дома блог страница 112

Одлични резултати и многу трофеи во спортско моделарство за браќата Лука и Дино Најдоски од Прилеп (ФОТО)

Во период од 4 недели во мај и јуни, Лука и Дино Најдоски од Прилеп учествуваа на Светски куп натпревари во Романија и Унгарија, на два светски куп натпревари во Србија, а учествуваа и на Државното првенство во спортско моделарство, во категорија на воздухопловни модели за слободен лет – едрилици.

Лука Најдоски (2009), е член на Воздухопловниот клуб „Фил Феникс“ од Прилеп, кој минатата година беше прогласен за најдобар спортист, но и оваа година покажува дека е во врвна форма. Во категорија едрилици (Ф1А) на четири светски куп натпревари постигна врвни резултати, и со високиот коефициент на освоени бодови, веќе се пласира на трето место во генерален пласман во Светскиот куп.

Романија: Салонта Куп – 6 место – 101 учесници
Унгарија: Сабо Миклош – 1 место – 52 учесници
Србија : Срем Куп – 5 место – 67 учесници
Србија : Морава Куп – 2 место – 66 учесници

Лука Најдоски во истата категорија стана државен вицешампион, со освојувањето на второто место на Државното првенство во јуниорска конкуренција.

Одлични се резултатите и од малиот Дино Најдоски. Тој веќе на осум годишна возраст постигна резултати кои му обезбедија висок пласман во јуниорска, но и во вкупна, односно сениорска конкуренција.

На Државното првенство тој постигна голем успех во двете категории на едрилици во кои се натпреваруваше (Ф1А и помалата Ф1Х).
Во категорија Ф1А-едрилици постигна најдобри резултати кои му ја обезбедија титулата македонски шампион во јуниорска конкуренција, а истовремено и трето место во вкупна, односно сениорска конкуренција. На Државното првенство и во помалата категорија едрилици (Ф1Х), Дино Најдоски стана државен првак со освојувањето на првото место.

Дино Најдоски постигна одлични резултати и на натпреварите од светскиот куп, и тоа

Србија : Срем Куп Ф1А – 11 место, Јуниор Ф1Х – 2 место вкупен пласман
Србија : Морава Куп Ф1А – 9 место, Јуниор Ф1Х – 2 место вкупен пласман

Постигнатите резултати на натпреварите од Светските купови, се дотолку позначајни поради тоа што се постигнати во исклучително неповолни метеоролошки услови, со многу јак ветар, поради кој воздухопловните моделите за две минути летале повеќе и од два километри подалеку од стартната линија.

Големата психофизичка и пред се кондициона подготвеност на нашите спортисти им овозможи за време на петте турнуси (секој во траење од по 1 сат), да истрчаат во двата правци далечина и до 20 км., за да ги пронајдат спортските модели и да ги вратат на време, како би можеле да го реализираат наредниот лет.

Радува фактот што и во така неповолни услови нема оштетување на спортските реквизити и опремата, што не било случај и кај другите учесници.

На сите досегашни натпревари дојде до израз талентот и спортскиот дух на младите натпреварувачи, но тајната за постигнатите врвни резултати пред се е нивната посветеност и напорните тренинзи.

И секако она што е неопходно, заслуга за успехот на младите спортисти имаат нивните родители, кои им пружаат безрезервна поддршка.

Поевтинува дизелот, цените на бензините останува иста

Дизел горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,17 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 71,5, а на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ1) 70,5 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС-95 и понатаму ќе се продава за 80, а ЕУРОСУПЕР БС-98 за 82 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,734 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 42,475 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 0,374 отсто, кај дизелот за 3,697, кај екстра лесното масло за 4,097 и кај мазутот за околу 2,312 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот е за околу 0,087 отсто понизок од курсот на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка.

Момироски: Кафански, арамиски или коцкарски извештај подготвувате?

