дома блог страница 18

Г.г. Стефан на литургијата во Кочани: Солзите што протекоа, течат без престан, станаа бол за овој крај и за сиот наш народ

Еве, помина една година од таа трагична ноќ во која настрадаа бројни млади македонски чеда. Времето продолжи да тече, деновите станаа бестрајни месеци, а месеците исполнија веќе и цела година. Солзите што протекоа, течат без престан и станаа секојдневие за сите мајки и татковци, за многу роднини и пријатели, станаа бол за овој крај и за сиот наш народ. А солзите дури и да престанат, тагата не исчезнува, таа останува длабоко во срцата на најблиските, рече Неговото Блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, откако денеска заврши светата архиерејска литургија и општиот парастос за упокоените во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ во Кочани.

-И светата Црква сочувствува и ја разбира таквата тага. И овој пат се уверивме колку смртта е трагична, особено кога од овој свет ненадејнои трагично заминуваат млади луѓе. Па и пресвета Богородица како мајка ја исполнувале такви чувства и таква тага кога ги гледала настаните на Голгота, потсети во своето обраќање архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан.

-Нашите мили во Господа, нашите прерано заминати деца, браќа, сестри, внуци , роднини, пријатели засекогаш ќе ни недостасуваат и тоа чувство е природно, но покрај нашата тага треба да се надеваме дека оние што починале во Христа ќе бидат вечно со него. А, додека дојде тој ден, Црквата заедно со најблиските на покојните молитвено ќе се сеќава на своите упокоени чеда, и во секоја молитвена прилика ќе си спомнува за нив. И затоа, денеска исполнети со неизмерна тага, стоејќи со силна вера, да се помолиме Господ да им дарува покој во место светло, во место мирно, во место за одмор, каде што нема ни болка, ни тага ни воздишка, туку живот бесконечен. Нека им е вечен споменот, порача Неговото Блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, пред присутните членови на семејствата на починатите и повредените во трагичниот пожар од март лани и пред сите што ја следеа светата архиерејска литургија и општиот парастос за упокоените во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ во Кочани, со што започна одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар што го потресе Кочани.

Милионска публика ќе го види вашиот бренд – поддржете го младиот прилепски боксер Матеј Чатлески на големиот спектакл „Balkan Boxing 7“

Професионалната боксерска сцена во Србија ја започнува новата сезона со спектаклот „Balkan Boxing 7“, настан кој ќе се одржи на 28 март 2026 година во салата на Спортски центар Бор, со директен телевизиски пренос на Arena Fight.

Настанот е во организација на Balkan Boxing, главен партнер на Боксерски сојуз на Србија за професионален бокс, а интересот за овој настан е огромен бидејќи ќе го следи публика од целиот Балкан.

По тој повод неодамна во Белград се одржа заедничка прес-конференција на која се обратија директорот на Arena Channels Group, Небојша Жугиќ, претседателот на Боксерскиот сојуз на Србија, Ненад Боровчанин, како и боксерите кои ќе настапат на настанот – српскиот репрезентативец Јован Николиќ и младиот македонски боксер, прилепчанецот Матеј Чатлески.

Особено внимание привлекува настапот на Матеј Чатлески, кој ќе биде единствениот претставник од Македонија на овој голем боксерски спектакл. За овој млад спортист од Прилеп, настапот во Бор претставува огромна можност достојно да го претстави својот град и државата на меѓународна сцена.

Во пресрет на настанот, Матеј има потреба од поддршка од бизнис секторот, со цел што подобро да се подготви за овој значаен меч. Компаниите кои ќе одлучат да помогнат ќе имаат можност да го промовираат својот бренд преку лого на спортската опрема, шорцевите, дресот, како и на промотивните маички.

Со оглед на тоа што настанот ќе има директен телевизиски пренос и ќе биде следен од милионска публика низ Балканот и пошироко, ова претставува одлична можност за компаниите да ја промовираат својата работа и бренд, истовремено поддржувајќи млад и перспективен спортист.

Сите компании и поединци кои сакаат да бидат дел од оваа спортска приказна и да помогнат во промоцијата на еден млад прилепски боксер, можат директно да го контактираат Матеј Чатлески преку неговиот Instagram профил.

