дома блог страница 19

Од Прилеп до светска бизнис школа: Прилепчанец предаваше на еден од водечките универзитети во Велика Британија

Успехот на младите луѓе од Македонија сè почесто се препознава и на глобалната сцена. Таков е и примерот на прилепчанецот Петар Кироваков, кој минатата недела имаше исклучителна чест да биде еден од главните говорници на престижната Warwick Business School, дел од University of Warwick, еден од водечките универзитети во Велика Британија.

Кироваков одржа предавање пред студенти на тема маркетинг, претприемништво и современи бизнис стратегии, при што сподели практични искуства од својата професионална кариера, вклучително и работата со глобалниот бренд Porsche.

Настанот претставуваше не само професионално признание за неговата работа, туку и инспиративен пример како знаењето, трудот и амбицијата можат да отворат врати и на најпрестижните академски институции во светот.

Во разговор за нашата редакција, Кироваков зборува за тоа како дошло до поканата, што споделил со студентите и каква порака има за младите луѓе од Македонија кои сакаат да изградат меѓународна кариера.

Како дојде до поканата да одржиш предавање на Warwick Business School?

-Пред сѐ поканата претставуваше навистина исклучителна чест и еден од оние моменти кои човек ги памети долго. Поканата всушност пристигна уште минатата година и морам да признаам дека во првиот момент дури помислив дека можеби станува збор за некаква грешка или недоразбирање. Изгледаше речиси предобро за да биде вистина.

Можноста да се говори на водечки светски универзитет отсекогаш била една од моите лични амбиции. Сепак, самата покана од Warwick Business School не значеше веднаш и конечна потврда. Таа беше почеток на сериозен и внимателно структуриран процес.

Следуваа неколку интервјуа и разговори со академскиот тим, со цел да се утврди дали моето професионално искуство и претприемачки пат навистина можат да понудат вредност за студентите. Факултетот сакаше да се увери дека мојата приказна – од надминување на лични и професионални предизвици, преку работа во глобалниот бренд екосистем, до градење сопствени бизнис иницијативи – може да понуди реални и практични лекции за младите луѓе кои се подготвуваат да влезат во светот на бизнисот.

Искрено уживав во тој процес. Тој не беше само професионален, туку и длабоко рефлективен. Ми даде можност повторно да се навратам на сопствениот пат како претприемач, да размислам за одлуките, ризиците и лекциите научени по патот и да ги претворам тие искуства во пораки кои можат да им бидат корисни на студентите.

За кои теми разговаравте со студентите и како твоето искуство во Porsche помогна да ги илустрирате тие примери?

-Главните теми за кои разговаравме со студентите беа маркетингот, претприемништвото и растечката улога на вештачката интелигенција во современиот бизнис.

Во разговорот често го користев моето практично искуство од работата со Porsche како пример за тоа како големите брендови градат стратегија, вредност и долгорочни партнерства на глобалниот пазар.

Наместо класично академско предавање, се обидов разговорот да го направам повеќе како приказна – за реални ситуации од бизнисот, за одлуки што морале да се донесат брзо, за креативни маркетинг стратегии и за тоа како новите технологии, особено вештачката интелигенција, почнуваат да играат сѐ поголема улога во современиот маркетинг.

Каква беше реакцијата на студентите и што најмногу ги интересираше?

-Интересно беше што студентите на Warwick Business School покажаа голема љубопитност не само за бизнис стратегиите, туку и за мојата лична приказна.

Голем дел од нив доаѓаат од различни делови на светот, па разговорот природно се насочи кон моето патување како некој што доаѓа од Северна Македонија, продолжува со студии во САД, а денес работи и гради бизнис во Лондон.

Токму тој дел од приказната мислам беше најинспиративен за нив. Сакав да им покажам дека патот не мора секогаш да биде линеарен и дека местото каде што сте родени не мора да го дефинира вашиот потенцијал.

По самата презентација останав уште подолго со студентите, разговаравме и одговарав на нивните прашања. Многумина сакаа да слушнат повеќе за тоа што навистина е потребно за да се стигне таму каде што сум денес, кои биле најголемите предизвици, како се граделе контактите и како се создавале можностите.

