дома блог страница 117

ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА ТЕМПЕРАТУРИ БЛИЗУ 40 СТЕПЕНИ: УХМР со прогноза за следните денови, еве кога ќе биде најтопло

Во следните денови ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, а во попладневните часови ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи. Максималната температура ќе биде до 38 степени, соопшти УХМР.

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Попладне ќе има услови за ретка појава на пороен дожд и грмежи. УВ-индексот ќе изнесува 7.

Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе изнесува 16, а максималната 31 степен.

Најтопло ќе биде в понеделник, со максимална температура од 30 до 38 степени. УВ-индексот ќе изнесува 8.

AJДЕ ПРИЛЕП! Нашата Билјана е пред пласман во полуфинале, наше е да гласаме!

Последната четвртфинална емисија во мега популарното шоу “Никогаш не е доцна”, помина со многу добра музика, прекрасни емоции и големи изненадувања. Жирито никогаш немало потешка задача да одлучи кои кандидати ќе продолжат директно во полуфиналето.

Билјана Марковиќ, Саша Милошевиќ Маре и Кики Лесендриќ на крајот одлучија натпреварувањето да го продолжат Сабина Касумовиќ, Славиша Стојановиќ и Оливер Костиќ, додека за пласман во полуфиналето преку гласање одново се бори нашата прилепчанка Билјана Зероска.

Билјана на последната емисија се претстави со песната “Таjно моја” од Тоше Проески и предизвика лавина на емоции. Публиката и жирито останаа без здив, додека спомените за нашата музичка икона се враќаа преку впечатливиот настап на нашата прилепчанка.

Настапот на Билјана слушнете го ТУКА

Гласањето трае до денеска на полноќ, па затоа сите со глас да дадеме поддршка за нашата Билјана: ГЛАСАЈТЕ ТУКА

Утре премиера на претставата “БУРА” во прилепскиот театар “Војдан Чернодрински”

На 5 јуни 2024 /среда/ од 20.00 ч. во театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе биде изведена претставата „Бура“ од В. Шекспир, во режија на Џон Блондел.

Претставата е дел од годишната програма на театарот за 2024 година поддржана од Министерството за култура.

Податоци за претставата:
БУРА
Вилијам Шекспир
Режија и адаптација: Џон Блондел
Сценографија, костими, светло и плакат: Благој Мицевски
Музика: Томе Темелкоски
Драматург: Лидија Митоска-Ѓорѓиевска

Играат:
ПРОСПЕРО, вистинскиот војвода од Милано……………………………………………………ИГОР ТРПЧЕСКИ
МИРАНДА, ќерка му………………………………………………………………………………….АНГЕЛА НАУМОСКА
АРИЕЛ, дух, ветроштина………………………………………………………………………….ДАНИЕЛА ИВАНОСКА
КАЛИБАН, роб на Просперо………………………………………………………………………..НАТАША АЧАНСКИ
АЛОНЗО, кралот на Неапол; ТРИНКУЛО, шут…………………………………………ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ
АНТОНИО, брат на Просперо; СТЕФАНО, служител………………………………..АЛЕКСАНДАР ТОДЕСКИ
ФЕРДИНАНД, син на Aлонзо; ГОНЗАЛО, советник………………………………..МИХАЈЛО МИЛЕНКОСКИ
СЕБАСТИЈАН, брат на Алонзо…………………………………………..КАТЕРИНА ЧАКМАКОСКА-КЛИНЧЕСКА
ЈУНОНА, дух во служба на Просперо………………………………………………………………….АНА МИТОСКА

Техничка екипа:
Инспициент – Елена Иваноска
Суфлер – Лилјана Батлеска
Светло мајстор – Ристе Гркоски
Сликар исполнител – Пеце Ристески
Реквизитер – Гоце Тодороски
Гардеробер – Снежана Ѓорѓиоска
Фризер-перикер – Даринка Богоеска
Декоратери – Сашо Смоквоски, Роберт Стојкоски, Владимир Владимироски, Јане Јанкулоски
В.д. директор – Јасмина Мицовска Станкоска

