Крушево продолжува со инвестиции во туристичката инфраструктура, а во тек се подготвителни работи за уредување на полетувалиштата за параглајдеристи на локалитетот Црн Врв.
Градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, денеска изврши увид во активностите на терен, нагласувајќи дека проектот ќе придонесе за дополнително подобрување на условите за развој на авантуристичкиот туризам во градот.
„Со реализацијата на овие активности создаваме подобра инфраструктура за спортистите и посетителите, но и дополнително го зацврстуваме статусот на Крушево како една од најпрепознатливите параглајдерски дестинации во Европа“, истакна Чонески.
Според него, уредувањето на полетувалиштата претставува значајна инвестиција која ќе овозможи подобри услови за домашните и странските параглајдеристи, како и за бројните туристи кои секоја година го посетуваат Крушево.
Активностите се дел од проектот „Крушево и Елбасан – патување во природа и авантура“, финансиран од Европската Унија, чија цел е унапредување на туристичката понуда и промоција на природните потенцијали на двата региона.
„Како локална самоуправа, остануваме посветени на реализација на проекти кои создаваат нови можности за развој, привлекуваат туристи и придонесуваат за економски напредок на нашата општина“, порача градоначалникот.
Крушево веќе со години е препознатливо како една од водечките европски дестинации за параглајдерство, а со новите инфраструктурни зафати се очекува дополнително да ја зацврсти својата позиција на туристичката мапа.


