Што значи за тебе, како професионалец со македонско потекло, да предаваш на ваков престижен универзитет?

-Институции како Harvard University отсекогаш за мене претставувале врв на академскиот свет – место каде што искуството, визијата и личната приказна можат да се претворат во инспирација за идните генерации.

Во Обединетото Кралство, Warwick Business School има слична тежина и престиж. Токму затоа оваа покана носеше посебна вредност и значење.

За мене оваа можност никогаш не беше само формално предавање пред студенти, туку продолжение на една подлабока мисија – да покажам дека со визија, храброст и упорност дури и најамбициозните цели можат да се претворат во реалност.

Доаѓам од релативно мала земја и токму затоа ваквите моменти имаат уште поголемо значење. Тие се потсетник дека потеклото не мора да ги дефинира границите на човековите можности.

Кој совет би им го дал на младите луѓе од Македонија кои сакаат меѓународна кариера во бизнис и маркетинг?

-Мојот совет кон младите луѓе е пред сѐ да веруваат во сопствените соништа и да останат верни на нив, без разлика колку далечни или тешко достижни може да изгледаат на почетокот.

Кога пред околу седум години донесов одлука да се преселам во Лондон, многу работи беа неизвесни. Но токму во тие моменти се создаваат најважните пресврти во животот.

Патот кон меѓународна кариера ретко е едноставен. Тој бара храброст, трпение и подготвеност да се излезе од сопствената зона на комфор.

Затоа мојот најискрен совет е секогаш да го направите тој прв чекор. Без разлика колку предизвикувачки може да изгледа. Со самиот чин на тој чекор веќе не стоите на истото место – веќе сте еден чекор поблиску до целта.

Петар ти благодариме за инспиративниот разговор и ти посакуваме огромни успеси во иднина, како на приватен, така и на професионален план!

Tрагедија: 20-годишно момче без знаци на живот донесено во прилепската болница

-На 12.03.2026 во 17:55 часот во СВР Битола е пријавено дека од с.Саждево, крушевско, во Општата болница Прилеп без знаци на живот бил донесен А.И.(20) од с. Саждево. Според пријавеното, тој бил удрен од струен удар, по што починал, а смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увидот го извршила увидната екипа на ОВР Прилеп – информираат од СВР Битола.

Прилепчани науморно работат на валоризација на културното наследство – Се работи на елаборат на споменичното наоѓалиште Градок кај с.Манастир

Стручна екипа од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп го реализира Елаборатот за валоризација на споменичната целина Градок кај селото Манастир.

Археолошкото наоѓалиште се наоѓа на мошне доминантно возвишување над долината на Црна Река, а во близина на Расимбегов мост. Стратегиско значајниот воен пункт – утврдување од доцната антика, прераснува во важен христијански центар во средновековието во областа Мариово.

Покрај добро сочувана ѕидна архитектура од две цркви, видливи се и остатоци од бедемите, како и од градбите со различна намена во акрополата и подградието. Со валоризирањето, археолошкиот локалитет ќе добие повисок статус на заштита.

Во реализацијата на Елаборатот е вклучен и археологот Христијан Талевски од Институтот за Словенска култура.

Јанчев: “За 3 месеци имаме 1,5 милиони евра донации од приватен сектор за реализација на проекти”

Oд почетокот на годината имаме 1,5 милиони евра донации од приватниот сектор за реализација на инфраструктурни објекти – истакна на последната седница на Советот на општина Кавадарци, градоначалникот Митко Јанчев.

“ЛИДЛ донираше средства за изградба на кружен тек, од Орка Холдинг добивме средства за кејот во висина од 300.000 евра, фотоволтаици имаме 100.000 евра, и да не ги броиме другите, значи 1,5 милиони евра имаме донации од почетокот на годината”, рече Јанчев од говорницата.

Градоначалникот во понатамошното излагање зборуваше за тековните и планираните проекти и целосно ги демантираше обвинувањата од опозициските советници. Целото излагање на Јанчев погледнете

Коњановски: Во 2025 реализиравме 400 милиони денари во инфраструктурни објекти

Денеска заседава Советот на Општина Битола каде на дневен ред е и завршната сметка и годишниот извештај на Општина Битола за 2025 година.

