дома блог страница 159

Марјан Ристески со одлична објава за најважниот проект за Прилеп (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Од денеска пуштен во употреба е експресниот пат од Дреново до Фариш во должина од 10,2 километри. Оваа делница е дел од експресниот пат Градско-Прилеп, односно првата делница од Градско до Фариш во должина од 16,5 километри беше пуштена во јануари годинава, а сега делот од Дреново до Фариш. Изградбата чини 44,7 милиони евра, средства кои се обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Со изградбата на оваа делница Од Скопје до Прилеп ќе се патува за околу 1 час и 15 до 20 минути, а до Битола за час и 40-тина минути.

Своја ретроспектива за изградбата на експресниот пат, кој патем е еден од најзначајните проекти за Прилеп и Пелагонија досега, даде актуелниот заменик министер за економија и труд, Марјан Ристески, чија објава на социјалните мрежи во целост ја пренесуваме во продолжение:

Хронологија на изградбата на патниот правец Плетвар и експресниот пат Градско – Прилеп (Фариш – Дреново II Фаза):

▪️Вековен сон на прилепчани и битолчани (Пелагонија), како единствено поврзување со останатиот дел од Македонија и светот… “слепо црево” со бројни жртви, сообраќајни несреќи, губење време, високи транспортни трошоци, неатрактивност за инвестиции…

▪️Иницијативата започна за време на мандатот на тогашниот градоначалник г-дин Глигор Иваноски (ВМРО-ДПМНЕ), кога беа собрани потписи од вкупно 49 тогашни градоначалници и општини во Македонија, за давање на итност и приоритет за изградба на патот Плетвар

▪️Во време на тогашната Влада на ВМРО – ДПМНЕ започна изградбата на третата лента на превојот Плетвар

▪️ Наредната Влада на ВМРО – ДПМНЕ продолжи со изградба на делови од третата лента Плетвар

▪️ Проектирањето за изградба на експресниот пат Градско – Фариш започна во 2009 година за време на Владата на ВМРО – ДПМНЕ

▪️ Во 2016 година започна изградбата на овој експресен пат повторно од страна на Владата на ВМРО – ДПМНЕ, подоцна стопиран и забавен од страна на Владата на ДУИ И СДСМ

▪️ Денес, 30.06.2025 година пуштен во употреба од новата Влада на ВМРО – ДПМНЕ која работеше со засилено темпо во текот на оваа година за конечната реализација на овој патен правец, но и реализацијата на подобрување на комплетната инфраструктура во целата држава

🔸️Големо благодарам од целата Пелагонија, до Премиерот Hristijan Mickoski , Министерот за транспорт Aleksandar Nikoloski , Директорот на ЈПДП Коце Трајановски и сите инволвирани во реализација на овој вечен сон на сите нас кои живееме во овој дел на Македонија. ПРОДОЛЖУВАМЕ ПОНАТАМУ! – напиша Ристески.

Николоски: Од Скопје до Прилеп ќе се патува за околу 1 час и 15 до 20 минути, а до Битола 1 час и 40-тина минути

Од Скопје до Прилеп ќе се патува за околу 1 час и 15 до 20 минути, а до Битола за час и 40-тина минути, истакна денеска во своето обраќање при пушањето на делницата Дреново – Фариш до Прилеп вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Владата претходно не помислила ако цела не карпа туку планина виси над патот, дека е возможно во дадени временски услови недај боже истата може да се сруши на патот и затоа на крајот од минатат година заедно со премиерот донесовме одлука да се реши тој проблем и еве го денес решен, ќе можете да го извозите овој пат и да видите дека таа планина не постои и тоа ќе е најлесниот и најбезбеден начин за комуникација, што ќе значи од Прилеп за Скопје ќе може да се доаѓа од некаде за за 1 час и 15 до 20 минути, од Скопје до Битола да се патува од некаде за 1 час и 40тина минути, а секако после реализацијата на проектот Прилеп-Битола каде што доста интензивно се работи, за многу многу пократко, истакна Николоски при пуштањето на овој дел од оваа делница.

Николоски: За изградба на делницата Дреново – Фариш до Прилеп буквално е преместена планина, граѓаните добија максимално безбеден пат

-Навистина е големо задоволство што ова лето граѓаните од тиквешкиот регион, од Прилеп, од Битола, од Ресен, од Могила, од Новаци, од Кривогаштани и оние кој што сакаат полесно да патуваат до Охрид и таму да поминат дел од одморот ќе можат да го користат овој експресен пат, рече Николоски.

Николоски потенцираше дека токму за оваа делница е поместена планина со цел граѓаните да добијат безбеден пат.

-Сакам да честитам на сите оние кои што беа вклучени во реализацијата на можеби втората најтешка делница од сите оние кои што ги работиме во моментов. Гледано како подвиг, после автопатот Кичево-Охрид ова е дефинитивно најсложениот подвиг кој што беше за решавање. Буквално планина се премести за да се изгради овој пат и да биде безбеден што е многу значајно, појасни Николоски.