Фејсбук статус на новинарот од Прилеп, Зоран Момироски

-ОТЧЕТНИОТ КОНГРЕС НА СДСМ ВЧЕРА ЗАПОЧНАЛ ПА БИЛ ПРЕКИНАТ НА НЕОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ!!! ИЗВЕШТАЈОТ ЗА КАТАСТОРФАЛНИОТ ПОРАЗ НА ПАРТИЈАТА НА ПОСЛЕДНИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ БИЛ НА 60 СТРАНИ.

СЕГА СЕ НАМЕТНУВА ПРАШАЊЕТО: ДАЛИ ОДЛАГАЊЕТО Е НАПРАВЕНО ПОРАДИ ТОА ШТО МУ ТРЕБА ПОДОЛГО ВРЕМЕ НА ДЕЛ ОД ДЕЛЕГАТИТЕТЕ КАКО НА ПРИМЕР КРСТЕ ,,ШОФЕРО,, ДА ГО ПРОЧИТААТ ОТИ ВО ЖИВОТОТ НЕЗНАМ ДАЛИ ИМААТ ПРОЧИТАНО ТОЛКУ СТРАНИ ПА СЕГА МУ ТРЕБА ВРЕМЕ?!? ИЛИ ПОРАДИ БАРАЊЕТО НА НЕКОИ ЛОКАЛНИ ПАРТИСКИ ШЕФОВИ ДА ГИ ПОДГОТВЕЛЕ ИЗВЕШТАИИТЕ?!?

КОИ ИЗВЕШТАИ БЕ МАЧНИ ДУШИ ДА ГИ ПОДГОТВИТЕ. КАФАНСКИНЕ, АРАМИСКИТЕ ИЛИ КОЦКАРСКИТЕ?!?!?

Марифетот е пет пари, ама на кого да му текне: Чичко Перо-Чорбе од Прилеп ќе ви каже како треба против горештината (ФОТО)

Прилепчани се познати по својата итроштина и снаодливост, па ниту горештините од 35 и плус степени не им можат ништо, ако решиле пладневното кафе да го испијат со пријателите во чаршија.

Дека тоа е така, најдобро ќе ви покаже чичко Перо Чорбе, кому му текнало на оригинален начин да се заштити од жешкото сонце.

Неговата мала иновација вчера наиде на насмевки и пофалби од прилепчани, кои се криеја под чаршиските ладовини.

Алал вера! Нека учат помладите како треба!

Битолската „На дното“, „Домот на куклата“ на Турскиот театар и независната „Поол“ денеска на МТФ „Војдан Чернодрински“

Народниот театар од Битола ќе учествува на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ вечерва во 19.30 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Претставата е во режија на Ќендрим Ријани и е дел од официјалната програма на фестивалот. Улогите ги толкуваат: Соња Ошавкова, Валентина Грамосли, Елена Моше, Илина Чоревска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Маја Андоновска – Илијевски, Марија Стефановска, Сандра Грибовска Илиевска, Анастазиа Христовска, Иван Јерчиќ, Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Александар Димитровски, Никола Пројчевски, Александар Стефановски и Никола Стефанов.

Во 22 часот на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе биде изведена „Домот на куклата“ во продукција на Турскиот театар од Скопје. Улогите ги толкуваат: Сузан Акбелге, Селпин Керим, Фунда Ибрахим и Емине Халил.

Во рамките на придружната програма на полноќ во кафе-бар „Тротоар“ ќе биде изведена „Поол“ во режија на Шенај Мандак. И денес продолжуваат придружните програми – во 11 часот во фоајето на Центарот за култура ќе се одржи промоција на наградените драми од „Еуродрам“. Точно на пладне почнуваат разговорите на тркалезната маса, овојпат за претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, на Струмичкиот театар. Оваа програма на фестивалот предизвикува големо внимание кај публиката која е желна да разговара за претставите.