Во продолжение Ви го пренесуваме интергрално обраќањето на градоначалникот Тони Коњановски:

Почитуван претседателе на Совет,

Советници,

Јавност и медиуми

8, 13, 100, три бројки за весела математика, добра комбинација за почеток. Беше 8 март и помина, уште еднаш честитки до припадничките на понежниот пол, денеска е петок 13-ти и тој ќе помине, а мојата бројка е 100. Таа ќе ја слушате во голем дел од говорот, но не дека јас така си ја измислив, туку и самите знаете за што зборувам, а ќе ја игнорирате, но јас за јавноста да кажам, тоа е процентот на реализацијата.

Пред вас денеска е завршната сметка на Општина Битола за 2025 година и годишниот извештај за истата таа година. Фокусирани бевме на многу проекти, имаше кочења, имаше избори, но успеавме да бидеме подобри од било кога и од едно време кога локалната самоуправа ја водеше сегашната опозиција.

А дека тоа е така еве еден податок, пред кој тешко ќе ви биде да кажете било што и да обвинувате дека не сме работеле, освен ако не сакате политички овде да профитирате за во партиските дворишта.

Имавме градежна офанзива и тоа може да се види дека заклучно со четвртиот квартал реализирани капитални расходи се во износ од 411.187.922 денари.

За да нема нејаснотии, односно критики како што си знаете да кажувате дека ништо не сме сработиле, еве ви ги фактите:

-изградба на детска градинка во АРМ е извршена со 100 проценти од планираните фази кои биле предвидени со градежната динамика ( и во други ставки зборуваме за процент на реализација согласно планираното и исплатените средства)
-голем процент на реализација имаме кај програмата за енергетска ефикасност, освен сончеви панели во неколку училишта, ОУ Стив Наумов доби енергетски ефикасна фасада,
-реконструкција на уличното осветлување на улицата „Никола Тесла“ со 100 проценти реализација,
-стотка, односно 100 проценти реализација од планираното за одржување и користење на паркови и зеленило,
-друга стотка и кај реконструкцијата на водоводна мрежа на улица „Нико Фундали“ и тука 100 проценти реализација,
-100 проценти реализација на реконструкцијата на коловоз на улицата „8-ми септември“, односно булеварскиот влез на Битола,
-изградба на коловоз на патот до црквата во село Крклино со 100 проценти,
-изградба на коловоз на улица кај Дулие со 100 проценти реализација,
-реконструкција на улица „Солунска“ со 90,70 проценти,
-изградба на атмосферска и фекална канализација на улицата „СТУ 3“ во АРМ четврт 1 со 100 проценти,
-изградба на велосипедска патека со 100 проценти реализација,
-реконструкција на фудбалскиот стадион под Тумбе кафе со 99,98 проценти,
-100 проценти реализација на објектот на противпожарната единица во старата касарна, од предвидените фази со градежната динамика.

Пред фактите и боговите молчат. Многу често оваа фраза се користи во политичкиот речник, па еве и јас денеска сакам да споредам периоди, за да бидеме начисто кој колку работел и како ги завршувал работите.
Во капиталните расходи имаме значително зголемен процент на реализација во споредба со периодот од 2018 до 2021 година кога реализиацијата била од 38,17 до максимум 64,21 процент, а во последните години од нашиот прв мандат се движеше од 71,52 до максимум 77,38 проценти. За 2024 пак процентот на реализација беше 72,75 години.

Не е оправдување, но е факт дека и 2024 и 2025 година беа изборни години, а тоа пак значи и намалена активност согласно Изборниот законик. Но, и во таква ситуација бројките кажуваат дека сме биле подобри од една друга локална самоуправа што ја водеше Битола.

За да ја видиме успешноста на планирањето пред мене се споредбените показатели кои ги имате и вие во материјалите за оваа седница, а на старт да си кажеме дека планираните даночни приходи се остварени со над 100 проценти, планираните неданочни приходи се остварени со 76,55 проценти, кај планираните капитални приходи остварувањето е 82,72 проценти, планираните трансфери и донации со 49,69 проценти или вкупните приходи на општина Битола во 2025 година се реализирани со 73,16 проценти.

