дома блог страница 138

Подгответе се: Денеска обилни врнежи од дожд проследени со грмежи

Времето денеска ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Попладне наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 л/м2), локално поројни и проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.

Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне кога во делови од котлината ќе бидат поројни. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 18 степени.

До четврток ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд и ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец (над 60 км/час). Пораст на температурата се очекува кон крајот на седмицата.

Tрагедија во битолско: На 14-годишно момче му се слошило и починало

14-годишно момче од Битола ненадејно починало во атарот на селото Крстоар, близу Битола.

Станува збор за момче, осмоодделенец од ОУ „Коле Канински“ во Битола, за кое наставници од училиштето велат дека претходно немало видливи здравствени проблеми.

Според информацијата на СВР Битола, вчера, попладне околу 16 часот и 45 минути, од Итната медицинска помош Битола било пријавено дека околу 15.30 часот во атарот на село Крстоар, битолско, на малолетник од Битола му се слошило и паднал по што бил пренесен во Клиничка болница Битола, каде што лекар констатирал смрт без траги на насилство.

По смртта на малолетникот, полицијата извршила увид, а по наредба на јавниот обвинител телото на починатото момче било дадено на обдукција.

БЛАГОДАРНИЦА ЗА СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР КАКО ГЕНЕРАЛЕН СПОНЗОР НА MACEDONIAN 4X4 TROPHY (ФОТО)

– Уште едно извонредно издание на „Macedonian 4×4 Trophy“ се одржа во Крушево од 9 до 12 мај. И во иднина ќе продолжиме со поддршка на адреналинските спортови, истакнаа од СН Осигурителен Брокер АД Битола, општествено одговорна компанија која традиционално обезбедува поддршка за оваа престижна манифестација.

Со доделување на награди, признанија и пригодни подароци во неделата заврши годинашното издание на „Macedonian 4×4 Trophy“ во организација на клубот „OFF ROAD PRILEP“, а со поддршка на СН Групацијата.

Крушево од 9 до 12 мај ги собра најдобрите off road возачи од целиот Балкан, а целата манифестација беше вистинска атракција. Публиката можеше да ужива во возбудливо адреналинско шоу, кое се возеше низ крушевската корија, како преку денот, така и во текот на ноќните часови.
„Подготовките за настанот траеа неколку месеци.Нивото на манифестацијата од година во година расте и оваа година имавме уште повеќе натпреварувачи во споредба со минатото издание.“- истакна Панчо Чупаркоски, претседател на клубот „OFF ROAD PRILEP“.

И оваа година, како и минатата, генерален спонзор беше СН Осигурителен Брокер АД Битола, општествено одговорна компанија и лидер во секторот на осигурувањето.

Обезбедувајќи поддршка преку генерално спонзорство, од СН Групацијата, во чиј состав се и СН Сообраќајниот центар во Битола и СН Мото Центарот во Скопје, изразија задоволство од успешно организираниот „Macedonian 4×4 Trophy“ во прекрасните крушевски предели. „Извонредно издание на „Macedonian 4×4 Trophy“ со поддршка на СН Групацијата. Честитки до сите наградени, како и до организаторите, спортскиот клуб „OFF ROAD PRILEP“. Благодарницата од нив е наша обврска и во иднина да продолжиме со поддршка на адреналинските спортови.“-истакнаа од СН Осигурителен Брокер АД Битола.

Организаторите се потрудија да се направи траса која што овозможи публиката да го следи настанот одблиску и во живо да ја почуствува возбудата на „Macedonian 4×4 Тrophy“. Off road возилата беа посебна атракција за посетителите кои уживаа во оваа несекојдневна манифестација која траеше четири дена.

Возачите пак беа посебно возбудени што се дел од еден ваков спектакл. „Адреналинот пука 100%. Стазата е како автопат, уште само бели ленти недостигаат, се е супер уредено“, истакна еден од учесниците на трката.

„Многу добра организација и многу е убаво. Браво за Македонците“, вели друг учесник на трката, додавајќи дека и следната година со задоволство ќе учестува на „Macedonian 4×4 Trophy“.

Во Битола се интензивираат работите за изградба на нов противпожарен дом

Со забрзана динамика, продолжуваат активностите за изградба на новиот противпожарен дом, еден од капиталните проекти на локалната самоуправа во Битола.

-Целосно е отстранет стариот руиниран објект на негогашниот армиски магацин на просторот на поранешната касарна. Со ова создадени се
потребните услови за започнување на комплетно новата градба со површина од 1600 м² . Објектот ќе биде во согласност со современите стандарди, правила и прописи за непречено функционирање на противпожарната единица која ги покрива општините Битола, Новаци и Могила, а пожарникарите од најстарата противпожарна единица на Балканот, конечно ќе добијат услови за работа, какви што навистина заслужуваат, стои во соопштението од општина Битола.

За летен Св. Никола највесело ќе биде во прилепско Загорани: Присутните ќе ги забавуваат Сања Цинцева и “Форум бенд”

Верниците на православната црква на 22 мај го одбележуваат летен Свети Никола, празник посветен на преносот на моштите на Светиот отец Николај – Мирликиски чудотворец.

Христијаните веруваат дека Свети Никола е чудотворец и дека се случуваат многу чуда од неговите чудесни мошти. Овој светител спасил заробени и изгубени бродови, па затоа се смета за заштитник на морнарите. Затоа морнарите често го повикуваат во опасни ситуации или бродски бродоломи.

