дома блог страница 105

ВНИМАТЕЛНО: Водата од неколку чешми во прилепско не е исправна за пиење

Известување до граѓаните од општина Прилеп:

Општина Прилеп ги известува граѓаните дека водата во Лок. в.с. Канатларци (бензинска), Ерековци (Кочоски Пецо) и Тројкрсти (двор), не е здравствено исправна. Водата во овие населени места не смее да се користи без претходно вриење од 10 минути,информираат локалните власти.

Гости од Мексико, Грузија, Индонезија, Хрватска…. Со традиционално фолклорно дефиле започна манифестацијата “Илинденски денови” во Битола (Фото галерија)

Со традиционалното фолклорно дефиле насловено „Со песни и игри низ битолските улици“ од Плоштадот Магнолија, низ Широк Сокак, до
Офицерскиот дом, свечено беше означен почетокот на годинашниот Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Во дефилето учествуваа дел од домашните и странски фолклорни ансамбли, меѓу кои и гости од Хрватска, Мексико, Грузија, Индонезија, Полска,
Швајцарија и други земји, носејќи ја шареноликоста на своите традиции низ срцето на Битола.

Програмата продолжи на Платото пред Офицерски дом со изведбата на орото „Комитско“ од страна на членовите на КУД „Илинден“ од Битола и свечените обраќања и поздравни говори од страна на поддржувачите на Републичкиот фестивал кој го слави фолклорното богатство и културното наследство.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, посакувајќи им топло добредојде на гостите и учесниците на фестивалот, нагласи дека културата е најсилниот глас на Битола – тивка кога треба, понекогаш гласна, но секогаш горда и жива.

„Овие денови, почнувајќи од 18 јули, па се до 31 јули, Битола е претворена во сцена на звуци, бои, носии, ора и песни од целиот свет. Со над 70 фестивалски настани, повеќе од 1300 учесници, 30 ансамбли од Македонија и интернационални гости од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска, Битола овие денови повторно станува центар на светскиот фолклор, простор за дијалог меѓу културите, за научна мисла, за креативност и за нови начини на претставување на традицијата.

Од најпрепознатливиот белег на фестивалот, Дефилето со песни и игри низ битолските улици, кој го привлекува вниманието на битолчани и на сите посетители на Битола, преку неизбежниот звук на „Kомитското“ во изведба на КУД „Илинден“ кое ја отсликува македонската историја, традиција и болка, па се до семинарите во кои што сите учесници учат нешто ново за македонската традиционална музика и македонските ора, фестивалот „Илинденски денови“ никого не го остава рамнодушен.

Тоа што го правиме денес, е она што ќе остане утре за нас, нашите деца и внуци, генерациите кои доаѓаат. Да не заборавиме дека културното
наследство не е само сеќавање туку нешто што треба да се негува, споделува и осовременува.Токму затоа, овогодинешниот слоган „Денес за утре“, јасно ја отсликува идејата на фестивалот „Илинденски денови“, но ја претставува и нашата обврска како граѓани: да не заборавиме од каде сме и да им го пренесеме тоа знаење на оние после нас.

Да ја негуваме традицијата, но и да ја носиме храбро кон иднината – со љубов, енергија и отвореност за соработка и разбирање. Во мое лично име и во име на Општина Битола, им благодарам на сите организатори, уметници, волонтери и поддржувачи што овозможија ова издание да биде уште едно незаборавно поглавје во големата приказна што
ја пишува нашиот фестивал „Илинденски денови“, кој е дел од Битолското културно лето“
, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните.

Програмата на Републичкиот фестивал „Илинденски денови“, продолжува до 31 јули и се реализира како дел од програмските содржини на „БИТ ФЕСТ“.

Приведени битолчанец и прилепчанка – тој возел со 1,8 промили алкохол, таа со 1,9

На 27.07.2025 во 02.40 часот на ул.„Крушевска Република” во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода А.С.(34) од Битола. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници запреле возило „форд” со битолски регистарски ознаки, кое го управувал А.С., и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,80 промили алкохол во крвта.

На 27.07.2025 во 02.00 часот на ул.„Александар Македонски” во Прилеп, полициски службеници од СВР Битола-ОВР Прилеп ја лишиле од слобода Л.А.(32) од Прилеп. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници запреле возило „мерцедес” со прилепски регистарски ознаки, кое го управувала Л.А., и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно ѝ биле измерени 1,91 промили алкохол во крвта.

Дариан Бутле – Еден од најмладите и најперспективни пијанисти во Македонија со потекло од Прилеп

Дариан Бутле, млад музички талент со потекло од Прилеп, кој живее во Скопје, претставува блескав пример за тоа што може да се постигне со искренa љубов кон музиката, многу посветеност и неуморна работа.

За само седум месеци активно учење, со секојдневно вежбање по два до три часа, Дариан настапи на голема сцена како најмладиот пијанист во рамки на културната манифестација „Египетски караван“ во Културно-информативниот центар во Скопје. Неговиот настап предизвика голем интерес и одушевување кај публиката и ја потврди неговата исклучителна музичка зрелост за неговата возраст.

