83 години од крвавиот мacакр кај Ваташа: “Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!”

На денешен ден, 16-ти јуни, во 1943-та година, се случи ужасен масакр во Ваташа, кога биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 2 километри оддалеченост од Ваташа. Колежот го извршила бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија.

Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива за уништување на партизаните и се нафрла и на мирното население. Кулминација на погромите над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12 младинци. Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.

Сестрата на Блаже Ицев, Нада Ицева (Јанева), го памти денот кога го уапсиле нејзиниот брат. Не насетувале, каков крвнички чин ќе се случи истиот ден. Блаже (17 г.) и сестра му Ката (15 г.), работеле домашни работи, кога биле одведени во селската меана на Васил Хаџи Јорданов. Таму ги затекнале и останатите младинци, каде почнало крвничкото тепање од страна на полицискиот заменик-началник Петко Опреков, поручникот Борис Костов и двајца бугарски агенти.

„Јас веднаш истрчав по нив, но постојано ме враќаа назад до мостот. Бидејќи имав само 12 години, постојано се враќав колку што можам поблизу и некако разбрав дека ако се слушне истрел младинците ќе бидат стрелани. Истрчав дома и веднаш ѝ кажав на мајка ми дека ќе ги отепаат. Но таа ми рече:„Молчи, името пусто да ти остане, само ќе ги заплашат и ќе ги интернираат”, рече Нада (Ицева) Јанева.

Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле поткажани. Според Стева Илиева од Кавадарци:

„Кметот нè собираше од куќите со готов список, сите нè имаше по име и презиме.“

Во кафеана тие се испрашувани и тепани, а потоа се терани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и претстојно бегство во планината. Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште.

Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Веројатно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат. Најстариот од сите, Васо Хаџиjорданов насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата „оган“. Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Најмладиот од стреланите имал само 15 години. Еден од стреланите пред да умре, успеал да изусти „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“. Четирите девојки што исто така биле уапсени — Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева — ги тргнале настрана.

Полицискиот началник Петко Опреков се спротивставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојките, а капетан Борис Жеглов го поддржувал Опреков па така тие биле спасени.

Интересно е сведочењето на девојките, кои биле натерани од поручникот Костов да се припојат до младинците, на што се спротивставил Петко Опреков, нагласувајќи дека не е таква наредбата.

Ова говори за претходно спремана акција од страна на фашистичките бугарски сили. Откако насетиле дека ќе бидат погубени, се дале во бегство, но биле покосени од бугарските војници. За крволочноста на бугарските сили, говори и извештајот на ГШ на НОВ, од септември 1943 каде пишува:

„Младинците се изрешетани од куршуми од митралези, па потоа се избодени со бајонети. На некои им се исечени рацете и извадени очите и притоа сите биле ограбени“.

Сестрата на Блаже, Ката која била одведена на местото и била сведок на овој грозоморен чин се сеќава дека нејзиниот брат Блаже, сè уште давал знаци на живот после стрелањето, но Бугарите со бајонети ги боделе и сечеле 12 младинци од Ваташа.

„Кога сестра ми Ката влезе во дворот, изнемоштена падна. Мајка ми ја праша каде е Блаже, а таа со плачење одговори дека е стрелан. По толку години и сега со силна болка се сеќавам на таа слика и на зборовите на Ката дека Блаже по рафалното пукање сѐ уште бил жив, но Бугарите со бајонети го убиле пред нејзини очи извикувајќи: „Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте“. Родителите и другите селани истрчаа во Моклиште, но под силна закана дека ќе го запалат селото можеа само набрзина со гранки и со лисја да ги покријат телата и да ги покријат со земја. Мајка ми не ми дозволи и јас да отидам таму, ми нареди да донесам алишта за Блаже, а јас уплашена, не знаејќи што да земам, избрав голем куп алишта, но, за жал, не успеав да ѝ ги однесам на мајка ми”, раскажува Нада.

За свирепоста на Бугарските фашисти говори и фактот што не им било дозволено на родителите да ги погребаат своите деца, па тие набрзина нафрлиле земја и ги прекриле со гранки.

Денес на тоа место постои мал споменик. По војната, бил организиран вистинскиот погреб. Кога семејствата сами си ги откопале коските, ги премиле во реката и во мали ковчези ги закопале во Моклиште. А, по третпат, таму каде што денеска има голем споменик, се закопани во 1963 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.