Вчерашниот ден на фестивалот беше посветен на делото на Горан Стефановски, кој е автор во фокус на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. Група од 20-ина учесници основци и средношколци и наставници презентираа што научија во изминатите осум месеци во рамките на едукативната програма на фестивалот „Чернодрински за деца“. Учествуваа ученици од средното училиште „Ристо Ристески-Ричко“, „Мирче Ацев“, „Ѓорче Петров“ и основните „Добре Јованоски“ и „Блаже Конески“. Тие ја изведоа претставата „Јане Задрогаз“, а работеа под менторство на актерите Игор Трпчески и Илија Волчески.

Како дел од програмата на фестивалот беше промовирана книгата „Од текст до претстава: Феноменологија на сценскиот говор“ од Тодорка Балова. Според професорката д-р Јелена Лужина, книгата има чуден наслов со поднаслов.

-Ако насловот е разбирлив, поднасловот е синтакса која збунува, затоа што содржи термин, феноменологија кој е термин од 20 век и се дефинира како свест или нештото во свеста. Тоа е говорот кој можеме да го разбереме, односно зборува за сценскиот говор, кој има задача и функција…..- рече Лужина.

Во грижата за сценскиот гвоор таа се наврати на професорите по сценски говор, како Илија Милчин и Мето Јованоски, кој не случајно се наоѓа на самата корица на книгата.

-Книгата користи методологија ПРААД, што значи една медицинско терапевтска методологија. Таа ќе им помогне на сите актери кои што сакаат да работат врз себе. Тодорка Балова им направи прирачник, кој е прв научен труд за сценскиот говор. Тоа е необична книга и слободно можам да кажам дека македонската театарологија се занимава посериозно и поквалитетно од другите за сценски говор, а тука ја додавам и книгата од Роберт Вељановски – посочи Лужина.

Авторката Тодорка Балова објасни дека користела неколку дисциплини и дека е задоволна од успешната мисија и дека и е задоволство што се зафатила со Горан и со неговата култна претстава „Диво месо“.
Факултетот за драмски уметности од Скопје во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ја промовираше фондацијата „Горан Стефановски“, а Драмски театар од Скопје ја претстави штотуку востановената награда за драмски текст „Горан Стефановски“.

Сашо Кокаланов, продекан за настава при ФДУ во Скопје образложи дека Горан Стефановски секогаш беше тука да ги поддржи младите автори, да им биде „ветер во грб“ особено во онаа, почетна фаза.

-Прилично скоро се роди идејата да се направи фондација „Горан Стефановски“ за да се зачува сета онаа оставштина од нашиот драг професор. Не се само драми напишани на македонски, на англиски, не се само изведбите на тие драми, туку тоа е една драмска школа која треба да продолжи, драмска традиција која треба да се пресоздава. Сакаме да ги објавиме сите негови драми во едно големо издание, сакаме да го дигитализираме целото творештво на Горан Стефановски, да биде достапно на повеќе светски јазици. Вториот сегмент се однесува на поддршката на младите автори. Фондацијата ќе го поддржува и формалното и неформалното образование кај младите драмски автори, ќе ги стипендира. Поддршка, финансиска имаме веќе и од приватниот и бизнис секторот, рече Кокаланов.

Директорот на Фондацијата, режисерот Александар Поповски нагласи дека пораката што ја имавме од Горан Стефановски објаснува сѐ.

-Благодарен сум што сум дел од оваа „приказна“. Токму затоа, ќе прочитам дел од она што е есенцијата од намерата за основањето на фондацијата. Дел е од она што Горан ни го пренесуваше и ни го раскажуваше. Велеше: Сите живи суштества се раѓаат со инстинктот на преживувањето. Пајаците за да реживеат имаат совршен вроден инстинкт за ткаење мрежи. Луѓето за да преживеат имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни, за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет. Идентитетот е приказна за тоа кои сме, што сме, што сакаме, за да можеме да преживееме во суровиот свет. Ова приказна мора да е точна, заснована на познавањето на теренот, на длабок увид. Погрешната приказна може скапо да нѐ чини. Да не одведе во заблуда, во ќорсокак….Ниедна култура не може да опстане без точна, силна, автентична приказна, велеше Стефановски. Оваа навидум едноставна порака беше дел и од предавањата и од соработката со Горан. Најстојуваше фантастичното, пребогато минато кое го имаме, на автентичен начин, да го носи во некаква иднина, рече Поповски.

