дома блог страница 132

Прва и трета награда за ученичките од СОУ “Ѓорче Петров” Прилеп, од Државниот натпревар по биологија

На државниот натпревар по биологија кој се одржа на 18-ти мај во просториите на ПМФ – Скопје во организација на Друштвото на биолози на Република Македонија, учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп освоија две награди, и тоа

АНГЕЛА ЧЕЛЕБИТОВА од прва година освои ПРВА НАГРАДА, а

Елена Бошеска од прва година освои трета награда;

Ментор на двете ученички беше професорката Татјана Шабаноска.

Честитки и уште поголеми успеси во иднина

Ватикан и Рим, прва официјална посета на Сиљановска Давкова

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова првата официјална посета ќе ја оствари во Ватикан и Рим каде ќе ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Св. Кирил и Методиј.

На 23 мај, според протоколот, претседателката ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а потоа средба и со генералниот секретар за односи со државите на Ватикан.

Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24 мај со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.

Во рамки на посетата на Рим, претседателката ќе се сретне и со колегата Серџо Матарела.

Се уште не е познато дали Сиљановска Давкова ќе има средба или ракување со претседателот на Бугарија, Румен Радев, чие доаѓање во Рим е исто така најавено по истиот повод.

Сите во 5 на стадион! Победа игра против БЕСА!

Денеска со почеток од 17:00 часот, фудбалерите на прилепска Победа го играат последниот натпревар од сезоната во Втората фудбалска лига.

На стадионот “Гоце Делчев” гостува екипата на БЕСА од гостиварско Добри Дол, која е лидер на табелата и наредната сезона ќе игра прволигашки фудбал.

Победа се наоѓа на 12-то место на табелата со 28 бодови, по еден повеќе од Осогово и Тетекс, и два повеќе од Каменица Саса која се наоѓа на претпоследното место.

Црвено-белите не смеат да се предадат на овој натпревар, затоа што во истиот термин Каменица игра дома против Вардар Неготино, а можност за освојување бодови има и Тетекс кој гостува кај Башкими. Осогово пак својот натпревар го игра на домашен терен против Пелистер.

Да ги поддржиме нашите фудбалери со што поголема масовност денеска на градски.

Tea Taировиќ доаѓа во Прилеп – ќе пее на “ПИВО ФЕСТ”?

Во моментов една од најпопуларните српски пејачки, Теа Таировиќ преку својот официјален ,,Инстаграм” профил ги обелодени своите идни настапи, па така може да се види дека во своите претстојни настапи го има ставено и токму градот Прилеп и „Пиво-фест“ и тоа на датум 12-ти јули, петок.

Дали ова значи дека овој „Пиво-фест“ Прилеп ќе биде епицентарот и градот на музиката во три дена останува да видиме, но веќе има големи најави дека главна sвезда ќе биде токму Таировиќ, а ќе настапат и уште низа на супер талентирани странски и домашни музичари.

Клубот на литературни творци од Прилеп, одново успешно го организираше настанот “Мајски поетски средби” (ФОТО/ВИДЕО)

Синоќа во киното “Мис Стон” во Прилеп, а во организација на Клубот на литературни творци од градот под Марковите Кули, се одржа традиционалниот културен настан, “Мајски поетски средби 2024”.

На самиот почеток беше доделена Плакета-благодарница на новинарката Каролина Мицевска, за постојаната промоција на творештвото на членовите на клубот, како и благодарници до Пекара “Маја” и НУЦК “Марко Цепенков” за поддршката при реализацијата на овој и останатите манифестации во организација на клубот.

-Потоа беше промовиран новиот, четврти по ред Алманах: “На крилјата на зборот”, во кој е застапена поезија на членовите на Клубот на литературни творци Прилеп. Благодарност до сите кои учествуваа во неговото уредување, претпечатна подготовка и печатење: Тамара Насевска, Елена Николоска, Снежана Паноска, Андриана Ристеска, Фото Зрак и Графопром.
Настанот продолжи со литературно читање на гостите и домаќините, а заврши со закуска и коктел за сите присутни.
Нека се шири убавиот поетски збор и нека се множат топлите другарување меѓу поетите од Македонија!
Благодарност до сите поети и гости што го збогатија овој традиционален настан со своето присуство!
Посебна благодарност до Лина Димоска која професионално го водеше овој настан и до Благица Велјаниска која со својот прекрасен глас ни ги растрепери срцата! Драги поети! До година се гледаме во уште поголем број
– напиша на ФБ, претседателската на клубот, Андриана Ристеска.

