Ќе биде величенствено: Во сабота во манастирот во Рајчица, пречек на иконата на Св. Великомаченик Георгиј

Ни претставува неизмерна чест и големо задоволство да ве информираме за претстојното духовно торжество во Манастирот на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Рајчица, во навечерието на Втората недела од Чесниот и Велик Пост – информираат од Бигорскиот манастир.

Имено, на манастирската слава во спомен на Светиот отец наш Григориј Палама, во сабота, на 30 март, во 16 ч., во Манастирот ќе пристигне иконата на Светиот Георгиј Победоносец, идентична копија на чудотворната икона на Светиот Великомаченик, којашто во 15. век, на манастирот Зограф во Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните Светињи, легендарниот молдавски воевода Свети Стефан III Велики. Со оваа чудотворна икона трајно ќе биде запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата држава. Иконата претходно ќе биде осветена во Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф, и ќе биде свечено донесена како моќен чувар на Рајчичкото сестринство, но и за благослов и поткрепа на сите кои со вера ќе ѝ притекнуваат.

И како што му доликува на еден воен трибун, каков што бил Свети Георгиј, неговата чудотворната икона ќе биде пречекана со големи почести, односно со придружба на параден оркестар.

Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, ќе следи празнична Вечерна богослужба, а следниот ден (недела, 31 март, во 9 ч.) и Божествена Архиерејска Литургија.

Ве покануваме со раширени срца и радосни души да бидете и вие дел од ова сенародно духовно славје и да ги примите големите благослови на Светите Георгиј Победоносец и Григориј Палама, оддавајќи им достојна чест и слава.

За историјата на молдавската икона на Свети Георгиј, прочитајте ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.