Викторија Рангелова Петровска, директорка на Драмски театар од Скопје образложи зошто се востановува наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст.

– Оваa година Драмски театар ја востановува наградата за најдобар драмски текстна млад автор до 30 години, награда која ќе го носи името на Горан Стефановски. Идејата е многу благородна и стовремено е оддавање должна почит на авторот кој, практично, направи голем успех и за себе, и за Драмски театар во периодот кога се изведуваа неговите текстови. Најголемите успеси на Драмски се врзуваат кога се изведуваа претстави според текстови на Стефановски и ние сме должни да му оддадеме почит. Им даваме поддршка на младите драмски автори да се реализираат и да го продолжат дејствувањето и да го продолжат континуитетот на македонската драматургија. За анс тоа е битно, зашто мислам дека младите автори се најпрогресивни, најотворени во делата кои ги пишуваат, рече Рангелова Петровска.

Струмичкиот театар ја изведе претставата „Црна дупка“ која е дел од официјалната програма, а истиот текст на Стефановски го изведоа и студентите од ФДУ.

Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се: Министерството за култура и Општина Прилеп. Спонзори на фестивалот се: Пакомак, Витаминка, Прилепска пиварница. Пријатели на фестивалот се: Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, Театар за сите, Самоглас, Умно.мк, Јавен простор – Прилеп, Гледај.мк, Театроск, Факултет за драмски уметности, Донирај компјутер, Урбан ера. Пријатели на фестивалот се: Бит крафт, Карé и Смарт Ливинг, Македонија осигурување, Крин производство Прилеп, Аура, Клуб Калинка, Кафе-бар Тротоар, Кафе бар Чоше, Кафе бар Лувр, Брос бургерс, Монарка гастробар, пекара Алекс, Национален ресторан „Македонска куќа“, Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, Такси 5, Лусио Стор и хотелите Кристал Палас, Атлас и Салида. Медиумски покровители се Македонската радио-телевизија и Трн.мк.

Политиката на Макрон доживеа фијаско во Франција на вчерашните европски избори

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го распушти Националното собрание по дебаклот на изборите за Европскиот парламент, јавува Би-би-си.

По оваа одлука Франција ќе оди на нови парламентарни избори.

Тие ќе се одржат на 30 јуни и 7 јули, јавува Би-би-си.

Да потсетиме, партијата на Марин Ле Пен на изборите за Европскиот парламент освои 31,5 отсто, што е двојно повеќе од партијата на претседателот Емануел Макрон.

Неговата партија доби 15,2 отсто поддршка, што е двојно помалку од Марин Ле Пен.

Прва трка и прва победа за Влатко Лозаноски, две од две за Андреј Маџоски: Прилепските велосипедисти не застануваат со успесите!

Во организација на велосипедскиот клуб “Екстрим бајк” од Битола, вчера се одржа трката “Апхил Смолево”, каде учество зедоја и велосипедистите од В.К. & Сервис “ИЛИНДЕН” од Прилеп.

-Влатко Лозаноски го освои првото место во мастерс – прва трка и прва победа за него.

-Андреј Маџоски беше прв во јуниори – две од две победи оваа година во МТБ за Андреј

Честитки за нашите велосипедисти и нивниот тренер Драган Димитријоски, и им посакуваме многу успеси на престојните државни првенства.

Трето коло во Првата и Младинска бокс лига: Житошански од “АС” Прилеп стигна до нова победа!

Вчера во Тетово се одржа 3.коло на Првата и Младинска бокс лига, кое донесе доста интересни дуели, а за нас од најголем интерес е настапот на прилепските боксери од БК “АС”.

Николче Житошански во категорија до 75кг. кај сениорите ја оствари третата победа, а противник му беше Леонтин Димитров од БК “10-60” од Скопје.

Николче со оваа трета победа во неговата кариера потврди дека е добар и амбициозен боксер кому му претстои добра кариера.

