дома блог страница 118

Од полноќ мало намалување на цените на горивата

Од ноќеска на полноќ малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (ДЕ V), се намалуваат за 0,50 ден/лит, соопшти Регулаторната комисија.

Со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 82,00 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 84,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 73,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), се намалува за 1,00 ден/лит, малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 72,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се зголемува за 0,756 ден/кг, и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 43,209 ден/кг.

Ќе ви ги стоплат срцата! Дечињата од “РОЈАЛ КИДС” Прилеп го разиграа цел град на Меѓународниот ден на детето (ВИДЕО)

Воспитувачите во центарот за деца Royal Kids House од Прилеп, освен знаење од различни области, постојано ги учат најмалите на добрите животни навики и морални вредности, а тоа се: правење добри дела, хуманост и ширење радост и среќа.

A во саботата по повод Меѓународниот ден на детето, на платото пред Градскиот Саат дечињата донесоа токму радост и среќа за целиот град, пеејќи ја песничката “Градинке, градинке”.

Настанот беше организиран од Унијата на ЗМСТАС, предводена од Здружението „За нас“, а беше со цел да се соберат средства за лекување на болни дечиња.

Уживајте во нивната изведба, ќе ви ги разубават денот:

Во едно попладне 99 санкционирани возачи на територијата на Прилеп

Во текот на вчерашниот ден (02.06.2024) во периодот од 14.30 до 19.30 часот Секторот за сообраќајни работи при Одделот за униформирана полиција Биро за јавна безбедност и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведоа акциска контрола на територијата на Прилеп, за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

При контролата санкционирани се 99 возачи, од кои 39 за возење без возачка дозвола, осум санкции поради измината важност на сообраќајната дозвола, седум мерки за некористење заштитна кацига при возење мотоцикл, две санкции за непрописно вградени фолии (затемнети стакла), четири мерки за возење под дејство на алкохол, шест санкции за возење со брзина поголема од дозволената…

На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци. Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.

Вечерва уникатен настан во Прилеп: Пред своите сограѓани ќе се претстави еден од авторите кој најмногу ги претставувал Прилеп и Македонија

На 03.06. 2024г (понеделник) пред прилепската и светска јавност ќе се претстави Златко Крстевски со еден невообичаен проект, не многу етаблиран на нашите простори.

Златко Крстевски е роден во Прилеп и во изминатите 35 години го презентирал своето творештво на сите континенти : Црна Гора, Куба, Јапонија, САД, Португалија, Нов Зеланд, Канада, Германија, Кипар, Иран, Бразил, Италија, Франција, Норвешка, Венецуела, Турција, Чиле, Белгија, Унгарија, Ирска, Шпанија, Словенија, Аргентина, Русија, Полска, Грција, Србија, Украина, Велика британија, Бугарија, Кореа, Кина,Романија,Мексико, Косово, Израел…

Во својата богата творечка кариера има добиено и многу награди и признанија за своето творештво и е еден од авторите кој најмногу ги претставувал Град Прилеп и Република Македонија.

MAIL ART от и проектот со кој Крстевски ќе се претстави пред Прилепската публика најдобро ќе го опише со едно свое видување М-р Тони Чатлески:

„ Мејл-артот, наречен уште како мрежна уметност или уметност на кореспонденција, е еден од најголемите андерграунд уметнички феномени на дваесетиот век. Првите почетоци на мејл-артот се во 60-тите години на 20 век како своевиден медиум за директна размена на уметност, на идеи и информации помеѓу уметници од повеќе држави, без да се користат воспоставените канали на пазарите со уметнички дела. Тој претставува нов начин на меѓусебно поврзување и создавање сопствена култура, со минимизирање на материјалните замки на пазарната економија бидејќи овие специфични уметнички минијатури се дадени во размена /или се меѓусебно разменети/ и тие не се интересни за официјалниот уметнички пазар.
Мејл-артот произведува креативни дела надвор од материјалистичкиот уметнички маркетинг. Тој ги претвора поштенските сандачиња во музеи без ѕидови. Тој е од лична природа и е најдемократска форма на ликовната уметност. Сите се добродојдени во мејл-артот и сите се подеднакво важни, при што се почитуваат сечии идеи. Тој е највитален во меѓународната размена на изложбите на кои се претставени сите учесници оти нема жири со задача да ги селектира уметничките дела.

