дома блог страница 13

Започна распределбата на ваучерите за инвертер клими – објавени и компаниите од кои граѓаните ќе можат да набават уреди

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека од денес, 18 март 2026 година, започна распределбата на ваучерите за набавка и вградување на инвертер клима уреди за граѓаните кои се стекнале со право по Јавниот оглас за 2025 година.

Од 18 март до 17 април 2026 година, лицата кои се наоѓаат на списокот ќе можат да ги подигнат ваучерите во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината каде што живеат. На веб-страницата на Министерството се објавени сите детали за потребната документација и постапката за подигнување.

Воедно, денес на веб-страницата на Министерството е објавен и списокот на компании со кои се склучени договори, од кои граѓаните ќе можат да ги набават инвертер клима уредите користејќи го ваучерот.

Станува збор за втора фаза од веќе завршената постапка, во која право на поддршка имаа исклучиво домаќинствата кои најдоцна до 5 октомври 2025 година поднеле барање, доставиле комплетна документација и ги исполниле условите утврдени во Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.

Списокот на граѓани кои се стекнале со право, како и списокот на компании, се достапни
на веб-страницата на Министерството:

https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/rezultati-i-spisoci

Ваучерот овозможува набавка и вградување на инвертер клима уред со моќност од 3,5 kW и најмалку енергетска класа А+, а може да се искористи најдоцна до 15 октомври 2026 година.

Вредноста на ваучерот изнесува до 28.000 денари, без дополнителна доплата од страна на корисниците.

Министерството нагласува дека оваа фаза се однесува исклучиво на граѓаните кои веќе аплицирале во 2025 година и претставува финализација на постапката, во рамки на која се доделуваат вкупно 4.070 ваучери.

За дополнителни информации:
071-391-187
071-391-169
[email protected]

Со оваа мерка државата продолжува со конкретна поддршка на ранливите категории граѓани, обезбедувајќи пониски трошоци за енергија и повисока енергетска ефикасност во домаќинствата.

Ветувањата мора да се исполнуваат, пред сите граѓани, од сите националности, а Чонески тоа во Крушево најдобро го знае (ФОТО)

Продолжуваат активностите за уредување на јавниот простор во селото Алданци, кое е дел од Општина Крушево. Денеска на терен активно се работи на поставување бекатон плочки, со што значително се подобрува пристапот и изгледот на овој дел од селото.

Градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, истакна дека ваквите активности се резултат на заедничката ангажираност и посветеност на локалната самоуправа и жителите.

„Особено ме радува кога гледам ваква заедничка ангажираност и посветеност на терен. Со овие активности создаваме поуреден, почист и пофункционален простор за сите жители“, посочи Чонески.

Тој додаде дека уредувањето на јавните површини е важен дел од напорите за подобрување на условите за живот во руралните средини.

„Ова е уште еден чекор кон подобрување на условите за живот во руралните средини. Ќе продолжиме со исто темпо и во наредниот период, затоа што секое населено место заслужува внимание, инвестиции и грижа“, истакна градоначалникот.

Од локалната самоуправа нагласуваат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон уредување и подобрување на инфраструктурата во населените места, со цел создавање подобри услови за живот за сите жители на Општина Крушево.

Ифтарска вечера во организација на битолскиот градоначалник Коњановски (ФОТО)

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, организираше ифтарска вечера, воочи големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.

На вечерата присуствуваа битолскиот муфтија Амит Расими, заедно со дел од членовите на битолското муфтиство, претседателeлот на Советот, советници, како и соработници на Општина Битола од невладиниот и бизнис секторот.

„Во месецот кога нашите сограѓани од исламска вероисповед го празнуваат светиот месец Рамазан, сакаме да испратиме порака на заедништво, взаемна почит, добрина и грижа, во духот на битолскиот космополитизам, кој на овие простори опстојувал со векови“, рече градоначалникот Тони Коњановкси на ифтарската вечера.

Вечери како оваа се потсетник дека преку заеднички напори можеме да изградиме подобро општество за сите нас, порача градоначалникот.

Свое обраќање имаше и битолскиот муфтија Амит Расими кој рече дека месецот Рамазан е време на духовно прочистување, добрина и човечност.