За жал Димитар Талинче остана без противник во категоријата до 60кг кај кадетите, па во ова коло остана без борба.

Борбите можете да ги проследите на линкот во продолжение:

(Фото галерија) Литургија на 1762м надморска висина: Крушевчани имаат една прекрасна традиција која се одржува првата сабота од месец јуни

Во саботата на 8. јуни, по четврт пат се одржа планинарскиот марш под мотото: “Господи Исусе Христе чувај ја Македонија”. Вљубениците во природата и убавините на Македонија, се искачија на планинскиот врв Козјак на Бушева Планина, или како што велат крушевчани: “Кај крстовите”.

Традицијата која започна од 2021 година се одржува во првата сабота од месец јуни, а откако планинарите ќе се искачат на планинскиот врв, свештено лице служи света литургија, а секоја година има и кум.

Оваа убава традиција ја започнале Вецко и Менка Божиноски од крушевското село Пуста Река, луѓе за кои крушевчани велат дека се вистински легенди, кои постојано се инспирирани за нешто ново.

Нивната мисија да го направат ова место свето започнала пред 13 години, кога прво навезиле знаме на кое пишувало “Христос помеѓу нас, е и ќе биде!”, кое го поставиле на највисоката точка од врвот Козјак, а неколку години подоцна, заедно со Симе Стојкоски, на раце го однеле и првиот крст.

Oттогаш, па секоја година, носеле материјали на раце – цименто, вода, камења…. па така се издигна ова прекрасно свето спомен обележје.

Во 2021 година се служела и првата литургија, а така беше и во саботата, кога за кум се пријави Вецко Иваноски од Крушево.

Една убава традиција која од година во година расте и привлекува уште поголема посетеност. Нека е за многи години и напомош!

Maшала! Пратениците во Европскиот парламент земаат месечна плата од 10 илјади евра, секој ден добиваат 350 евра за храна, имаат право на двојна пензија

Лобирањето, расправиите, заканите и предавствата често се увертира за изборите за Европскиот парламент, пишува Индекс.хр.

Главната причина за тоа, како што пишува Индекс.хр, се пред се високите материјални права на претставниците на ЕУ парламентот, а влезот може да го обезбеди човек доживотно. Платата е само дел од надоместокот. Пратениците имаат право да ги финансираат канцелариските трошоци во матичната земја, дневници, патни трошоци, платени патарини, еднократна готовинска исплата на крајот на мандатот и дополнителна пензија.

Плата од 10.000 евра, пензија 1.750 евра, дневници, бесплатно службено возило, надомест од 20.150 евра…

Бруто платата на пратеник во ЕУ е 10.075 евра месечно, т.е. околу 7850 евра нето. Се финансира од буџетот на Собранието, т.е. од буџетот на ЕУ. Дополнително, секој претставник има право на 4.950 евра месечно за исплата на канцелариски трошоци во матичната земја, што се однесува на трошоците за кирија, опрема и вработените во таа канцеларија.

За секој ден што пратеник ќе го помине во Европскиот парламент му се исплаќа дневница од 350 евра за сместување, храна и други трошоци. Овие други трошоци не го вклучуваат автомобилот, бидејќи е обезбедено бесплатно користење на службениот автомобил.

А неофицијални патувања се исплаќаат до износ од 4.886 евра за една година. На крајот од мандатот тие имаат право на т.н „преоден надоместок“, кој е еднаков на една месечна плата годишно во која биле на функција најмногу две години. Во моментов таа изнесува најмногу 20.150 евра.

По влегувањето во ЕУ Парламентот, пратениците повеќе не треба да се грижат ниту за пензиите, бидејќи имаат право на дополнителна пензија (покрај стандардната, која веќе ја заработиле во матичната земја) во висина од 3,5 отсто од нивната плата за секоја цела година на функција и една дванаесетина за секој нареден цел месец, но не повеќе од 70 проценти вкупно. На сегашните плати тоа изнесува околу 1.760 евра дополнителна пензија, но откако ќе наполнат 63 години.