Идејата на мејл-артот е хумана и космополитска, да се биде дел од една поширока глобална заедница која ги споделува вредностите на уметноста и културата. Кругот на уметничко пријателство е отворен преку формата на таа комуникација – во овој проект тоа е празната поштенска картичка, чијашто бела бездна уметникот треба да ја исполни со уметничка, а со тоа, се разбира, и со етичка содржина и порака.
Мултимедијалниот уметник Златко Крстевски, по повод 551 година од раѓањето на Никола Коперник, дојде на идеја да организира мејл-арто изложба, насловена како Коперникус 551.

Поставката содржи повеќе од 100 дела на уметници од сите меридијани на земјината топка,каде може да се види шареноликост од идеи поврзани со темата.

Слободата на изразот со овој вид уметност, дава извонредна можност за освежување на ликовната сцена од мејнстрим пристапот и претставува посебен вид на естетика, која е итекако нужна за разбивање на, се повеќе, монотониот штафелајски пристап. “

Ве чекаме на отварањето на кое ќе приредиме и неколку други изненадувања !!!

Koњановски побара обвинителството да отвори постапка во врска со пријавите за каснување од кучиња

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, до Основното јавно обвинителство поднесе иницијатива за отворање на постапка и спроведување на истрага во врска со пријавите за каснување од кучиња скитници кои се доставуваат до општината. Со иницијативата, градоначалникот бара обвинителството да спроведе соодветна постапка врз основа на која ќе се направи целокупна и опсежна анализа, но и истрага при што ќе бидат отстранети сите сомнежи кои постојат или ќе се утврди кривична одговорност против сите оние кои извршиле злоупотреба и го оштетиле буџетот на Општина Битола, а се стекнале со материјална корист за себеси на сметка на истиот.

Иницијативата произлегува по укажувањата од страна на надлежните служби, но и правните застапници на Општина Битола, дека постои основан сомнеж за сторени злоупотреби од страна на сите вклучени субјекти во постапката во предметите за надомест на материјална и нематеријална штета предизвикана како резултат од напад на куче – скитник кои во изминатиот период се со зголемен број, а врз основа на што Општина Битола трпи сериозна материјална штета.

„Имајќи предвид дека сум известен дека постои голема база на предмети со ваков основ за надомест на материјална и нематеријална штета
предизвикана од куче скитник во кои има сериозни индиции дека настанале неправилности и се извршиле злоупотреби, а притоа истите имаат правна разрешница, но голем дел се и сеуште незавршени, стоиме на располагање на Ваше барање да ги доставиме сите потребни списи од овие предмети, но и останата потребна документација на увид со цел успешно и непречено завршување на постапката и истрагата“, стои во иницијативата на градоначалникот Коњановски до ОЈО. Покрај укажувањата, правните застапници до градоначалникот и општинскиот Совет, предлагаат изнаоѓање на можни начини за разрешување на проблемот со енормниот број на судски предмети за надомест на штета од каснувања
на куче скитник. Во нивните предлози се наведува потребата од систематска соработка со Клиничка болница Битола и МВР и тоа:

Преку соработка со Клиничка Болница Битола потребно е:

1) Да се издејствува објективност во извештаите на докторите кои ги прегледуваат пациентите. Потребно е да се побара секој доктор во
извештајот јасно да наведе дека анамнезата е исклучиво по кажување на самиот пациент, А ДЕКА ТОЈ КАКО ДОКТОР НЕ МОЖЕ ДА ПОТВРДИ ДАЛИ РАНАТА Е НАНЕСЕНА ОД ЖИВОТНО ВООПШТО, А НЕ ПАК КАКО ШТО Е СЛУЧАЈ СЕГА ДЕКА Е ОД КУЧЕ, па дури во најголем број случаеви и скитник.