Добри вести: Горивата во Македонија поевтинија, aма за…

Граѓаните од денеска ќе точат поевтино гориво. На бензинските станици на најголемите нафтени компании во земјава – ОКТА, Пуцко Петрол, Макпетрол и Лукоил, цените на дериватите се за два денара пониски од максимално утврдената цена на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Ова доаѓа како директен резултат на понудата од ОКТА, која на трговците им овозможи набавка по цени пониски за два денара. Одлуката беше претходно најавена од министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на ОКТА, Димитриос Пасхос, како мерка која ќе важи до крајот на март.

Иако РКЕ со последните две одлуки драстично ги зголеми цените (дизелот за 21 денар, а бензините за 12 денари) поради кризата на Блискиот Исток, оваа мерка на ОКТА претставува обид за ублажување на ценовниот шок врз потрошувачите.

Прилеп го положи испитот – познатиот гастро-блог Tasty Food ни дојде на гости, еве каде не’ носат (ВИДЕО)

Познатиот гастро-блог Tasty Food and Nature, кој ги посетува и оценува најинтересните ресторани низ Македонија, деновиве престојуваше во Прилеп, а нивната гастрономска тура низ градот ги однесе на две места кои веќе се добро познати меѓу љубителите на добра храна.

Првата станица беше Ресторан Порта, место кое важи за омилена дестинација за гурманите и за сите кои сакаат пријатна атмосфера, квалитетна кујна и внимателно подготвени специјалитети. Тимот на Tasty Food имаше можност да проба дел од понудата и да ја почувствува топлата и елегантна атмосфера на Порта.

Гастро-авантурата продолжи во La Piazza, пица ресторан кој е добро познат по својата италијанска инспирација, крцкавото тесто и богатите вкусови. Токму овде тие се уверија зошто љубителите на пица во Прилеп често го избираат ова место кога сакаат вистинско гурманско уживање.

Со оваа посета уште еднаш се потврди дека Прилеп има што да понуди на гастрономската мапа на Македонија – од традиционални вкусови до модерни интерпретации и одлични места за дружење.

Погледнете го видеото на Tasty Food и откријте каде ве носи нивната препорака во Прилеп.

Во Битола се работи во секое населено место – Градоначалникот секој ден на терен (ФОТО)

Во Битола градежни работи во секое населено место. Најново започнаа активностите за обновување на училиштето во с. Крклино

Овој проект Општината го реализира со финансиски средства од Министерството за образование и наука, од вториот владин повик, а е на барање на жителите.

Објектот, односно подрачното училиште има две училници, една канцеларија, ходник и тоалети.

Ќе се менува кровната конструкција, ќе се реконструира и фасадата, внатре промена на подовите, замена на дограмата со ПВЦ профили, како и целосно средување на внатрешноста на објектот, односно молеро-фарбарски работи.

Денеска увид во градежните работи изврши градоначалникот на Битола, Тони Коњановски со одговорните лица за проектот.

Вредноста на оваа реконструкција е 3.380.097 денари. Општината и со оваа реконструкција ја покажува грижата за образованието, односно подобри услови за изведување на воспитно-образовниот процес.

Прилепчанец ХЕРОЈ! Дарувал крв 100 пати (ФОТО)

Под слоганот „Дарувај крв, спаси живот“, Црвениот крст – Прилеп и Институтот за трансфузиона медицина во просториите на општината организираа крводарителска акција, на која се вклучија над 70 крводарители.

Како дел од оваа акција, беа доделени признанија и благодарници на 74 повеќекратните крводарители од Општина Прилеп кои дарувале над 10, 25 и 50 пати крв, а меѓу нив беше и Живко Ангелски, кој дарувал крв дури 100 пати.

Секоја чест за сите наши хумани сограѓани, нека овие подвизи бидат мотив плус за сите млади луѓе, да даруваат и да помогнат во спасувањето на нечиј живот.

Николоски: Ненад Савески е личност со искуство што ќе испорача правда, која на Македонија очајно и е потребна

На Македонија очајно и е потребна правда и владеење на правото. И треба јасно отворање и процесуирање на случаи кои ќе значат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем, се обрати пред пратениците, заменик претседателот на Владата, Александар Николоски на собраниската седница на која се избира Државен Јавен обвинител.

