – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г.
Тој подолг временски период на неговиот личен профил на Фејсбук пишувал објави со говор на омраза, навреди и повици за насилство и закани насочени кон оштетениот градоначалник на Кавадарци, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус. Обвинетиот 32-годишник објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како потврда за сериозноста на заканите споделувал и видеа во кои самиот пукал со автоматска пушка и пиштол.
Од јули годинава започнал и преку телефонска апликација да се јавува кај градоначалникот, лично и преку пораки да се заканува по животот на оштетениот и неговото семејство.
Второобвинетиот, исто така телефонски, пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет. Третиот обвинет, пак, коментирал на Фејсбук објавите на првиот обвинет, заканувајќи се со убиство на оштетениот градоначалник.
За првообвинетиот, кој има двојно македонско и бугарско државјанство, јавниот обвинител процени дека постои реален ризик од бегство и опасност да го изврши делото со кое се заканува, па до судијата за претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднесе и посебен предлог за определување мерка притвор.