Покрај класичната музика, Дариан ја проширува својата музичка авантура и на полето на поп музиката. Во моментов е дел од неколку младински музички состави, а веќе добива ангажмани во некои од најперспективните поп бендови за млади до 16 години.

Успесите на Дариан се само почеток. Со ваков талент, дисциплина и страст, увереноста дека неговото име ќе го слушаме сè почесто и на сè поголеми сцени е повеќе од оправдана.

Следиме со восхит и веруваме дека ова е само почеток на едно големо музичко патување.

Kлековски: Од најзадолжена болница, прилепската болница стана пример во здравството за една година (ФОТО)

Со финансиска стабилизација, нова медицинска опрема, кадровско зајакнување и расчистување на криминалот, Општата болница во Прилеп постигна огромен напредок за само една година. Тоа го соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, по денешната посета на установата, каде оствари средба со директорот на болницата, д-р Кире Јоноски.

– Пред само една година, болницата беше меѓу најзадолжените во државата. Долгот изнесуваше над 200 милиони денари. Денес, со домаќинско работење и поддршка од Фондот, тој долг е намален на 109 милиони денари – изјави Клековски, оценувајќи го напредокот како резултат на тимска работа и решителен менаџмент.

Болницата во Прилеп е меѓу првите здравствени институции што поднесоа кривични пријави и добија судска пресуда во борбата против криминал и корупција.

Во меѓувреме, сериозни подобрувања се направени и на медицински план, набавена е нова опрема за одделенијата за урологија, ортопедија и стерилизација, обновено е одделението за интензивна нега на гинекологија, а повторно се вршат интервенции на колено, кои долго време беа во застој.

– Покрај медицинската грижа, отворивме и Школа за трудници, безбеден и топол простор каде идните мајки и татковци добиваат поддршка и знаење на патот до родителството – додаде директорот на Фондот.

Во болницата се вработени над 120 нови здравствени работници, од кои 21 доктор, а наскоро се очекуваат и нови вработувања за специјализанти. Се решава еден од најгорливите проблеми, недостигот од персонал.

Дополнително, позитивните промени ги мотивираа и локалните бизниси, сè повеќе општествено одговорни компании од Прилеп донираат инвентар и опрема за болницата.

– Болницата станува симбол на доверба и развој. Имаме уште многу планови, но ова е доказ дека кога има волја, има и резултати – заклучи Клековски.

Прилеп е град кој не остава никого сам! Хуманитарна забава за Стефанија! Да подариме надеж и насмевка која ќе трае цел живот!

15-годишната Стефанија Попоска од Прилеп се бори да зачекори во животот. Родена со тешка дијагноза, Стефанија од првиот нејзин здив не знае што значи лесно движење. Нозете и половината и се слаби, секој чекор и е мака. Досега има поминато низ неколку операции, но нејзината здравствена состојба се’ уште не е на посакуваното ниво.

Надеж гледа во специјализираната болница “Нуромедик” во Ниш, каде преку третмани и’ ветуваат значително подобрување во движењето. Семејството Попоски живее скромен живот, нејзиниот татко е инвалид, па финансиски се немоќни да ги поднесат сите трошоци.

-Со треперливо срце и со многу болка, ви се обраќаме – како родители, како луѓе, како мајка и татко кои секој ден ја гледаат својата ќерка како се мачи да зачекори.Ве молиме, помогнете ни. Помогнете и на Стефанија.Секоја донација е глас на надеж. Секоја споделена приказна е чекор поблиску до нејзиното подобро утре – стои во апелот за помош на социјалните мрежи и на хуманитарната организација “Павел Андреев”.

За Стефанија можете да донирате на следниот ЛИНК

Прилеп важи за град кој не остава никого сам, па за малата Стефанија се организираат повеќе хуманитарни забави, а донаторски кутии се поставени во повеќе локали низ целиот град.

Утре, 27.07. со почеток од 20:30 часот, во “КАФЕТЕРИЈА” во центарот на Прилеп, се организира и хуманитарна забава. Ќе настапи локалниот бенд LOCK DOWN. Влезот чини 100 денари, а сите собрани средства ќе бидат донирани за лекување на Стефанија.

Да го исполниме локалот до последно место и да дадеме свој придонес за Стефанија, да ја вратиме надежта во очите на нејзиното семејство, да помогнеме оваа млада девојка да почне безгрижно да чекори во животот и да почне да ги остварува своите соништа.

27.07 (недела), 20:30часот, дојдете во “КАФЕТЕРИЈА”!

Заедно можеме да создадеме светло на крајот од тунелот и да ѝ подариме надеж и насмевка која ќе трае цел живот.

Во Центарот за култура во Битола ќе се одржи 14. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

Под мотото „Театарот го менува светот“ од 3 до 7 август во НУ Центар за култура – Битола ќе се одржи 14. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.

Во традиционалниот термин на две сцени во Центарот за култура ќе се одиграат десет претстави. А покрај официјалната натпреварувачка програма, фестивалот оваа година подготви богата придружна програма.