Во име на Владата, предложен е Ненад Савески, за кој вицепремиерот Николоски истакна дека е професионалец, докажан во својата работа и како што потенцира, без ниту една дамка во својата професионална кариера.

“ За жал оваа состојба во која е обвинителско-правосудниот систем е состојба коja не дава доверба кај граѓаните, состојба која ги тера многу од граѓаните да не веруваат во системот, почесто да има неправда отколку правда, а и тогаш кога има правда заради скепсата која постои меѓу граѓаните, тие да се прашуваат дали навистина се донела правилната одлука. Не случајно нема разговор, нема дебата и нема сериозни критики за обвинителско-правосудниот систем како што не случајно рејтингот на овие две институции е околу 2 %.

Тоа ќе е сериозна задача за новиот Јавен обвинител кој го предлагаме, тоа е магистер Ненад Савески, човек кој што е долго во обвинителско-правосудниот систем, со сериозен стаж и искуство, човек кој бил обвинител, судија и сега повторно ќе ја има шансата да е прв меѓу обвинителите.

Се работи за еден човек кој што е еден од светлите примери во македонското судство и обвинителство, кој што позади себе нема дамки. Имаме човек кој е мотивиран и кој ќе биде прв кој треба да испорача правда во Македонија” – се обрати вицепремиерот Николоски пред пратениците.

Витаминка ги следи светските трендови – Претставници на компанијата дел од FOOD EXPO 2026

Претставници на Витаминка беа дел од FOOD EXPO 2026, една од најзначајните меѓународни саемски манифестации во областа на храна и пијалаци во Југоисточна Европа, што се одржа од 14 до 16 март во Атина.

Настанот обедини водечки компании, професионалци и носители на одлуки од F&B индустријата, отворајќи простор за нови деловни можности, вмрежување и следење на најновите трендови на пазарот.

На настанот присуствуваа Комерцијалниот директор и регионалните менаџери по продажба од Домашен пазар, кои имаа можност одблиску да се запознаат со актуелните иновации, производи и развојни насоки во индустријата, како и да остварат корисни деловни контакти со партнери и професионалци од повеќе земји.
FOOD EXPO 2026 собра над 30 000 професионалци од повеќе од 80 земји, со учество на околу 1 300 изложувачи, што дополнително ја потврдува важноста на овој настан за развојот на современиот прехранбен сектор.

Прилепските ротаријанци за 18. роденден ги витаминизираа дечињата во градинките (Фото галерија)

На симболичен и општествено одговорен начин, РОТАРИ КЛУБОТ од Прилеп го одбележа своето полнолетство – 18 години постоење, со донација за најмладите во Прилеп.

По повод 18-ти март, беа донирани 18 екстрактори за храна (за овошје и зеленчук), како и 180 килограми свежо овошје и зеленчук, наменети за детските градинки во градот. Целта на оваа иницијатива е да се поттикнат здрави навики во исхраната кај децата уште од најрана возраст.

Иницијативата произлегува од загрижувачките податоци на Институтот за јавно здравје и Европската иницијатива за следење на дебелината кај децата (COSI). Според нивните анализи, само 25 проценти од децата во земјава секојдневно консумираат свежо овошје, што е најниско ниво во Европа. Дополнително, само 20 проценти од децата јадат свеж зеленчук секој ден, што исто така е меѓу најниските показатели на европско ниво.

Статистиката покажува и дека 31 процент од децата во Македонија имаат зголемена телесна тежина, додека 13,7 проценти живеат со дебелина, бројки кои го надминуваат европскиот просек.

Организаторите посочуваат дека ваквите активности се дел од пошироката мисија за создавање здрави генерации и развивање здрави животни навики кај најмладите.

Воедно, упатена е благодарност до менаџментот на ЈОУГД „Наша иднина“ – Прилеп, особено до директорката Билјана Тодеска, за одличната организација и приемот. Благодарност беше упатена и до општествено одговорната компанија „Футура“ од Прилеп, која ги донираше 180-те килограми овошје и зеленчук за децата.

Од клубот се заблагодарија и на медиумите за присуството и известувањето од настанот, со цел подигнување на јавната свест за значењето на здравата исхрана кај децата.