Николоски појасни дека пуштањето на патот беше одложено неколку месеци за да бидат отстранети сите пречки и граѓаните безбедно да патуваат.

ВО ЖИВО: Се отвара за сообраќај делницата со тунелите на експресниот пат Прилеп-Градско

Во употреба денеска напладне ќе биде пуштена делницата Дреново – Фариш до Прилеп.

На пуштањето на делницата ќе присуствува претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, кој ќе има свое обраќање.

Ново поевтинување на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,30 % во однос на одлуката од 27.06.2025 година.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 2,00 ден/лит. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,605 ден/кг и сега ќе изнесува 39,583 ден/кг.

Од 1.7.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,583 (денари/килограм)

ИТНО ПРЕНЕСЕНИ ВО БОЛНИЦА: 41-годишна прилепчанка и малолетник паднаа од мопед на ул.”Васко Карангелески”

-На 28.06.2025 во 11.30 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на ул. “Васко Карангелески“ во Прилеп, 41-годишната А.С.М. управувајќи мопед со прилепски регистарски ознаки, изгубила контрола и паднала на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.С.М., а со телесни повреди се здобил нејзиниот малолетен сопатник, констатирани во Градската болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Прилеп – информираат од МВР.

Воодушевена публика после премиерата на „Едмонд“ во Битолскиот театар (ФОТО)

Долготрајни аплаузи и воодушевена публика беа само дел од најновата премиера во Битолскиот театар, и тоа на претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски. Се работи за петта по ред премиера за оваа година. Мицевски е дипломиран режисер во класата на Слободан Унковски, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, со специјализација по Ибзен во Центарот Ибзен на Универзитетот во Осло, Норвешка. Во изминатите години, работеше во Данска, Унгарија, Франција и неговите претстави со голем успех се играат на сцените на најзначајните европски театри. Па така минатата година по втор пат беше дел од CPH STAGE фестивалот во Копенхаген, најголемиот театарски фестивал во Данска што ги собира најдобрите претстави од тековната сезона. Тој се претстави со неговата претстава “4.48 PSYCHOSIS” работена по текстот на најзначајниот современ англиски драмски автор, Сара Кејн. Во 2012 во Будимепшта го основал својот приватен театар Oliver Micevski’s Theatre Company, своевремено единствен театар на англиски јазик во Будимепшта. Последните неколку години живее и работи во Лондон.

„Мене ми е чест и задоволство што после 14 години, режисерот имаше шанса да ја презентира својата работа, токму во како што самиот истакнува „неговиот омилен театар“, Народен театар Битола. „Едмонд“ е многу различна претстава од се она што досега сум продуцирал како директор, нова, свежа, остра критичка претстава која отвора многу прашања. Авторот е добитник на Пулицерова награда, а неколку пати е номиниран за Оскар“, ни изјави директорот Васко Мавровски.

Тој додаде дека во периодот септември 2024 / јуни 2025, постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници” која ќе се одигра на 25.07. на Ротинското езеро.

„Во овој период одиграни се 129 претстави, или на секои 2.5 дена се изведувала по една претстава. Во салите на НТБ, не посетиле
25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава. Оваа година ќе биде запишана како рекордна година“.

„Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола“, истакнува режисерот Оливер Мицевски.

ЕДМОНД го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто ЕДМОНД го отвора е прашањето на слободата.

„Не случајно, мотото на ЕДМОНД е : “Внимавај што посакуваш.” Иронично, тој изјавува дека е конечно слободен и среќен дури на крајот, по сите перипетии, во затвор, со крајно лимитирана слобода на движење … Во времето во коешто живееме, каде што многу лесно може да имаме се, кога се ни е достапно, кога нашето “силување” на слободата не направи најнесреќни луѓе во историјата на човештвото, ЕДМОНД на Дејвид Мемет е повеќе од потребен. Не како лекција, бидејќи не верувам во дидактичен театар / театар што испраќа пораки, туку како можност за рефлексија на сите нас, да се запрашаме кои сме, каде одиме и какви сакаме да бидеме“, додава режисерот Мицевски.

Дранговски ни изјави дека навистина било предизвик да се работи оваа претстава со оглед на тоа што режисерот не сакал да прави театар кој сака да учи, кој сака да проповеда, кој сака да се преправа.

„Неговиот пристап кон театарот е рефлективен, и за еден таков театар во кој сте оставени да реагирате на околината каква и да е, дали би била сценографска, музичка, светлосна, актерска од останатите партнери на сцената. Авторот многу конкретно ги сместува ликовите во одредена перспектива и самиот режисер не смести нас, посебно мене, во одредени рамки. Рамки во кои има помалку реалистични движења, скоро и да немам никакви движења во претставата“.

Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.

„Ова беше едно интензивно, едно интересно, поинакво патување за сите нас. Претстава во која што сите се наоѓаме, еден текст кој зборува за тоа што го очекува човекот на патот во моментот кога ќе одлучи да си го промени својот живот, затоа што му е доста од секојдневието. Мислам дека повеќе или помалку сите сме се нашле во таа ситуација. Процесот беше, пак ќе речам, многу интересен, она што Оливер го побара од сите од нас да биде така, но да биде малку поинаку, е многу и едноставно и тешко“, вели костимографот Мицевски.