Законските прописи и програмското планирање се основа за планирање на расходната страна на буџетот чие извршување на буџетската сметка за сите програми е 73,16 проценти и е во рамките на процентот во кој се движиме сите овие години откако раководиме со локалната самоуправа.

Расходната страна на основниот буџет прикажана е по видови по сметки и програми. Согласно програмската класификација во буџетот опфатени се 34 програми.

Вкупните расходи бил планирани на 1.464.825.712 денари, а реализирани се 1.071.722.119 денари.
Позитивните резултати во 2025 година се и благодарение на соработка со јавните претпријатија, а постигнатото го реализиравме со општинската администрација, за што ја искажувам својата благодарност за посветеноста кон работата.

На терен веќе се работи и во тек се 10-тина нови проекти ( реконструкција на улици и патишта, изградба на нови, комунална инфраструктура, спортски игралишта) кои се реализираат, а со почнувањето на градежната сезона допрва ќе има многу работа во оваа календарска година, во која благодарение и на соработката со владата веќе има склучени договори и проекти кои почнаа да се реализираат.

Премиера на филмот „УШТЕ ЕДНА ИГРА“ во киното “Мис Стон” во Прилеп

На 19 март 2026 / четврток/ од 19.00 часот во кино “Мис Стон” ќе биде премиерно
прикажан филмот „УШТЕ ЕДНА ИГРА“.

Влезници на билетарницата од понеделник, секој работен ден од 11 до 13.00 ч. и еден час пред почетокот на проекцијата!

За филмот :
Режија : NIk Jansen
П родукција : Никола Китановски
Музика : Кирил Чајковски

Мартин, 16-годишник од Чучер-Сандево, Северна Македонија, има желба да стане ѕвезда како професионален гејмер — стремеж што се коси со желбите на неговата мајка за негово традиционално образование. Кога неговиот најблизок пријател, Димитар, добива можност да оди на проба за најдобриот европски еСпорт тим, Dynasty, Мартин со нетрпение ја прифаќа шансата да остави свој белег.

В реметраење: 1 час и 38 минути
Категоризација: 12+

Победа тренираше со 9 играчи, останатите се во школо – Навивачите со важен апел до сите!

Фудбалскиот клуб ФК Победа денеска го одржа тренингот со значително намален број фудбалери, откако дел од младинците од категориите кадети и пионери, кои се приклучени кон првиот тим, не можеа да присуствуваат поради училишни обврски – стои во објава на Фејсбук страната Прилепски навивачи ултрас

Според информациите објавени од прилепските навивачи, на денешниот тренинг учествувале девет младинци, кои во моментов се носители на играта на првиот тим и храбро се соочуваат со повозрасни противници во натпреварувањето.

Во меѓувреме, во просториите на клубот се присутни и неколку навивачи кои активно помагаат во организацијата и подготовките за следниот домашен натпревар кој ќе се одигра во Прилеп, по истекувањето на казната поради која клубот одреден период не играше на свој терен.

Навивачите информираат дека дел од неопходните трошоци се покриваат со сопствени средства и со помош од пријатели и поддржувачи на клубот, додека трошоците за гостинските натпревари ги покрива Општината.

Во својата порака тие упатуваат апел до прилепчани во сабота масовно да присуствуваат на натпреварот и да ги поддржат младите фудбалери.

„Да дојдеме во што поголем број, да купиме влезници и достоинствено да ја завршиме сезоната како град со спортска традиција“, порачуваат навивачите.

Тие изразуваат надеж дека во текот на летото ФК Победа повторно ќе се консолидира како клуб на градот, со нови луѓе и стручни кадри кои ќе работат во интерес на клубот и на прилепскиот фудбал.

САЕ „ТИГАР“ – 45 години чувар на безбедноста и заштита на татковината

Чувари на уставниот поредок на државата, реализација на највисоки борбено-технички задачи. Синоним за обученост според највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и насилниот криминал. Елита меѓу елитите. Специјална антитерористичка единица Тигар.

Време на собирање искуство, созревање, посветеност, време кое е плод на сите генерации поминати во единицата. Време кое денеска запишува близу половина век, 45 години од формирањето на „Тигрите“.