Текст

Бура (1611) обично се смета за последната драма на Шекспир. Имал удел и во следни соработки, но ова е неговото последно напишано дело. Во него, волшебникот Просперо – поранешен војвода од Милано, живее на пуст остров со својата млада ќерка Миранда, со робот Калибан и со духот-помошник Ариел. Кога неговиот брат, предавникот Антонио плови во близина на островот, Просперо предизвикува бура во која Антонио преживува бродолом заедно со Алонзо – кралот на Неапол, синот на Алонзо – Фердинанд, братот Себастијан, советникот Гонзало, шутот Тринкуло и служителот Стефано. Фердинанд, за кого мислат дека е мртов, ја запознава Миранда и се вљубува во неа. Антонио и Себастијан планираат да го убијат Алонзо, додека Тринкуло и Стефано се сретнуваат со Калибан, кој ја заговара смртта на Просперо. Ариел ги спречува сите заговори; Просперо го открива својот идентитет и им простува на својот брат и на Алонзо за нивното предавство. Просперо го пушта Ариел на слобода, а останатите – оставајќи го Калибан на островот – пловат кон Неапол.

„Не знам ниту една друга ваква драма што во себе ја содржи целата богата сложеност на животот. Ако имаме среќа да живееме доволно долго, преживуваме бури; се вљубуваме; изневеруваме или сме изневерени; вршиме или трпиме насилство – вербално, психичко или емоционално; претрпуваме загуба; се прашуваме што нѐ чека; се смееме со пријателите; се каеме за грешките и чекориме кон неизвесната иднина. Бурата го содржи сето ова и уште повеќе. Тоа е прекрасно. Претставата е филозофија на животот, барем Шекспир ја понудува како таква преку неговото алтер его – волшебникот Просперо. И обајцата се слика на другиот: уметници кои стареат и прават некаков ред во својот живот движејќи се низ своето последното поглавје. За Шекспир, преку волшебникот Просперо, тајната на животот е да се запамети, а потоа да се прости. Иако првичната намера на Просперо можеби била да се одмазди (тоа не е сосема јасно во текстот), тој наскоро открива дека мора да си прости себеси, а потоа да им прости на другите. Тоа е прекрасна драма, дива и трогателна, која иако е многу стара, истовремено е многу модерна. Како што вели големиот романски режисер Ливиу Чулеј, „Класиката е класика затоа што е модерна“. Неизмерно уживав во работата на оваа претстава, со овие прекрасни луѓе во Прилеп. Сите се надеваме дека ќе уживате.“

Џон Блондел

Професор по географија од Прилеп преку искачување на планински врвови, им ги доближува убавините на Македонија на своите ученици (ФОТО/ВИДЕО)

Наставникот по географија во ООУ “Кире Гаврилоски – Jане” oд Прилеп, Милан Јаковоски, на оригинален начин избрал да им ги доближи убавините на Македонија на своите ученици, а со тоа и да им го збогати нивното знаење по наставниот предмет. Тој избрал седум дестинации за искачување, а учениците со задоволство ја прифатиле оваа идеја.

Еве што вели Јаковоски за својата секција која е една од омилените во ова училиште:

-Географската секција ,,Млади ентузијасти” е од научно, спортско и рекреативен карактер, поврзана со теми и соодржини кои учениците ги изучуваат во текот на основното образование по предметот Географија. Учество во секцијата земаат учениците од осмо и деветто одделение, а истата е составена од теоретски и практичен дел.

Теоретскиот дел се реализира во училница каде учениците се запознаат со планините во нашата држава, со цел да се потикнат за нивно посетување како за спорт, рекреација, туризам и сл. Исто така во овој дел од секцијата се запознаат со професионалното планинарење и искачувањето на врвови од искуствата на професионални планинари, но и со потребната подготовка, опрема, храна и други реквизити за планиниарењето.