Шест претстави од Грузија, Унгарија, Хрватска, Бугарија, Албанија и Македонија ќе се натпреваруваат за фестивалското Гран-при за најдобра претстава во целина. Дел од програмата се театрите „Нодар Думбадзе“ и „Пиро Ќеци“, национални установи од Грузија и Албанија. А ни доаѓаат и признатите независни продукции: „Колибри“ од Унгарија и „Мала сцена“ од Хрватска кои важат за најстари и водечки театри за деца во своите земји.

На програмата е и куклениот театар „Сенџу“ од Бугарија кои ни носат јапонски куклен театар по методот на Такеда а за прв пат на „Битолино“ ќе учествува и Театарот „Сенки и облаци“ од Скопје.

„Нашите сцени се место каде што детската насмевка, фантазијата и искрените емоции се во центарот на вниманието. Преку театарот ние не само што раскажуваме приказни, туку и ги воспитуваме идните генерации – во духот на емпатија, разбирање и љубов кон уметноста. Срдечно им се заблагодарувам на сите театари од целиот свет кој изразија интерес да учествуваат. А особено – на децата, нашата верна публика изминатите тринаесет години кои се срцето на сè што правиме.“ – истакна Филип Етмишовски, директор на Бабец театар и Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.

Во годината кога Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, кој важи за носечка платформа за театарските аматери, е оправдано одложен. „Битолино“ одлучи да ја отстапи својата сцена на аматерските театри и театарски школи од земјата. Оваа година во придружната програма ќе бидат Театар Чекори од Скопје и Театарот при ЈОУ Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци.

Фестивалот ќе го отвори и затвори Театарската школа „Бабец“ со претставите „Зборови“ и „Аудиција“. Токму со премиерата на младинската постановка на „Аудиција“ по текст на Александар Галин, Бабец театар ќе одбележи и својот јубилеен 15. роденден.

Во придружната фестивалска програма е и дводневна театарска работилница за куклен театар „Светот на куклите“ со бугарската режисерка и актерка Ефимиа Павлова. Токму директорката на Државниот куклен театар во Сливен, Бугарија ќе биде претседател на фестивалското жири.

Останатите два члена се македонските актери со интернационална театарска, филмска и телевизиска кариера: Тони Наумовски и Мартина Тапарчевска.

Фестивалот е поддржан како проект од национален интерес во рамки на Годишната програма на Министерстовото за култура и туризам на Македонија, Годишната програма за култура на Општина Битола а генерален спонзор е Комерцијална банка АД Скопје.

Трајко Вељаноски ја “подбра” Лиле од ДОМ

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, реагира за иницијативата од бившата лидерка на ДОМ и експратеничка Лилјана Поповска до Уставниот суд за преиспитување на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија.

„Читам поранешна пратеничка се освестува и бара Уставен суд да го поништи вториот протокол склучен помеѓу Македонија и Бугарија. Само за потсетување, за да има втор протокол склучен на 17 јули 2022 година од Бујар Османи и Теодора Генчовска треба да има прв протокол, кој е склучен на 10 јуни 2019 година од Никола Димитров и Екатерина Захариева. А за да има протоколи, треба да има договор. За жал, на 1 август 2017, во првите 100 дена од новата влада, Зоран Заев и Бојко Борисов го склучија Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

За потсетување, тогашната пратеничка си го гласаше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и многу други договори и акти предложени од владата на Зоран Заев“, коментира Вељаноски на Фејсбук.

Во Прилеп отворена изложбата “Наследство од вечната љубов”, од младите уметнички, Јана и Софија Тодорови (ФОТО)

Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата на дела „Наследство од вечната љубов”, од младите уметници Јана Тодорова и Софија Тодорова од Скопје, кои имаат прилепско потекло.

Според историчарот на уметност м-р Викторија Димеска, во делата на младите уметници Јана и Софија Тодорова, јасно се гледаат слободната ликовна игра и нивната раскошна имагинација.

-Безбројни емоции извираат од богатото колоритно творештво на сестрите Јана и Софија, изразени преку бојата и движењето на линијата. Овие емоции потекнуваат од нивната длабока потреба за постојано уметничко создавање. Во сликарскиот опус на Јана преовладува асоцијативната апстракција, додека во ликовното творештво на Софија доминира апстрактната експресија. Нивните апстрактни композиции, збогатени со искрени детски радости, сведочат за исклучителен уметнички талент наследен од вечната љубов – рече м-р Викторија Димеска, историчарка на уметност.

Двете сестри уметници, кои поттикнати од нивната баба Елена, историчар на уметност, сликаат од тригодишна возраст, досега освоиле повеќе ликовни награди.

Прилеп: По 7 дена пријавил исчезнување на сопругата и синот

Полицијата во Прилеп трага по 36-годишната Л.И. и нејзиниот 17-годишен син, кои исчезнале на 18 јули, а случајот бил пријавен вчера на 25 јули, во 08:20 часот во ОВР Прилеп.

Како што информираше МВР, пријавата ја поднел С.Ќ. (48) од Прилеп, сопруг на исчезнатата жена. Според неговата изјава, Л.И. се оддалечила од семејниот дом заедно со својот син, а имала и здравствени проблеми. Од тогаш, од нив нема никаков контакт.