Maркукуле дознава, почнаа интервјуата за прв човек на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, еве кои луѓе се меѓу пријавените

Владечката партија ја започна селекцијата за избор на нови претседатели на општинските комитети низ целата држава, луѓе кои ќе треба да ја водат партијата на општинско ниво пред новите предизвици, и кои ќе треба во своите редови да ги вратат разочараните и пасивните членови, кои се чини ги има во поголем број, ако се земат бројките од минатогодишните локални избори и парламентарните избори пред речиси две години.

Маркукуле дознава дека постои голем интерес за прв човек на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, а на денешниот прв круг интервјуа во Централниот комитет се појавиле над 20 луѓе од различни бранши.

Дел од имињата се следните:

1. Марио Драгоманоски
2. Рубин Крстески
3. Горан Стојаноски
4. Јованчо Шишкоски
5. Филип Петкоски
6. Кети Спиркоска
7. Живко Велкоски
8. Сотир Митрикески
9. Никола Кузески
10. Љупчо Манески
11. Даниел Василески
12. Ирена Стерјоска Локвенец
13. Робертино Илиоски

Интересно е тоа што помеѓу кандидатите се спомнува и името на актуелниот градоначалник Дејан Проданоски, но оваа информација засега не е потврдена.

Се чини дека владечката партија ќе биде пред голем предизвик да го избере вистинското лице за прв човек во градот под Марковите Кули, особено ако се земе во предвид дека на локалните избори партијата освои 16.500 гласови за градоначалник, а за Совет 14.800 гласови, додека во 2024 година за парламентарните избори таа бројка беше безмалку 22.000 гласови.

Прилепчанец прегазен на ул. “Крушевска Република” во Битола

-На 13.03.2026 во 19.01 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул. „Крушевска Република” во Битола се случила сообраќајна несреќа во која патничко возило „голф” со битолски регистарски ознаки управувано од С.М.(61) од Битола удрил во пешакот Н.И.(41) од Прилеп. По несреќата пешакот бил пренесен во Клиничка болница Битола каде од страна на доктор констатирани му биле тешки телесни повреди. Увидот го извршила увидната екипа на СВР Битола, информираат од СВР Битола.

Денеска дојди на ГРАДСКИ, купи карта, поддржи ги децата на Победа

По цели 133 дена чекање, денеска повторно се отвораат вратите на Градски стадион „Гоце Делчев“ за навивачите на ФК Победа. По четири и пол месеци, публиката конечно ќе може повторно да биде на трибините и со своето присуство да му даде поддршка на клубот.

Последен пат гледачи на Градски имаше на 1 ноември 2025, на натпреварот Победа – Шкендија А. Потоа следуваше казната од Фудбалска федерација на Македонија – четири натпревари без публика. Во тој период Победа ги одигра домашните дуели против Кожуф, Брегалница Штип, Новаци и Преспа пред празни трибини.

Денеска трибините повторно ќе оживеат. Во Прилеп гостува екипата на ФК Скопје, а натпреварот започнува во 14:30 часот.

Покрај спортската поддршка, присуството на навивачите има и многу поголемо значење за клубот. Со симболична влезница од 100 денари, секој што ќе дојде на стадион директно помага Победа да ги покрие основните, егзистенцијални потреби во еден тежок период.

На теренот денеска играат млади фудбалери, некои од нив имаат само 16 години, но со огромна желба да го носат дресот на Победа и да го одбранат угледот на клубот.

Прилеп отсекогаш знаел да застане зад својот клуб.
Силна Победа може да има само со обединет Прилеп – управа, стручен штаб, играчи, компании и, секако, публиката.

⚽ Дојди на Градски.
🎟 Купи карта.
🔴⚪ Поддржи ги децата на Победа.

Лажен директор на крипто компанија олеснил битолчанец за речиси 6.000 евра

-На 12.03.2026 во 13:00 часот во СВР Битола 32-годишен маж од Битола пријави дека во периодот од 19.01.2026 до 13.02.2026 преку електронска пошта воспоставил комуникација со лице кое се претставило како директор на компанија што тргува со крипто валути и истиот го довел пријавителот во заблуда, при што му дозволил пристап до неговиот компјутер и во повеќе наврати му префрлил вкупно 340.000 денари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од СВР Битола.