Реализацијата на практичниот дел e група од 8 до 12 ученици (доброволци), добро подготвени ученици (психо-физички), со дозвола од родител/старател. Во програмата предвидени се седум дестинации и искачувањата се одвиваат постепено во поглед на тежината на патеката и надморската височина, секоја следна дестинација е со подолга патека и со повисока надморска височина, а со тоа се подготвува психо-физичката спремнос кај децата. На теренските активности освен наставникот присуствуваат уште неколку искусни планинари кои добро го познаваат теренот и условите во планината, а исто така групата ја придружува и медицинско лице.

Главната цел на оваа геофрафска секција е да се потикнат учениците да ја запознаат подобро природата и планината во нивната околина и во иднина почесто да ја посетуваат планината, да ја негуваат и да ја одржуваат, но и да стекнат навика, за спор и рекреација што го подобрува нивото на здрав живот. За да биде предизвикот кај учениците уште поголем во оваа секција освен планините и врвовите во околината на Прилеп како предизвик ги ставив и трите највисоки врвови во Македонија (Пелистер, Титов Врв и Кораб). Ваква настава се практикува во голем дел од развиените земји од Европа и светот, се надеваме дека ќе потикнеме да почне да се практикува и кај нас бидеќи е од голема корист кај децата.

(ВИДЕО) Зошто одбрав да бидам Гимназијалец?

БИДИ ГИМНАЗИЈАЛЕЦ!
ИМАШ МОЖНОСТ ДА СЕ ДОКАЖЕШ ВО СЕКОЈА ОБЛАСТ!
ДРУЖЕЊЕ, ЗАБАВА, ТВОРЕШТВО, ЕКСКУРЗИИ, СПОРТУВАЊЕ …
ТОА Е ГИМНАЗИСКОТО СЕКОЈДНЕВИЕ.

ЗОШТО ГИМНАЗИЈАЛЕЦ ВО “МИРЧЕ АЦЕВ”? ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА

Атрактивната Теа Таировиќ доаѓа во Прилеп: Ќе одржи голем концерт на Могила! Картите се веќе во продажба!

Една од најпознатите балкански музички ѕвезди во моментов, атрактивната Теа Таировиќ, ќе одржи голем концерт на 12. јули во Прилеп.

Концертот ќе се одржи на стадионот во паркот на “Могилата на непобедените”, a oд денеска во продажба се и влезниците,  по промотивна почетна цена од 600 денари.

Купете си онлајн на www.vleznica.mk или во добро познатите продажни места ширум републиката:

Бидете дел од едно од најголемите музички случувања годинава!

Адреналинско доживување кое одново ги оправда очекувањата: Третото издание на Samokov Xtreme собра над 500 спортисти и стотици вљубеници во природата (Фото галерија)

Изминатиот викенд, во Самоков и Белица (Македонски Брод), во организација на Општина Македонски Брод и здруженијата: “Форум за Авангардна Креативност”, “Вело Че”, “САМОКОВ ЕСТРИМ”, Здружение за мотокрос “Хартен Дуро”, Здружение за спорт со теренски возила “Оф роуд” од Прилеп и планинарското здружение “Пелагона прва”, се одржа третиот адреналински фестивал SAMOKOV XTREME, на кој учество зедоја над 500 спортисти и љубители на природата.

Како и минатата година и оваа, фестивалот понуди: возење со џипови, возење со мотокрос, возење со АТВ возила, возење со МТ велосипеди и планинарење.

Настанот стана одлична промоција на: недопрена природа, традиционална храна, алтернативни спортови, автентични села, селскиот туризам…

Во продолжение низ фотографии мал дел од адреналинското доживување од SAMOKOV XTREME 2024:

Шампионите на прием кај градоначалникот Коњановски – ќе добијат и милионска финансиска поддршка! (ФОТО)

По освојувањето на шампионската титула за сезоната 2023/2024 година, ракометарите на Еурофарм Пелистер имаа прием кај градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Градоначалникот истакна дека Битола веќе втор ден живее со ракометната еуфорија, која што започна во саботата вечерта, по победата на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер над Алкалоид.