Тешка сообраќајка синоќа во Прилеп: 23-годишник со автомобил удрил во повозрасна сограѓанка

На 18.05.2024 во 21.30 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на бул.,,Гоце Делчев” во Прилеп, патничко моторно возило „ауди” со прилепски регистарски ознаки, управувано од Д.В.(23) од Прилеп, удрило во пешакот Л.Т.(63) од Прилеп.

Во несреќата Л.Т. се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Градска болница Прилеп.

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп – информираат од СВР Битола.

Притвор за родител кој среде час влегол во училиште во Битола, ја нападнал наставничката, а потоа за уво тегнел и ученик

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против две лица – маж и жена кои се осомничени дека во група извршиле грубо насилство врз дете родено 2009 година, со што сториле кривично дело – Насилство согласно член 386 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Двајцата сопружници, на 15 мај, влегле во основно училиште во Битола, при што таткото физички ја оттурнал наставничката и директно нападнал еден од учениците, соученик на нивното дете, заканувајќи му се дека ќе го убие. Го фатил детето за уво, го стапнал на ногата и го тегнел, а за тоа време неговата сопруга ја држела наставничката за да не може да му помогне и да го одбрани ученикот.

Со насилството двајцата предизвикале чувство на несигурност и вознемиреност кај другите ученици, кои од страв кога заминале осомничените барале наставничката да ги заклучи во училницата за да не се вратат.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување куќен притвор за осомничениот татко. Предлогот беше прифатен и на осомничениот му е определена притворска мерка.

Ѓорѓи Божинов именуван за генерален секретар на кабинетот на Претседателката Силјановска Давкова, новинарот Момировски ќе биде негов заменик

Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.

Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.

Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, јавни набавки, програмите за финансиска поддршка и легислативата на Европската унија во овие области. Тој во кабинетот доаѓа од раководна позиција во Министерството за земјоделие.

Момировски пак, е долгогодишен новинар, соработник на Сиљановска во нејзината претседателскa кампањa за изборите во 2019 година.

Освен првите луѓе во кабиентот, претседателката во наредниот период треба да именува и свои советници од областа на безбедноста, меѓународните односи, комуникациите. Имиња не се споменуваат, но се највува дека овие позиции ќе ги заземе дел од академската фела, блиска до Сиљановска.

“Утре може да бидеш и ти” – претстава во изведба на учениците од ООУ “Кочо Рацин” Прилеп, која треба да ја погледнете заедно со вашите деца (ВИДЕО)

Во понеделникот, 13.05. 2024, ученици од ООУ “Кочо Рацин” Прилеп, ја одиграа премиерата на драмската изведба ,,УТРЕ МОЖЕШ ДА БИДЕШ И ТИ”, иницијатива која се реализираше во рамките на проектот ,,Промоција на безбедна училишна средина“, кој пак e поддржан од Фондацијата ПЕСТАЛОЦИ, а е спроведуван под менторство на КоалицијаСЕГА, МЦГО, МЕЃАШИ и СМАРТАП.

Претстава која вреди да ја погледнете заедно со вашите деца:

Прилепските гимназијалци на самиот врв на државниот натпревар по географија

На 26.04 во просториите на Природно научниот факултет во Скопје, се одржа државниот натпревар по географија, на кој учествуваа и ученици од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп кои ги постигнаа следните резултати:

Под менторство на проф. Виолета Проскоска Велкоска:

Втора година:

Софија Настоска – I место
Ивана Атанасоска – II место

Прва година:

Андреј Вршкоски – прва награда
Марија Апостолоска – втора награда
Ивона Топчиоска и Ивана Итова – успешно учество

Под менторство на проф. Александра Ристевска:

Прва година:

Ненад Талески – прва награда
Ева Јашмакоска – втора награда
Тамара Бабаноска – пофалница

Гимназијата „Мирче Ацев“ има традиција на успеси по географија. Тоа го докажуваат и овие ученици со своите ментори.

БРАВО за учениците и за менторите!