Тој сподели еден емотивен момент.

„Утрово проверив кога беше нашата прва средба со Мемет. Беше пред точно 30 години, кога американскиот режисер Роберт Еган постави три одночинки од Мемет на нашата сцена во септември 1995. година. Мислам дека тој автор заслужува почесто да биде на сцената со глед на тоа дека текстот навистина нуди асоцијации на современиот живот, на луѓето, на што сакаме, што можеме, што не можеме да промениме во животот“.

Битолскиот театар во големиот број на награди ги додаде и последните две значајни на последното издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, награда за драматизација и за главна машка улога. Следуваат гостувања и тоа со претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на јубилејното Македонско културно лето во Албанија. Во септември со оваа претстава се отвора театарскиот детски фестивал во Штип, „Силјан штркот“ во Прилеп, тука е и учеството со претставата „Ричард трети“ на фестивалот „Ристо Шишков“, на 25.септември на Денови на комедијата со „Рибарски караници“. Веќе е избрана новата програма за 2026 година, планирани се 9 премиери за кои три режисери ќе бидат од надвор.

„Ја поддржуваме македонската драматургија, македонските уметници, младите режисери, младите автори и акцентот бидејќи од 9 премиери 4 ќе бидат комедии, ќе биде на тој жанр и на претставите за деца, доаѓа и режисер од Белорусија“, додава на крај директорот Мавровски.

Фотографии Ивона Кочов

77-годишен прилепчанец ограбен пред продавница во Прилеп

-На 28.06.2025 околу 23.30 часот во ОВР Прилеп, Н.С.(77) од Прилеп пријави дека пред продажен објект во Прилеп, едно лице со употреба на физичка сила му ја одзело чантата, во која имало пари, лични документи и мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од СВР Битола.

Водостопанство со соопштение: Дефектот на хидросистемот во прилепско е конечно саниран

Дефектот на хидросистемот кој повеќе од еден месец ги мачи земјоделците во Прилеп и прилепско е конечно саниран – информираат од АД Водостопанство-подружница Прилепско Поле.

Во краткото соопштение до медиумите стои:

-АД Водостопанство-подружница Прилепско Поле, ги известува сите водокорисници кои што се приклучени на мрежата на хидросистемот во делот кој што го опфаќа Лева падина, дека на 27.06.2025 година е отстранет дефектот на цевководот Ф 700 мм и е воспоставено нормално водоснабдување. Ви благодариме за разбирањето.

Прилепчанката Теодора Илиоска со најуспешен настап за Mакедонската репрезентација на ЕП Кадети – Скопје 2025

Заврши репрезентативниот настап на Европското првенство во џудо за кадети Скопје-2025.

Репрезентативката Теодора Илиоска -57 кг. член на Џудо клубот Сеишин – Прилеп, беше единствена од целата македонска репрезентација која прикажа најмногу, односно оствари две победи на ова големо и престижно натпреварување.

Имено во првото коло Теодора се бореше против Леа Болтванова (Словачка), каде оствари победа 10-0 со ипон. Потоа во второто коло се бореше против европската шампионка на ова првенство, Софија Пекки (Финска). од која загуби 0-10 со ипон и јуко.

Подоцна во репесажот против – Десара Ндоци (Албанија), повторно оствари победа 10-0 со ипон. На крајот во финалниот репесаж се бореше против– Катерина Каизер (Германија), од која загуби 0-10 со ипон.

Нејзината сестра Тамара Илиоска репрезентативка и член на Џудо Клубот Сеишин, во првото коло се бореше против Сидорела Додај (Косово), од која загуби 0-10 со ипон. Во репасажот се сретна со Ајсун Мамадова (Азербејџан), од која исто така загуби 0-10 со ипон.

Во екипна конкуренција (микс тимови), нашата репрезентација имаше неповолен ждреб, и во првото коло се бореше против европскиот шампион на ова натпреварување Франција, од која загубивме, додека во репесажот исто така загубивме против репрезентацијата на Грција, која заврши како петтопласирана.

Репрезентативката Теодора Илиоска во екипното натпреварување настапи во една повисока тежинска категорија – 63 кг. и тука покажа одлични борби, особено против противничката од Грција, каде се водеше една долга и неизвесна борба.

Стручниот тим од ЏК Сеишин Прилеп е задоволен од настапот на своите две членки, кои демонстрираа одлично џудо и рамноправно се носеа со противничките.

-Напорната и секојдневната континуирана работа и тренинг излезе на површина. Бидејќи станува збор за возрасна категорија кадетки почетна година и престојат уште дополнителни две во оваа категорија за двете џудистки, ова претставува дополнителен мотив за сите да се работи уште понапорно, да се акумулира поголемо бидејќи сме на чекор и до европски медал – велат од прилепскиот клуб.