Овој светител – милостив, мудар и бестрашен свештеник, го поминал својот живот во служба на Бога. За време на неговиот живот, тој веќе се сметал за светец, а верувањето дека може да помогне и да излечи било каква болка, се одржува до денес.

На овој датум, сите бродови, каде и да беа, ги испуштија своите сидра и почиваа до следниот ден, давајќи слава на овој светител. Денес чамците често застануваат додека морнарите му се молат на светителот и потоа продолжуваат со своето патување.

Христијаните веруваат дека со неговите чудесни сили, Свети Никола им помага на сите што му се обраќаат за помош во болест, беспомошност и душевно страдање. Со помош на неговата молитва, погледот е вратен на слепите, а чувството за слух е вратено на глувите.

На овој ден, според традицијата, никогаш не треба да ја перете облека, да ја чистите куќата и да правите какви било домашни работи.

Во прилепско празникот се празнува во село Загорани, каде има прекрасен манастир посветен на Св. Никола.

Загорани се наоѓа во Прилепско Поле, југозападно од градот Прилеп. Селото се наоѓа на граница меѓу возвишението Шипковица на југоисток и низински дел на северозапад. Околни населени места се Веселчани, Чепигово, Тројкрсти и др.

До селото се пристигнува преку стариот пат за Битола, каде доколку доаѓате од Прилеп, се врти десно веднаш под депонијата Алинци.

По тесниот пат најпрво се стигнува до Веселчани, а веднаш потоа е и Загорани. Манастирот Св. Никола е оддалечен на само 500 метри над селото, а околу него изобилува зеленило.

Она што е интересно е дека околу манастирот, а и во неговите темели, се забележуваат остатоци од некое дамнешно време.

Локалните жителите велат дека на тоа место имало ранохристијанска базилика, а црквата е градена на тие темели.

Оваа година празнувањето ќе започне со света литургија, и тоа во вторник 21.05. со почеток од 18:00часот и во среда на празникот, со почеток од 08:00часот.

За забавата ќе се погрижат Форум Бенд-Прилеп заедно со Сања Цинцева.

Домаќините ги покануваат сите верници и добронамерници да го посетат манастирот, и да поминат еден убав празничен ден со своите најбилски.

Нека е за многу години!

Од полноќ горивата ќе се точат по поевтини цени

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која горивата од полноќ поевтинуваат.

Согласно одлуката за 1,5 денари поевтинуваат бензините, додека за половина денар се намалува цената на дизелот и екстра лесното масло за домаќинство.

Од 14.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 84,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 86,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,007 (денари/килограм).

Звучат како едно! Хорот од ООУ “Гоце Делчев” Прилеп освои ПРВА НАГРАДА на Државниот натпревар (ВИДЕО)

Ученичкиот хор при ООУ “Гоце Делчев” Прилеп го освои првото место на Државниот натпревар на хорови и оркестри, кој се одржа во ООУ “Песталоци” во Скопје.

Дечките освоија дури 95 бодови.

Хорот го предводеше предметниот наставник Љупчо Мирчески, кој повеќе од успешно успеа да ги спои дечките да звучат како еден глас.

Слушнете ги и уживајте во продолжение:

(ВИДЕО) Eчеше соблекувалната! Македонските ракометари прославија со “ЕДНО ИМЕ ИМАМЕ”

Машката ракометна репрезентација на Македонија со победата над Фарски Острови со 34-26 во вториот натпревар од баражот успеа да ја анулира негативата и го завери пласманот на Светското првенство што ќе се одржи во јануари наредната година во Хрватска, Норвешка и во Данска. За најуспешната македонска репрезентација ова ќе биде 7 светско првенство по ред од вкупните 9 настапи на ракометните мундијали.

Македонските ракометари имаа голема поддршка од публиката во полната салата „Борис Трајковски“. Од трибините ечеа познатите навивачки химни и „Едно имаме имаме…“. По победата што ги носи на СП, весело беше и во соблекувалната на македонската репрезентација.

“Еден-два” победа на ИЛИНДЕНЦИТЕ од Прилеп

Во организација на В.К. “Крос Сајклинг” од Куманово, викендов се возеше првата трка во новата сезона во планински велосипедизам “ХЦО Куманово 24”.

Велосипедистите на В.К.& Сервис “ИЛИНДЕН” од Прилеп одново на ниво на задачата остварија “еден-два” победа.

Андреј Маџоски го освои првото место во јуниори, а Никола Ристески му правеше друштво на пиедесталот како второпласиран.

Ако по утрото денот се познава, тогаш ИЛИНДЕНЦИ одново ќе имаат успешна сезона. Да им посакаме среќа и голем број пиедестали сезонава.

183 санкции во два дена на територијата на СВР Битола: Се возело брзо, под дејство на алкохол и без возачка дозвола

Секторот за внатрешни работи Битола во текот на викендот (10/11/12.05.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.

На територија на СВР Битола изречени се вкупно 183 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 101 санкции, 11 мерки за возење под дејство на алкохол, 24 мерки за возење без возачка дозвола, изречени 16 мерки за прекршоци кои ги прават прешаците како и 17 мерки за непрописно паркирани возила.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта – информираат од СВР Битола.