Мицкоски: Минатата година ја завршивме во првите 5 во Европа по процентот на растот на БДП

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Ора 24, зборувајќи за изградбата на коридорите 8 и 10Д и за другите инвестиции и во релација со економијата посочи на факти за раст на БДП, според кои и 2024 и 2025 година Македонија е во првите 5 во Европа според растот на БДП, за разлика од минатата влада кога Македонија по овој параметар беше последна во регионот.

„Добрата вест за македонската економија и граѓаните е што растеме, 2025 година ја заврши во првите 5 во Европа, и тоа се факти, веднаш после Ирска, Малта, Кипар и заедно со Полска. И тоа се бројки од Еуростат. Исто таква беше и 2024 година. Пред шест, седум години бевме на дното во регионот, сега сме лидери во регионот и во првите пет во Европа според процентот на раст на бруто домашниот производ. Заедно со ова можам да кажам дека во првите два месеци од годината имаме двоцифрен раст во проценти на приходите во буџетот, што значи економијата добро оди, се плаќа данок на додадена вредност, нема веќе толку сива економија, и при увоз во земјата и во внатрешниот промет, добивката е поголема, данокот на добивка, од минатата година, што значи дека компаниите работат и профитираат, зголемени се придонесите, што значи качени се примањата на вработените од 12 до 13 проценти, така што апсолутно почетокот на годината ветува одлична економска година“, посочи Мицкоски за ТВ Ора 24, додавајќи дека сето тоа зависи од времетраењето на она што се случува на Блискиот Исток и влијанието врз енергенсите и светската економија.

Во Битола свечено одбележана 127-годишнината од дипломирањето на Ататурк (Фото галерија)

Во битолскиот музеј во спомен собата на Ататурк се одржа свеченост на која беше одбележана 127 годишнината од дипломирањето на основоположникот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк во битолската воена гимназија.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски присуствуваше на свеченоста, каде заедно со претставници на голем број делегации од нашата држава и од Република Турција, положи цвеќе пред споменикот на Ататурк.

Битолската воена гимназија каде што се школувал Мустафа Кемал Ататурк во тоа време била образовна институција во која го започнал процесот на формирањето на својата интелектуална свест, под водство на успешните и познати педагози од тоа време.

Од Прилеп до светска бизнис школа: Прилепчанец предаваше на еден од водечките универзитети во Велика Британија

Успехот на младите луѓе од Македонија сè почесто се препознава и на глобалната сцена. Таков е и примерот на прилепчанецот Петар Кироваков, кој минатата недела имаше исклучителна чест да биде еден од главните говорници на престижната Warwick Business School, дел од University of Warwick, еден од водечките универзитети во Велика Британија.

Кироваков одржа предавање пред студенти на тема маркетинг, претприемништво и современи бизнис стратегии, при што сподели практични искуства од својата професионална кариера, вклучително и работата со глобалниот бренд Porsche.

Настанот претставуваше не само професионално признание за неговата работа, туку и инспиративен пример како знаењето, трудот и амбицијата можат да отворат врати и на најпрестижните академски институции во светот.

Во разговор за нашата редакција, Кироваков зборува за тоа како дошло до поканата, што споделил со студентите и каква порака има за младите луѓе од Македонија кои сакаат да изградат меѓународна кариера.

Како дојде до поканата да одржиш предавање на Warwick Business School?

-Пред сѐ поканата претставуваше навистина исклучителна чест и еден од оние моменти кои човек ги памети долго. Поканата всушност пристигна уште минатата година и морам да признаам дека во првиот момент дури помислив дека можеби станува збор за некаква грешка или недоразбирање. Изгледаше речиси предобро за да биде вистина.

Можноста да се говори на водечки светски универзитет отсекогаш била една од моите лични амбиции. Сепак, самата покана од Warwick Business School не значеше веднаш и конечна потврда. Таа беше почеток на сериозен и внимателно структуриран процес.

Следуваа неколку интервјуа и разговори со академскиот тим, со цел да се утврди дали моето професионално искуство и претприемачки пат навистина можат да понудат вредност за студентите. Факултетот сакаше да се увери дека мојата приказна – од надминување на лични и професионални предизвици, преку работа во глобалниот бренд екосистем, до градење сопствени бизнис иницијативи – може да понуди реални и практични лекции за младите луѓе кои се подготвуваат да влезат во светот на бизнисот.