„Особена чест и задоволство е да се биде заедно со Вас и да ја одбележиме шампионската титула која што останува во Битола. Општината и натаму ќе биде Ваш поддржувач, а се надевам дека и во следната сезона заеднички ќе одбележуваме победи и нови успеси на ракометниот клуб, кој е спортски бренд на градот“, рече Коњановски.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се заблагодарија на приемот во општина Битола и на подароците, кои им беа доделени од страна на градоначалникот.

На денешната седница на Советот на општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски поднесе иницијатива за финансиска поддршка на ракометарите. Советот донесе одлука за финансиска поддршка во висина од 3.5 милиони денари.

И Кисела Вода доби жена Претседател на Совет

Општина Кисела Вода доби нов претседател на Советот. Светлана Колариќ која доаѓа од редовите на ВМРО- ДПМНЕ денес, со мнозинство гласови беше избрана да ја извршува оваа функција, на која доаѓа откако досегашниот претседател Иван Живковски на неодамна одржаните избори, доби пратеничко место во Собранието.

Новиот Претседател на Советот на општина Кисела Вода, Светлана Колариќ се заблагодари за довербата, како и на сега веќе, пратеникот Живковски за целиот ангажман и успешна работа. Во своето прво обраќање го поздрави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и истакна дека во својот мандат ќе продолжи да работи согласно законите и во интерес на жителите на Општина Кисела Вода, поддржувајќи ги добрите идеи и проекти на градоначалникот кои и досега ја трасираа Кисела Вода како една од најуспешните општини.

-Нашата соработка ќе се темели врз обврките пропишани во законите и подзаконските акти, со акцент врз Законот за окална самоуправа и статутот на оштината. Нашата цел е заедничка и единствена, како и досега, да спроведуваме одговорни политики, работејќи трнспарентно и исклуиво во интерес на жителите на општина Кисел Вода, истакна новиот Претседател на Советот на Општината Светлана Колариќ.

Градоначалникот и’ ја честиташе нова позиција, му се заблагодари и на досегашниот Претседател на Советот Иван Живковски, како и на новоизбраниот советник кој доаѓа на неговото место, Драган Василевски.

-Честитки за изборот на новиот претседател на Советот на општина Кисела Вода, Светлана Колариќ. Силно сум убеден дека со преземањето на обврската и своето долгогодишно искуство ќе придонесе во развојот на општината, ќе биде прва меѓу еднаквите и ќе ја оправда довербата која ѝ е дадена. Нашата меѓусебна соработка ќе продолжи исто како со досегашниот претседател, а сега пратеник во Собранието на Република Македонија Иван Живковски, за што му честитам и искрено му се заблагодарувам за неговата работа, предлози и одлуки кои беа само и само во интерес на граѓаните. Иван, ти благодарам што нивото на Советот го крена на едно високо ниво. Воедно му честитам на новиот советник во Советот, Драган Василевски, кој доаѓа од редовите на ВМРО ДПМНЕ и му посакувам понатамошна успешна работа. Продолжуваме понатаму, заедно да ја испишеме новата приказна за нашата Кисела Вода, изјави градначалникот Орце Ѓорѓиевски

Пукна голема цевка на “Прилепско поле”: Населбата “Рид” под вода (ВИДЕО)

Пукната цевка со големина Ф800 над патот Прилеп-Битола од подружницата “Прилепско поле” на АД “Водостопанство, предизвика поплави во прилепската населба “Рид”.

Дефектот прво бил саниран во саботата, но денеска одново водата почнала да тече.

Екипите во моментов се повторно на терен, но работите се одвиваат отежнато поради големиот профил на цевка.