Толку млада, а веќе со огромно актерско искуство зад себе: Интервју со талентираната актерка од Прилеп, Сара Спиркоска

Со исклучок на некои проблесоци, повеќе на независната, а помалку на институционалната сцена, сè уште се бавиме со еден, би го нарекла ‘заборавен’ театар. Со години стоиме во место, а тоа сметам дека се должи на недоволната циркулација, односно постојано креирање во еден ист круг на луѓе. Особено од ова се засегнати вработените во институција. Тешко е да се инспирираш од некој со кој прагот на видикот ви е ист долги години. Истите актери, истите режисери, повторување на извикани имиња на драмски текстови кои напати се поставувани од истиот режисер по втор пат. Веќе свикнати едни на други, нема простор за изненадување. Ни фали циркулација – вели актерката Сара Спиркоска. Таа ја доби наградата за најдобар млад актер на фестивалот за улогата во претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски во 2022 година, на 56. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, многу брзо по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Спиркоска игра хонорарно на сцената на Прилепскиот театар од средношколски денови. Таа дава свој влог и во независни проекти на продукцијата „Атриум“ од Скопје, а реализира и работилници за надградување во различни уметнички форми преку Еразмус-проекти. Своето филмско искуство го започнува со режисерот Милчо Манчевски за филмот ,,Врба” во улогата на Велика и филмот ,,Te dua, жими мене” во режија на Марјан Гавриловски, во улогата на Кала. Со неа поразговаравме за тоа каде ги гледа промените за да стигнеме до подобар театар.

1. Што треба да се промени во театарот?

Театарот бара свежина и нови перспективи, а младата сила е таа која може да го донесе тоа. Од моето искуство со работа и со млади режисери на независната театарска сцена, како и во институционален театар, забележувам дека независната сцена предничи во многу аспекти: во менаџирањето, иновативноста, храброста за преземање на ризик. Независните театарски трупи се осмелуваат да експериментираат и да си создаваат предизвици. Но, институцијата како да не го препознава потенцијалот, или можеби го препознава но премногу е зафатена со математика, пресметки и тактизирања за да даде прилика на оние кои што се издвојуваат и заслужуваат. Често управата на театрите нема никаква поврзаност со самата професија или нема никакво искуство со менаџирање, па го разбирам моментот дека е малку тешко да се држи фронтот на едно квалитетно ниво. Сепак, не треба да се дозволи личните интереси да кородираат во нешто толку чисто како што е уметноста.

2. Како за вас треба да изгледа еден современ театарски фестивал?

Театарскиот фестивал ќе биде современ онолку колку што е современ театарскиот репертоар. Не можеме да имаме современ фестивал ако немаме современ театар. Можеби не треба по секоја цена сите театри да го имаат правото на учество. Селекторот, како и комисијата која одлучува да награди треба да постави, но и самата да задоволи повисоки критериуми. Тоа ќе биде еден стимул за да се прифати предизвикот да се обидеме да се приближиме до нив, што пак ќе доведе до некакво поместување.

3. Што му фали на современиот македонски театар?

Циркулација. За да се покрене во живот. Со исклучок на некои проблесоци, повеќе на независната а помалку на институционалната сцена, сè уште се бавиме со еден, би го нарекла ‘заборавен’ театар. Со години стоиме во место, а тоа сметам дека се должи на недоволна циркулација, односно постојано креирање во еден ист круг на луѓе. Особено од ова се засегнати вработените во институција. Тешко е да се инспирираш од некој со кој прагот на видикот ви е ист долги години. Истите актери, истите режисери, повторување на извикани имиња на драмски текстови кои напати се поставувани од истиот режисер по втор пат. Веќе свикнати едни на други, нема простор за изненадување.

Востановениот репертоар и модел на институционалните театри можеби треба да се скрши и да се земат за пример вонинстуционални театарски трупи кои нудат алтернативен пристап и свежа идеја. Немањето финансиска стабилност, алтернативецот го поттикна на истражување, креативно и иновативно раскршување на формата на текстовите, поставувајќи ги во експериментален нетеатарски простор. Му помогна да ги скрши правилата, моделот на работа. Можеби тоа треба да го направат и институциите.

За да фатиме чекор со светските театри ќе треба повеќе, но еве еден предлог за почеток: Група на актери од еден, ќе направат размена со група на актери од друг театар. Ќе работат во другата институција на проект за истата плата. Театрите во Скопје имаат простор за повеќе циркулација затоа што ги има повеќе, а на истиот принцип, со мала инвестиција, може да функционираат и театрите на помалите градови кои се поблиску еден до друг. За ваквата соработка меѓу институциите треба само волја. Овој принцип на размена и мешање на театарските анамбли не само што ќе ја разгори желбата за работа на актерите, туку и ќе отвори нови можности за креативност, иновации и восприемливост на нови идеи и стилови.

Институциите да не ги заборават младите, а државата уметниците. Уметноста е скапа работа и бара инвестиција. Особено современиот театар кон кој стремиме.

Извор: mtf.com.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.