Искрено уживав во тој процес. Тој не беше само професионален, туку и длабоко рефлективен. Ми даде можност повторно да се навратам на сопствениот пат како претприемач, да размислам за одлуките, ризиците и лекциите научени по патот и да ги претворам тие искуства во пораки кои можат да им бидат корисни на студентите.

За кои теми разговаравте со студентите и како твоето искуство во Porsche помогна да ги илустрирате тие примери?

-Главните теми за кои разговаравме со студентите беа маркетингот, претприемништвото и растечката улога на вештачката интелигенција во современиот бизнис.

Во разговорот често го користев моето практично искуство од работата со Porsche како пример за тоа како големите брендови градат стратегија, вредност и долгорочни партнерства на глобалниот пазар.

Наместо класично академско предавање, се обидов разговорот да го направам повеќе како приказна – за реални ситуации од бизнисот, за одлуки што морале да се донесат брзо, за креативни маркетинг стратегии и за тоа како новите технологии, особено вештачката интелигенција, почнуваат да играат сѐ поголема улога во современиот маркетинг.

Каква беше реакцијата на студентите и што најмногу ги интересираше?

-Интересно беше што студентите на Warwick Business School покажаа голема љубопитност не само за бизнис стратегиите, туку и за мојата лична приказна.

Голем дел од нив доаѓаат од различни делови на светот, па разговорот природно се насочи кон моето патување како некој што доаѓа од Северна Македонија, продолжува со студии во САД, а денес работи и гради бизнис во Лондон.

Токму тој дел од приказната мислам беше најинспиративен за нив. Сакав да им покажам дека патот не мора секогаш да биде линеарен и дека местото каде што сте родени не мора да го дефинира вашиот потенцијал.

По самата презентација останав уште подолго со студентите, разговаравме и одговарав на нивните прашања. Многумина сакаа да слушнат повеќе за тоа што навистина е потребно за да се стигне таму каде што сум денес, кои биле најголемите предизвици, како се граделе контактите и како се создавале можностите.

Што значи за тебе, како професионалец со македонско потекло, да предаваш на ваков престижен универзитет?

-Институции како Harvard University отсекогаш за мене претставувале врв на академскиот свет – место каде што искуството, визијата и личната приказна можат да се претворат во инспирација за идните генерации.

Во Обединетото Кралство, Warwick Business School има слична тежина и престиж. Токму затоа оваа покана носеше посебна вредност и значење.

За мене оваа можност никогаш не беше само формално предавање пред студенти, туку продолжение на една подлабока мисија – да покажам дека со визија, храброст и упорност дури и најамбициозните цели можат да се претворат во реалност.

Доаѓам од релативно мала земја и токму затоа ваквите моменти имаат уште поголемо значење. Тие се потсетник дека потеклото не мора да ги дефинира границите на човековите можности.

Кој совет би им го дал на младите луѓе од Македонија кои сакаат меѓународна кариера во бизнис и маркетинг?

-Мојот совет кон младите луѓе е пред сѐ да веруваат во сопствените соништа и да останат верни на нив, без разлика колку далечни или тешко достижни може да изгледаат на почетокот.

Кога пред околу седум години донесов одлука да се преселам во Лондон, многу работи беа неизвесни. Но токму во тие моменти се создаваат најважните пресврти во животот.

Патот кон меѓународна кариера ретко е едноставен. Тој бара храброст, трпение и подготвеност да се излезе од сопствената зона на комфор.

Затоа мојот најискрен совет е секогаш да го направите тој прв чекор. Без разлика колку предизвикувачки може да изгледа. Со самиот чин на тој чекор веќе не стоите на истото место – веќе сте еден чекор поблиску до целта.

Петар ти благодариме за инспиративниот разговор и ти посакуваме огромни успеси во иднина, како на приватен, така и на професионален план!

Tрагедија: 20-годишно момче без знаци на живот донесено во прилепската болница

-На 12.03.2026 во 17:55 часот во СВР Битола е пријавено дека од с.Саждево, крушевско, во Општата болница Прилеп без знаци на живот бил донесен А.И.(20) од с. Саждево. Според пријавеното, тој бил удрен од струен удар, по што починал, а смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увидот го извршила увидната екипа на ОВР Прилеп – информираат од СВР Битола.