2) Да не се поставува дијагноза W54 која значи рана од каснување од куче, туку дијагнозата да биде РАНА, а тоа дали е од куче или воопшто животно или нанесена на друг начин да биде предмет на докажување.

3) ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ОПИС НА РАНИТЕ – во смисла големина во сантиметри или милиметри, опис на местото на раните, нивниот број, старост на
повредите, со сите останати карактеристики.

Преку соработка со МВР Битола потребно е:

1) Со секоја пријава за каснување од куче скитник – МВР Битола преку крим техника да изврши фотографирање и опис на раните

2) При секоја пријава да бара податок за приближно точно време на настан како и точна локација на настанот, како врз основа на таквите податоци би се извршило проверка на самата локација во смисла на видео снимки од околни објекти или лице кои биле на тоа место (во смисол вработени во околни објекти или околина)

На ваков начин, лесно би се докажало дали воопшто се случил настан на самото место, а би се овоможила проверка на објективноста на описот на раните на самиот доктор.

„Без помош и соработка од овие две институции, не би можело воопшто да се очекува каква и да била можност за реално постапување во судските
постапки како и утврдување на кривична одговорност на лицата инволвирани во евентуалните невистинити случаи каде се бара штета, иако истата не била причинета од куче скитник“, се нагласува во предлогот од правните застапници.

Денеска е Свети Константин и Елена: Честит именден Елена, Ели, Ленка, Константин, Кочо, Коста…

Православните христијани денеска го празнуваат Светиот цар Константин и неговата мајка Елена.

Царот Константин Велики и неговата мајка царицата Елена за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот влател на големата Римска империја што ја признал оваа вера.

Марко Цепенков забележал дека во Прилеп св. Константин и Елена биле покровители на базриѓанскиот (трговскиот) еснаф. Нивниот празник кој го викале „Свети цареи“ го празнувале на 21 мај (стар стил).

Под манастирот Свети Наум Охридски – Чудотворец, до самото езеро, има извор со лековита вода. Според верувањето оваа вода секогаш е лековита, но најмоногу на празникот Св. Константин и Елена.

Според едно предание Свети Наум му рекол на таткото на една ќелава девојка да појди на денот свети Константин и Елена под карпата каде што течела вода и да ја измие девојката. Така направил и таа веднаш оздравела, и пораснала убава и густа коса.

„Од тогаш на празникот на свети Елена и Костадин редовно идат луѓе да се мијат со водата од изворчето под карпите на манастирот Свети Наум. Таа вода е лековита и друг пат, ама на празникот најмногу”, заклучува народниот раскажувач.

Македонски алпинист кој се искачи на една од највисоките точки на светот и падна во бессознание, објави фотографии од смрзнатите раце

Македонскиот алпинист, Здравко Дејановиќ во тешки услови го искачил четвртиот највисок врв во светот, Лотсе, по што паднал во бессознание и бил симнат со спасувачка мисија.

Дејановиќ на социјалните мрежи раскажа за својата авантура и тешкиот предизвик да се искачи овој врв кој е висок 8.516 метри.

-На ден 19.05 околу 12h, го искачив врвот Lhotse 8516m без да користам помош од други лица (шерпаси) и дополнителен кислород. Врвот го искачив во тешки и неповолни временски услови, пропратено со врнежи, олујни наноси од снег, со јачина на ветар до 50km/h. Поради таквите временски услови јас и другите искачувачи добивме смрзнатини на долни и горните екстремитети.

Во одреден момент на висина од 8400m, јас и алжирскиот искачувач Насир и неговиот личен шерпас (кои за цело време користеа дополнителен кислород), бевме принудени 2-2:30h, да останеме во место на таа висина поради силните наноси од снег.

На оваа висина бев виден од повеќе качувачи, боливискиот качувач Хуго, шерпасот Лама, еден кинески качувач, и уште двајца кинески качувачи (кои го прекинаа искачувањето на врвот поради смрзнатини). Од страна на искусниот шерпас Лама бев советуван да се откажеме од искачувањето и да се вратиме во четвртиот камп. Но, ние тројцата сепак продолживме кон врвот. На врвот околу 10 min пред мене беа Насир и неговиот шерпас, кои веќе се симнуваа кога јас пристигнав на врвот.