На 13 март во 1981 година во Министерството за внатрешни работи, во рамките на поранешниот Секретаријат за внатрешни работи на Социјалистичка Република Македонија, е формирана Единицата за специјални задачи „Тигар“.

Единицата одигра важна улога во процесот на осамостојување на Република Македонија, а имаше значаен удел во справувањето со повеќе безбедносни предизвици со кои се соочи Македонија на патот од осамостојувањето па се до денес.

МУЗИКАТА ОБЕДИНУВА: ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА СИГУРЕН ПАРТНЕР НА КУЛТУРАТА

Видеолотарија Касинос Австрија продолжува да вложува во развојот на музичката и културната сцена во земјава. Како партнер на програмата на Национаната опера и балет, со задоволство споделуваме дека вечерва, петок 13.03.2026 во 19:30 ќе биде изведена „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини. Станува збор за едно од најемотивните и најизведувани дела на светскиот оперски репертоар.

Мадам Батерфлај“ е музичка драма со силна човечка приказна, во која љубовта, надежта и предавството се испреплетуваат во трагична судбина. Диригент на претставата е гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, а режијата ја потпишува Александар Текелиев (Бугарија). Сценографијата е на Живојин Трајановиќ, костимографијата ја изработи Лира Грабул, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.

Покрај овој извонреден настан во Националната опера и балет, Видеолотарија е партнер и на заедничкиот концерт на Дорис Драговиќ и Петар Грашо, кој ќе се одржи во сабота на 14 март 2026 година, во арената „Борис Трајковски“. Грашо и Драговиќ ќе донесат вечер исполнета со емоции и хитови кои со години се дел од регионалната музичка сцена, обединувајќи различни генерации публика.

Поддршката на ваквите настани е дел од долгорочна заложба за развој и промоција на културата на Видеолотарија. Културата и музиката имаат моќ да инспирираат, да обединуваат и да создаваат незаборавни доживувања. Токму затоа продолжуваме да поддржуваме настани кои ја збогатуваат културната сцена и носат вредност за публиката.

ДОБРО УТРО ПРИЛЕП! Денеска во МЕНЗА вистинско гурманско уживање и вкус кој долго се чекаше

Денеска во МЕНЗА ве очекува вистинско гурманско уживање и вкус кој долго се чекаше!

КОНЕЧНО ВО ПРИЛЕП – ДОЛГООЧЕКУВАНАТА РИБИНА ЧОРБА!

Пресна, богата и подготвена по домашен рецепт од три вида риба – речна пастрмка, крап, лосос

Совршен почеток на денот и вистинско гурманско добро утро за сите љубители на добра храна.

НА ДЕНЕШНО БОГАТО МЕНИ ВО МЕНЗА ЌЕ НАЈДЕТЕ И:

🥘 Јанија
🥘 Подварок со свинско месо
🥘 Свински ролат Медитерана
🥘 Пилешко во кари
🥘 Пилешко во бел сос
🥘 Пилешко во путер од кикирики
🥘 Пилешки ражничи
🥘 Криспи со пилешко
🌯 Бурито со мелено свинско месо
🌯 Бурито со пилешко
🌯 Посно бурито
🥪 Ладен сендвич со пилешка салата
🥪 Ладен сендвич со руска салата

🔥 СКАРА
• Плескавица
• Ловечка плескавица
• Стек на скара
• Домашен колбас

🥗 САЛАТИ
• Цезар салата
• Туна салата

🌿 ПОСНО МЕНИ
• Грав
• Лосос во сос од портокал 🍊
• Спанаќ
• Посни полнети тиквички

🍚 ДОДАТОЦИ
• Пекарски компир
• Ориз
• Вариво со бејби морков
• Мешана салата

Не заборавајте, МЕНЗА е единствената кујна во градот која нуди и простор за седење! Нема повеќе само „земи и носи“. Сега можете на раат да седнете и да ручате со семејството, пријателите, колегите од работа….

Се наоѓаат на ул. “Егејска” бр. 23, наспроти Универзална сала, во поранешниот дуќан на “Матадор”.

Телефон за нарачки:076 231 075

МЕНЗА – традиционално и вкусно!