На врвот поради сериозните смрзнатини на прстите неможев веќе смрзнатиот патент од качувачкото одело, да го отворам, да го извадам мобилниот телефон и да направам видеозапис. Заради мојата безбедност и здравствена состојба која веќе почна да се влошува (бев исцрпен и веќе имав изразени смрзнатини на прстите на рацете) неможев долго време да се задржувам на врвот, и веднаш се упатив кон пониските кампови.

Се спуштав колку толку успешно се до Yellow Band (вертикални карпи кои се наоѓаат на 7600m), и тоа место е последно нешто на што јас се сеќавам. Од тој момент имало спасувачка акција за мое извлекување до пониските кампови. Спасувачката акција била координирана од шерпасите од 8K тимот, мојата ќерка Стефанија, Славица Атанасовска и Билјана Огнененоска. Сите искачувачи беа дел од 8kexpeditions тимот.

Сега е веќе готово! Килијан Мбапе потпиша за Реал Мадрид

Како и што се најавуваше веќе подолго време Килијан Мбапе ќе потпише договор со Реал Мадрид.

Италијанскиот експерт за трансфер Фабрицио Романо денеска објави дека Мбапе и Реал Мадрид го комплетирале трансферот и потпишани се сите потребни документи.

Официјалната потврда за трансферот се очекува во текот на неделата која следи, можеби и уште утре.

Се наведува и дека својата одлука да премине во Реал Мадрид, Мбапе ја донел уште во февруари.

Во редовите на ПСЖ, Мбапе пристигна во 2018 година од Монако за 180 милиони евра. Се поврзуваше Мбапе со Реал Мадрид и во тој преоден рок, како и често пати во следните, а сега конечно ќе го облече кралскиот дрес.

Teпачка и пријава за физички напад во изминатото деноноќие во Прилеп

Од полицискиот билтен на МВР

На 02.06.2024 во 03.20 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на ул.„Ердован Шабаноски“ во Прилеп, С.Р.(26) и З.Р. (42), двајцата од Прилеп, го нарушиле јавниот ред и мир со учество во физичка пресметка. По документирање на настанот против нив ќе следува соодветна пријава.

На 01.06.2024 во 22.00 часот во ОВР Прилеп, М.Е.(20) од Прилеп пријавил дека М.С., М.Н. и М.С. се обиделе да го нападнат со употреба на метални предмети.

Се преземаат мерки за расчистување на двата настани – велат од СВР Битола.

Алармантно предупредување до родителите во Македонија: Постои тренд на самоповредување кај учениците

„Ве информираме дека изминатиот период забележана е тенденција на физичко самоповредување кај повеќе ученици.“

Вакво предупредување добиле родителите во повеќе скопски основни училишта од наставниот кадар. Во него се вели дека е забележано сечење со жилети, ножеви од острилки, ножици, остри предмети и тоа најчесто се случувало на рацете и нозете, пренесува ТВ Сител.

Наставниот кадар ги предупредува родителите да им обрнат повеќе внимание и контрола на децата.

– Доколку забележите било каква промена што може да укажува на оваа појава ве молиме пријавете во училиште и бараме од вас како родители преку класните раководите да ни дозволите ненајавени проверки на учениците за навремено откривање и сузбивање на оваа појава бидејки состојбата е алармантна, се вели во предупредувањето.

Самоповредувањето не е изолирана појава само кај нас. Светските медиуми многу често известуваат за појава на трендови поради предизвици на социјалните платформи.

Поради ТикТок предизвик 17 ученици од Косово се самоповредиле во изминатиот период и го подигна алармот кај родителите за да ги натераат институциите да преземат поголема контрола врз социјалните мрежи кои ги користат децата.

Психотерапевтите во државата велат дека родителите можат да забележат промена кај своето дете кое е подлежно на самоповредување, но мора да реагираат веднаш и да побараат помош од стручните лица.

Целосниот прилог погледнете го на “СИТЕЛ”